Библијата — дали навистина е инспирирана од Бог?
Поглавје 18
Библијата — дали навистина е инспирирана од Бог?
1. Која способност што ја поседува Создателот не ја поседуваат луѓето?
НИТУ еден човек не може точно да ја претскаже иднината во детали. Тоа ја надминува човечката способност. Меѓутоа, Создателот на универзумот ги поседува сите потребни факти и може дури и да ги контролира настаните. Така, за него може да се зборува како за Оној кој ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало‘ (Исаија 46:10; 41:22, 23).
2. Кој силен доказ би покажал дека Библијата е инспирирана од Бог?
2 Библијата содржи стотици пророштва. Дали досега тие биле точно исполнети? Ако да, тоа би било силен показател дека Библијата е ‚инспирирана од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16, 17, NW). Исто така, тоа би создало доверба во натамошните пророштва за настаните кои допрва ќе дојдат. Значи, ќе биде корисно да разгледаме некои пророштва кои веќе се исполниле.
Падот на Тир
3. Што било претскажано во врска со Тир?
3 Тир бил истакнато феникиско пристаниште кое постапило предавнички со древниот Израел, неговиот јужен сосед кој го обожавал Јехова. Преку еден пророк по име Језекиил, Јехова го претскажал неговото потполно уништување повеќе од 250 години пред тоа да се случи. Јехова изјавил: „Ќе кренам против тебе многу народи . . . И ќе ги разбијат ѕидовите на Тир и ќе ги разрушат кулите негови; и ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен. Ќе биде место за простирање мрежи во морето“. Језекиил однапред го кажал и името на првата нација и нејзиниот водач кој ќе го опседне Тир: „Еве, против Тир ќе го доведам од север Навуходоносор, вавилонскиот цар“ (Језекиил 26:3—5, 7).
4. а) Како се исполнило пророштвото во врска со освојувањето на Тир од страна на Вавилон? б) Зошто Вавилонците не успеале да земат плен?
4 Како што било претскажано, Навуходоносор подоцна го поразил копнениот Тир. The Encyclopædia Britannica известува за „13-годишна опсада . . . од Навуходоносор“.1 Било известено дека после опсадата тој не зел никаков плен: „[За него] немаше награда“ (Језекиил 29:18). Зошто не? Затоа што дел од Тир се простирал на еден остров преку еден тесен канал.2 Поголемиот дел од скапоценостите на копнениот Тир биле пренесени на тој островски дел од градот, кој не бил уништен.
5, 6. Како Александар Велики го уништил островскиот град Тир, исполнувајќи го во детали она што било проречено?
5 Но, освојувањето на Навуходоносор не ‚го смело правот [на Тир] и не го направило гол камен‘ како што претскажал Језекиил. Не било исполнето ниту пророштвото на Захарија кое велело дека Тир ќе биде фрлен „во морето“ (Захарија 9:4). Дали овие пророштва биле погрешни? Воопшто не. Повеќе од 250 години после пророштвото на Језекиил и речиси 200 години после пророштвото на Захарија, Тир бил потполно уништен од грчките армии под водство на Александар Велики, во 332 пр. н. е. „Од урнатините на копнениот дел од градот“, објаснува Encyclopedia Americana, „тој изградил огромен [премин] во 332 за да го соедини островот со копното. После седуммесечна опсада . . . тој го заробил и го уништил Тир.“3
6 Така, како што предвиделе Језекиил и Захарија, правот и урнатините на Тир завршиле среде водата. Од него останала гола карпа, „место за да се пружаат мрежи“, како што забележал еден посетител на тоа место.4 Значи, пророштвата изречени стотици години порано се исполниле во најситни детали!
Кир и падот на Вавилон
7. Што претскажала Библијата за Евреите и за Вавилон?
7 Извонредни се и пророштвата во врска со Евреите и Вавилон. Историјата известува дека Вавилон ги одвел Евреите во ропство. Сепак, Јеремија го предвидел тоа околу 40 години, а Исаија околу 150 години пред да се случи. Исто така, тој претскажал дека Евреите ќе се вратат од заробеништво. Тоа го претскажал и Јеремија, велејќи дека ќе бидат вратени во својата земја после 70 години (Исаија 39:6, 7; 44:26; Јеремија 25:8—12; 29:10).
8, 9. а) Кој го освоил Вавилон, и како? б) Како историјата го потврдува пророштвото за Вавилон?
8 Ова враќање било овозможено со поразот на Вавилон од страна на Медите и Персијците во 539 пр. н. е., што го претскажал Исаија речиси 200 години пред да се случи, како и Јеремија околу 50 години пред да се одигра. Јеремија рекол дека вавилонските војници нема да се борат. И Исаија и Јеремија претскажале дека вавилонските заштитни води, реката Еуфрат, мора ‚да секнат‘. Исаија го дал дури и името на персискиот генерал освојувач, Кир, и рекол дека пред него „портите [на Вавилон] нема да бидат затворени“ (Јеремија 50:38; 51:11, 30; Исаија 13:17—19; 44:27; 45:1).
9 Грчкиот историчар Херодот објаснил дека Кир, всушност, го свртел текот на Еуфрат и „реката толку се спуштила што природното корито на водата можело да се прегази“.5 Така, во текот на ноќта, непријателските војници промарширале низ речното корито и влегле во градот преку портите кои од невнимание биле оставени отворени. „Да биле известени Вавилонците за она што го планирал Кир“, продолжил Херодот, „ќе ги зацврстеле сите улични порти кои [биле] над реката . . . Но, како што било случај, Персијците ненадејно дошле на нив и така го зазеле градот.“6 Всушност, Вавилонците се впуштиле во пијано лумпување, како што објаснува Библијата а потврдува Херодот7 (Даниил 5:1—4, 30). И Исаија и Јеремија претскажале дека од Вавилон на крајот ќе останат само ненаселени урнатини. Токму тоа и се случило. Денес, Вавилон е едно пусто купиште од насипи (Исаија 13:20—22; Јеремија 51:37, 41—43).
10. Кој доказ го потврдува ослободувањето на Евреите од страна на Кир?
10 Исто така, Кир ги вратил Евреите во нивната татковина. Повеќе од два века пред тоа, во врска со Кир Јехова претскажал: „Тој ќе ја исполни секоја волја Моја“ (Исаија 44:28). Во исполнување на пророштвото, после 70 години, во 537 пр. н. е., Кир ги вратил заробениците во нивната татковина (1. Ездра 1:1—4). Пронајден е еден древен персиски натпис, наречен Киров цилиндар, кој јасно ја изнесува политиката на Кир да ги врати заробениците во нивната татковина. „Што се однесува до жителите на Вавилон“, се известува дека рекол Кир, „јас (исто така) ги собрав сите нивни (претходни) жители и (им ги) вратив нивните живеалишта.“8
Медо—Персија и Грција
11. Како Библијата го претскажала издигнувањето на Медо—Персија до светска сила, како и нејзиниот пад под Грција?
11 Додека Вавилон сѐ уште бил светска сила, Библијата го претскажала неговото освојување од еден симболичен дворог овен, кој ги претставувал „мидијскиот цар и персискиот“ (Даниил 8:20). Како што било претскажано, Медо—Персија станала следната светска сила кога го освоила Вавилон во 539 пр. н. е. Меѓутоа, со текот на времето, „еден козел“, идентификуван како Грција, ‚се фрлил на овенот и му ги скршил двата рога‘ (Даниил 8:1—7). Тоа се случило во 332 пр. н. е. кога Грција ја поразила Медо—Персија и станала нова светска сила.
12. Што рекла Библијата за владеењето на Грција?
12 Забележи што било претскажано понатаму: „Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири“ (Даниил 8:8). Што значи тоа? Библијата објаснува: „Косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниил 8:21, 22).
13. Како било исполнето пророштвото за Грција после повеќе од 200 години откако било запишано?
13 Историјата покажува дека овој ‚цар на Грција‘ бил Александар Велики. Но, по неговата смрт во 323 пр. н. е., неговата империја на крајот била разделена меѓу четири генерали — Селевк Никатор, Касандар, Птолемај Лагус и Лизимах. Токму онака како што претскажала Библијата, „место него излегоа други четири“. Сепак, како што исто така било претскажано, ниту еден од нив никогаш не ја поседувал моќта што ја имал Александар. Така, повеќе од 200 години откако било запишано ова пророштво, тоа почнало да се исполнува — уште една впечатлива потврда за инспирираноста на Библијата!
Претскажан е Месијата
14. Што рекол еден изучувач за многуте пророштва што се исполниле на Исус Христос?
14 Особено забележителни се десетиците библиски пророштва во врска со Исус Христос. Професор Џ. П. Фри забележал: „Шансите сите овие пророштва да се исполнат на еден човек се толку поразително слаби што јасно се гледа дека тие во никој случај не можеле да бидат остроумни нагаѓања на обични луѓе“.9
15. Кои се некои пророштва исполнети на Христос кои биле вон негова контрола?
15 Исполнувањето на многу од овие пророштва било потполно вон контрола на Исус. На пример, тој не можел да намести да биде роден во племето Јуда, односно да биде потомок на Давид (1. Мојсеева 49:10; Исаија 9:6, 7; 11:1, 10; Матеј 1:2—16). А не можел ниту да управува со настаните кои воделе до тоа да се роди во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:1—7). И не би наместил да биде предаден за 30 сребреници (Захарија 11:12; Матеј 26:15); неговите непријатели да го плукаат (Исаија 50:6; Матеј 26:67); да биде исмеван додека висел на маченичкиот столб (Псалм 21:7, 8; Матеј 27:39—43); да биде прободен, но да не биде скршена ниту една коска од неговото тело (Захарија 12:10; Псалм 33:20; Јован 19:33—37) и војниците да фрлаат жрепка за неговата облека (Псалм 21:18;Матеј 27:35). Ова се само неколку од многуте пророштва исполнети на човекот Исус.
Уништувањето на Ерусалим
16. Што прорекол Исус во врска со Ерусалим?
16 Исус бил Јеховиниот најголем Пророк. Како прво, забележи што рекол за она што ќе се случи со Ерусалим: „Непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето, кога беше посетен“ (Лука 19:43, 44). Исус исто така рекол: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (Лука 21:20, 21).
17. Како се исполнило Исусовото пророштво за војските кои ќе го опкружеле Ерусалим, и затоа како можеле луѓето да избегаат од градот?
17 Во исполнување на пророштвото, римските војски под водство на Цестеј Гал дошле против Ерусалим во 66 н. е. Меѓутоа, чудно е тоа што тој не ја спровел опсадата до крај туку, како што известил историчарот од првиот век Јосиф Флавиј, „се повлекол од градот, и тоа без никаква причина“.10 Со неочекувано отстранетата опсада била дадена можност да се послуша Исусовото упатство да се бега од Ерусалим. Историчарот Евзебиј известил дека христијаните биле тие кои избегале.11
18. а) Што се случило во 70 н. е., помалку од четири години откако римските војски се повлекле од Ерусалим? б) Колку потполно било уништувањето на Ерусалим?
18 После помалку од четири години, во 70 н. е., римските војски под водство на генерал Тит се вратиле и го опкружиле Ерусалим. Ги исекле дрвјата во пречник од неколку километри и изградиле ѕид кој го опкружувал градот, ‚опкружување со окопи‘. Како резултат на тоа, Јосиф забележал: „Секаква надеж за бегство сега им била одземена на Евреите“.12 Јосиф забележал дека после опсадата од околу пет месеци, освен три кули и дел од еден ѕид, она што останало „било толку целосно срамнето со земјата . . . што не останало ништо што би ги навело оние кои дошле таму да веруваат дека некогаш бил населен“.13
19. а) Колку била сурова неволјата што дошла врз Ерусалим? б) За каков нем потсетник служи сега триумфалната порта на Тит?
19 За време на опсадата умреле околу 1.100.000 луѓе, а 97.000 биле одведени како заробеници.14 До ден-денес, во Рим може да се види сведоштво за исполнувањето на Исусовото пророштво. Таму стои триумфалната порта на Тит, подигната од Римјаните во 81 н. е. за спомен на успешното заробување на Ерусалим. Таа триумфална порта останува како нем потсетник за фактот дека пропустот да се следат предупредувањата од библиското пророштво може да доведе до катастрофа.
Пророштва кои се исполнуваат сега
20. Како одговор на кое прашање Исус го дал „знакот“ според кој ќе можеме да знаеме дека е близу една голема светска промена?
20 Според Библијата, близу е една изненадувачка светска промена. Исто како што Исус претскажал настани според кои луѓето во првиот век ќе можеле да знаат дека претстои уништување на Ерусалим, тој претскажал и настани според кои луѓето денес ќе можат да знаат дека е близу една светска промена. Исус го дал тој ‚знак‘ како одговор на ова прашање од неговите ученици: „Што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на ствари?“ (Матеј 24:3, NW).
21. а) Што е Христовата „присутност“, а што „завршетокот на системот на ствари“? б) Каде можеме да прочитаме за знакот што го дал Исус?
21 Според Библијата, оваа Христова „присутност“ нема да биде во човечки облик туку, напротив, тој ќе биде моќен владетел на небото кој ќе го избави угнетеното човештво (Даниил 7:13, 14). Неговата „присутност“ ќе биде во текот на она што тој го нарекол „завршетокот на системот на ствари“. Според тоа, кој знак го дал Исус за да го одбележува времето кога ќе биде невидливо присутен како владетел и кога ќе биде близу крајот на овој систем на ствари? Во Библијата, во Матеј 24. поглавје, Марко 13. поглавје и Лука 21. поглавје, можеш да ги разгледаш настаните кои заедно го сочинуваат знакот. Некои од поголемите се следниве:
22. Како војните од 1914 наваму биле дел од знакот, и колку биле разорни?
22 ГОЛЕМИ ВОЈНИ: „Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство“ (Матеј 24:7). Од 1914 година наваму, исполнувањето на ова пророштво е поразително. Првата светска војна, која започна во 1914 година, ја воведе масовната употреба на автоматски пушки, тенкови, подморници, авиони, како и отровни гасови. До нејзиниот крај во 1918 година, загинаа околу 14 милиони војници и цивили. Еден историчар забележал: „Првата светска војна беше првата ‚тотална‘ војна“.15 Втората светска војна од 1939 до 1945 година беше уште поразорна — смртните случаи на воени и на цивилни лица достигнаа околу 55 милиони. А таа воведе и еден сосема нов ужас — атомските бомби! Оттогаш беа убиени повеќе од 30 милиони лица во десетици големи и мали војни. Германскиот весник Der Spiegel забележува: „Од 1945 година во светот немаше ниту еден единствен ден на вистински мир“.16
23. До кој обем светот бил погоден од оскудица на храна почнувајќи од 1914?
23 ОСКУДИЦА НА ХРАНА: „Ќе има оскудица на храна“ (Матеј 24:7, NW). После I светска војна следеше надалеку раширен глад. После II светска војна гладот беше уште полош. А денес? „Гладот денес е на сосема ново ниво . . . дури 400 милиони луѓе постојано живеат на работ на изгладнетоста“, вели лондонскиот Times.17The Globe and Mail од Торонто наведува: „Повеќе од 800 милиони луѓе се недоисхранети“.18 А Светската здравствена организација известува дека од последиците на неисхранетоста „секоја година умираат по 12 милиони деца уште пред својот прв роденден“.19
24. Каков пораст на земјотреси имало од 1914?
24 ЗЕМЈОТРЕСИ: „Ќе има големи земјотреси“ (Лука 21:11, NW). Еден специјалист на полето на инженерството за заштита од земјотреси, Џорџ В. Хауснер, го нарекол земјотресот во Тангшан (Кина) од 1976 година „најголема катастрофа од земјотрес во историјата на човештвото“, која одзеде стотици илјади животи.20 Италијанското списание Il Piccolo известило: „Како што покажуваат статистиките, нашата генерација живее во еден опасен период на висока сеизмичка активност“.21 Во просек, секоја година од 1914 наваму, од земјотреси умираат десетина пати повеќе луѓе отколку во претходните векови.
25. Кои катастрофални епидемии ги имало од 1914 како исполнување на дел од знакот?
25 БОЛЕСТИ: „Од едно место на друго чуми“ (Лука 21:11, NW). Science Digest известил: „Епидемијата на шпанска грозница од 1918 година се прошири низ Земјата [и] одзеде 21 милион животи“. Тој додал: „Во целата историја немало посурова и побрза обиколка на смртта . . . Ако епидемијата продолжеше да се шири со своето тогашно темпо, човештвото ќе беше истребено за неколку месеци“.22 Оттогаш, срцевите болести, ракот, венеричните болести и многу други помори осакатиле и убиле стотици милиони луѓе.
26. Како се зголемило беззаконието од 1914?
26 КРИМИНАЛ: „Беззаконијата ќе се умножат“ (Матеј 24:12). Убивање, крадење, силување, тероризам, корупција — списокот е долг и добро познат. Во многу подрачја луѓето се плашат да одат по улиците. Потврдувајќи го овој тренд на беззаконие после 1914 година, еден авторитет за тероризам наведува: „Периодот до Првата светска војна, општо земено, беше почовечен“.23
27. Какво исполнување денес доживува пророштвото за стравот?
27 СТРАВ: „Ќе има страшни глетки“ (Лука 21:11, NW). Хамбуршкиот Die Welt го нарекол нашево време „век на стравот“.24 Сосема нови закани за човештвото задаваат страв како никогаш порано. Првпат во историјата, таквите работи како што се нуклеарното уништување и загадувањето, се закануваат ‚да ја уништат Земјата‘ (Откровение 11:18, NW). Порастот на криминалот, инфлацијата, нуклеарното оружје, гладот, болестите и другите зла, го потхрануваат стравот што го имаат луѓето во поглед на нивната сигурност и самите нивни животи.
Во што е разликата?
28. Зошто обележјата на знакот што се исполнува сега го идентификуваат нашево време како „завршетокот на системот на ствари“?
28 Сепак, некои велат дека многу од овие работи се случувале и во минатите векови. Тогаш, во што е разликата додека тие се случуваат сега? Прво, секој настан што го сочинува знакот го гледаме од 1914 година. Второ, последиците од знакот се чувствуваат низ целиот свет, „од едно место во друго“ (Матеј 24:3, 7, 9, NW). Трето, условите стануваат сѐ полоши во текот на овој период: „Сето тоа е почеток на болките“; „лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото“ (Матеј 24:8; 2. Тимотеј 3:13). И четврто, сите овие работи се придружени со промена во ставовите и постапките на луѓето, како што предупредил Исус: „Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12).
29. Како описот на Библијата за „завршниот период на овој свет“ се совпаѓа со моралната состојба на луѓето денес?
29 Да, еден од силните докази дека сега живееме во претскажаното пресудно време на крајот се гледа во падот на моралот кај луѓето. Направи споредба меѓу она што може да се види во светот и овие пророчки зборови во врска со нашево време: „Морате да се соочите со фактот: завршниот период на овој свет ќе биде време на неволји. Луѓето нема да сакаат ништо друго освен парите и себеси; ќе бидат арогантни, фалбаџии и навредливи; без почит кон родителите, без благодарност, без побожност, без природна наклоност; ќе бидат неумоливи во своите омрази, озборувачи, неумерени и бесни, оттуѓени од секаква доброта, предавници, авантуристи, надуени од самоважност. Тие ќе бидат луѓе кои го ставаат задоволството на местото на Бог, луѓе кои го задржуваат надворешниот облик на религија, но самите трајно се одрекле од нејзината реалност“ (2. Тимотеј 3:1—5, The New English Bible).
1914 — пресвртница во историјата
30, 31. а) Како гледале на светските услови оние кои живееле пред 1914, и што мислеле дека им носи иднината? б) Освен знакот, што друго дава Библијата за да покаже дека се наоѓаме во „последните денови“?
30 Од човечка гледна точка, светските неволји и глобални војни претскажани во Библијата биле далеку од размислувањата на светот пред 1914 година. Германскиот државник Конрад Аденауер рекол: „Во умот ми доаѓаат мисли и слики . . . мисли од годините пред 1914 кога имаше вистински мир, спокојство и сигурност на оваа Земја — време кога не знаевме за страв . . . Од 1914 година, сигурноста и спокојството исчезнаа од животот на луѓето“.25 Луѓето кои живееја пред 1914 година мислеа дека иднината ‚ќе станува сѐ подобра и подобра‘, известил британскиот државник Харолд Макмилан.26 Книгата 1913: America Between Two Worlds забележува: „Државниот секретар Брајан рекол [во 1913] дека ‚условите кои ветуваат светски мир, никогаш не биле поповолни отколку сега‘“.27
31 Затоа, сѐ до самиот праг на I светска војна, светските водачи прогнозираа една ера на општествен напредок и просветлување. Но, Библијата го претскажала спротивното — дека беспримерната војна од 1914 до 1918 ќе го истакне почетокот на „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Библијата исто така дала хронолошки докази дека 1914 ќе го одбележи раѓањето на Божјето небесно Царство, што ќе биде проследено со беспримерна светска неволја.28 Но, дали некој што живеел тогаш бил свесен дека 1914 ќе биде една таква пресвртница во историјата?
32. а) Уште со децении пред 1914 година, што велеле за тој датум оние кои биле запознати со библиската хронологија? б) Според придружната табела, што рекле другите за 1914?
32 Со децении пред тој датум постоела една организација од луѓе кои го објавувале значењето на 1914 година. Њујоршкиот World од 30 август 1914 објаснува: „Ужасното избивање на војна во Европа исполнило едно извонредно пророштво. Во изминатиот четврт век, преку проповедници и преку печатот, ‚Меѓународните библиски студенти‘ [Јеховините сведоци] . . . му објавувале на светот дека Денот на гневот проречен во Библијата ќе осамне во 1914 година. ‚Внимавајте на 1914!‘ гласеше извикот на тие . . . евангелисти“.29
Народ кој исполнува едно пророштво
33. Кој дополнителен дел од знакот го исполнуваат Јеховините сведоци?
33 Библијата исто така претскажала дека „во последните дни“ луѓе од сите нации ќе одат, сликовито говорејќи, „на гората Господова“ каде што тој „ќе [ги] научи на Своите патишта“. Пророштвото вели дека, како резултат на таквата поука, тие „ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови . . . и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:2—4). Добро познатото досие на Јеховините сведоци во поглед на војната е јасно исполнување на ова пророштво.
34. Каков доказ постои дека Јеховините сведоци ‚ги прековале своите мечеви во плугови‘?
34 Мартин Нимелер, протестантски водач во Германија пред и после II светска војна, се осврнал на Јеховините сведоци како на „сериозни изучувачи на Библијата, кои на стотици и на илјадници оделе во концентрационите логори и умирале поради тоа што одбивале да служат во војните и одбивале да пукаат на човечки суштества“. Како спротивност на тоа, тој напишал: „Низ вековите, христијанските цркви секогаш се согласувале да ги благословуваат војните, трупите и оружјето и . . . се молеле на еден многу нехристијански начин за уништувањето на нивниот непријател“.30 Тогаш, кој одговара на знакот на препознавање што го дал Исус во врска со вистинските христијани? Тој рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Како што јасно покажува Јован 3:10—12, Божјите слуги не се убиваат еден со друг. Тоа го прават децата на Сатана.
35. а) Што ги обединува Јеховините сведоци? б) Дали нивната приврзаност кон Божјето Царство е библиски оправдана?
35 Заедничката приврзаност кон Божјето Царство и верното придржување за библиските начела е она што ги обединува Јеховините сведоци во едно светско братство. Тие потполно го прифаќаат она што го поучува Библијата: дека Царството е една реална влада со закони и со власт и дека наскоро ќе управува со целата Земја. Тоа веќе има сѐ повеќе и повеќе милиони поданици на Земјата кои го формираат темелот на општеството што доаѓа. Во врска со Царството, пророкот Даниил бил инспириран да напише: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш . . . тоа ќе ги победи и разруши сите царства [кои постојат сега], а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44). Исус му дал предност на Царството кога поучувал: „Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата . . . да дојде царството Твое“ (Матеј 6:9, 10).
36. а) Што сака Бог да биде јавно објавувано? б) Кој го прави тоа?
36 Многуте настани кои го исполнуваат библиското пророштво почнувајќи од 1914 година покажуваат дека многу скоро Божјето небесно Царство ‚ќе ги победи и разруши сите други царства‘. А Бог сака овој факт да биде јавно објавен, како што покажува следниов важен дел од знакот: „Оваа добра вест за Царството ќе биде проповедана по целата населена Земја за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14, NW). Милиони Јеховини сведоци, едно светско братство, сега го исполнуваат ова пророштво.
37. Зошто крајот на овој систем на ствари во Армагедон ќе биде добра вест?
37 Кога Божјето Царство ќе биде проповедано до онаа мерка колку што сака Бог, тогаш светот ќе види, како што рекол Исус, една „голема неволја каква што не се случила од почетокот на светот до сега, не, ниту ќе се случи повторно“. Таа ќе кулминира во битката Армагедон и ќе му стави крај на Сатановото злобно влијание. Ќе ја исчисти целата Земја од злобните нации и луѓе и ќе го отвори патот за претстојниот Рај каде што „ќе живее праведноста“ (Матеј 24:21, NW; 2. Петрово 3:13, NW; Откровение 16:14—16; 12:7—12; 2. Коринтјаните 4:4).
38. а) Што е докажано со библискиот запис за исполнетите пророштва? б) Што заслужуваат пророштвата кои се однесуваат на иднината?
38 Со толку многу исполнети пророштва кои веќе се во прилог на Библијата, таа навистина се докажала како книга која е ‚инспирирана од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16, NW). Тогаш, прифати ја „не како слово човечко, туку — како што и е — слово Божјо“ (1. Солунјаните 2:13). Исто така, бидејќи нејзиниот Автор, Јехова Бог, ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот‘, можеш да имаш потполна доверба во пророштвата чии исполнувања ќе бидат во иднина (Исаија 46:10). А она што ќе дојде навистина е прекрасно. Ќе бидеш фасциниран додека читаш за тоа во следното поглавје.
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 216]
Исполнетите пророштва влеваат доверба
[Истакната мисла на страница 222]
Исус го претскажал уништувањето на Ерусалим
[Истакната мисла на страница 226]
Секој настан што го сочинува знакот е видлив во нашево време
[Истакната мисла на страница 227]
„Пред 1914 година . . . имаше вистински мир, спокојство и сигурност на оваа Земја“
[Истакната мисла на страница 229]
„Нема повеќе да се учат на војна“
[Истакната мисла на страница 231]
Библијата ја докажала својата веродостојност како книга инспирирана од Создателот
[Рамка на страница 228]
1914 — ПРЕСВРТНИЦА ВО ИСТОРИЈАТА
Дури и после Втората светска војна многумина се осврнуваат на 1914 година како на голема пресвртница во современата историја:
„Всушност, 1914 година, а не годината на Хирошима, ја одбележува пресвртницата на нашево време“ (Рене Албрехт-Карие, The Scientific Monthly, јули 1951).
„Од 1914 година, секој што е свесен за трендовите во светот е длабоко вознемирен од она што изгледа како судбински и предодреден марш кон уште поголема катастрофа. Многу сериозни луѓе почнаа да мислат дека ништо не може да се стори за да се спречи наглиот пад кон пропаст. Тие го гледаат човечкиот род како херој од некоја грчка трагедија, како е гонет од разлутените богови и повеќе не е господар на својата судбина“ (Бертранд Расел, The New York Times Magazine, 27 септември 1953).
„Современата ера . . . започна во 1914 година и никој не знае кога или како ќе заврши . . . Би можела да заврши со масовно уништување“ (The Seattle Times, 1 јануари 1959).
„Во 1914 година, светот, каков што беше познат и прифатен тогаш, дојде до својот крај“ (Џејмс Камерон, 1914, издадена во 1959).
„Целиот свет вистински експлодира во времето на I светска војна и сѐ уште не знаеме зошто . . . Утопијата беше на видик. Имаше мир и просперитет. Тогаш сѐ избувна. Оттогаш се наоѓаме во состојба на вџашено исчекување“ (д-р Вокер Перси, American Medical News, 21 ноември 1977).
„Во 1914 година светот изгуби една складност која оттогаш не успеа повторно да ја стекне . . . Тоа беше време на невообичаен неред и насилство, како надвор од националните граници така и во самите нив“ (The Economist, Лондон, 4 август 1979).
„Во 1914 година, во цивилизацијата навлезе една сурова и можеби смртоносна болест“ (Франк Питерс, St. Louis Post-Dispatch, 27 јануари 1980).
„Ќе биде сѐ подобро и подобро. Тоа беше светот во кој се родив . . . Одеднаш неочекувано, едно утро во 1914 година, на сѐ му дојде крајот“ (британскиот државник Харолд Макмилан, The New York Times, 23 ноември 1980).
[Слика на страница 217]
Градењето премин за да се стигне до островскиот град Тир исполнило пророштва од Библијата
[Слика на страница 218]
Со исушувањето на реката Еуфрат биле исполнети пророштва од Библијата
[Слика на страница 219]
Овој глинен цилиндар на Кир (прикажан вертикално) зборува за обичајот на Кир да ги враќа заробениците
[Слика на страница 220]
Златен медалјон кој го прикажува Александар Велики, чии потфати биле претскажани во пророштвата
[Слики на страница 221]
Исус не можел да намести да се исполнат многу од пророштвата за него
[Слика на страница 223]
Овој ѕиден релјеф на триумфалната порта на Тит, кој прикажува како се изнесуваат скапоценостите после уништувањето на Ерусалим, претставува нем потсетник
[Слика на страница 230]
Кога ќе заврши овој систем, преживеаните ќе влезат во еден нов систем на праведност