Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Земен Рај кој наскоро ќе дојде

Земен Рај кој наскоро ќе дојде

Поглавје 19

Земен Рај кој наскоро ќе дојде

1, 2. а) Која е нормалната човечка желба, но кои работи го попречуваат нејзиното остварување? б) Кои услови би биле идеални?

 ДАЛИ би сакал твојот живот да продолжи бескрајно — исполнет и задоволителен? Веројатно твојот одговор е „да“. Ќе можат да се прават толку многу интересни работи, да се видат фасцинантни места и да се учат нови работи.

2 Сепак, нашето уживање на животот го попречуваат навидум нерешливи проблеми. На пример, тука е нашиот сегашен релативно краток животен век. Исто така, животот честопати е исполнет со болест, тага и неволја. Затоа, за да можат луѓето потполно да уживаат во животот во сите негови аспекти, идеално би било да имаат 1) рајска околина, 2) потполна сигурност, 3) интересна работа, 4) блескаво здравје и 5) бескраен живот.

3. Само кој може да донесе такви идеални услови?

3 Но, дали со тоа се бара премногу? Од човечка гледна точка сигурно е така. Историјата покажала дека луѓето едноставно не можат сами да обезбедат такви идеални услови. Меѓутоа, од гледна точка на нашиот Создател, овие работи не само што се возможни туку тие се и неминовни! Зошто? Затоа што таквите пожелни услови биле дел од Божјата првобитна намера со оваа Земја (Псалм 126:1; Матеј 19:26).

Рајот ќе биде обновен

4. Која била Божјата првобитна намера со Земјата?

4 Како што забележавме во претходните поглавја, првите двајца луѓе не биле како животните. Наместо тоа, тие биле создадени потполно како човечки суштества. Нивниот првобитен дом, Едем, бил „рај на задоволството“ (1. Мојсеева 2:8, Douay Version). Тие требало ‚да го обработуваат и да го пазат‘ (1. Мојсеева 2:15). Освен тоа, нивната улога на Земјата ја вклучувала оваа сосема човечка задача на раководење: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Како што ќе се зголемувал бројот на нивните потомци, тие ќе ја имале задачата да ги прошират границите на оваа прекрасна градина, преобразувајќи ја целата Земја во Рај. Колку долго требало да трае тоа? Библијата доследно забележува дека Земјата ќе остане „до недогледно време, односно засекогаш“ (Псалм 104:5NW; Проповедник 1:4). Значи, рајската Земја требало трајно да служи како прекрасен дом за совршени луѓе, кои би живееле во него засекогаш (Исаија 45:11, 12, 18).

5. Зошто можеме да бидеме уверени дека Божјата намера ќе се оствари?

5 Иако побуната во Едем привремено го спречила исполнувањето на Божјата намера, сепак тоа не ја променило таа намера. Бог вовел средство за да се запре штетата и за да се обнови Рајот. Механизмот за да се постигне тоа е Божјето Царство, небесната влада на која Исус ѝ дал толку истакнато место во својата порака до човештвото (Матеј 6:10, 33). И можеме да бидеме сигурни дека првобитната намера на Бог ќе биде остварена. Семоќниот Создател кој стои зад неа нѐ уверува: „Така ќе се покаже мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без резултати, туку сигурно ќе го изврши она што ми причинува радост, и ќе има сигурен успех во она за што сум ја испратил“ (Исаија 55:11NW).

6, 7. а) Од каде знаеме дека се ближи обновувањето на Рајот? б) Кој ќе биде, а кој нема да биде зачуван низ крајот на овој систем на ствари?

6 Во нашево време е охрабрувачки да се види како светските настани го исполнуваат „знакот“ на „последните денови“ (Матеј 24:3—14; 2. Тимотеј 3:1—5). Ова укажува дека е близу времето кога Божјата „реч“ „ќе има сигурен успех“. Овој успех е сигурен затоа што семоќниот Бог ќе интервенира во работите на луѓето за да се погрижи неговите намери да бидат исполнети (Јеремија 25:31—33). Многу скоро можеме да го очекуваме исполнувањето на пророчкиот псалм кој вели: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:9—11, 29; Матеј 5:5).

7 Така, оние кои избираат да бидат независни од Создателот, ќе бидат „истребени“. Оние кои „се надеваат на Господа“ ќе го преживеат крајот на овој систем и ќе ја започнат обновата на Рајот. Тој постепено ќе се шири сѐ додека не ја опфати целата Земја. Овој Рај ќе дојде толку сигурно што Исус со потполна увереност можел да му вети на крадецот кој бил погубен покрај него: „Навистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43NW).

Преобразена Земја

8, 9. Каква промена на условите ќе настане со дословната Земја?

8 Библискиот опис на Рајот навистина го одзема здивот. На пример, таа зборува за една драматична промена во состојбата на самата Земја. Можеби ќе се сетиш дека, кога биле истерани од Едем, на првите луѓе им било речено дека почвата ќе раѓа трње и троскот и дека само со потта од своите лица ќе можат да одгледуваат храна од земјата (1. Мојсеева 3:17—19). Оттогаш па сѐ досега, честопати имало постојана борба против пустините кои се шират, неплодната почва, сушите, плевелот, инсектите, растителните болести и неуспешните приноси. Премногу често гладот ја добивал битката.

9 Меѓутоа, оваа ситуација ќе се сврти во обратен правец: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин . . . Зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите. И водниот привид ќе се претвори во езеро, а жедната земја — во водни извори“. „Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта“ (Исаија 35:1, 6, 7; 55:13). Според тоа, исполнувањето на Божјата намера значи дека човештвото ќе има една многу угодна задача да ја преобрази Земјата во место на убавина кое засекогаш ќе им донесе уживање на неговите жители. Но, тоа ќе значи повеќе отколку само убавина.

Крај на сиромаштијата

10, 11. Како Јехова ќе го отстрани гладот?

10 Преобразувањето на пространите пустини и подрачја погодени од суша ќе значи огромен пораст на плодна почва. Под надзор на Создателот, човековите напори да ја направи земјата плодна ќе бидат успешни како никогаш порано: „Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод“ (Псалм 84:12). Тој „плод“ ќе донесе „изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има преобилност“ (Псалм 72:16NW). Никогаш повеќе нема да гладуваат милиони луѓе (Исаија 25:6).

11 Исто така, невработеноста ќе биде работа на минатото, отстранета засекогаш. И сите ќе уживаат во плодовите на сопствениот труд: „Ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни . . . нема да садат, за да јаде друг“ (Исаија 65:21, 22). Сето ова ќе донесе таква економска сигурност каква што е опишана во Језекиил 34:27: „Дрвјата во полето ќе го даваат својот плод и земјата ќе ги дава своите производи; и тие ќе бидат во безопасност на земјата своја“.

12. Кој ќе ужива пристојно сместување во Рајот?

12 Но, луѓето исто така имаат вродена желба за пристоен дом и за малку земја за садење цвеќиња, дрвја и градини. Дали може да се зборува за пристојно сместување кога милиони луѓе се натрупани во огромни станбени згради или трошни гета или, пак, живеат на улиците? Ништо од тоа нема да постои во претстојниот Рај затоа што Божјата намера е: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив . . . Нема да градат, за да живее друг“. Таа светска програма на изградба ќе биде потполно успешна и трајна: „Моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно“ (Исаија 65:21—23). Така, пристојното сместување нема да биде привилегија само на малкумина богати, туку во него ќе уживаат сите оние кои се подложуваат на Божјето владеење.

Нема повеќе болести, нема повеќе смрт

13, 14. Што ќе се случи со болестите, хендикепите, па дури и со смртта?

13 Божјата реч нѐ уверува и во тоа дека задоволителните услови во Рајот нема да бидат нарушени од инвалидности или болести ниту, пак, ќе бидат прекратени од смртта: „Ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).

14 Замисли си еден свет во кој сите болести и хендикепи ќе бидат излечени! Божјата реч вели: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35:5, 6). Колку само величествена преобразба! А замисли си го и зачудувачкиот изглед оттогаш па натаму да се живее сѐ додека живее Бог — вечно! Никогаш повторно смртта нема да го измачува човештвото бидејќи Бог ‚ќе ја проголта смртта засекогаш‘ (Исаија 25:8).

15. Што ќе се случи со старите луѓе кои ќе го преживеат крајот на овој систем?

15 Но, што е со оние кои ќе го преживеат крајот на овој систем, а кои веќе се стари? Дали ќе имаат само добро здравје на стари години и ќе останат такви засекогаш? Не, бидејќи Бог ја има, и допрва ќе ја употреби, моќта да го сврти во обратен правец процесот на стареење. Како што го опишува тоа Библијата, „телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години“ (Јов 33:25). Остарените постепено ќе се враќаат во времето на своите години како совршени зрели мажи и жени, како што биле Адам и Ева во Едем. Овој процес ќе биде еден од резултатите на „повторното создавање“ за кое зборувал Исус (Матеј 19:28NW).

Траен глобален мир

16, 17. Зошто Рајот нема да биде нарушен од војни или од насилство?

16 Дали Рајот некогаш ќе биде нарушен од војна или од насилство? Не тогаш кога „праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22). Кога нема повеќе да постојат нарушувачи на мирот, нема да може да има војни или насилство.

17 Зошто оние кои „ќе опстанат“ откако Бог ќе ги истреби злобните и издајниците, се наречени ‚праведни‘ и ‚непорочни‘? Затоа што тие веќе биле поучени за Божјите мерила за мирољубив живот и се подложиле на нив. Тоа спознание за Бог и потчинувањето на неговите закони е клучот за мир во Рајот, бидејќи Библијата изјавува: „Тие нема да прават никаква штета ниту да нанесуваат некаква пропаст . . . зашто Земјата сигурно ќе биде исполнета со спознанието за Јехова, како што водите го прекриваат самото море“ (Исаија 11:9NW). Исус исто така рекол дека „ќе бидат сите од Бога научени“ и дека оние што ќе го прифатат ова учење и ќе живеат според него, ќе имаат „живот вечен“ (Јован 6:45—47).

18. Кои денес веќе се поучуваат за мирољубив живот во Рајот?

18 За среќа, ова глобално образование насочено кон Бог ќе доведе до потполно мирољубив и хармоничен свет без криминал, предрасуди и омраза, без политички поделби и војни. Вредноста на ова образование веќе се покажува меѓу милиони Јеховини сведоци низ целата Земја. Тие сочинуваат едно меѓународно братство кое се темели на љубов и меѓусебно почитување (Јован 13:34, 35). Нивниот глобален мир и единство се нескршливи. Дури ни прогонството ни светските војни не можат да ги натераат да земат оружје против своите ближни каде и да е во светот. Поради тоа што таков глобален мир и единство можат да постојат дури и во денешниов разделен свет, сигурно дека ќе биде многу полесно овој образец да продолжи под Божјето владеење во Рајот (Матеј 26:52; 1. Јованово 3:10—12).

19. Кое пророштво кое се исполнува сега, ќе продолжи да се исполнува и во Рајот?

19 Значи, на самиот почеток на обновување на Рајот ќе преовладува мир ширум Земјата. А преживеаните од Божјата глобална војна Армагедон ќе продолжат да живеат според зборовите на пророштвото што го исполнуваат токму сега: „Народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат“. Ете зошто пророштвото може да додаде: „Секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:3, 4). Колку долго? Ветувањето кое го трогнува срцето гласи: „Мирот нема да има крај“ (Исаија 9:7NW).

20. Како ќе постапи Јехова со нациите и со нивната воена опрема?

20 Навистина, милитаризираните нации денес натрупале резерви од своето оружје како никогаш порано. Но, сето тоа не му значи ништо на Оној чија моќ го создала универзумот. Тој ни кажува што ќе стори наскоро со военото оружје на нациите: „Дојдете и видете ги делата Божји — чудесата што ги направи Он на земјата. Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори“ (Псалм 45:8, 9). Поразувањето на нациите и на нивната воена сила ќе го отвори патот за траен глобален мир во Рајот (Даниил 2:44; Откровение 19:11—21).

Мир со светот на животните

21, 22. Каков однос ќе биде обновен меѓу луѓето и животните?

21 За да биде потполн глобалниот мир во Рајот, ќе биде обновена хармонијата што постоела меѓу луѓето и животните во Едем (1. Мојсеева 1:26—31). Денес човекот се плаши од многу животни, но во исто време тој претставува и закана за нив. Сепак, тоа нема да биде случај во Рајот. Кој и да е начинот на кој Бог ја одржувал хармонијата меѓу човекот и животните во Едем, тој ќе ја одржува и во Рајот. Така, власта полна со љубов што човекот ја има над животните, повторно ќе биде реалност.

22 Во врска со тоа, Создателот изјавува: „Во тоа време поради нив ќе склучам сојуз со животните полски, со птиците небески и со лазачите по земјата“ (Осија 2:18). Со каков резултат? „Ќе склучам со нив завет за мир и ќе ги премавнам од тој дел на земјата сите лути ѕверови, така што тие ќе живеат мирно во степата и ќе спијат во горите“ (Језекиил 34:25).

23. Која коренита промена што ќе настапи во светот на животните ја претскажува Исаија?

23 Мирот што ќе постои меѓу луѓето, како и меѓу луѓето и животните, ќе се одрази и во светот на животните: „Волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора“ (Исаија 11:6—9).

24. Како Псалм 36 го опишува мирот што ќе постои во Рајот?

24 Колку само прекрасен опис дава Библијата за потполниот мир што ќе постои во Рајот! Не е чудо тоа што за животот во тој нов систем, Псалм 36:11 вели: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.

Мртвите се враќаат

25, 26. а) Кое ветување го дава Божјата реч во врска со мртвите? б) Зошто за Создателот не претставува проблем да се сети на сите оние кои умреле?

25 Благодетите што ќе дојдат во Рајот нема да се излеваат само врз оние кои ќе го преживеат крајот на овој сегашен систем на ствари. Под владата на Божјето небесно Царство ќе се извојува една крајно вчудовидувачка победа — потполна победа над смртта. И не само што ќе биде совладана наследната смрт туку и оние кои се веќе мртви ќе се вратат во живот и ќе им биде дадена можноста да живеат во Рајот! Божјата реч гарантира: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Колку радосна прилика ќе биде тоа кога, генерација по генерација, саканите ќе се враќаат од гробот! (Лука 7:11—16; 8:40—56; Јован 11:38—45).

26 Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите кои се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, во воскресение на живот, оние кои вршеле зло, во воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29NW). Да, оние што се во Божјето сеќавање ќе бидат вратени во живот. И не треба да мислиме дека ова е некоја преголема задача за Бог. Сети се, тој создал стотици милијарди, да, билиони ѕвезди. А Библијата вели дека сите нив тој ги вика „по име“ (Исаија 40:26). Бројот на луѓето кои живееле и умреле е само мало делче од сето тоа. Затоа, тие и нивните животни обрасци можат лесно да се сместат во Божјето сеќавање.

27. Каква прилика ќе имаат сите во Рајот?

27 Сите оние кои се воскреснати ќе бидат поучени за Божјите праведни мерила во една рајска околина. Нема да им попречува злобата, страдањето или неправдата, како што било во нивниот минат живот. Ако ја прифатат Божјата влада и се подложат на неговите мерила, ќе добијат пресуда дека се достојни за понатамошен живот (Ефесјаните 4:22—24). Значи, за да може крадецот кој бил прикован покрај Исус да остане во Рајот, тој ќе мора да се промени и од крадец да стане чесен човек. Но, на оние што се бунат против Божјата праведна влада нема да им биде допуштено да продолжат да живеат и да ги нарушуваат мирот и радоста на другите. Тие ќе добијат неповолна осуда. Така, секој ќе има целосна и поволна прилика да покаже дали навистина го цени животот во рајска Земја каде што „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13NW).

28. Што стои непосредно пред нас?

28 Заедно со преживеаните од Армагедон, мртвите кои воскреснале тогаш ќе уживаат живот на бескрајно воодушевување. Совршениот човечки мозок, со огромен потенцијал за спознание, ќе може засекогаш да прима информации. Размисли само што ќе научиме за Земјата и за универзумот кој влева стравопочитување со неговите милијарди галаксии! Размисли за предизвикувачката и задоволителна работа што ќе ја извршуваме во градењето, уредувањето на земјиштето, градинарството, поучувањето, уметноста, музиката и на многу други полиња! Значи, животот нема да биде досаден или непродуктивен. Наместо тоа, како што претскажува Библијата, секој ден во Рајот ќе биде ‚насладување‘ (Псалм 36:11). Значи, непосредно пред нас стои почетокот на една прекрасна нова ера.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 232]

Луѓето не можат да постигнат идеални услови, но Бог може

[Истакната мисла на страница 236]

Ќе има драматична промена на самата Земја

[Истакната мисла на страница 242]

Поразувањето на нациите и на нивната воена сила ќе го отвори патот за глобален мир

[Истакната мисла на страница 244]

Тие „ќе се насладуваат во изобилен мир“

[Истакната мисла на страница 246]

Непосредно пред нас лежи една прекрасна нова ера

[Слика на страница 233]

Таквите идеални услови би ни овозможиле потполно да се радуваме на животот

Рајска околина

Потполна сигурност

Интересна работа

Блескаво здравје

Бескраен живот

[Слика на страница 234]

Оние кои избираат да бидат независни од Создателот, ќе бидат истребени

[Слика на страница 235]

„Оние, кои се надеваат на Господа“ ќе преживеат

[Слики на страници 236 и 237]

Човештвото ќе ја има угодната задача да ја преобрази Земјата во Рај

[Слика на страница 238]

Ќе има економска сигурност за сите

[Слики на страница 239]

Рајот нема да биде нарушен од инвалидности, болести или смрт

[Слика на страница 240]

„Телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години“ (Јов 33:25)

[Слика на страница 241]

Во Рајот нема да има војни ниту насилство. Сето оружје ќе биде уништено (Језекиил 39:9, 10)

[Слика на страница 243]

Ќе биде обновена хармонијата меѓу луѓето и животните

[Слика на страница 245]

Мртвите ќе се вратат во живот и ќе им биде дадена можноста да живеат во Рајот! Божјата реч гарантира: ‚Ќе има воскресение на праведните и на неправедните‘