Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Што бара Јехова од тебе?‘

,Што бара Јехова од тебе?‘

Осмо поглавје

,Што бара Јехова од тебе?‘

1, 2. Зошто ќе бидеме охрабрени ако знаеме како реагирал Јехова на моралната расипаност на неговиот древен народ?

 ЗАМИСЛИ СИ ЈА оваа сцена: Едно девојче се стресува од страв кога слуша силно чукање на вратата. Се плаши дека надвор стои расипаниот трговец кој си ги бара парите што му ги должат. Тој измамил многу луѓе, користејќи лажни мерки и наплатувајќи им незаконски камати. За да си помине неказнето, ги поткупува градските власти, кои воопшто не обрнуваат внимание на лелекот на неговите жртви. Девојчето се чувствува беспомошно; татко му го напуштил семејството поради помлада жена и сега, тоа и мајка му може да бидат продадени како робови.

2 Во оваа приказна се опфатени само некои од постапките што ги осудиле 12-те пророци (Амос 5:12; 8:4-6; Михеј 6:10-12; Софонија 3:3; Малахија 2:13-16; 3:5). Да си живеел во тоа време, како ќе си реагирал на сето ова? Колку и да била лоша состојбата во која се наоѓал Божјиот народ, вистинско охрабрување е тоа што, во времето на 12-те пророци, Јехова му помагал на својот народ. Да, од нивните 12 книги можеме да видиме дека во Божји очи убавите особини и исправните ставови се многу важни. Тоа може да ти помогне уште поцврсто да се држиш за моралните начела и може да те поттикне да правиш добри дела и да го славиш Бог. Бидејќи Јеховиниот ден на суд е сѐ поблизу, ако ги разгледаш охрабрувачките пораки изнесени во овие книги, ќе ти биде јасно што бара Бог од тебе. Најнапред, да се вратиме во времето на Михеј, во осмиот век пр.н.е.

ШТО БАРА ЈЕХОВА ОД ТЕБЕ?

3, 4. а) Која срдечна молба е запишана во книгата на Михеј? б) Како се однесува на тебе прашањето од Михеј 6:8?

3 Кога ја читаш книгата на Михеј, на прв поглед може да ти се чини дека читаш долг список со обвиненија против бунтовните Израелци. Се разбира, Јехова не бил слеп за моралната расипаност на својот народ, меѓу кој биле и тие за кои рекол дека ‚го мразат доброто, а го сакаат злото‘ (Михеј 3:2; 6:12). Сепак, освен обвиненија, во книгата на Михеј се наоѓа и еден од најубавите и најмотивирачки совети дадени во Библијата. Михеј го свртува вниманието кон Изворот на праведните мерила и го поставува ова интересно прашање: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Михеј 6:8).

4 Можеш ли да почувствуваш колку е срдечна молбата што ни ја упатува нашиот Творец? Тој со љубов нѐ потсетува на убавите особини што можеме да ги развиеме наместо да дозволиме да нѐ одвлече злобата околу нас. Јехова знае дека, како негови верни слуги, ние сакаме да имаме особини како неговите, и затоа никогаш не губи доверба во нас. Како ќе одговориш ако некој те праша: ‚Што бара Јехова од тебе?‘ Можеш ли да наведеш некои подрачја од твојот живот на кои Божјите морални мерила влијаат — или би требало да влијаат — врз твоето однесување? Твоето пријателство со Бог и твојот живот многу ќе се подобрат ако и понатаму се трудиш да се придржуваш за тие мерила. Со оглед на тоа што рајот на Земјата е многу близу, нека те храбри овој совет: „Сејте си семе во праведност и жнејте милост. Обработувајте за себе земја, зашто е време да го барате Јехова додека да дојде и да ве поучи во праведност“ (Осија 10:12). Сега да разгледаме некои главни мисли од убавиот совет што ни е даден во Михеј 6:8.

,БИДИ СКРОМЕН‘

5. Зошто е важно ‚скромно да одиме‘ со Бог?

5 Интересно е што Михеј напишал дека Јехова бара ‚скромно да одиме со него‘. Да бидеме скромни е за наше добро, зашто „мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2). Да бидеме скромни значи да бидеме свесни за ограничувањата што ни ги наметнува гревот на Адам. Првиот важен чекор што ќе ни помогне да не грешиме намерно е да признаеме дека сме родени во грев (Римјаните 7:24, 25).

6. Зошто е добро скромно да признаеме дека гревот носи лоши последици?

6 Зошто скромноста и понизноста се толку важни за да не грешиме намерно? Па, скромниот човек е свесен дека гревот може многу силно да влијае врз него (Псалм 51:3). Осија ни помага да сфатиме дека гревот лесно може да го заведе човек, но и дека последиците од него секогаш се погубни. На пример, Јехова го предупредил својот народ дека ‚ќе побара сметка‘ од него затоа што бил непослушен. Дали оваа опомена остава простор да мислиме дека тие нескромни грешници можеле да ги избегнат последиците од своите постапки? Можеби тие се надевале на тоа, зашто гревот честопати го заробува грешникот и го тера да се залажува себеси. Уште пострашно е што гревот ги раздвојува грешниците од Бог и може да ги доведе во очајна состојба, кога „нивните дела не им дозволуваат да му се вратат на својот Бог“. Ако некој намерно прави грев, тоа му ја одзема моралната сила и го претвора во ‚злосторник‘. Освен тоа, животот му станува бесмислен. Точно, некое време може да изгледа дека сѐ му оди добро, но грешникот што не се кае не може да очекува да добие милост од Бог (Осија 1:4; 4:11-13; 5:4; 6:8).

7. Како скромните луѓе реагираат на водството од Јехова?

7 Освен тоа, скромните луѓе признаваат дека им треба водство од Бог за да не ги доживеат жалните последици од гревот. Михеј претскажал едно време — нашето време — кога голем број луѓе со сета душа ќе сакаат ‚да бидат поучени за Јеховините патишта‘ и ‚да одат по неговите патеки‘. Тие кротки луѓе ги бараат ‚законот‘ и „Јеховината реч“. Сигурно си среќен што и ти си меѓу оние што сакаат да ‚одат во името на Јехова‘ и да го прават она што тој го бара од нас. Сепак, можеби и ти, како Михеј, сакаш да дознаеш на кој друг начин можеш да останеш морално чист (Михеј 4:1-5; 6:11). Една работа што многу ќе ти помогне во тоа е скромно да се трудиш да го правиш она што Јехова го бара од тебе.

ДРЖИ СЕ ЗА ВОЗВИШЕНИТЕ МОРАЛНИ МЕРИЛА

8. Што може да се забележи во врска со моралот во денешниов свет?

8 Бидејќи е заинтересиран за нашето духовно и физичко добро, Јехова бара од нас да бидеме морално чисти, иако денешниов свет е крајно расипан (Малахија 2:15). Од сите страни сме преплавени со пораки со сексуална содржина. Мнозина сметаат дека е сосем нормално да се гледаат порнографски слики и филмови, да се чита материјал во кој се зборува за разуздан секс и да се слушаат песни со сексуално провокативен текст. Освен тоа, многу мажи воопшто не ги почитуваат жените, туку на нив гледаат само како на сексуални објекти. А разговорите на младите во училиште честопати се зачинети со вулгарни шеги и теми поврзани со сексот. Како да му се спротивставиш на ваквото расипано влијание?

9. Како, во времето на 12-те пророци, мнозина покажале дека не се држат за Јеховините мерила?

9 Дванаесетте пророци, чии книги ги проучуваме, ни даваат скапоцени совети. Точно, тие живееле пред ерата на големи киносали и видеотеки, но во нивно време имало фалусни симболи, таканаречени свети блудници, а луѓето бесрамно имале полови односи со различни партнери (1. Царевите 14:24; Исаија 57:3, 4; Авакум 2:15). Доказ за таквата расипаност се зборовите на самите пророци. На пример, Осија рекол: „Мажите одат насамо со блудниците, и со храмските блудници принесуваат жртви“. А Амос напишал: „Синот и таткото одат кај истата девојка за да го осквернат моето свето име“. Некои редовно ‚ги плаќале блудниците‘ кога се вршеле обреди за плодност. a Прељубата била многу раширена зашто неверните брачни партнери ‚оделе по своите љубовници‘ (Осија 2:13; 4:2, 13, 14; Амос 2:7; Михеј 1:7).

10. а) Која е главната причина за неморалот? б) Како Божјиот древен народ станал виновен за духовен блуд?

10 Сигурно си свесен дека сексуалниот неморал е показател за тоа каков став и какви мотиви има некое лице (Марко 7:20-22). За својот неморален народ, Јехова рекол дека „духот на блудот [„ненаситната желба за секс“, Contemporary English Version] ги заведе, па лутаат“ и дека „се сосема предадени на своите срамотни дела“ (Осија 4:12; 6:9). b Захарија го спомнал „духот на нечистотијата“ (Захарија 13:2). Луѓето се однесувале бесрамно, не ги почитувале, па дури и ги презирале Јеховините мерила и неговата власт. За да може оној што е таков да ги смени своите мотиви, мора од корен да го смени својот начин на размислување и своето срце. Свесни за ова, христијаните треба да бидат уште поблагодарни за советите кои им помагаат да бегаат од неморалот и од неговите тешки последици.

БИДИ МОРАЛНО ЧИСТ

11. Кои се некои последици од сексуалниот неморал?

11 Веројатно си забележал кои се последиците од нискиот морал: распаднати семејства, деца што растат без воспитување од родителите, страшни болести и абортуси со кои се уништуваат човечки животи. Оние што не ги почитуваат мерилата на Творецот во врска со половиот живот, честопати доживуваат физичка и емоционална болка. Михеј напишал: „Земјата станала нечиста, и затоа доаѓа пропаста, а пропаста е болна“ (Михеј 2:10). Свесни за ова, Божјите слуги се уште поодлучни да му служат на Бог на исправен начин. Не сакаат да си ги извалкаат срцето и умот со нечисти мисли (Матеј 12:34; 15:18).

12. Како ни користи тоа што го прифаќаме Јеховиното гледиште за половите односи?

12 Христијаните не се држат за високи морални мерила само затоа што се плашат да не се заразат од некоја болест или да не добијат вонбрачно дете. Тие сфаќаат колку е важно да го сакаат Божјиот закон и да го усвојат неговото гледиште за моралот. Јехова ги создал луѓето со нормална желба за полови односи кои се израз на љубовта помеѓу сопружниците. Тоа било дел од намерата што ја имал Бог кога ги создал Адам и Ева. Кога половите односи се ограничени само на брачната заедница, каде што им е и местото, тие позитивно влијаат на бракот и ги зближуваат мажот и жената, а понекогаш може да се родат и деца. Но, половите односи надвор од бракот имаат разорно влијание, како што опишале и 12-те пророци. Бидејќи народот бил неморален, Бог го отфрлил. Тоа било високата цена што Израелците морале да ја платат тогаш, а исто толку висока цена ќе плати и секој што ќе се впушти во неморал денес.

13. Како можеме ‚да го отфрлиме блудот‘ и да ги избегнеме искушенијата?

13 Осија ги молел луѓето во негово време да го остават, или ‚да го отфрлат блудот од себе‘, со што сакал да каже дека мораат да направат некои конкретни чекори за да останат морално чисти (Осија 2:2). Мудро е и ние денес да избегнуваме ситуации кои би нѐ довеле во искушение. На пример, можеби постојано наидуваш на некое искушение на училиште или во соседството. Веројатно не можеш да го смениш училиштето или местото на живеење, но можеш да најдеш други начини да се тргнеш од ситуацијата што ти претставува искушение и така да го ‚отфрлиш блудот од себе‘. Кажи им на другите дека си вистински христијанин, дека си Јеховин сведок. Јасно и учтиво објасни им кои се твоите мерила и верувања. Дај им на знаење дека си цврсто решен да се држиш за Јеховините високи мерила (Амос 5:15). Друго нешто што ќе ти помогне да го ‚отфрлиш блудот‘ е да се чуваш од порнографија и од штетна забава. Тоа може да значи дека ќе треба да фрлиш некои списанија или да си најдеш нови пријатели — пријатели кои го сакаат Јехова и кои се сложуваат со тоа дека треба да го правиш она што Јехова го бара од тебе (Михеј 7:5). Да, со помош од Јехова, можеш да се заштитиш да не бидеш извалкан од неморалот на овој свет!

,САКАЈ ЈА ДОБРОТАТА‘

14, 15. а) Што значи да се ‚сака добротата‘? б) Како љубовта кон добротата ни помага да бидеме беспрекорни?

14 Михеј нагласил дека Јехова бара од нас ‚да ја сакаме добротата‘. Добриот човек не прави ништо со што би им наштетил на другите, туку постапува чесно. Добротата е тесно поврзана со моралната чистота. Таа нѐ тера да бидеме чесни и праведни во сѐ што правиме и во нашите односи со другите. Во 6. поглавје од оваа книга разгледавме некои подрачја од животот, како што се деловните и финансиските работи, на кои е многу важно да се биде праведен и чесен. Но, тоа не се единствените подрачја на кои треба да бидеме праведни, чесни и добри.

15 Луѓето што ја сакаат добротата и кои сакаат да им прават добро на другите се трудат да бидат беспрекорни. На Израелците, кои не ги исполнувале своите материјални обврски кон светата служба во храмот, Јехова им рекол: „Вие крадете од мене“ (Малахија 3:8). Што мислиш, како денес некој би можел да ‚краде‘ од Бог? Да речеме дека некој христијанин е одговорен за парите наменети за да се шири нашето проповедничко дело, кои се дадени како доброволни прилози во локалното собрание или на некои други места. Чии се тие пари? Тие му припаѓаат на Јехова, зашто се дадени за да се поддржува Неговото обожавање (2. Коринќаните 9:7). Дали некој смее да помисли дека може да „позајми“ од парите ако итно му затребаат за некоја лична работа или за што и да било друго без да побара одобрение? Се разбира не. Тоа би било исто како да краде од Бог! И сигурно би било нечесно и неправедно кон оние што ги дале тие прилози за Божјата служба (Изреки 6:30, 31; Захарија 5:3).

16, 17. а) Како некои во времето на Амос и Михеј покажале дека се лакоми? б) Како гледа Бог на лакомоста?

16 Добротата, исто така, ги поттикнува христијаните да не бидат лакоми. Во времето на Амос, луѓето биле многу лакоми. Некои од нив биле толку ненаситни и свирепи што ‚продавале праведник‘ — некој свој сообожавател — „за сребро“! (Амос 2:6). Слично било и во времето на Михеј, кога богатите Јудејци им го одземале, понекогаш дури и насила, имотот на оние што биле премногу слаби за да се бранат (Михеј 2:2; 3:10). Кога им ја одземале земјата на своите сонародници, тие лакоми луѓе го прекршувале Јеховиниот закон, меѓу другото и последната од Десетте заповеди и одредбите против трајно продавање на земјата добиена во наследство (2. Мојсеева 20:13, 15, 17; 3. Мојсеева 25:23-28).

17 Денес не е вообичаено да се продаваат луѓе во ропство како што било случај во времето на пророците. Но, не е необично да се искористуваат другите или да се заработува на туѓ грб. Еден христијанин кој ја сака добротата нема да ги искористува своите сообожаватели. На пример, не би било ниту исправно ниту добро да започне некој бизнис или некоја инвестиција сметајќи дека главни муштерии ќе му бидат соверниците. Кога некој гледа набрзина да заработи искористувајќи ги сохристијаните, покажува дека е лаком, а христијаните се опоменати дека лакомоста е опасна (Ефешаните 5:3; Колошаните 3:5; Јаков 4:1-5). Може да се види дека некој е лаком ако многу ги сака парите, ако има силна желба за власт или добивка, па дури и ако е алчен за јадење, пиење, секс или друго. Михеј рекол дека себичните, лакоми луѓе ‚нема да се наситат‘. Истото важи и денес (Михеј 6:14).

18, 19. а) Што кажале некои од 12-те пророци за грижата што Јехова ја покажувал кон „дојденецот“? б) Како ќе си ги подобриме односите во нашата околина ако сме заинтересирани за другите?

18 Јехова му рекол на својот народ ‚да не угнетува дојденец‘. А преку Малахија Бог рекол: ‚Ќе дојдам кај вас за да судам против оние што му ги скратуваат правата на дојденецот‘ (Захарија 7:10; Малахија 3:5). Дали во местото каде што живееш има голем прилив на доселеници што се од друга националност, раса или култура? Тие веројатно се преселиле во потрага по сигурност, работа или подобри услови за живот. Како гледаш на луѓето чиј јазик и начин на живот се поинакви од твојот? Дали забележуваш кај себе траги на предрасуди? Тоа би било сосема спротивно на добротата.

19 Помисли само колку ќе им биде мило на луѓето што доаѓаат од други земји или од друга култура ако им покажеш дека и тие заслужуваат да ја чујат вистината од Библијата. Исто така, добротата нема да дозволи да мислиме дека дојденците на некој начин ни ги нарушуваат правата во врска со користењето на Салата на Царството или во кој и да било друг поглед. Апостол Павле потсетил некои еврејски христијани од првиот век, кои имале предрасуди кон не-Евреите, дека, всушност, ниеден човек не може да заслужи спасение — спасението е возможно само благодарение на Божјата незаслужена доброта (Римјаните 3:9-12, 23, 24). Ако ја сакаме добротата, ќе се радуваме што сега за Божјата љубов учат многу луѓе, кои порано речиси и немале можност да ја чујат добрата вест (1. Тимотеј 2:4). Луѓето од други земји или од друга култура честопати се обесправени, па затоа треба да бидеме обѕирни и љубезни кон нив, да ги прифатиме и да постапуваме со нив како да се „родени“ меѓу нас (3. Мојсеева 19:34).

ОДИ СО ВИСТИНСКИОТ БОГ

20. Од кого барале водство некои Израелци?

20 Михеј нагласил и колку е важно да одиме со Бог, односно да бидеме цврсто уверени дека тој е вистинскиот Бог и да бараме водство од него (Изреки 3:5, 6; Осија 7:10). Откако Евреите се вратиле од изгнанство, некои од нив почнале да одат по гатачи, претскажувачи и лажни богови, можеби за да бараат помош кога имало суша. Всушност, тие барале помош од зли духовни сили, иако Јехова јасно го осудил тоа (5. Мојсеева 18:9-14; Михеј 3:6, 11; 5:12; Агеј 1:10, 11; Захарија 10:1, 2). Тие Евреи се плеткале со духовни суштества кои му се противници на вистинскиот Бог!

21, 22. а) Кои облици на спиритизам се вообичаени во твојата околина? б) Зошто вистинските слуги на Јехова не се занимаваат со окултизам?

21 Денес некои мислат дека злобните духови спомнати во Светото писмо се само симбол за злото како поим. Но, Библијата ни кажува дека демоните се вистински и дека тие стојат зад астрологијата, вражањето и некои облици на магија (Дела 16:16-18; 2. Петрово 2:4; Јуда 6). Исто толку реална е и опасноста од спиритизмот. Луѓето во многу култури бараат помош од шамани, односно гатачи кои тврдат дека имаат некоја таинствена моќ, или од врачеви. Други користат хороскопи или тарот карти, чатали за откривање подземни води, алфабетски таблици или кристални топки. Многу често луѓето дури и се обидуваат да стапат во контакт со духовите на мртвите. Наводно, некои државници бараат совети од астролози и спиритистички медиуми кога мораат да донесат некои одлуки. Сево ова е во остра спротивност на советот што ни го дал Михеј — да одиме со вистинскиот Бог и да го следиме неговото водство.

22 Се разбира дека ти, како вистински слуга на Јехова, не треба да имаш ништо со таквите работи. Биди уверен дека Бог никогаш не се служи со магија или окултизам за да ја открие својата намера или за да ја покаже својата моќ. Напротив, како што нѐ уверуваат зборовите од Амос 3:7, Јехова ‚им ги открива своите тајни на своите слуги, пророците‘. Освен тоа, кога некој се занимава со окултизам, тој е под влијание и под контрола на водачот на демоните, Сатана, кој е лажливец што ги мами луѓето. Тој и неговите слуги цврсто се решени да прават зло и отсекогаш биле сурови кон луѓето, па дури и ги убивале (Јов 1:7-19; 2:7; Марко 5:5). Затоа е разбирливо што Михеј ги осудил гатањето и вражањето кога нѐ поттикнал да одиме со вистинскиот Бог.

23. Само кој може да ни ги исполни барањата?

23 Вистинско морално водство може да ни даде само Јехова преку својата вистинска религија (Јован 4:24). „Барајте од Јехова“, напишал пророкот Захарија (Захарија 10:1). Дури и ако злите духовни сили те нападнат или те стават на искушение, не заборавај дека „секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32). Ова ветување ни е од голема помош додека живееме со Јеховиниот голем ден во мислите.

24. Што научи од Михеј 6:8?

24 Очигледно, има многу да се размислува за зборовите од Михеј 6:8. За да изградиме цврсти морални ставови, треба да имаме исправни мотиви и особини како Божјите. Осија нѐ охрабрил сите нас, кои живееме во „последните денови“. Тој рекол дека во наше време, богобојазливите луѓе ќе ја бараат Јеховината доброта (Осија 3:5). Амос потврдил дека Бог нѐ повикува да го правиме тоа. Тој рекол: „Барајте го доброто... за да живеете“. Исто така, нѐ поттикнал: „Сакајте го доброто“ (Амос 5:14, 15). Ако го послушаме овој повик, ќе го правиме она што Јехова го бара од нас, а тоа духовно ќе нѐ зајакне.

[Фусноти]

a Џозеф Ротерхам, преведувач на Библијата, вака ги опишал ханаанските народи, чие однесување го имитирале и Израелците: „Нивната религија била крајно развратна и страшно сурова. Жените ја предавале својата невиност во чест на своите божества. Нивните свети места, всушност, биле јавни куќи. Половите органи биле отворено прикажувани со одвратни симболи. Тие народи имале свети (!) блудници — и мажи и жени“.

b Божјиот народ бил виновен и за духовен блуд. Одржувал недозволени врски со паганските народи и го измешал обожавањето на Ваал со обожавањето на вистинскиот Бог.

ШТО МОЖЕШ ДА НАУЧИШ

• од тоа што Јехова нѐ повикува да живееме според неговите мерила? (Захарија 6:15; Малахија 3:16, 18).

• ако размислуваш за гревот и за тешките последици од него? (Малахија 4:1; Римјаните 6:12-14; 1. Коринќаните 6:18).

• од примерите кога Божјиот древен народ не се држел за Неговите морални мерила? (Осија 8:7; 10:12; 14:9).

ЗОШТО Е ЗА ТВОЕ ДОБРО

• да го прифатиш Јеховиното гледиште за половите односи? (Осија 3:3; 4:11).

• да внимаваш на опомените што 12-те пророци ги дале во врска со лакомоста и себичноста? (Михеј 7:5-7; Филипјаните 2:4).

• да немаш ништо со спиритизмот и окултизмот? (Михеј 5:12; Наум 3:4; Малахија 3:5).

[Прашања]

[Рамка на страница 100]

СКРОМНОСТ И ИСКРЕНОСТ ЗА ПРИМЕР

Јона покажал искреност и скромност каква што не може да се види кај писателите што не ја пишувале Библијата. Тој отворено кажал дека бил непослушен и што се случило кога не покажал доволно доверба во Јехова. Не се обидувал да скрие дека не сакал да ја прифати задачата што му била дадена и дека бил лут што Бог ги поштедил ниневијците. Навистина убав пример за скромност на кој треба да се угледаме!

[Слика на страница 98]

Јехова не е слеп за расипаноста и неправдата

[Слика на страница 104]

Ќе се заштитиш ако јасно ги кажеш своите христијански верувања

[Слика на страница 106]

Многу христијани со љубов се грижат за духовните потреби на странците

[Слики на страница 109]

Божјите слуги не смеат да имаат ништо со окултизмот