Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали можел животот да настане случајно?

Дали можел животот да настане случајно?

Поглавје 4

Дали можел животот да настане случајно?

1. а) Што признал Чарлс Дарвин во врска со потеклото на животот? б) Која идеја на денешната теорија на еволуција повторно заживеала?

 КОГА Чарлс Дарвин ја предложил својата теорија на еволуција, тој признал дека можеби животот „првобитно бил вдахнат од Творецот во неколку облици или во еден“.1 Но, денешната еволуциона теорија воглавно елиминира секакво спомнување на Творец. Наместо тоа, теоријата за спонтано настанување на животот, некогаш отфрлена, повторно заживеала во некако изменет облик.

2. а) Кое претходно верување што вклучува спонтано настанување било докажано како лажно? б) Иако признаваат дека животот сега не настанува случајно, што претпоставуваат еволуционистите?

2 Верувањето во некаков облик на спонтано настанување може да води потекло со векови наназад. Во 17 век н. е., теоријата ја прифатиле дури и почитувани луѓе од науката, вклучувајќи ги и Френсис Бекон и Вилијам Харви. Меѓутоа, до 19 век, Луј Пастер и други научници навидум ѝ нанеле смртоносен удар, докажувајќи со експерименти дека животот доаѓа само од претходен живот. Сепак, поради неопходност, еволуционата теорија претпоставува дека многу одамна микроскопскиот живот мора некако да настанал спонтано од нежива материја.

Нов облик на спонтано настанување

3, 4. а) Кој краток преглед бил даден за чекорите што воделе до потеклото на животот? б) И покрај неверојатноста дека животот настанал случајно, од што не отстапуваат еволуционистите?

3 Текуштото еволуционо мислење за појдовната точка на животот го резимирал Ричард Доукинс во својата книга The Selfish Gene. Тој шпекулира дека, на почетокот, Земјата имала атмосфера составена од јаглероден диоксид, метан, амонијак и вода. Преку енергијата која ја давала сончевата светлина и можеби преку молњите и вулканите кои експлодирале, овие едноставни соединенија биле разбиени и потоа повторно формирани во аминокиселини. Различни видови од нив постепено се акумулирале во морето и се комбинирале во соединенија слични на протеини. На крај, вели тој, океанот станал „органска супа“, но сѐ уште безживотна.

4 Потоа, според описот на Доукинс, „случајно бил формиран еден особено значаен молекул“ — молекул што ја имал способноста самиот да се размножува. Иако признал дека една таква случајност би била крајно неверојатна, тој не отстапува од тоа дека сепак морало да се случи. Слични молекули се сјатиле и потоа, повторно преку една крајно неверојатна случајност, тие околу себе сплеле една заштитна бариера од други протеински молекули во вид на мембрана. Се тврди дека на тој начин сама настанала првата жива клетка.2

5. Како обично се третира потеклото на животот во објавениот материјал, но сепак што вели еден научник?

5 Во овој момент, еден читател може да почне да го разбира Доукинсовиот коментар во предговорот на неговата книга: „Оваа книга треба да се чита речиси како да е научна фантастика“.3 Но, читателите на таа тема ќе увидат дека неговиот пристап не е единствен. Повеќето други книги за еволуција исто така прелетуваат преку зашеметувачкиот проблем околу објаснувањето на појавата на животот од нежива материја. Така, професорот Вилијам Торп, од Одделот за зоологија при универзитетот во Кембриџ, на сонаучниците им рекол: „Се покажа дека сите лесни шпекулации и дискусии објавени во текот на последниве десет до петнаесет години, кои го објаснуваат начинот на потеклото на животот, премногу се наивни и немаат голема важност. Изгледа дека проблемот, всушност, е толку далеку од решението колку што и отсекогаш бил“.4

6. Што покажува сѐ поголемото спознание?

6 Неодамнешниот експлозивен пораст на спознанието служел само за да ја зголеми провалијата меѓу неживите и живите суштества. Се увидело дека дури и најстарите познати едноклеточни организми се несфатливо сложени. „Проблемот за биологијата е да дојде до еден едноставен почеток“, велат астрономите Фред Хојл и Чандра Викрамазинг. „Фосилните остатоци од древните животни облици, пронајдени во карпите, не откриваат едноставен почеток . . . па така, на еволуционата теорија ѝ недостига исправен темел.“5 А како што информациите се зголемуваат, така станува сѐ потешко да се објасни како можеле случајно да се појават микроскопските облици на живот кои се неверојатно сложени.

7. Според тврдењата, кои се главните чекори на патот до потеклото на животот?

7 Главните чекори на патот кон потеклото на животот, како што замислувала еволуционата теорија, се: 1) Постоење на погодна првобитна атмосфера и 2) концентрација на органска супа од „едноставни“ молекули кои се неопходни за живот во океаните. 3) Од нив произлегуваат протеините и нуклеотидите (сложени хемиски соединенија) кои 4) се спојуваат и се здобиваат со мембрана и потоа 5) развиваат генетски код и почнуваат да прават копии од себеси. Дали овие чекори се во склад со расположливите факти?

Првобитната атмосфера

8. Како еден прочуен експеримент на Стенли Милер, а и подоцнежните, не ги исполниле очекувањата?

8 Во 1953, Стенли Милер пуштил една електрична искра низ „атмосфера“ од водород, метан, амонијак и водена пареа. Тоа произвело некои од многуте аминокиселини кои постојат и кои се градежни блокови на протеините. Меѓутоа, добил само 4 од 20-те аминокиселини кои се потребни за да постои животот. После повеќе од 30 години, научниците сѐ уште не можеле експериментално да ги произведат сите 20 неопходни аминокиселини под околности кои би можеле да се сметаат за веројатни.

9, 10. а) Што се верува во поглед на можниот состав на Земјината првобитна атмосфера? б) Со која дилема се соочува еволуцијата, и што е познато во врска со Земјината првобитна атмосфера?

9 Милер претпоставувал дека Земјината првобитна атмосфера била слична на онаа од неговата експериментална реторта. Зошто? Бидејќи, како што тој и еден негов соработник подоцна рекле, „синтезата на соединенијата кои се од биолошки интерес се случуваат само под редуцирачки [без слободен кислород во атмосферата] околности“.6 Сепак, други еволуционисти теоретизираат дека бил присутен кислородот. Дилемата која ја создава тоа за еволуцијата ја изразил Хичинг: „Со кислород во воздухот, првата аминокиселина никогаш немало ни да започне; без кислород, таа би била збришана од космичките зраци“.7

10 Факт е дека кој и да било обид да се востанови природата на Земјината првобитна атмосфера може да се темели само на претпоставка или нагаѓање. Никој со сигурност не знае каква била таа.

Дали би се формирала „органска супа“?

11. а) Зошто е неверојатно во океанот да се акумулирала „органска супа“? б) Како можел Милер да ги спаси неколкуте аминокиселини кои ги добил?

11 Колку е веројатно аминокиселините, за кои се мисли дека се формирале во атмосферата, да се спуштиле долу и да формирале „органска супа“ во океаните? Воопшто не е веројатно. Истата енергија која би ги раздвоила едноставните соединенија во атмосферата, дури и побрзо би разложила кои било сложени аминокиселини кои се формирале. Интересно е тоа што во својот експеримент на пуштање електрична искра низ „атмосферата“, Милер спасил четири аминокиселини кои ги добил само затоа што ги отстранил од подрачјето на искрата. Да ги имал оставено таму, искрата би ги разложила.

12. Што би се случило со аминокиселините дури и ако некои дошле до океаните?

12 Меѓутоа, доколку се претпостави дека аминокиселините некако стигнале до океаните и биле заштитени од деструктивното ултравиолетово зрачење во атмосферата, што потоа? Хичинг објаснил: „Под површината на водата не би имало доволно енергија за да се активираат понатамошни хемиски реакции; водата во секој случај го спречува растот на посложените молекули“.8

13. Што мораат да прават аминокиселините во водата за да формираат протеини, но со која друга опасност се соочуваат тогаш?

13 Така, штом аминокиселините се во водата, тие мораат да излезат од неа за да формираат поголеми молекули и да еволуираат кон тоа да станат протеини корисни за формирање на живот. Но, штом ќе излезат од водата, тие повторно се на деструктивната ултравиолетова светлина! „Со други зборови“, вели Хичинг, „теоретските шанси да се помине дури и низ овој прв и релативно лесен стадиум [добивање аминокиселини] во еволуцијата на животот, се мрачни.“9

14. Значи, кој е еден од најнепопустливите проблеми со кој се соочуваат еволуционистите?

14 Иако вообичаено се тврди дека животот спонтано се појавил во океаните, водите едноставно не се погодни за неопходните хемиски процеси. Хемичарот Ричард Дикерсон објаснува: „Затоа, тешко е да се сфати како полимеризацијата [поврзувањето на помалите молекули за да формираат поголеми] можела да се одвива во водената средина на првобитниот океан, бидејќи присуството на водата ја помага деполимеризацијата [разложувањето на големите молекули во поедноставни] наместо полимеризацијата“.10 Биохемичарот Џорџ Валд се сложува со ова гледиште наведувајќи: „Спонтаното распаѓање е многу поверојатно и според тоа уследува многу побрзо отколку спонтаната синтеза“. Тоа значи дека не би имало акумулација на органска супа! Валд верува дека тоа е „најнепопустливиот проблем со кој се конфронтираме ние [еволуционистите]“.11

15, 16. Кој главен проблем постои во добивањето животни протеини од аминокиселините во наводната органска супа?

15 Меѓутоа, постои друг непопустлив проблем со кој се конфронтира еволуционата теорија. Запомни, постојат над 100 аминокиселини, но за животните протеини потребни се само 20. Уште повеќе, тие доаѓаат во два облика: Некои од молекулите се „деснораки“ а други се „левораки“. Да биле формирани случајно, како во теоретската органска супа, најверојатно една половина би биле деснораки а друга половина левораки. А не постои позната причина зошто во живите суштества би бил претпочитан кој и да е облик. Сепак, од 20-те аминокиселини употребени во произведувањето на животните протеини, сите се левораки!

16 Како можело случајно само конкретно бараните видови да се обединат во супата? Физичарот Џ. Д. Бернал признава: „Мора да се признае дека објаснувањето . . . сѐ уште останува еден од најтешките делови од структуралните аспекти на животот кои треба да се објаснат“. Тој заклучил: „Можеби никогаш не ќе можеме да го објасниме тоа“.12

Веројатноста и спонтаните протеини

17. Која илустрација го покажува обемот на проблемот?

17 Каква е шансата да се соединат исправните аминокиселини за да формираат протеински молекул? Тоа би можело да се спореди со еден голем, темелно измешан куп кој содржи еднаков број црвени гравчиња и бели гравчиња. Исто така, постојат над 100 различни сорти гравчиња. Сега, доколку нурнеш една лопатка во тој куп, по твое мислење, што би добил? За да ги добиеш гравчињата кои ги претставуваат основните компоненти на еден протеин, би морал да ги нацрпиш само црвените — ниту едно бело! Исто така, твојата лопатка мора да содржи само 20 сорти црвени гравчиња, и секое мора да биде на специфично, претходно доделено место во лопатката. Во светот на протеините, една единствена грешка во некое од овие барања би предизвикала протеинот кој е произведен да не може да функционира исправно. Дали која и да било мерка мешање и црпење во нашиот хипотетичен куп со гравчиња би ја дало исправната комбинација? Не. Тогаш, како било можно тоа во хипотетичната органска супа?

18. Колку се реалистични можностите случајно да се формира дури и еден едноставен протеински молекул?

18 Протеините кои се потребни за живот имаат многу сложени молекули. Каква е шансата во органската супа случајно да се формира дури и еден едноставен протеински молекул? Еволуционистите признаваат дека таа е само еден спрема 10113 (1 проследен со 113 нули). Но, некој настан кој има една шанса во само 1050, математичарите го отфрлаат како никогаш да не се случува. Една претстава за можностите или веројатностите кои се вклучени се гледа во фактот што бројот 10113 е поголем од проценетиот вкупен број на сите атоми во универзумот!

19. Каква шанса постои да се добијат потребните ензими за една жива клетка?

19 Некои протеини служат како составни материјали а други како ензими. Вториве ги забрзуваат потребните хемиски реакции во клетката. Без таквата помош, клетката би умрела. Не само неколку, туку 2.000 протеини кои служат како ензими потребни се за активноста на клетката. Какви се шансите сите тие да се добијат случајно? Една шанса спрема 1040.000! „Една фантастично мала веројатност“, тврди Хојл, „на која не би можело да се наиде дури и ако целиот универзум би се состоел од органска супа.“ Тој додава: „Ако некој нема предрасуди, било поради социјални верувања било поради научното воспитување, во убедувањето дека животот на Земјата настанал [спонтано], ова едноставно пресметување сосема ја отфрла идејата од предвид“.13

20. Зошто мембраната која ѝ е потребна на клетката го зголемува проблемот?

20 Меѓутоа, шансите всушност се далеку помали отколку што покажува овој ‚фантастично мал‘ број. Мора да постои мембрана која ја опкружува клетката. Но, оваа мембрана е крајно сложена, составена од молекули на протеини, шеќери и масти. Како што пишува еволуционистот Лесли Оргел, „мембраните на современата клетка вклучуваат канали и пумпи кои специфично го контролираат приливот и истекот на хранливи материи, отпадни продукти, метални јони итн. Овие специјализирани канали вклучуваат високоспецифични протеини — молекули кои не можеле да бидат присутни на самиот почеток на еволуцијата на животот“.14

Извонредниот генетски код

21. Колку би било тешко да се добијат хистоните кои ѝ се потребни на ДНК?

21 Уште потешко од овие е да се добијат нуклеотидите, структурални единици на ДНК, кој е носител на генетскиот код. Во ДНК се вклучени пет хистони (се смета дека хистоните се вклучени во управувањето со активноста на гените). Се вели дека шансите за формирање дури и на наједноставните од овие хистони се еден спрема 20100 — уште еден огромен број кој е „поголем од вкупниот број на сите атоми во сите ѕвезди и галаксии видливи со најголемите астрономски телескопи“.15

22. а) Како старата загатка околу ‚кокошката или јајцето‘ се однесува на протеините и ДНК? б) Кое решение го нуди еден еволуционист, и дали тоа е разумно?

22 Сепак, поголемите тешкотии за теоријата на еволуција го вклучуваат потеклото на комплетниот генетски код — услов за размножување на клетката. Што се однесува до протеините и ДНК, се појавува старата загатка за ‚кокошката или јајцето‘. Хичинг вели: „Формирањето на протеините зависи од ДНК. Но, ДНК не може да се формира без претходно постоечки протеин“.16. Тоа води до парадоксот кој го покренува Дикерсон: „Што дошло прво“ — протеинот или ДНК? Тој тврди: „Одговорот мора да биде: ‚Тие се развиле паралелно‘“.17Всушност, тој вели дека ‚кокошката‘ и ‚јајцето‘ мора да еволуирале симултано, ниту едно не произлегло од другото. Дали ова ти звучи разумно? Еден научен писател го сумира тоа вака: „Потеклото на генетскиот код наметнува еден огромен проблем од типот кокошка и јајце, кој во моментов останува потполно измешан“.18

23. Што велат другите научници за генетскиот механизам?

23 Хемичарот Дикерсон го дава и овој интересен коментар: „Еволуцијата на генетскиот механизам е чекор за кој не постојат лабораториски модели; според тоа, некој може бескрајно да шпекулира, ослободен од непријатните факти“.19 Но, дали толку лесното игнорирање на лавината од „непријатни факти“ може да се смета за добра научна процедура? Постоењето на генетскиот код Лесли Оргел го нарекува „најзбунувачкиот аспект од проблемот во врска со потеклото на животот“.20 А Френсис Крик заклучил: „И покрај тоа што генетскиот код е речиси универзален, механизмот кој е потребен за да го отелотвори е премногу сложен за да се појави во еден замав“.21

24. Што може да се каже за природната селекција и за првата клетка која се размножила?

24 Еволуционата теорија се обидува да ја елиминира потребата невозможното да биде постигнато „во еден замав“ со тоа што поддржува еден процес кој се одвива чекор по чекор преку кој природната селекција можела да ја врши својата работа постепено. Меѓутоа, ако генетскиот код не започне со размножување, нема да постои материјал од кој природната селекција ќе избира.

Чудесната фотосинтеза

25. За настанувањето на кој процес еволуцијата ѝ ја припишува чудесната способност на една едноставна клетка?

25 Сега се појавува една понатамошна пречка за еволуционата теорија. Некаде во одреден момент, првобитната клетка морала да измисли нешто што било револуционерно за животот на Земјата — фотосинтезата. Овој процес, преку кој растенијата земаат јаглероден диоксид а испуштаат кислород, научниците сѐ уште не го разбираат во потполност. Тој е, како што наведува биологот Ф. В. Вент, „процес кој сѐ уште никој не можел да го репродуцира во епрувета“.22 Сепак, се мисли дека случајно потекнала од една ситна едноставна клетка.

26. Која револуционерна промена ја предизвикал тој процес?

26 Овој процес на фотосинтеза ја претворил атмосферата, која не содржела слободен кислород, во атмосфера во која секој петти молекул е кислород. Како резултат на тоа, животните можеле да вдишуваат кислород и да живеат. Исто така, можел да се формира еден озонски слој за да го заштитува целокупниот живот од штетните ефекти на ултравиолетовото зрачење. Дали можело овој извонреден сплет на околности едноставно да се припише на слепа случајност?

Дали е вклучена интелигенција?

27. Каде ги оставил доказот некои еволуционисти?

27 Кога се соочуваат со астрономските пречки кои се против тоа дека една жива клетка се формирала случајно, некои еволуционисти се чувствуваат присилени да се повлечат. На пример, авторите на Evolution From Space (Хојл и Викрамазинг) се откажуваат, велејќи: „Овие прашања се премногу сложени за да се изразат во броеви“. Тие додаваат: „Не постои начин . . . преку кој можеме едноставно да се извлечеме со поголема и подобра органска супа, како што и ние самите се надевавме пред една или две години дека тоа би било возможно. Броевите кои погоре ги пресметавме, во суштина, не можат да се најдат како кај земната така ни кај вселенската супа“.23

28. а) Што веројатно лежи зад одбивањето да се признае потребата од интелигенција? б) Според еволуционистите кои веруваат во потребата од повисока интелигенција, кој не е извор на таа интелигенција?

28 Оттука, откако признале дека за настанувањето на животот морала некако да биде вклучена интелигенција, авторите продолжуваат: „Навистина, една таква теорија е толку јасна што човек се прашува зошто не е нашироко прифатена како докажана сама по себе. Причините се психолошки наместо научни“.24 Така, некој набљудувач би можел да заклучи дека „психолошката“ бариера е единствено убедливо објаснување во врска со тоа зошто повеќето еволуционисти цврсто се држат за случајното потекло на животот и отфрлаат секаков „дизајн, или намера или, пак, директност“,25 како што се изразил Доукинс. Навистина, дури и Хојл и Викрамазинг, откако ја признале потребата од интелигенција, велат дека не веруваат дека за потеклото на животот е одговорен Творец кој е личност.26 Во нивното размислување, интелигенција е задолжителна, но Творец е неприфатлив. Дали сметаш дека тоа е контрадикторно?

Дали е научна?

29. Што е научната метода?

29 Доколку спонтаното започнување на животот треба да се прифати како научен факт, тоа треба да биде востановено преку научната метода. Таа е опишана на следниов начин: Набљудувај што се случува; на темел на тие набљудувања формирај теорија за тоа што може да биде точно; испитај ја теоријата преку понатамошни набљудувања и експерименти; и посматрај за да увидиш дали предвидувањата темелени на теоријата се исполнуваат.

30. На кои начини спонтаното настанување не ги исполнува очекувањата во врска со примената на научната метода?

30 Во обидот да се примени научната метода, не било можно да се забележи спонтано настанување на живот. Не постои доказ дека тоа се случува сега, а се разбира, ниту еден човечки набљудувач не бил таму кога, како што велат еволуционистите, се случувало тоа. Ниту една теорија во врска со тоа не е верификувана со набљудување. Лабораториските експерименти не успеале да го повторат тоа. Предвидувањата темелени на теоријата не се исполниле. Со таква неспособност да се примени научната метода, дали е чесно науката да издигне една таква теорија на ниво на факт?

31. Кои контрадикторни гледишта во врска со спонтаното настанување ги има еден научник?

31 Од друга страна, пак, постои обилен доказ кој го поддржува заклучокот дека спонтаното настанување на животот од нежива материја не е возможен. „Човек само треба да размисли за големината на оваа задача“, признава професор Валд од харвардскиот универзитет, „за да признае дека спонтаното настанување на еден жив организам е невозможно.“ Но, што всушност верува овој поборник на еволуцијата? Тој одговара: „Сепак, верувам дека ние сме тука — како резултат на спонтано настанување“.27 Дали тоа звучи како некоја објективна наука?

32. Како дури и некои еволуционисти признаваат дека таквото резонирање е ненаучно?

32 Британскиот биолог Џозеф Хенри Вуџер го окарактеризирал таквото резонирање како „едноставен догматизам — тврдење дека всушност се случило она во кое ти сакаш да веруваш“.28 Како дошло до тоа научниците во своите сопствени умови да го прифатат ова очигледно кршење на научната метода? Добро познатиот еволуционист Лорен Ајзли признал: „Откако го прекорила теологот за тоа што се потпирал на мит и чудо, науката се нашла себеси во незавидна позиција да создава своја митологија, имено, претпоставката дека она кое после долготраен напор не можело да се докаже дека се случува денес, навистина се случило во древното минато“.29

33. На темел на сиот претходен доказ, до кој заклучок мора да се дојде во врска со спонтаното настанување и примената на научната метода?

33 На темел на доказот, се чини дека теоријата за спонтаното настанување на животот повеќе одговара на подрачјето на научна фантастика отколку на научен факт. Многу приврзаници очигледно се откажале од научната метода во таквите работи за да веруваат во она во што сакаат да веруваат. И покрај тоа што е страшно неверојатно животот да потекнал случајно, сепак преовладува непопустливиот догматизам наместо претпазливоста на која обично сигнализира научната метода.

Не ја прифаќаат сите научници

34. а) Како еден физичар покажува научна отвореност? б) Како тој ја опишува еволуцијата, и кој коментар го дава во врска со многу научници?

34 Меѓутоа, сите научници на ја затвориле вратата на алтернативата. На пример, физичарот Х. С. Липсон, увидувајќи ја неверојатноста на спонтаното потекло на животот, рекол: „Единствено прифатливо објаснување е создавањето. Знам дека тоа е анатема за физичарите, како што всушност е и за мене, но не смееме да отфрлиме некоја теорија која не ни се допаѓа, доколку експерименталниот доказ ја поддржува“. Понатаму, тој забележал дека после Дарвиновата книга Потекло на видовите „еволуцијата станала, во некоја смисла, научна религија; речиси сите научници ја прифатиле и многумина се спремни да ги ‚свиткаат‘ своите забележувања за да ги усогласат со неа“.30 Жалосен, но вистинит коментар.

35. а) За која идеја еден универзитетски професор увидел дека е болно да се отфрли? б) Како тој ја илустрира можноста животот да еволуирал случајно?

35 Чандра Викрамазинг, професор на универзитетскиот колеџ во Кардиф, рекол: „Од моето најрано обучување како научник, енергично ми беше перен мозокот да верувам дека науката не може да биде во склад со кој и да било вид намерно создавање. Таа идеја мораше да биде многу болно отфрлена. Мене ми е прилично непријатно во оваа ситуација — состојбата на умот во која се наоѓам. Но, не постои логичен излез од неа . . . Веројатноста животот да бил хемиска случајност на Земјата изгледа како да бараш некое посебно зрно песок на сите плажи на сите планети во универзумот — и да го најдеш“. Со други зборови, едноставно не е можно животот да настанал преку некоја хемиска случајност. Затоа, Викрамазинг заклучува: „Не постои друг начин на кој можеме да го разбереме прецизното подредување на животните хемиски материи освен да се повикаме на создавање на космичко ниво“.31

36. Кој коментар го дава Роберт Џастро?

36 Како што рекол астрономот Роберт Џастро, „научниците немаат доказ дека животот не бил резултат на чин на создавање“.32

37. Кое прашање се покренува во врска со еволуцијата, и каде може да се најде одговорот?

37 Сепак, дури и под претпоставка дека првата жива клетка се појавила некако спонтано, дали постои доказ дека таа еволуирала во сите живи суштества кои некогаш живееле на Земјата? Фосилите го даваат одговорот. Следното поглавје разгледува што навистина вели фосилниот запис.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 44]

„Формирањето на протеините зависи од ДНК. Но, ДНК не може да се формира без претходно постоечки протеин“

[Истакната мисла на страница 45]

„Потеклото на генетскиот код наметнува еден огромен проблем од типот кокошка и јајце, кој во моментов останува потполно измешан“

[Истакната мисла на страница 46]

Генетскиот код: „Најзбунувачкиот аспект од проблемот во врска со потеклото на животот“

[Истакната мисла на страница 47]

Луѓето и животните вдишуваат кислород, а испуштаат јаглероден диоксид. Растенијата земаат јаглероден диоксид, а испуштаат кислород

[Истакната мисла на страница 50]

Некои научници всушност велат: ‚Интелигенција е задолжителна, но Творец е неприфатлив‘

[Истакната мисла на страница 53]

Еден научник признал: „Единствено прифатливо објаснување е создавањето

[Истакната мисла на страница 53]

Џастро: „Научниците немаат доказ дека животот не бил резултат на чин на создавање“

[Рамка/слика на страници 48 и 49]

Неверојатната клетка

Една жива клетка е страшно сложена. Биологот Френсис Крик настојува да го опише нејзиниот механизам на едноставен начин, но конечно увидува дека може да го стори тоа само во извесна мера „бидејќи таа е толку комплицирана што читателот не би требало да се обидува да се мачи со сите детали“.а

Упатствата кои се наоѓаат во ДНК на клетката, „доколку се испишат, би исполниле илјада книги од по 600 страници“, објаснува National Geographic. „Секоја клетка е еден свет преплавен со околу двесте билиони ситни групи атоми наречени молекули . . . Должината на нашите 46 хромозомски ‚конци‘ поврзани заедно би изнесувала повеќе од 1,8 метри. Сепак, јадрото кое ги содржи во пречник е помало од стотиот дел на милиметарот.“б

Списанието Newsweek користи една илустрација за да даде претстава за активностите на клетката: „Секоја од тие 100 билиони клетки функционира како еден град опколен со ѕид. Енергијата на клетката ја произведуваат електрични централи. Постојат фабрики кои произведуваат протеини — витални единици за хемиската трговија. Сложени транспортни системи одведуваат специфични хемиски материи од едно до друго место во клетката и надвор од неа. Чуварите на барикадите ги контролираат пазарите за увоз и извоз, и го надгледуваат надворешниот свет заради знаци на опасност. Дисциплинирани биолошки војски стојат спремни за да се борат со напаѓачите. Една централизирана генетска влада го одржува редот“.в

Кога првпат била предложена современата теорија на еволуција, научниците немале скоро никаква претстава за фантастичната сложеност на живата клетка. На десната страница се прикажани неколку делови од една типична клетка — сите собрани во една кутија со ширина од само 0,025 милиметри.

КЛЕТОЧНА МЕМБРАНА

Обвивка која контролира што влегува и што излегува од клетката

РИБОЗОМИ

Структури во кои аминокиселините се синтетизираат во протеини

ЈАДРО

Опкружено со обвивка од двојна мембрана, тоа е контролен центар кој ги управува клеточните активности

ХРОМОЗОМИ

Тие ја содржат клеточната ДНК, нејзиниот главен генетски план

ЈАДРЕНЦЕ

Место каде се синтетизираат рибозомите

ЕНДОПЛАЗМАТИЧЕН РЕТИКУЛУМ

Листови мембрани кои ги складираат или транспортираат протеините кои ги создаваат рибозомите што се прилепени за нив (некои рибозоми слободно пловат во клетката)

МИТОХОНДРИИ

Центри за производство на АТП — молекули кои клетката ја снабдуваат со енергија

ГОЛЏИЕВ СИСТЕМ

Група од плоскати мембранозни ќеси кои ги пакуваат и дистрибуираат протеините кои ги создава клетката

ЦЕНТРИОЛИ

Тие лежат близу до јадрото и се важни во размножувањето на клетката

[Слика]

Дали твоите 100.000.000.000.000 клетки настанале баш случајно?

[Рамка на страница 52]

Еволуционистите во минатото и сега коментираат за потеклото на животот

„Хипотезата дека животот се развил од неорганска материја, во моментов сѐ уште е предмет на вера“ (математичарот Џ. В. Н. Саливан)г

„Веројатноста животот да настанал случајно може да се спореди со веројатноста еден комплетен речник да е резултат на експлозија во печатница“ (биологот Едвин Конклин)д

„Човек само треба да размисли за големината на оваа задача за да признае дека спонтаното настанување на еден жив организам е невозможно“ (биохемичарот Џорџ Валд)ѓ

„Еден чесен човек, наоружан со сето спознание кое сега ни е достапно, би можел само да наведе дека во некоја смисла, во моментов се чини дека потеклото на животот е речиси чудо“ (биологот Френсис Крик)е

„Доколку некој нема предрасуди, било поради социјалните верувања било поради научното воспитување, во убедувањето дека животот на Земјата настанал [спонтано], ова едноставно пресметување [математичките можности против тоа] сосема ја отфрла идејата од предвид“ (астрономите Фред Хојл и Н. К. Викрамазинг)ж

[Графикон/слики на страница 47]

При фотосинтезата, растенијата користат сончева светлина, јаглероден диоксид, вода и минерали за да произведат кислород и хранливи продукти. Дали можела една едноставна клетка да го измисли сето ова?

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Светлина

Јаглероден диоксид

Водена пареа

Кислород

[Слика на страница 40]

Ниту една голема зграда не би можела да стои без темел. „На еволуционата теорија ѝ недостига исправен темел“, велат двајца научници

[Слика на страница 42]

Сите црвени, сите исправни варијанти, секоја на своето претходно доделено место — случајно?!

[Слика на страница 43]

Животот користи само „левораки“ аминокиселини: „Можеби никогаш не ќе можеме да го објасниме тоа“

[Слики на страница 45]

Што дошло прво?