„Чекај го“
Дванаесетто поглавје
„Чекај го“
1, 2. а) За кои прашања е добро да размислиш? б) Во какви околности живееле некои од 12-те пророци, и каков став имал Михеј?
КОЛКУ долго веќе чекаш да дојде Јеховиниот ден и да ја исчисти Земјата од сета злоба? Уште колку долго си спремен да чекаш? Додека чекаш, каков став имаш и како влијае тој врз твојот живот? Ти сигурно ќе одговориш на овие прашања многу поинаку од луѓето што редовно одат в црква а си го тераат животот по свое, чекајќи да отидат на небото.
2 Додека го чекаш тој голем ден, книгите на 12-те пророци може да ти бидат од голема помош. Многу од тие пророци живееле во време кога Бог само што не ја извршил својата казна. На пример, Михеј пророкувал во времето кога Асирците требало да ја разорат Самарија и така да ја извршат Божјата казна. Тоа се случило во 740 год. пр.н.е. (Види го временскиот приказ на страници 20 и 21.) Подоцна, исто толку сигурно, наближувал Јеховиниот ден против Јуда. Михеј не знаел кога точно Бог ќе ја изврши својата казна. Дали затоа заклучил дека треба да си седи со скрстени раце, надевајќи се дека Бог ќе го стори тоа наскоро? Да видиме што вели Михеј: „Јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам Богот на моето спасение. Мојот Бог ќе ме услиши“ (Михеј 7:7). Да, сигурен дека Јеховиниот ден ќе дојде, Михеј будно чекал како стражар на стражарска кула (2. Самоилова 18:24-27; Михеј 1:3, 4).
3. Со оглед на тоа што уништувањето на Ерусалим било пред нив, каков став имале Авакум и Софонија?
3 Сега, сврти кај временскиот приказ и најди ги Софонија и Авакум. Забележи дека тие пророкувале во периодот пред уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Сепак, не знаеле дали Бог ќе ја изврши казната наскоро или за неколку децении (Авакум 1:2; Софонија 1:7, 14-18). Софонија напишал: „,Чекајте ме‘, вели Јехова, ‚до денот кога ќе се кренам заради плен, зашто мојата одлука е... да ја излеам врз нив својата осуда, сиот свој распламтен гнев‘“ (Софонија 3:8). А како гледал на тоа Авакум, кој живеел веднаш по Софонија? Тој напишал: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авакум 2:3).
4. Во какви околности проповедале Софонија и Авакум, и каков став имале?
4 Од контекстот на зборовите запишани во Софонија 3:8 и во Авакум 2:3 дознаваме некои интересни детали. Во исто време кога некои Евреи велеле дека „Јехова нема да направи ни добро ни лошо“, Софонија го објавувал доаѓањето на „денот на Јеховиниот гнев“. Во тој ден, и непријателските народи и своеглавите Евреи требало да го почувствуваат Божјиот гнев (Софонија 1:4, 12; 2:2, 4, 13; 3:3, 4). Што мислиш, дали на Софонија му било страв од осудата и од гневот на Бог? Не само што не му било страв, туку напротив, Јехова му рекол ‚да ги чека‘. Можеби се прашуваш каков став имал Авакум? И тој требало ,да го чека‘ Јеховиниот ден. Од ова можеме да заклучиме дека ни Софонија ни Авакум не биле рамнодушни во врска со она што требало да се случи и не продолжиле да си го живеат животот како ништо да нема да се смени (Авакум 3:16; 2. Петрово 3:4). Како што гледаме, на овие двајца пророци им било заедничко нешто многу важно — биле спремни да чекаат. А како што знаеш, она што тие го чекале навистина се случило во 607 год. пр.н.е. Значи, тоа што биле спремни да чекаат, се покажало навистина мудро.
5, 6. Што треба да правиме, со оглед на тоа дека Божјата намера наскоро ќе се оствари?
5 И ти можеш да бидеш сигурен дека ќе дојде „денот на Јеховиниот гнев“ во кој ќе биде уништен денешниов свет. Тоа е сигурен и непогрешен факт. Сигурно не се сомневаш во тоа. Како Софонија и Авакум, и ти не знаеш кога точно ќе дојде тој ден (Марко 13:32). Но, тој ќе дојде, а библиските пророштва што сега се исполнуваат јасно покажуваат дека тој настан е многу близу. Затоа, она што Јехова им го нагласил на овие пророци важи и за тебе — „чекај го“. И не заборавај го овој непобитен факт: Нашиот Бог е единствениот што „прави нешто за оној што го чека него“ (Исаија 64:4).
6 Со својот начин на живот можеш да покажеш дека навистина го чекаш „денот на Јеховиниот гнев“ со потполна доверба дека тој ќе дојде навреме. Ако си уверен во тоа и ако таа увереност се гледа во сѐ што правиш, тогаш живееш во склад со советот што Исус им го дал на апостолите и на сите помазани христијани: „Бедрата нека ви бидат опашани и светилките запалени. И бидете како оние што го чекаат својот господар... Среќни се оние робови кои господарот, кога ќе пристигне, ги наоѓа како бдеат! Вистина, ви велам, тој ќе ги подвитка скутовите на својата облека, ќе ги смести на трпезата, па ќе пријде и ќе ги послужува“ (Лука 12:35-37). Да, со тоа што спремно чекаме, покажуваме дека сме сигурни дека Јеховиниот голем ден нема да задоцни ни секунда, туку ќе дојде точно тогаш кога одредил Јехова.
„ЧЕКАЈ ГО“ И ,БИДИ ПОДГОТВЕН‘
7, 8. а) Каков е резултатот од тоа што Бог е стрплив? б) На што нѐ поттикнува Петар?
7 Божјите слуги во современа доба спремно го чекаат Јеховиниот ден уште од времето пред да биде воспоставено Божјето Царство во 1914 год. Но, тоа не значи дека чекаат безделничејќи. Напротив, зафатени се со сведочењето кое им го доверил Бог (Дела 1:8). Меѓутоа, размисли за ова: Да дојдеше Јеховиниот ден во 1914 год., што ќе беше со тебе? Да дојдеше макар и пред 40 години, дали тогаш за тебе ќе можеше да се рече дека си човек чии ‚дела се свети и по кои се гледа дека си му оддаден на Бог‘? (2. Петрово 3:11). А што ќе се случеше со членовите на твоето семејство кои се Сведоци или со твоите блиски пријатели во собранието? Очигледно, овој период на чекање ви дал можност тебе и на многу други да бидете спасени, како што се вели и во 2. Петрово 3:9. Тоа што Јехова не го уништил целиот злобен свет веднаш откако било воспоставено Царството, им дало можност на мнозина да се покаат, слично како што се покајале ниневијците и биле поштедени. Сите имаме причина да се согласиме со зборовите на апостол Петар: „Стрпливоста на нашиот Господар сметајте ја за спасение“ (2. Петрово 3:15). Овој период на чекање, кој сѐ уште трае, им овозможува на многу луѓе да се покаат или да сменат нешто во својот живот и во својот начин на размислување.
8 Додуша, некој христијанин можеби не го интересира многу она што се случувало во времето на Михеј, Софонија и Авакум. „Па, тоа било толку одамна!“, можеби си мисли. Но, што можеме да научиме од нивниот пример? Веќе спомнавме дека Петар ги посоветувал христијаните да бидат луѓе чии ‚дела се свети и по кои се гледа дека му се оддадени на Бог‘. Откако го кажал ова, Петар нагласил уште нешто — дека треба ,да го очекуваме и да го имаме на ум Јеховиниот ден‘ (2. Петрово 3:11, 12). Значи, треба ‚да го имаме на ум‘ тој ден, односно ‚да го чекаме‘.
9. Зошто треба да ‚гледаме кон Јехова‘?
9 Без разлика дали му служиме на Јехова само неколку години или веќе со децении, дали, како Михеј, ‚гледаме кон Јехова и дали сме готови да чекаме‘? (Римјаните 13:11). Точно е дека ние, луѓето, можеби би сакале да знаеме кога ќе дојде крајот и уште колку време останува до тој настан. Но, едноставно не можеме да го знаеме тоа. Сети се што рекол Исус: „Кога домаќинот би знаел во која стража ќе дојде крадецот, би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Матеј 24:43, 44).
10. Што учиме од животот и ставот на апостол Јован?
10 Зборовите на Исус нѐ потсетуваат на она што го напишале Михеј, Софонија и Авакум. Но, Исус им го кажал ова на своите следбеници, нам, а не на луѓето од древните времиња. Многу верни христијани се послушни на Исусовиот совет и спремно чекаат. Апостол Јован е добар пример за тоа. Тој бил еден од четворицата што на Маслинската Гора го прашале Исус кога ќе дојде свршетокот на светот (Матеј 24:3; Марко 13:3, 4). Тоа било во 33 год. од н.е., но Јован по ништо не можел да знае кога точно ќе се случи она што им го кажал Исус. Сега, замисли си дека поминале 60 години. Јован веќе бил остарен, но не се уморил од чекање ниту, пак, го изгубил чувството дека треба да чека. Напротив, кога го чул Исус како вели: „Да, доаѓам брзо“, Јован одговорил: „Амин! Дојди, Господару Исусе“. Јован не жалел за тоа како го проживеал животот. Тој бил уверен дека, кога Јехова ќе ја изврши својата казна, секого ќе го награди според неговите дела (Откровение 22:12, 20). Кога и да се случело тоа, Јован сакал да биде ,подготвен‘, како што советувал Господарот Исус. Дали и ти сакаш да бидеш подготвен?
,ЧЕКАШ‘ ИЛИ ,СИ СЕ НАСИТИЛ‘?
11. По што се разликувале Михеј и Осија од другите луѓе во нивно време?
11 Да разгледаме уште една поука што можеме да ја извлечеме од пророците кои живееле кратко пред да биде извршен Јеховиниот суд, прво врз Израел, а потоа и врз Јуда. Иако Михеј ‚гледал кон Јехова и бил готов да го чека‘, мнозина околу него не го правеле тоа. Тие почнале ‚да го мразат доброто и да го сакаат злото‘. Михеј ги предупредил дека, ако не се променат, „ќе го викаат Јехова за помош, но тој нема да им одговори“ (Михеј 3:2, 4; 7:7). Осија, кој живеел во исто време со Михеј, му се обратил на северното царство Израел користејќи сликовити изрази поврзани со земјоделието. Тој рекол: „Сејте си семе во праведност и жнејте милост. Обработувајте за себе земја, зашто е време да го барате Јехова“. Сепак, мнозина не го послушале. Тие ‚орале зло‘, па затоа и жнееле неправда (Осија 10:12, 13). Замижувале пред нечесноста или, пак, самите биле нечесни и ‚имале доверба во својот пат‘, а не во Јеховиниот. Денес, можеби некои се чудат: ‚Па, како можело такво нешто да им се случи на оние што му служеле на вистинскиот Бог и што живееле во Ветената земја?‘ Осија кажува дека тие имале проблем со ставот — премногу се опуштиле и ‚се наситиле‘. Ако сакаме спремно да го чекаме Јеховиниот голем ден, мораме да пазиме да не развиеме и ние таков став.
12. а) За која непожелна ситуација што настанала во Израел пред 740 год. пр.н.е. зборувал Осија? б) Од што се гледало дека народот ‚се наситил‘?
12 Откако влегол во Ветената земја во која течеле мед и млеко, условите за живот на Божјиот народ многу се подобриле. Како влијаело тоа врз нив? Осија ги запишал Јеховините зборови: „Се наситија на своето пасиште. Се наситија, и нивното срце се вообрази, па ме заборавија“ (Осија 13:6). Неколку векови пред тоа, Бог го предупредил својот народ дека постои опасност да му се случи такво нешто (5. Мојсеева 8:11-14; 32:15). Сепак, во времето на Осија и Амос, Израелците веќе го заборавиле Јехова и неговите заповеди — ‚се наситиле‘. Амос ни дава и некои поконкретни детали. Тој кажува дека на многу Израелци домовите им биле раскошно уредени, а некои семејства имале дури и по две куќи. Имале убава храна, пиеле добро вино од посебни садови и си ја мачкале кожата со „најдобрите масла“, веројатно мирисливи козметички средства (Амос 3:12, 15; 6:4-6). Сигурно си свесен дека ниедна од овие работи не била погрешна сама по себе. Погрешно било тоа што Израелците им придавале преголемо значење.
13. Што бил главниот проблем на Израелците, сеедно дали биле богати, или сиромашни?
13 Се разбира, во северното царство немале сите добри услови за живот и не биле сите ‚наситени‘. Некои биле сиромашни и едвај успевале да го згрижат и прехранат семејството (Амос 2:6; 4:1; 8:4-6). Во многу делови од светот владее иста ситуација и денес. Дали Божјите зборови запишани во Осија 13:6 важеле дури и за сиромашните Израелци во минатото? Дали важат и денес? Да, важат. Јехова сакал на своите вистински слуги да им даде до знаење дека, сеедно дали некој е богат или не, мора да пази да не стане толку преокупиран со материјалните работи што ќе го ‚заборави Бог‘ (Лука 12:22-30).
14. Зошто е добро да размислуваме за тоа како чекаме?
14 Бидејќи ние живееме во време кога многу библиски пророштва веќе се исполнети, имаме уште повеќе причини да бидеме будни, да бидеме подготвени и да чекаме. Но, што ако чекаме веќе подолго време, можеби дури и со децении? Порано сме биле ревносни во службата и сме донеле некои одлуки од кои се гледала нашата увереност дека Јеховиниот ден не е далеку. Но, тој уште не е дојден. Дали сѐ уште спремно чекаме? Добро е да си го поставиме ова многу лично прашање: ‚Дали сѐ уште желно го очекувам Јеховиниот ден или, пак, прилично сум се оладил?‘ (Откровение 2:4).
15. По што може да се види дали полека губиме осет колку е важно да го чекаме Јеховиниот ден?
15 Има многу начини на кои можеме да провериме како чекаме. Но, зошто да не го направиме тоа со помош на описот што го дал Амос за луѓето во негово време, за кои рекол дека ‚се наситиле‘? Така ќе можеме да процениме дали и ние имаме слична склоност. На пример, некој христијанин порано живеел и размислувал на начин од кој се гледало дека желно го чека Јеховиниот ден. Но, сега гледа да има поубав дом или автомобил, најмодерна облека, скапа козметика и накит или избрани вина и храна. Библијата никаде не вели дека мораме да бидеме испосници и да се лишуваме од сите убави работи. Оној што работи вредно треба „да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд“ (Проповедник 3:13). Меѓутоа, за еден христијанин е опасно ако почне да им посветува сѐ поголемо внимание на храната, на пиењето и на својот изглед (1. Петрово 3:3). Исус забележал дека некои помазани христијани од Мала Азија го насочиле своето внимание на помалку важни работи. Од ова се гледа дека таа опасност постои за сите христијани (Откровение 3:14-17). Дали нешто слично ни се случува и нам? Дали сме ‚се наситиле‘, во таа смисла што сме се преокупирале со материјални работи? Дали полека губиме осет колку е важно да го чекаме Јеховиниот ден? (Римјаните 8:5-8).
16. Зошто не е за доброто на децата да ги охрабруваме да тежнеат по удобен живот?
16 Од советите што им ги даваме на нашите деца и на другите може да се види дали се намалила нашата спремност да го чекаме Јеховиниот голем ден. Некој христијанин би можел да си размислува: ‚Јас се одреков од високо образование и од кариера затоа што мислев дека крајот е многу близу. Но, сега сакам моите деца да стекнат образование кое ќе им овозможи да имаат поудобен живот‘. Веројатно и некои луѓе во времето на Осија размислувале на сличен начин. Но, дали тоа што ги советувале своите деца да ‚се наситат‘ и да имаат удобен живот било за доброто на децата? Размисли: Дури и ако децата го послушале советот, ‚се наситиле‘ и имале удобен живот, што се случило со нив во 740 год. пр.н.е., кога Асирците ја уништиле Самарија? (Осија 13:16; Софонија 1:12, 13).
ЖИВЕЈ СО ДОБРО ОСНОВАНИ ОЧЕКУВАЊА
17. Во што треба да се угледаме на Михеј?
17 И ние, како древните слуги од минатото, можеме да бидеме сигурни дека она што Бог го ветил ќе се оствари во вистинско време, во времето што го одредил тој (Исус Навин 23:14). Пророкот Михеј мудро го чекал Богот на своето спасение. Од историјата знаеме дека Михеј живеел кратко пред да биде уништена Самарија. Сега да размислиме за себе и за времето во кое живееме. Кога еден ден ќе треба да погледнеме што сме направиле во својот живот, дали ќе биде очигледно дека сме донеле мудри одлуки, на пример, во врска со кариерата, начинот на живот и полновремената служба? Точно, ние не знаеме кога ќе дојде „тој ден и час“ (Матеј 24:36-42). Но сепак, можеме да бидеме сигурни дека е мудро да имаме став како Михеј и да постапуваме како него. А кога Михеј ќе биде награден со живот во обновениот рај на Земјата, сигурно ќе му биде мило да чуе дека нам многу ни помогнале неговите пророштва и неговиот пример на верност! Ние ќе бидеме жив доказ дека Јехова е Богот на спасението!
18, 19. а) За која неволја зборувал Авдија? б) Каква надеж им дал Авдија на Израелците?
18 Нашата доверба има цврста основа. Размисли, на пример, за кратката пророчка книга што ја напишал Авдија. Во неа се зборува за Едом и за осудата што Јехова му ја изрекол затоа што лошо постапувал со „брата си“, Израел (Авдија 12). Пророштвото дека Едом ќе биде уништен навистина се исполнило, како што видовме во 10. поглавје од оваа книга. Вавилонците, предводени од Набонид, го освоиле Едом во средината на шестиот век пр.н.е. и оттогаш Едом престанал да постои како нација. Но, има уште една важна мисла во пораката на Авдија — мисла која се однесува на нашата спремност да го чекаме Јеховиниот голем ден.
19 Познато ти е дека непријателскиот народ (Вавилон), кој го опустошил Едом, претходно ја извршил Божјата казна и над Јеховиниот неверен народ. Во 607 год. пр.н.е., Вавилонците го уништиле Ерусалим и ги одвеле Евреите во изгнанство. Земјата останала пуста. Дали со тоа завршило сѐ? Не. Преку Авдија, Јехова прорекол дека Израелците повторно ќе живеат во својата земја. Во Авдија 17 го читаме ова охрабрувачко ветување: „Преживеаните ќе бидат на гората Сион, и таа ќе биде света, а домот на Јаков ќе го заземе својот посед“.
20, 21. Зошто зборовите од Авдија 17 се утешни за нас?
20 Историјата потврдува дека навистина се случило она што Јехова го кажал преку Авдија. Како прорекол Бог, така и станало. Илјадници изгнаници од Јуда и Израел се вратиле во 537 год. пр.н.е. Со благослов од Јехова, овие повратници ја претвориле пустата земја во раззеленет рај. Сигурно си ги прочитал пророштвата во Исаија 11:6-9 и 35:1-7, во кои е опишана таа прекрасна преобразба. Но, најважно од сѐ било тоа што повторно почнала да се извршува света служба за Јехова во новоизградениот храм. Така, зборовите од Авдија 17 се уште еден доказ дека Јеховините ветувања се сигурни. Тие секогаш се исполнуваат.
21 Авдија го завршил своето пророштво со овие значајни зборови: „Царската власт ќе му припадне на Јехова“ (Авдија 21). Имајќи доверба во ова ветување, го чекаме величественото време кога Јехова, преку Исус Христос, непречено ќе владее со целата вселена, вклучувајќи ја и нашата планета. Без разлика дали само кратко време или веќе со децении го чекаш Јеховиниот голем ден и благословите што ќе ги донесе тој, можеш да бидеш сосема уверен дека твоите очекувања, кои се темелат на Библијата, сигурно ќе се остварат.
22. Зошто е добро да имаме ист став како оној што е опишан во Авакум 2:3 и Михеј 4:5?
22 Затоа, можеме да го повториме уверувањето што го запишал Авакум и кое се однесува и на нашево време: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авакум 2:3). Дури и ако од човечка гледна точка се чини дека Јеховиниот голем ден доцни, тој сигурно ќе дојде навреме. Јехова ни го ветува тоа. Затоа, и оние што веќе со години му служат на Бог и оние што тоа го прават од неодамна, можат заедно да продолжат да чекорат кон иднината со слично уверување како она што е запишано во Михеј 4:5: „Ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“.
МИСЛИ ЗА ПОВТОРУВАЊЕ
• Која главна поука ја извлече од Михеј 7:7; Авакум 2:3 и Софонија 3:8?
• Зошто советот од Јаков 5:10, 11 е важен за тебе, и како ти користи?
• Од каква помош ќе ти биде ако размислуваш за зборовите од 2. Петрово 3:9, 11, 12, 14?
ШТО НАУЧИ?
• Без разлика дали си богат или сиромашен, кои поуки можеш да ги извлечеш од Амос 3:15; 5:11 и Агеј 1:4-7?
• Зошто не е можно во исто време некој и да биде ‚наситен‘ и спремно ,да го чека‘ Јеховиниот ден? (Авакум 3:17, 18).
• Зошто е многу важно да продолжиш спремно да чекаш? (Софонија 1:12-15).
[Прашања]
[Слика на страница 153]
Софонија
[Слика на страница 154]
„,Чекајте ме‘, вели Јехова“ (Софонија 3:8).
[Слики на страница 160]
На каков живот ги поттикнуваш своите деца?
[Слика на страница 163]
Радосно му служиме на Јехова размислувајќи за вечноста