Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радувај го Бог со својот семеен живот

Радувај го Бог со својот семеен живот

Десетто поглавје

Радувај го Бог со својот семеен живот

1. Зошто Јеховините сведоци, општо гледано, имаат среќни семејства?

 ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се познати како луѓе што имаат среќни семејства. Професорот Брајан Вилсон од Универзитетот во Оксфорд напишал: „Сведоците даваат практични совети за најразлични подрачја од животот... за бракот, за морални прашања, за воспитување на децата и за многу други работи. [Тие] можат многу да помогнат со совети што се темелат на Светото писмо и кои се суштински дел од една складна животна филозофија“. Несомнено, и ти лично си научил многу од Божјата реч за тоа како да имаш среќен семеен живот.

2. а) Што се случува со семејството во денешниот свет? б) Во кои библиски книги ќе побараме совети во врска со семејниот живот?

2 Додека Јеховиниот ден сѐ повеќе се приближува, семејствата му се посебна мета на Сатана. Многу луѓе ја изгубиле довербата во членовите на своето семејство, како што било случај и во времето на Михеј. Тој напишал: „Не верувајте му на другарот... Внимавај што ти зборува устата пред онаа што ти лежи на градите. Зашто, синот го презира својот татко, ќерката станува против својата мајка и снаата против својата свекрва. Непријатели на човекот му се неговите домашни“ (Михеј 7:5, 6). Иако живееме во свет во кој семејствата сѐ почесто се распаѓаат, ти се бориш со сите сили тоа да не влијае врз тебе. Затоа твојот семеен живот е поубав и го радува Бог. Веројатно се трудиш да ги применуваш советите од стиховите како што се 5. Мојсеева 6:5-9; Ефешаните 5:22 — 6:4 и Колошаните 3:18-21. Меѓутоа, дали некогаш си помислил дека и во книгите на 12-те пророци може да се најдат совети за среќен семеен живот? Во ова поглавје ќе разгледаме некои од тие совети. Но, не задржувај се само на нив. Тие нека ти послужат како пример за тоа како да извлечеш и други поуки од овие книги. Би можел да се обидеш на сличен начин да анализираш некои од библиските стихови што се наведени на крајот од ова поглавје.

„ЈАС ГО МРАЗАМ РАЗВОДОТ“

3, 4. а) На кој начин мнозина денес се обидуваат да ги решат своите брачни проблеми? б) Каков лош став кон бракот имале Евреите во времето на Малахија?

3 Логично е најнапред да ја разгледаме врската помеѓу мажот и жената. Сѐ до неодамна, за повеќето луѓе разводот не претставуваше излез од брачните проблеми. Во минатото било многу тешко да се добие развод. На пример, во 19 век во Англија, ако некој сакал да се разведе, морал да побара дозвола од парламентот. Таквиот став кон разводот го спречувал распадот на семејствата. Но, денес работите стојат сосема поинаку. Во една енциклопедија се вели: „По Втората светска војна, стапката на развод во многу земји значително порасна... На разводот се гледа многу поинаку... и, општо земено, тој сѐ повеќе се прифаќа како нешто нормално“ (Encyclopædia Britannica). Разводот станува нешто вообичаено дури и во земји како што е Кореја, каде што пред само десетина години тој се сметаше за срам. Денес, луѓето во многу земји сметаат дека разводот е практично решение за сопружниците што живеат во несреќен брак.

4 Во времето на Малахија, во петтиот век пр.н.е., разводот бил многу чест случај меѓу Евреите. Малахија им рекол: „Јехова е сведок помеѓу тебе и жената на твојата младост, со која постапуваше неверно“. Затоа што мажите биле неверни, изневерените жени го покривале Јеховиниот жртвеник со солзи, со „плач и воздишки“. А расипаните свештеници ги затворале очите пред таквата бездушност! (Малахија 2:13, 14).

5. а) Како гледа Јехова на разводот? б) Зошто е сериозна работа да се дојде до развод на подмолен начин?

5 Како гледал Јехова на ваквиот лош став кон бракот во времето на Малахија? „,Јас го мразам разводот‘, вели Јехова, Богот на Израел“, напишал Малахија. А напишал и дека Јехова ‚не се менува‘ (Малахија 2:16; 3:6). Сфаќаш ли која е поентата? Бог и пред тоа се изјаснил дека не го одобрува разводот (1. Мојсеева 2:18, 24). Не го одобрувал ни во времето на Малахија, а не го одобрува ни денес. Некои се решаваат на развод само затоа што не се задоволни од својот брачен другар. Иако можеби се лажат себеси во врска со своите мотиви, Јехова им го чита срцето (Еремија 17:9, 10). Тој е свесен за сите подмолни планови што ги кројат некои за да добијат развод, сеедно какви изговори си наоѓаат за да си ги оправдаат постапките. Да, „сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13).

6. а) Од каква помош ќе ти биде ако гледаш на разводот онака како што гледа Јехова? б) Што нагласил Исус во советот што го дал во врска со разводот?

6 Можеби твојот брак не е во криза и не му се заканува развод, но сепак треба да го имаш на ум гледиштето на Јехова. Бидејќи никој не е совршен, во бракот ќе се појават проблеми и несогласувања. Но, дали тогаш ќе почнеш да размислуваш за разводот како за излез? Кога ќе дојде до некоја вжештена расправија, дали ќе се заканиш со развод? Мнозина го прават тоа, но Божјето гледиште за бракот покажува дека брачните другари треба да дадат сѐ од себе за нивниот брак да успее. Точно, Исус Христос кажал дека постои една оправдана причина за развод — прељубата, односно, секаков вид полови односи надвор од бракот. Сепак, што всушност сакал да нагласи Исус? Тој рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“. Да, Исус потврдил дека Јеховиното мерило за бракот, за кое пишувал и Малахија околу 450 години пред тоа, не се променило (Матеј 19:3-9).

7. Според советот од книгата на Малахија, како можеме да имаме стабилен брак?

7 Тогаш, што ќе им помогне на христијаните кои се во брак да имаат стабилна врска? Малахија го дал овој совет: „Чувајте го својот дух и немојте да постапувате неверно“ (Малахија 2:16). Тоа значи дека мораме да ги држиме под контрола желбите што ќе се јават во нас. Ако ‚го чуваме својот дух‘, нема да попуштиме на искушението да му покажеме недолично внимание на некој што не ни е брачен другар (Матеј 5:28). На пример, што ако ни годи кога ни обрнува внимание или ни ласка некој од спротивниот пол? Тоа значи дека не си го чуваме добро духот, односно дека не сме доволно претпазливи. Според тоа, една од најважните поуки што можеме да ги извлечеме од 12-те пророци и која ќе ни помогне да имаме цврст, стабилен брак е да го чуваме „својот дух“.

8, 9. Зошто примерот на Осија и Гомер бил запишан во Библијата?

8 Ти сигурно сакаш твојот брак да биде среќен. Сепак, никој не е поштеден од брачни проблеми. Како можеш да ги решиш проблемите, особено ако мислиш дека твојот брачен другар е повиновен? Сети се што беше кажано во врска со Осија, во 2. и во 4. поглавје од оваа книга. Неговата жена, Гомер, ‚направила блуд‘ и ‚трчала по своите љубовници‘. Подоцна тие ја оставиле, па таа осиромашила и била продадена како роб. Осија платил за да ја врати назад, а Јехова му рекол повторно да ја сака. Зошто? На тој начин сликовито прикажал што се случувало помеѓу Него и Израел. Јехова бил „маж“, а неговиот народ му припаѓал како жена (Осија 1:2-9; 2:5-7; 3:1-5; Еремија 3:14; Исаија 62:4, 5).

9 Уште од најстари времиња, Израелците го повредувале Јехова со тоа што почитувале други богови (2. Мојсеева 32:7-10; Судиите 8:33; 10:6; Псалм 78:40, 41; Исаија 63:10). Северното десетплеменско царство посебно заслужувало осуда, бидејќи таму се обожавало теле (1. Царевите 12:28-30). Освен тоа, Израелците не се потпирале на својот маж, Јехова, туку на своите политички љубовници. Едно време трчале по Асирија како некоја своеглава зебра во период на парење (Осија 8:9). Како би се чувствувал ти кога твојот брачен другар би се однесувал така?

10, 11. Како можеш да го следиш примерот на Јехова кога твојот брачен другар ќе згреши?

10 Во времето на Осија, веќе имало поминато преку 700 години откако Израелците стапиле во сојуз со Јехова. Сепак, Бог бил спремен да им прости доколку му се врателе. Се претпоставува дека Осија почнал да пророкува пред 803 год. пр.н.е., што значи дека Јехова стрпливо го поднесувал Израел уште 60 години, а Јуда ја поднесувал речиси уште 200 години! Јехова ја употребил ситуацијата во семејството на Осија како пример, и продолжил да го повикува својот народ на сојузот да се покае. Иако имал оправдана причина да го раскине својот брак со Израел, Јехова продолжил да праќа пророци за да ѝ помогнат на неговата симболична жена да му се врати, иако тоа скапо го чинело (Осија 14:1, 2; Амос 2:11).

11 Да речеме дека твојот брачен другар ти згрешил нешто. Ќе постапиш ли како Јехова? Ќе се потрудиш ли да ги средиш односите за да бидат како и пред тоа? (Колошаните 3:12, 13). За ова е потребна понизност. Јехова ни дал извонреден пример со начинот на кој постапувал со Израелците! (Псалм 18:35; 113:5-8). Бог ‚љубезно зборувал‘ со Израелците, па дури и ги молел да му се вратат. Зарем ние, како несовршени луѓе, немаме уште повеќе причини да зборуваме љубезно со нашиот брачен другар, да се потрудиме да ги решиме проблемите и да преминеме преку грешките? Вредно е да се забележи дека трудот на Јехова донекаде вродил плод. Еден остаток од народот, кој бил во изгнанство во Вавилон, позитивно реагирал на молбите на Јехова и подоцна се вратил во својата земја, а на Јехова му се обраќал со „мажу мој“ (Осија 2:14-16). a

12. Од каква помош ќе биде за твојот брак ако размислуваш како постапувал Јехова со својата симболична жена?

12 Кога ќе дојде до некој сериозен проблем, ако искрено се потрудиш да ги средиш односите со твојот брачен другар, веројатно ќе има добри резултати. Бог бил спремен да му прости на својот симболичен брачен другар дури и тежок грев, како што е духовната прељуба. Но, повеќето брачни проблеми што ги имаат христијаните не се толку сериозни. Многу проблеми започнуваат поради груби или навредливи зборови. Затоа, ако те повредиле острите зборови што ти ги кажал твојот брачен другар, размисли низ што поминале Осија и Јехова (Изреки 12:18). Можеби тоа ќе ти помогне да простиш.

13. Што учиме од тоа што Јехова очекувал неговиот тврдоглав народ да се покае?

13 Овој историски запис можеме да го разгледаме и од уште еден агол. Дали Бог ќе сакал да си го поврати добриот однос со својот народ ако тој упорно продолжел да го изневерува? Во врска со тој прељубнички народ, Бог му рекол на Осија: „Нека го отфрли блудот свој од себе и прељубодејствата што ѝ се меѓу градите“ (Осија 2:2). Народот требало да се покае и ‚да донесе плод кој одговара на покајание‘ (Матеј 3:8). Имајќи го ова на ум, размислувај за своите недостатоци, а не за недостатоците на твојот брачен другар. Ако на некој начин си му згрешил, зошто не се потрудиш да ги средиш односите така што искрено ќе се извиниш и ќе се поправиш? Како награда за твојот труд, можеби брачниот другар ќе ти прости.

УКОРУВАЊЕТО Е ИЗРАЗ НА ЉУБОВ

14, 15. а) Според зборовите од Малахија 4:1, зошто треба сериозно да ја сфатиш одговорноста да ги поучуваш своите деца? б) Како можеш да им помогнеш на своите деца да го запознаат Јехова?

14 Можеме да научиме уште многу за семејниот живот од начинот на кој постапувал Јехова со Израелците, опишан во книгите на 12-те пророци. Во овие книги наоѓаме и совети за тоа како да им помагаме на своите деца. Во денешниов свет не е ни најмалку лесна задача да се воспитуваат деца. Родителите мора сериозно да ја сфатат својата одговорност. Во Библијата стои: „,Ќе ги проголта [луѓето] денот што доаѓа‘, вели Јехова над војските, ‚и нема да им остави ни корен ни гранка‘“ (Малахија 4:1). Во тој ден, Јехова ќе постапи праведно со малите деца (гранките), во зависност од тоа како ќе ги процени нивните родители (корените), кои се одговорни за нив (Исаија 37:31). Начинот на живот на родителите може да одреди каква ќе биде иднината на децата — светла или мрачна (Осија 13:16). Ако вие, како родители (корени), немате добар однос со Јехова, што може да им се случи на вашите деца (гранки) во денот на неговиот гнев? (Софонија 1:14-18; Ефешаните 6:4; Филипјаните 2:12). И обратно, ако сте му верни на Бог и живеете онака како што сака тој, тоа може да им биде од корист на вашите деца (1. Коринќаните 7:14).

15 Апостол Павле го цитирал пророштвото на Јоил во кое се вели дека е важно да се повикува името на Јехова, и потоа напишал: „Како ќе го повикаат оној во кого не поверувале? А како ќе поверуваат во оној за кого не чуле“? (Римјаните 10:14-17; Јоил 2:32). Иако Павле зборувал за нашето јавно проповедање, ова начело се однесува и на поучувањето на твоите деца. Како ќе веруваат тие во Јехова ако не слушаат за него? Одвојуваш ли секој ден доволно време за да ги поучуваш колку е добар Јехова, всадувајќи во нив длабока љубов кон него и кон неговото водство? Твоите деца најверојатно добро ќе напредуваат духовно ако дома постојано слушаат за Јехова (5. Мојсеева 6:7-9).

16. Во склад со зборовите од Михеј 6:3-5, како можеш да го следиш примерот на Јехова кога ги укоруваш своите деца?

16 Кога децата се многу мали, обично не е проблем да ги носиш на христијанските состаноци. Но, како што растат, почнуваат да си размислуваат по свое. Што да правиш ако децата понекогаш се бунтовни? Можеш многу да научиш од книгите на 12-те пророци ако го анализираш начинот на кој постапувал Јехова со Израел и со Јуда (Захарија 7:11, 12). На пример, додека ги читаш зборовите запишани во Михеј 6:3-5, размислувај за чувствата што се изразени во нив. Иако Израелците згрешиле, Бог сепак им се обратил со „народе мој“. Тој ги молел: „Те молам, сети се, народе мој“. Јехова не ги обвинил грубо, туку се обидел да допре до нивното срце. Можеш ли да го следиш неговиот пример дури и кога ги укоруваш своите деца? Колку и да згрешиле, покажи им дека сѐ уште се дел од семејството и не ги понижувај. Наместо да ги осудуваш, обрати им се со благи зборови. Поставувај им прашања за да дознаеш како размислуваат. Труди се да допреш до нивното срце за отворено да ти кажат како се чувствуваат (Изреки 20:5).

17, 18. а) Што треба да те поттикне да ги укоруваш твоите деца? б) Како можеш да одржуваш близок однос со своите деца?

17 Зошто ги укоруваш своите деца? Некои родители го прават тоа затоа што не сакаат да се валка името на семејството. Јехова кажал зошто тој ги укорува луѓето: „Го учев Ефрем да оди, ги земав в раце... Ги привлекував со јажињата на земниот човек, со врвците на љубовта“ (Осија 11:3, 4). Осија ја споредува врската помеѓу Јехова и Израел со врската помеѓу татко и син. Замисли си како еден татко, со помош на една врвца, го учи да оди своето детенце кое едвај се држи на своите нестабилни ножиња. Врвцата ќе му помогне на детенцето да не падне и ќе го води ако тргне во погрешен правец (Еремија 31:1-3).

18 Ќе покажеш ли и ти љубов каква што Бог им покажал на Израелците? Иако постојано се бунтувале против него, тој не ја испуштал лесно врвцата на љубовта. Понекогаш децата се склони да застранат од правиот пат и да се сопнат поради безначајни работи, но труди се љубовта и понатаму да те врзува со нив. Притоа, имај на ум дека Јехова не бил пристрасен кон својот народ, туку ги забележувал грешките што ги правел. Отворено ги кажувал и ги решавал проблемите, со љубов го укорувал својот народ и одвојувал време за да му ја даде потребната помош. Ако забележиш дека твоето дете полека се оддалечува од патот на вистината, немој да го игнорираш тоа. Труди се повторно да го повлечеш назад, како кога би биле поврзани со врвца, и со љубов помагај му во тој тежок период. Посвети му време на своето проблематично дете. Од пресудна важност е да им посветиш доволно време на своите деца!

19. Зошто не треба да губиш надеж дека твоите деца ќе се поправат?

19 Осија прорекол дека еден остаток од Израелците ќе го прифати укорот: „Синовите на Израел ќе се вратат и ќе го бараат Јехова, својот Бог, и Давид, својот цар, и со трепет ќе дојдат кај Јехова и кај неговата доброта во последните денови“ (Осија 3:5). Да, укорот од Бог дал добри резултати кај еден остаток од неговиот народ. Затоа, биди позитивен и никогаш не губи надеж дека укорот ќе даде добри резултати и кај твоите деца. Труди се да ги гледаш нивните добри страни. Биди љубезен кога разговараш со нив, но истовремено цврсто држи се за библиските начела. Дури и ако едно непослушно дете не реагира на укорите сега, кој знае, можеби подоцна ќе го стори тоа.

ПАЗИ СЕ ОД ЛОШО ДРУШТВО!

20. Одговорот на кое прашање во врска со друштвото можат да го најдат младите во книгите на 12-те пророци?

20 Што можете вие, млади, да научите од 12-те пророци? Еден од стиховите што веројатно најчесто ви ги цитираат родителите во врска со лошото друштво е 1. Коринќаните 15:33. Затоа, некои од вас можеби си мислат: ‚Па, зарем е толку лошо да се дружам со некој што не му служи на Јехова?‘ Одговорот на ова прашање можеш да го најдеш во книгите на 12-те пророци.

21-23. а) Што можат да научат младите од постапките на Едомците? б) Кои ти се вистински пријатели?

21 Иако книгите на 12-те пророци главно му биле упатени на Божјиот народ, книгата на Авдија им е упатена на Едомците, кои биле наречени „браќа“ на Израелците b (5. Мојсеева 2:4). За разлика од останатите од 12-те пророци, Авдија ја користи заменката „ти“ обраќајќи им се на Едомците. Да се потсетиме малку на Едомците. Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците го опсадиле Ерусалим. Иако Едомците биле во крвно сродство со Израелците, застанале на страната на Вавилонците! „Разурнете го! Разурнете го!“, се подбивале Едомците (Псалм 137:7; Авдија 10, 12). Нивниот план бил да си ја приграбат јудејската земја. Дури и јаделе заедно со Вавилонците — обичај што на Блискиот Исток покажува дека двете страни се сојузници.

22 Забележи што претскажал Авдија за Едомците: „Те измамија токму оние што ти беа сојузници [Вавилонците]. Луѓето кои се во мир со тебе те надвладеаја. Оние што јадеа со тебе ќе постават мрежа под тебе како под некој што нема разборитост“ (Авдија 7). И што се случило со Едомците, кои го предале својот брат, Јаков, и се здружиле со Вавилонците? На крајот Вавилонците, предводени од Набонид, ги уништиле Едомците. Во времето на Малахија, Бог веќе ги имал претворено едомските планини во пустош, а наследството на Едом во живеалиште на шакалите (Малахија 1:3).

23 Сега размисли за твоите „пријатели“ кои не му служат на Јехова. Си забележал ли дека ‚токму оние што се сојузници‘, односно пријатели, честопати се мамат еден со друг и ‚поставуваат мрежа под‘ своите „пријатели“? И што велат кога нивната измама ќе излезе на видело? Можеби велат дека изиграните пријатели се наивни и дека требало да бидат попаметни за да сфатат дека некој ги мами. Слично постапиле и Вавилонците со своите пријатели, Едомците. Мислиш ли дека таквите „пријатели“ навистина ќе сакаат да ти помогнат кога ќе имаш проблеми? (Авдија 13-16). Од друга страна, размисли за Јехова Бог и за неговиот народ денес. Јехова е секогаш тука да ти помогне. Тој ќе ти дава сила кога минуваш низ тешки периоди. А оние што го сочинуваат неговиот народ се ‚вистински пријатели кои сакаат во секое време‘ и кои се верни „во неволја“ (Изреки 17:17).

ЦЕНИ ГО НАЈВАЖНОТО ПРИЈАТЕЛСТВО

24, 25. Што треба да ни биде најважно во животот?

24 Да, семејните врски се многу важни и вреди да се трудиме да ги зајакнеме. Од книгите на 12-те пророци можеме да извлечеме многу поуки за тоа. Убаво ќе биде ако ги проучиш овие книги на начинот што го користевме овде. Тоа ќе ти помогне да извлечеш уште повеќе поуки од нив и да си го подобриш семејниот живот. Но, дали најважното нешто за Божјите слуги денес е да имаат среќен семеен живот?

25 Интересно, во врска со претстојниот Јеховин ден, Јоил прорекол: „Соберете го народот! Посветете ја заедницата!.. Младоженецот нека излезе од својата соба и невестата од својата свадбена одаја“ (Јоил 2:15, 16). Целото семејство требало да се собере заедно за да го обожава Јехова. Од тоа не биле исклучени дури ни младенците, кои се разбира, повеќе би сакале да бидат сами! Ништо не смее да ни биде поважно од собирите на кои го славиме Бог. Сега, кога Јеховиниот ден е толку близу, најважно во животот треба да ни биде да имаме добар однос со Јехова. Во последниот дел од оваа книга, ќе разгледаме што треба со радост да правиме денес.

[Фусноти]

a Ако брачниот другар на некој христијанин направил прељуба, невиниот партнер треба да одлучи дали ќе прости или не (Матеј 19:9).

b Друг исклучок е книгата на Наум, која им е упатена на ниневијците.

ЗА ПОВТОРУВАЊЕ

• Кои поуки од Малахија 2:16 ќе ти помогнат духовно да го зајакнеш своето семејство?

• Што направил Јехова кога неговата симболична жена го изневерила? (Осија 3:1-5).

• Што може да направи некој за да си го подобри бракот по некоја сериозна грешка? (Осија 2:2).

КОРИСНИ ПОУКИ

• Како може да ти помогнат следниве стихови:

Осија 11:3, 4;

Авдија 7;

Михеј 6:3-5;

Малахија 4:1

• Како што видовме во ова поглавје, како можеш да ги користиш следниве стихови за да имаш подобар семеен живот:

Осија 14:4;

Јоил 1:3;

Малахија 2:11, 12

[Прашања]

[Слика на страница 127]

Кога ќе дојде до расправија меѓу тебе и твојот брачен другар, дали помислуваш дека разводот е решение?

[Слика на страница 128]

Што учиме за Јехова од тоа што Осија повторно ја примил Гомер?

[Слика на страница 130]

Следи го примерот на Јехова и разговарај за да ги решиш проблемите

[Слика на страница 133]

Дали, како родител, го следиш примерот на Јехова и им покажуваш на своите деца дека ги сакаш?

[Слика на страница 136]

Дали оние што велат дека ти се пријатели ‚поставуваат мрежа под тебе‘?