Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Доказ од една уникатна планета

Доказ од една уникатна планета

Поглавје 10

Доказ од една уникатна планета

1, 2. Што велат набљудувачите за нашата планета, Земјата?

 НАШАТА планета навистина е чудо — редок, убав скапоцен камен во вселената. Астронаутите известиле дека, гледано од вселената, Земјините плави небеса и бели облаци „ја направиле далеку најпривлечен објект што можеле да го видат“.1

2 Меѓутоа, таа е многу повеќе отколку само убава. „Најголемата од сите космолошки научни загатки која ги побркува сите наши напори да ја сфатиме, е Земјата“, напишал Луис Томас во Discover. Тој додал: „Дури сега ние почнуваме да сфаќаме колку таа е необична и прекрасна, како го одзема здивот, најубавиот објект кој лебди околу Сонцето, завиткан во сопствениот плав меур од атмосфера, кој произведува и дише свој сопствен кислород, го насочува сопствениот кислород од воздухот во сопствената почва, создава свое сопствено атмосферско време“.2

3. Што вели книгата The Earth за нашата планета, и зошто?

3 Од интерес е и овој факт: Од сите планети во нашиот Сончев систем, научниците нашле живот само на Земјата. И каква само чудесна, изобилна разновидност од живи суштества постои — микроскопски организми, инсекти, растенија, риби, птици, животни и луѓе. Освен тоа, Земјата е огромна ризница на богатство која содржи сѐ што е потребно за да се одржува сиот тој живот. Навистина, како што се изразила книгата The Earth, „Земјата е чудото на универзумот, уникатна сфера“.3

4. Која илустрација може да се употреби за да се покаже колку е уникатна Земјата, и кој заклучок мораме да го извлечеме?

4 За да илустрираме колку е уникатна Земјата, замисли си дека се наоѓаш во една неплодна пустина, лишена од секаков живот. Одеднаш наидуваш на една прекрасна куќа. Куќата има клима уред, греење, водоводна инсталација и струја. Фрижидерот и орманите се полни со храна. Подрумот содржи гориво и други залихи. Сега, претпостави си дека си прашал некого од каде дошло сето тоа во една таква неплодна пустина. Што би помислил ако тоа лице ти одговори: „Тоа сосема случајно се појави“? Дали би поверувал? Или, дали би сметал дека само по себе е разбирливо дека имало дизајнер и градител?

5. Која библиска илустрација е соодветна за нашата планета, Земјата?

5 Сите други планети кои ги испитале научниците се без живот. Но, Земјата врие од живот кој се одржува преку многу сложени системи кои обезбедуваат светлина, воздух, топлина, вода и храна, сѐ во извонредна рамнотежа. Тоа дава доказ дека е специјално изградена за удобно да ги смести живите суштества — како една прекрасна куќа. И логично, како што тврди еден библиски писател: „Секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“. Да, бескрајно поголемиот и позачудувачки „дом“ — нашата планета Земја — бара постоење на извонредно интелигентен дизајнер и градител, Бог (Евреите 3:4).

6. Како некои признале дека планетата Земја дава доказ за интелигентен дизајн?

6 Колку повеќе научниците ја испитуваат планетата Земја и животот на неа толку повеќе увидуваат дека таа навистина е врвно дизајнирана. Scientific American се чуди: „Додека гледаме во универзумот и ги идентификуваме многуте појави од физиката и астрономијата кои дејствуваат заедно во наша корист, речиси изгледа како универзумот, во некоја рака, да морал да знае дека ние доаѓаме“.4 А во Science News се признава: „Изгледа дека таквите посебни и прецизни околности тешко можеле да настанат случајно“.5

Исправно растојание од Сонцето

7. Како Земјата ја добива токму исправната количина енергија од Сонцето во облик на светлина и топлина?

7 Меѓу многуте прецизни околности кои се витални за животот на Земјата е количината на светлина и топлина кои се примаат од Сонцето. Земјата добива само мало делче од сончевата енергија. Сепак, тоа е токму исправната количина која е потребна за да се одржува животот. Така е бидејќи Земјата се наоѓа токму на најпогодното растојание од Сонцето — просечно 150.000.000 километри. Доколку Земјата би била многу поблизу до Сонцето или подалеку од него, температурите би биле превисоки или прениски за живот.

8. Зошто Земјината орбитална брзина околу Сонцето е толку витална?

8 Додека кружи околу Сонцето еднаш годишно, Земјата патува со брзина од околу 107.000 километри на час. Таа брзина е токму вистинската за да дејствува како противтежа на гравитационото привлекување од Сонцето и за да ја држи Земјата на правилно растојание. Ако таа брзина се намали, Земјата би била привлечена кон Сонцето. Со текот на времето, Земјата би можела да стане изгорена пустелија како Меркур, планетата која е најблизу до Сонцето. Дневната температура на Меркур е над 300 Целзиусови степени. Меѓутоа, ако орбиталната брзина на Земјата се зголеми, таа би се оддалечила од Сонцето и би можела да стане ледена пустина како Плутон, планетата чија орбита е на најголема оддалеченост од Сонцето. Температурата на Плутон е околу 148 Целзиусови степени под нулата.

9. Зошто е важно Земјата да се врти околу својата оска со извесна фреквенција?

9 Освен тоа, Земјата постојано прави една комплетна ротација околу својата оска на секои 24 часа. Тоа овозможува редовни периоди на светлина и темнина. Но, што ако Земјата се врти околу својата оска, да кажеме, само еднаш годишно? Тоа би значело дека истата страна на Земјата би била изложена на Сонцето цела година. Таа страна веројатно би станала вжештена пустина, додека страната која е оддалечена од Сонцето веројатно би станала пустелија со температура под нулата. Малку, ако и воопшто, живи суштества би можеле да постојат во тие екстремни околности.

10. Како Земјиниот наклон влијае врз климата и врз жетвата?

10 Додека Земјата се врти околу својата оска, таа е наклонета за 23,5 степени во однос на Сонцето. Ако Земјата не би била наклонета, не би имало смена на годишните времиња. Цело време би имало иста клима. Иако тоа не би го направило животот невозможен, сепак би го направило помалку интересен и на многу места драстично би ги изменило сегашните жетвени циклуси. Доколку Земјата би била наклонета уште повеќе, би имало екстремно топли лета и екстремно студени зими. Но, наклонот од 23,5 степени дозволува прекрасна смена на годишните времиња со нивната интересна разноликост. Во многу делови од Земјата постојат освежувачка пролет со растенија и дрвја кои се будат и убави цвеќиња кои расцветуваат, топли лета кои овозможуваат секакви видови надворешна активност, свежо есенско време со прекрасни изложби на лисја кои ги менуваат боите, како и зима со убави сцени од планини, шуми и полиња прекриени со снег.

Нашата зачудувачка атмосфера

11. Што ја прави Земјината атмосфера толку уникатна?

11 Исто така уникатна — навистина прекрасна — е атмосферата која ја опкружува нашата Земја. Ја нема ниту една друга планета во нашиот Сончев систем ниту, пак, нашата Месечина има. Поради тоа, на астронаутите им требаат скафандери за да преживеат таму. Но, на Земјата не се потребни скафандери, бидејќи нашата атмосфера ги содржи баш погодните пропорции на гасовите кои се апсолутно неопходни за живот. Некои од овие гасови, сами по себе, се смртоносни. Но, бидејќи воздухот содржи безбедни пропорции на овие гасови, можеме да ги вдишуваме без да ни наштетат.

12. а) Како е очигледно дека ја имаме баш погодната количина кислород? б) Која витална функција ја има азотот?

12 Еден од тие гасови е кислородот кој сочинува 21 процент од воздухот кој го вдишуваме. Без него, луѓето и животните би умреле за неколку минути. Но, премногу кислород би го загрозил нашето постоење. Зошто? Чистиот кислород станува токсичен доколку се вдишува предолго. Освен тоа, колку повеќе кислород постои толку полесно горат работите. Ако во атмосферата би имало премногу кислород, материјалите што горат би станале високо запаливи. Лесно би пламнале пожари и тешко би се контролирале. Мудро, кислородот е разреден со други гасови, особено со азот кој сочинува 78 проценти од атмосферата. Но, азотот е многу повеќе отколку само разредувач. Кога има бура со грмотевици, ширум Земјата секојдневно се појавуваат милиони секавици. Тоа секање предизвикува дел од азотот да се комбинира со кислородот. Добиените соединенија дождот ги носи на Земјата, а растенијата, пак, ги користат како ѓубриво.

13. Каква улога игра исправната количина јаглероден диоксид во животниот циклус?

13 Јаглеродниот диоксид сочинува помалку од еден процент од атмосферата. Од каква корист е таквата мала количина? Без него, растителниот живот би изумрел. Таа мала количина е она што е потребно да го примат растенијата, а за возврат ослободуваат кислород. Луѓето и животните го вдишуваат кислородот, а издишуваат јаглероден диоксид. Зголемен процент на јаглероден диоксид во атмосферата би бил штетен за луѓето и за животните. Намален процент, пак, не би можел да го одржува растителниот живот. Каков само чудесен, прецизен, самоодржувачки циклус бил подготвен за растителниот, животинскиот и човечкиот живот!

14, 15. На кој начин атмосферата служи како заштитен оклоп?

14 Атмосферата прави повеќе отколку само да го одржува животот. Таа служи и како заштитен оклоп. На околу 24 километри над земјата, еден тенок слој од озонскиот гас ја филтрира штетната радијација од Сонцето. Без тој озонски слој, таквата радијација би можела да го уништи животот на Земјата. Исто така, атмосферата ја штити Земјата од бомбардирање од метеори. Повеќето метеори никогаш не стигнуваат до тлото бидејќи согоруваат при спуштањето низ атмосферата, а нам ни изгледаат како да паѓаат ѕвезди. Инаку, милиони метеори би удирале во сите делови на Земјата резултирајќи во далекосежна штета за животот и за имотот.

15 Освен што претставува заштитен оклоп, атмосферата ја задржува топлината на Земјата за да не се изгуби во студенилото на вселената. Земјината гравитациона сила, пак, ја чува самата атмосфера да не побегне. Таа гравитација е токму доволно силна за да го изврши тоа, но не толку силна за да ја попречи нашата слобода на движење.

16. Што може да се рече за убавината на небото?

16 Атмосферата не е само витална за животот. Небото кое се менува е една од најубавите глетки. Неговиот опсег и величина едноставно ја зашеметуваат имагинацијата. Земјата е завиткана со небесните бескрајно величествени и живописни панорами. На исток, еден слаб златен блесок ја најавува зората, додека западното небо се збогува од денот со величествени изложби на розова, портокалова, црвена и пурпурна боја. Белите брановидни, како памук, облаци најавуваат убав пролетен или летен ден; есенската наметка од облаци, слична на волна од јагне, кажува дека се приближува зимата. Ноќе небото е прекрасно во својот ѕвезден раскош, а ноќта огреана со месечина си има своја убавина.

17. Што коментирал еден писател за небото, и кому му припаѓа заслугата за тоа?

17 Каква само зачудувачка подготовка е атмосферата на нашата Земја, и тоа во секој поглед! Како што коментирал еден писател во The New England Journal of Medicine, „сѐ на сѐ, небото е едно чудесно остварување. Тоа функционира, а во врска со целта за која е дизајнирано, тоа е непогрешливо како и што и да било друго во природата. Се сомневам дека некој од нас би можел да измисли начин за да го подобри, освен што повремено можеби ќе премести некој локален облак од едно место на друго“.6 Овој коментар нѐ потсетува на она што пред милениуми го признал еден човек кога се соочил со таквите извонредни работи — дека тие се „чудното дело на Најсовршениот во секое знаење“. Се разбира, тој мислел на оној „Кој ги создал небесата и нивното пространство“ (Јов 37:16; Исаија 42:5).

Водата — извонредна супстанција

18. Кои се некои особини на водата кои ја прават извонредна?

18 Земјата содржи огромни резерви вода со такви својства кои се неопходни за живот. Таа е поизобилна од која и да е друга супстанција. Меѓу многуте нејзини корисни особини е тоа што таа се појавува како гас (водена пареа), како течност (вода) и во цврста форма (мраз) — сѐ во рамките на температурниот распон на Земјата. Исто така, илјадниците суровини кои им се потребни на луѓето, животните и растенијата, мораат да се транспортираат во течност, како што е крвта или растителниот сок. Водата е најидеална за ова бидејќи таа раствора повеќе супстанции отколку која и да било друга течност. Без вода не може да продолжи исхраната, бидејќи живите организми зависат од водата за да ги растворат супстанциите со кои се хранат.

19. Која необична особина ја има водата што замрзнува, и зошто таа е толку важна?

19 Водата е исто така извонредна и во начинот на кој замрзнува. Како што водата во езерата и морињата се лади, така станува потешка и тоне. Ова ја тера полесната, потопла вода да се крене кон врвот. Сепак, додека водата се приближува до точката на замрзнување, процесот ја менува насоката! Сега, поладната вода станува полесна и се крева. Кога таа ќе се претвори во мраз, лебди. Мразот дејствува како изолатор и ги чува подлабоките води под него од замрзнување, заштитувајќи го на тој начин животот во морето. Без оваа уникатна особина, сѐ повеќе и повеќе мраз би тонел секоја зима на дното каде што сончевите зраци не би можеле да го растопат следното лето. Наскоро, голем дел од водата во реките, езерата, па дури и во океаните би станал цврст мраз. Земјата би се претворила во ледена планета која би била негостољубива за живот.

20. Како се формира дождот и зошто големината на дождовните капки покажува промислен дизајн?

20 Исто така, извонреден е и начинот на кој регионите кои се далеку од реките, езерата и морињата ја добиваат водата која го одржува животот. Секоја секунда, сончевата топлина претвора илјадници милиони литри вода во пареа. Оваа пареа, која е полесна од воздухот, лебди нагоре и на небото формира облаци. Ветрот и воздушните струења ги движат овие облаци и, под исправни околности, влагата паѓа во вид на дожд. Но, дождовните капки се склони да пораснат само до извесна големина. Што ако ова не би било така и дождовните капки би добиле гигантска големина? Би било катастрофално! Наместо тоа, дождот обично паѓа со соодветна големина и нежно, ретко повредувајќи дури и една тревка или најнежно цвеќе. Каков само мајсторски, обѕирен дизајн може да се види во водата! (Псалм 103:1, 10—14; Проповедник 1:7).

„Плодната земја“

21, 22. Која мудрост е покажана во составот на „плодната земја“?

21 Еден библиски писател го опишува Бог како „Оној кој цврсто ја основал плодната земја со својата мудрост“ (Јеремија 10:12NW). А оваа ‚плодна земја‘ — почвата на планетата Земја — е импресивна. Мудроста е видлива во нејзиниот состав. Почвата има својства кои се битни за растот на растенијата. Тие ги комбинираат хранливите состојки и водата од почвата со јаглеродниот диоксид од воздухот, во присуство на светлина, за да произведуваат храна. (Спореди Језекиил 34:26, 27.)

22 Почвата содржи хемиски елементи кои се потребни за да се одржи животинскиот и човечкиот живот. Но, вегетацијата мора првин да ги претвори тие елементи во облици кои телото може да ги преработи. Во ова соработуваат ситни живи организми. Само во една лажица полна со земја тие можат да се најдат во многу милиони! Тие се со безброј различни дизајни, а секој работи на тоа повторно да ги претвори изумрените ливчиња, тревата и други отпадни материи во употреблив облик или да ја омекне почвата за да може во неа да влезат воздух и вода. Извесни бактерии го претвораат азотот во состојки кои се потребни за растот на растенијата. Површинскиот слој на почвата се подобрува додека црвите и инсектите кои ријат и понатаму изнесуваат на површината честички од подповршинскиот слој.

23. Каква моќ на обновување има почвата?

23 Точно, поради злоупотреба и други фактори, некоја почва е оштетена. Но, оваа штета не мора да биде трајна. Земјата има вградена зачудувачка моќ на обновување. Тоа може да се забележи на места каде што земјата е опустошена од пожари или вулкански ерупции. Со текот на времето, тие подрачја повторно бујат од вегетација. А кога загадувањето е контролирано, земјата се обновува — па дури и онаа земја која била претворена во неплодна пустелија. Што е најважно од сѐ, за да се справи со основниот проблем кој стои зад злоупотребата на почвата, Творецот на Земјата има намера да ‚ги погуби губителите на земјата‘ и да ја сочува како вечен дом што тој првобитно го подготвил за човештвото (Откровение 11:18; Исаија 45:18).

Не само случајност

24. Кои прашања во врска со неуправуваната случајност можеме да си ги поставиме?

24 Размислувајќи за претходново, еве некои работи кои треба да се разгледаат: Дали неуправувана случајност ја поставила Земјата токму на исправното растојание од Сонцето, нејзиниот извор на енергија во облик на светлина и топлина? Дали чиста случајност предизвикала Земјата да се движи околу Сонцето баш со исправната брзина, да ротира околу својата оска на секои 24 часа и да го има баш точниот агол на наклон? Дали случајноста ја обезбедила Земјата со заштитна атмосфера која го одржува животот, која има баш исправна комбинација од гасови? Дали случајноста ѝ ја дала на Земјата водата и почвата кои се потребни за да се одгледува храна? Дали случајноста дала толку многу вкусни и разнобојни овошја, зеленчук и друга храна? Дали случајноста предизвикала да постои толку многу убавина на небото, планините, потоците и езерата, цвеќињата, растенијата и дрвјата и во толку многу други прекрасни живи суштества?

25. Кој заклучок го извлекле многу луѓе во врска со нашата уникатна планета?

25 Многумина заклучиле дека сето тоа тешко би можело да се должи на неуправувана случајност. Напротив, тие насекаде гледаат непогрешлив печат на промислен, интелигентен, намерен дизајн. Признавајќи го тоа, тие чувствуваат дека сосема е исправно корисниците ‚да се бојат од Бога и да Му подадат слава‘, бидејќи тој е „Оној кој го создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14:7).

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 129]

„Земјата е чудото на универзумот, уникатна сфера“

[Истакната мисла на страница 135]

Без кислород, луѓето и животните би умреле за неколку минути

[Истакната мисла на страница 137]

„Небото е чудесно остварување“

[Истакната мисла на страница 137]

Без вода, животните и растенијата не би можеле да ги добијат хранливите материи кои им се потребни

[Истакната мисла на страница 141]

Земјата носи непогрешлив печат на промислен дизајн

[Слика на целата страница 128]

[Слика на страница 131]

Земјината орбитална брзина ја држи неа токму на исправното растојание од Сонцето

[Слика на страница 136]

Ноќното небо си има своја убавина

[Слика на страница 138]

Водата тоне додека се лади, но се подигнува баш пред да замрзне. Тоа спречува Земјата да стане ледена планета

[Слика на страница 139]

Светлината од Сонцето, јаглеродниот диоксид од воздухот, како и водата и хемиските материи од почвата, чудесно се комбинираат за да произведат храна

[Слики на страница 140]

Земјата има зачудувачка моќ на обновување. За кратко време се појавува нова вегетација

[Слика на страница 141]

Дали било неуправувана случајност тоа што обезбедило толку многу восхитувачки работи за да уживаме ние?

[Графикон/слика на страница 130]

Бидејќи секоја куќа мора да има дизајнер и градител, што е со нашата далеку посложена и подобро опремена Земја?

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Олук

Жлеб

Цигла

Дрвени шиндри

Тавански прозорец

Надворешен малтер

Даски за надворешни ѕидови

Греда

А, А-10

13, 1

12, 12

Е, Е, Е, Е

[Графикон/слики на страница 132, 133]

Земјиниот наклон овозможува прекрасни промени на годишните времиња

лето

есен

зима

пролет

[Графикон]

(Види во публикацијата)

наклон 23,5°

[Графикон/слика на страница 134]

Некои гасови сами по себе би биле смртоносни, но комбинирани заедно во атмосферата, го одржуваат животот

Состав на Земјината атмосфера

78% азот

21% кислород

1% сите други гасови

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Атмосферата ја штити Земјата од штетна радијација и од метеори