Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животот — како започнал?

Животот — како започнал?

Поглавје 1

Животот — како започнал?

1. Колку е опсежен животот на планетата Земја?

 НАСЕКАДЕ околу нас постои живот. Тоа е очигледно во брмчењето на инсектите, во пеењето на птиците, во шушкањето на малите животни во грмушките. Тој постои во ледените поларни региони и во спржените пустини. Присутен е од морската површина осветлена од Сонцето сѐ до нејзините најтемни длабочини. Високо во атмосферата летаат ситни суштества. Под нашите нозе, неброени билиони микроорганизми работат во почвата, правејќи ја плодна за да растат зелените растенија кои, пак, ги поддржуваат другите облици на живот.

2. Кои прашања долго време ги окупирале умовите на многу луѓе?

2 Земјата е преполна со толку изобилен и разновиден живот што ја зашеметува нашата имагинација. Како започнало сето тоа? Оваа наша планета и сите нејзини жители — како дошло до тоа да бидат тука? Што е уште поособено, како започнало човештвото? Дали сме еволуирале од мајмунолики животни? Или, пак, дали сме биле создадени? Како всушност сме дошле тука? И што подразбира одговорот за иднината? Ваквите прашања долго време се вртат околу нас и сѐ уште не се одговорени во умовите на многумина.

3. Што мислат некои за овие прашања, но зошто тие се важни за секого?

3 Можеби мислиш дека овие прашања, всушност, не те засегаат тебе. Можеби си мислиш: ‚Не е важно како сум дошол тука — важно тука сум. И веројатно ќе живеам 60, 70 или можеби 80 години — кој знае? А, дали сме создадени или сме еволуирале, тоа сега за мене не менува ништо‘. Напротив, тоа би можело многу работи да промени — колку долго живееш, начинот на кој живееш, околностите под кои живееш. Како тоа? Бидејќи целиот наш став кон животот и кон иднината е под влијание на нашето гледиште за потеклото на животот. А тоа како дошол животот тука конечно ќе влијае и врз идниот правец на историјата и врз нашето место во неа.

Различни гледишта

4. Што мислат многумина во врска со изгледите за живот на Земјата?

4 Според мислењето на многумина кои ја прифаќаат теоријата на еволуција, животот секогаш ќе биде составен од силна конкуренција, со борба, омраза, војни и смрт. Некои дури мислат дека во блиска иднина човекот може да се уништи себеси. Еден проминентен научник навел: „Можеби имаме само уште неколку децении до страшниот суд . . . Развојот на нуклеарното оружје и неговите системи за лансирање, порано или подоцна, ќе води до глобална катастрофа“.1 Дури и ако тоа не се случи наскоро, многумина веруваат дека, кога животниот век на лицето завршува со смрт, тогаш тој засекогаш престанува да постои. Други мислат дека во иднина сиот живот на Земјата ќе се докрајчи. Тие теоретизираат дека Сонцето ќе се прошири во една црвена џиновска ѕвезда и дека, додека го прави тоа, „океаните ќе зовријат, атмосферата ќе испари во просторот и нашата планета ќе ја затекне катастрофа од најогромни размери што можат да се замислат“.2

5. а) Како „научните креационисти“ гледаат на Земјата? б) Кои прашања ги покренува ова гледиште?

5 Од овие заклучоци истапуваат „научните креационисти“. Но, нивната интерпретација на извештајот за создавањето од 1. Мојсеева ги довела до тоа да тврдат дека Земјата е стара само 6.000 години и дека шесте „дена“ на создавање кои се признати во 1. Мојсеева биле долги само 24 часа. Но, дали таквата идеја точно го прикажува она што го вели Библијата? Дали Земјата и сите нејзини животни облици биле создадени за само шест дословни денови? Или, пак, постои разумна алтернатива?

6. На што треба да ги темелиме нашите заклучоци во врска со потеклото на животот на Земјата, и како Дарвин ја оставил отворена оваа тема?

6 Разгледувајќи ги прашањата поврзани со потеклото на животот, многумина се под влијание на популарното мислење или емоции. За да го избегнеме тоа и за да дојдеме до точни заклучоци, треба да го разгледаме доказот со отворен ум. Исто така, интересно е да се забележи дека дури и најпознатиот застапник на еволуцијата, Чарлс Дарвин, покажал свесност за ограничувањата на неговата теорија. Во својот заклучок на Потеклото на видовите, тој напишал за величината на „гледиштето кон животот со неговите неколку сили, кој првобитно бил вдишан од страна на Творецот во неколку облици или во еден“3, правејќи на тој начин да биде очигледно дека темата за потеклото била отворена за понатамошно испитување.

Не е во прашање науката

7. Какво појаснување е направено за науката и за нашиот респект спрема неа?

7 Пред да продолжиме понатаму, може да биде од помош едно појаснување: тука не е во прашање научното достигнување. Секое информирано лице е свесно за зачудувачките достигнувања на научниците на многу полиња. Научните студии драматично го зголемија нашето спознание за универзумот, за Земјата и за живите суштества. Студиите на човечкото тело откриле подобри начини за лекување на болестите и повредите. Рапидниот напредок во електрониката ја воведе компјутерската ера која го менува нашиот живот. Научниците извршиле вчудовидувачки подвизи, испраќајќи дури луѓе на Месечината и назад. Сосема е исправно да ги почитуваме вештините кои толку многу придонеле кон нашето спознание за светот околу нас, од подробно малите до бескрајно големите работи.

8. Како е употребен терминот еволуција во оваа книга, и на што укажува создавањето?

8 Исто така, токму тука може да биде корисно да се појаснат дефинициите: Еволуција, како што е употребена во оваа книга, укажува на органската еволуција — теоријата дека првиот жив организам се развил од нежива материја. Потоа, се вели дека како што се размножувал, тој се менувал во различни видови живи суштества, произведувајќи ги конечно сите животни облици кои воопшто постоеле на Земјата, вклучувајќи ги и луѓето. И се верува дека сето ова било извршено без интелигентно водство или натприродна интервенција. Создавањето, пак, од друга страна, е заклучок дека појавувањето на живите суштества може да се објасни само со постоење на Семоќен Бог кој ги дизајнирал и ги направил универзумот и сите основни животни видови на Земјата.

Некои витални прашања

9. Што тврдат за создавањето оние кои ја прифаќаат еволуцијата, но кои прашања можеби доаѓаат на ум како за еволуцијата така и за создавањето?

9 Очигледно, постојат длабоки разлики меѓу теоријата на еволуција и извештајот за создавање од 1. Мојсеева. Оние кои ја прифаќаат еволуцијата тврдат дека создавањето не е научно. Но, искрено речено, би можело и да се праша: Дали самата еволуција навистина е научна? Од друга страна, дали 1. Мојсеева е само уште еден древен мит за создавањето, како што тврдат многумина? Или, дали таа е во хармонија со откритијата на модерната наука? И што е со другите прашања кои ги вознемируваат многумина: Ако постои семоќен Творец, зошто постојат толку многу војни, глад и болести кои рано испраќаат милиони в гроб? Зошто тој би дозволил толку многу страдање? Исто така, ако постои Творец, дали тој открива што ќе донесе иднината?

10. а) Која е целта на оваа книга и надежта на издавачите? б) Зошто е толку важно да се разгледаат овие работи?

10 Целта на оваа книга е да ги испита таквите прашања и поврзаните спорни теми. Издавачите се надеваат дека ќе ја разгледаш нејзината содржина со отворен ум. Зошто тоа е толку важно? Бидејќи би можело да се докаже дека овие информации за тебе се од поголема вредност отколку што воопшто можеш да сфатиш.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 7]

Дали животот еволуирал или бил создаден?

[Истакната мисла на страница 8]

Целиот наш став кон животот и кон иднината е под влијание на нашето гледиште за неговото потекло

[Истакната мисла на страница 10]

Оние кои ја прифаќаат еволуцијата тврдат дека создавањето не е научно; но дали може чесно да се рече дека самата теорија на еволуција навистина е научна?

[Рамка/слика на страници 12 и 13]

Некои работи за размислување

Нашиот свет е исполнет со толку многу чудесни работи:

Големи работи: Сонцето кое заоѓа претворајќи го западното небо во пламен од бои. Ноќно небо начичкано со ѕвезди. Шума со огромни дрвја низ кои се пробиваат зраци светлина. Шилести планински венци, чии ледени врвови блескаат на Сонцето. Океани кои се разбранувани и носени од ветрот. Овие работи нѐ развеселуваат, нѐ исполнуваат со стравопочитување.

Мали работи: Ситна птица, песнопојка, која лета високо над Атлантикот, движејќи се кон Африка на својот пат до Јужна Америка. На околу 6.000 метри таа се крева на преовладувачкиот ветар кој ја свртува кон Јужна Америка. Водена од својот миграционен инстинкт, таа го следи нејзиниот курс неколку дена и тоа 3.800 километри — 21 грам храброст завиткан во пердуви. Ние сме исполнети со восхитување и чудење.

Генијални работи: Лилјаците кои користат сонар. Јагулите кои создаваат електрицитет. Галебите кои ја десалинизираат морската вода. Осите кои прават хартија. Термитите кои инсталираат клима уреди. Октоподите кои патуваат со млазен погон. Птици кои плетат или градат станбени згради. Мравки кои се занимаваат со градинарство или сеење или, пак, чуваат стока. Светулки со вградени батерии. Ние се восхитуваме на таквата генијалност.

Едноставни работи: Како што животот се приближува кон својот крај, честопати се сосредоточуваме на малите работи, работи кои толку често сме ги земале здраво за готово: Насмевката. Допирот на рака. Еден љубезен збор. Малечко цвеќенце. Пеењето на некоја птица. Топлината на сонцето.

Кога размислуваме за такви големи работи кои го одземаат здивот, за малите работи кои го побудуваат нашето воодушевување, за генијалните работи кои нѐ фасцинираат, едноставните работи кои со задоцнување се ценети — на што ги припишуваме нив? Како точно можат да бидат објаснети таквите работи? Од каде дошле тие?

[Слика на целата страница 6]

[Слика на страница 9]

Стар само 6.000 години?

[Слика на страница 11]

Исправно е да ги почитуваме научните вештини кои толку многу придонеле за нашето спознание