Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто Бог би допуштил страдање?

Зошто Бог би допуштил страдање?

Поглавје 16

Зошто Бог би допуштил страдање?

1. Која е една вообичаена причина што ја наведуваат многу луѓе за тоа зошто се сомневаат во постоењето на Создател?

 ЕДНА вообичаена причина што ја наведуваат многу луѓе за тоа зошто се сомневаат во постоењето на Создател е распространетоста на страдањето во светот. Низ вековите имало толку многу свирепости, крвопролевање и отворена злоба кои им нанесувале големо страдање на милиони невини луѓе. Затоа многумина прашуваат: ‚Ако постои Бог, зошто го допушта сето ова?‘ Со оглед на тоа што, како што веќе видовме, библискиот извештај најдобро се совпаѓа со фактите за создавањето, може ли Библијата да ни помогне да разбереме зошто еден моќен Создател би допуштил толку многу страдање толку долго време?

2. Како Библијата ги опишува околностите во кои била сместена првата човечка двојка?

2 Уводните поглавја од 1. Мојсеева ја даваат позадината за да може да се одговори на ова прашање. Тие го опишуваат создавањето на еден свет без страдање. Првиот човек и жена биле ставени во рајски околности, прекрасен дом сличен на градина наречен Едем, и им била дадена пријатна работа полна со предизвици. Во врска со Земјата им било речено ‚да ја обработуваат и да ја пазат‘. Тие ги надгледувале и ‚рибите морски и птиците и сите животни што лазат по земјата‘ (1. Мојсеева 1:28; 2:15).

3. Каков изглед бил поставен пред Адам и Ева?

3 Освен тоа, бидејќи првите луѓе биле создадени со совршени тела и совршени умови, тие немале никаков недостаток. Затоа, немало причина некогаш да страдаат од болест, старост или смрт. Наместо тоа, имале изглед за една бескрајна иднина во земен рај (5. Мојсеева 32:4).

4. Каква била Божјата намера со луѓето и со самата Земја?

4 На првата двојка ѝ било речено ‚да се плоди и да се множи и да ја наполни земјата‘. Како што би им се раѓале деца, човечката фамилија би се зголемила и би ги проширила границите на Рајот за на крајот да ја опфати целата Земја. Така, човечкиот род би бил една обединета фамилија и сите би живееле во совршено здравје на една рајска Земја.

Потребата да се прифати Божјето владеење

5. Зошто од луѓето се барало да го прифатат Божјето владеење?

5 Меѓутоа, за да продолжи оваа хармонија, првата човечка двојка морала да го прифати правото на нивниот Создател да управува со работите на човекот. Тоа значи дека морале да ја прифатат неговата сувереност. Зошто? Како прво, затоа што тоа било исправно. Оној што е Творец на нешто сигурно има право да спроведува извесна контрола над она што го направил. Ова начело со векови било одразувано во законите за лична сопственост. Освен тоа, луѓето требало да го прифатат водството од својот Творец поради овој пресуден факт: Тие не биле дизајнирани со способност успешно да владеат со себеси независно од нивниот Создател, исто како што не би можеле да останат во живот ако не јаделе, не пиеле и не дишеле. Историјата докажала дека Библијата е во право кога вели: „Патот на човекот не зависи од него . . . не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Сѐ додека луѓето би останале во рамките на упатствата што им ги дал нивниот Создател, животот би бил траен, успешен и среќен.

6, 7. а) Каква слобода им подарил Бог на луѓето, и зошто? б) Каков лош избор направиле првите луѓе?

6 Исто така, луѓето биле создадени како слободни лица. Не биле создадени за да реагираат како роботи ниту, пак, биле принудени да прават извесни работи првенствено од инстинкт, како што прават животните или инсектите. Но, оваа слобода требало да биде релативна, а не апсолутна. Требало да се спроведува одговорно, во границите на Божјите закони, закони кои дејствувале за општото добро. Забележи како Библијата го изнесува ова начело: „[Бидете] како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку — како слуги Божји“ (1. Петрово 2:16). Без закон кој би управувал со меѓучовечките односи, би владеела анархија, а тоа би се одразило неповолно врз животите на сите луѓе.

7 Според тоа, иако релативната слобода е пожелна, сепак премногу слобода не е на корист. Ако на едно дете му дадеш премногу слобода, таа може да го наведе да игра на прометна улица или, пак, да ја стави раката на жежок шпорет. Потполната слобода да ги донесуваме сите свои одлуки без да го земеме во обѕир водството на нашиот Творец може да предизвика разни проблеми. Тоа било случај со првите луѓе. Тие избрале неисправно да го употребат својот дар на слобода. Погрешно одлучиле да посегнат по независност од нивниот Создател и со тоа ‚да бидат како Бог‘. Мислеле дека ќе можат сами да одредуваат што е исправно а што погрешно (1. Мојсеева 3:5NW).

8. Што се случило кога Адам и Ева отстапиле од Божјето владеење?

8 Кога првите луѓе отстапиле од водството на нивниот Создател, она што им се случило е слично на она што се случува кога ќе се извлече приклучокот на еден електричен вентилатор. Сѐ додека вентилаторот е приклучен на извор на енергија, тој работи. Но, кога ќе се извади од штекерот, тој забавува и на крајот потполно запира. Токму тоа се случило кога Адам и Ева отстапиле од нивниот Создател, „изворот на животот“ (Псалм 35:9). Бидејќи намерно избрале правец на независност од нивниот Творец, тој допуштил да го сфатат потполното значење на нивниот избор со тоа што ги оставил сами. Како што изјавува едно библиско начело, „ако го напуштите [Бог], тој ќе ве напушти вас“ (2. Летописи 15:2NW). Без поддржувачката сила на нивниот Создател започнало едно постепено пропаѓање на умот и телото. Со текот на времето, тие остареле и умреле (1. Мојсеева 3:19; 5:5).

9. Како се одразил врз целото човештво лошиот избор на првите луѓе?

9 Кога Адам и Ева избрале да бидат независни од нивниот Творец, тие ја изгубиле својата совршеност. Ова се случило пред да имаат деца. Како резултат на тоа, кога подоцна имале деца, тие го одразувале истото она што го стекнале нивните родители — несовршеност. Значи, првите луѓе станале како еден дефектен калап. Сѐ што произлегло од нив исто така било дефектно. Затоа, сите ние сме родени несовршени и ги наследуваме слабостите на стареењето, болестите и смртта. Таа несовршеност, заедно со одвоеноста од Создателот и неговите закони, ги отворила вратите на човечкото безумие. Така, човечката историја била исполнета со страдање, жалост, болест и смрт (Псалм 50:5; Римјаните 5:12).

10. а) Каква побуна настанала во духовното подрачје? б) Како можело да се случи такво нешто?

10 Дали ова значи дека злото потекнало само од луѓето? Не, за него придонело нешто многу повеќе. Создавањето на интелигентни суштества не било ограничено само на луѓето. Бог веќе имал создадено безброј духовни суштества на небото (Јов 38:4, 7). И тие биле слободни лица и имале избор да го прифатат водството од нивниот Создател. Едно од тие духовни суштества избрало постојано да мисли на желбата за независност. Неговата амбиција пораснала до тој степен што го навела да го предизвика Божјиот авторитет. Тој ѝ рекол на Ева, жената на Адам, дека можат да го прекршат Божјиот закон, а сепак, тој ја уверувал: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:4; Јаков 1:13—15). Неговите изјави претполагале дека не им бил потребен нивниот Создател за да имаат понатамошен живот и среќа. Всушност, тој рекол дека прекршувањето на законот ќе ги подобри работите и ќе им овозможи да бидат како Бог. Со тоа ја довел во прашање полноважноста на Божјите закони и фрлил сомнеж врз Божјиот начин на управување со нив. Всушност, тој фрлил сомнеж врз самото право на владеење на нивниот Создател. Поради ваквото погрешно прикажување, тој бил наречен Сатана, што значи „противник“, и Ѓавол, што значи „клеветник“. Во изминатите 6.000 години овој став на Сатана влијаел врз човештвото, унапредувајќи ја политиката ‚владеј или уништи‘ (Лука 4:2—8; 1. Јованово 5:19NW; Откровение 12:9).

11. Зошто Бог не ги истребил бунтовниците уште на почетокот?

11 Но, зошто Бог не ги уништил уште на почетокот овие прекршители на законот, како човечките така и духовниот? Одговорот лежи во фактот дека се покренале длабоки спорни прашања пред целото интелигентно создание. Едно од нив вклучувало прашања како следниве: Дали независноста од Божјата сувереност некогаш ќе донесе трајни користи? Дали за луѓето ќе биде подобро Бог да управува со нив или, пак, тие самите да управуваат со себе? Можат ли луѓето успешно да владеат со овој свет независно од нивниот Создател? Накратко, дали на луѓето навистина им е потребно Божјето водство? Овие прашања барале одговори кои можеле да се дадат само со одминувањето на времето.

Зошто толку долго?

12. Ако Бог интервенирал уште на почетокот, какво обвинение можело да се изнесе против него?

12 Меѓутоа, зошто Бог допуштил да помине толку долго време пред да ги реши овие работи — сега веќе околу 6.000 години? Зарем не можеле да се решат на еден задоволителен начин уште многу одамна? Па, ако Бог интервенирал уште одамна, би можело да се изнесе обвинение дека на луѓето не им било дадено доволно време за да развијат успешна влада и потребна технологија кои на сите би им донеле мир и просперитет. Затоа, во својата мудрост, Бог знаел дека ќе биде потребно време за да се решат спорните прашања кои биле покренати. Тој го допуштил тоа време.

13, 14. Кои се разултатите од независноста од Бог?

13 Низ вековите биле испробани секакви видови влади, секакви видови општествени системи и секакви видови економски системи. Освен тоа, луѓето имале доволно време за да постигнат голем технолошки напредок, вклучувајќи го и искористувањето на атомот, како и патувањето на Месечината. Со какви резултати? Дали сево ова донело еден свет кој е вистински благослов за целата човечка фамилија?

14 Далеку од тоа. Ништо што испробале луѓето не донело вистински мир и среќа за сите. Наместо тоа, после сето ова време условите се понестабилни од кога и да е порано. Криминалот, војните, распадот на семејството, сиромаштијата и гладот беснеат од земја в земја. Доведено е во опасност самото постоење на човештвото. Нуклеарните проектили со стравотна разорна моќ можат да го уништат поголемиот дел од, ако не и целиот, човечки род. Затоа, и покрај илјадниците години напори, и покрај многуте векови човечко искуство на кое може да се гради, и покрај новите достигнувања во технолошкиот напредок, човештвото сѐ уште безуспешно се бори со своите најосновни проблеми.

15. Што се случило со Земјата како последица на човековата побуна?

15 Тоа се одразило неповолно дури и врз самата Земја. Човечката лакомост и неодговорност претвориле извесни подрачја во пустини со тоа што биле оголени заштитните шуми. Хемикалиите и другите отпадни продукти ги загадиле почвата, морето и воздухот. Библискиот опис од пред 2.000 години во врска со состојбата на животот на Земјата е уште поточен денес: „Сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8:22).

Што е докажано?

16, 17. Што е докажано со одминувањето на толку долго време?

16 Што покажале вон секакво сомнение доказите за сето ова време? Дека човечката влада независна од човековиот Создател не може да задоволи. Беше јасно покажано дека не е можно успешно да се управува со работите на Земјата без Творецот на човекот. Историјата и понатаму ја потврдува библиската отворена проценка на човековите обиди да владее, кога вели: „Човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9).

17 Колку само испаднале катастрофални човечките настојувања, во споредба со редот и прецизноста што се наоѓаат во универзумот кој е воден според законите на неговиот Создател! Јасно е дека и на луѓето им е потребно вакво водство во управувањето со нивните работи, бидејќи игнорирањето на Божјето надгледување се покажало катастрофално. Навистина, засекогаш било покажано дека Божјето водство со сигурност ни е потребно исто толку колку што ни се потребни воздухот, водата и храната (Матеј 4:4).

18. Како допуштањето време за да се решат прашањата дало траен преседан за иднината?

18 Исто така, со тоа што допуштил доволно време за да се решат спорните прашања во врска со човечкото владеење, Бог утврдил траен преседан за иднината. Тоа би можело да се спореди со еден фундаментален случај на врховен суд. Спорното прашање е решено засекогаш: Човечкото владеење независно од Бог не може да донесе пожелни услови на Земјата. Со тоа, во иднина, ако некое лице со слободна волја го предизвика Божјиот начин на извршување на работите, нема да биде потребно да се допуштат дополнителни илјадници години за да се обиде да го потврди својот аргумент. Сѐ што треба да се докаже било докажано во овој период од околу 6.000 години што ги допуштил Бог. Затоа, низ вечноста на времето пред нас, на ниеден бунтовник нема никогаш повторно да му биде допуштено да го нарушува мирот и среќата на животот на Земјата ниту, пак, да се меша во Божјата сувереност на ниедно друго место во универзумот. Како што Библијата јасно изјавува, „неволите веќе нема да се повторат“ (Наум 1:9).

Божјето решение

19. Кое е Божјето решение за проблемот на злото?

19 Со тоа Библијата дава разумно објаснување за постоењето на страдањето во светот што го создал Бог. Исто така, Библијата јасно покажува дека е близу времето кога Бог ќе ја употреби својата семоќна сила за да ги отстрани оние кои предизвикуваат страдање. Изреки 2:21, 22 наведува: „Праведните ќе живеат на Земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“. Да, Бог ќе „им донесе уништување на оние кои ја уништуваат Земјата“ (Откровение 11:18NW). Конечно, тоа ќе вклучува и отстранување на Сатана Ѓаволот (Римјаните 16:20). Бог нема да им допушти на злобните уште долго време да го нарушуваат неговото прекрасно творештво, Земјата. Секој кој не се повинува на неговите закони ќе биде искоренет. Само оние кои ја извршуваат Божјата волја ќе продолжат да живеат (1. Јованово 2:15—17). Ти не би засадил цветна градина на некое место со плевел ниту, пак, би ставил кокошки и лисици во ист кокошарник. Според тоа, тогаш кога Бог ќе го обнови Рајот за праведните луѓе, нема да допушти во исто време слободно да се движат и вандали.

20. Како ќе биде избришано страдањето од минатото?

20 Иако вековното страдање било многу болно за оние кои биле жртви, тоа послужило за една добра цел. Би можело да се спореди со тоа да допуштиш твоето дете да се подложи на болна операција за да се излекува некој поголем здравствен проблем. Долготрајните користи далеку ја надминуваат секоја привремена болка. Освен тоа, иднината што Бог ја намерава за оваа Земја и за луѓето на неа ќе ја отстрани од сеќавањето тежината на минатото: „Поранешните [работи] нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65:17). Значи, секое страдање што го доживеале луѓето, на крајот ќе биде избришано од мислите на оние што ќе живеат кога Божјето владетелство ќе владее над целата Земја. Во тоа време радостите ќе ги истиснат сите претходни лоши спомени, бидејќи „,ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘. И Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам‘“ (Откровение 21:4, 5).

21. Каква прилика ќе им биде дадена дури и на луѓето што умреле?

21 Исус Христос зборувал за овој Нов Поредок што доаѓа како за ‚повторно создавање‘ (Матеј 19:28NW). Поранешните жртви на страдањето и на смртта тогаш ќе научат дека Бог се грижи за нив бидејќи таа ера ќе доживее и дословно повторно создавање на оние кои се мртви во гробовите. Исус рекол: „Сите кои се во спомен-гробовите . . . ќе излезат“ во воскресение за живот на Земјата (Јован 5:28, 29NW). На овој начин, и на умрените ќе им биде дадена прилика да се подложат на Божјата праведна влада и да ја добијат предноста да живеат засекогаш „во рајот“, како што го нарекол Исус (Лука 23:43).

22. Која состојба ќе биде обновена во светот на животните?

22 Дури и светот на животните ќе биде во мир. Библијата вели дека „волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол“, па дури и „мало дете ќе ги води“. Животните „нема да прават зло и штета“ во Божјиот Нов Поредок, ниту меѓусебно ниту на луѓето (Исаија 11:6—9; 65:25).

23. Во каква состојба ќе дојде целото Божје создание?

23 Така, во секој поглед, како што наведува Римјаните 8:21 (NW), „и самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“. Со текот на времето, Земјата ќе стане рај населен со совршени луѓе — без болести, жалост и смрт. Засекогаш страдањето ќе биде работа на минатото. Сите аспекти на Божјето земно творештво ќе дојдат во потполна хармонија со неговата намера, отстранувајќи го грдиот белег што го валкал неговиот универзум илјадници години.

24. Кое прашање може да се постави за Библијата?

24 На тој начин Библијата објаснува зошто Бог допушта страдање и што ќе направи за да го реши тој проблем. Сепак, некои би можеле да прашаат: ‚Од каде да знам дека навистина можам да имам доверба во она што го вели Библијата?‘

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 188]

Многумина прашуваат: ‚Ако постои Бог, зошто го допушта сето ова?‘

[Истакната мисла на страница 190]

Луѓето не биле создадени успешно да владеат со себеси независно од нивниот Создател

[Истакната мисла на страница 190]

Слободата требало да биде релативна, а не апсолутна

[Истакната мисла на страница 192]

Размислувањето за она што е погрешно може да наведе некого да постапи погрешно

[Истакната мисла на страница 193]

Требало време за потполно да се решат спорните прашања кои биле покренати

[Истакната мисла на страница 194]

„Сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“

[Истакната мисла на страница 196]

Создателот нема да им допушти на злобните уште долго време да ја нарушуваат неговата прекрасна Земја

[Истакната мисла на страница 198]

Во секој поглед „и самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста“

[Слика на страница 189]

Првите луѓе имале изглед да живеат засекогаш на една рајска Земја

[Слики на страница 191]

Исто како што вентилаторот забавува и запира кога ќе се извади од штекер, така Адам и Ева остареле и умреле откако отстапиле од нивниот извор на живот

[Слики на страница 194]

После сите овие векови, светските услови се позаплашувачки од кога и да е порано

[Слика на страница 195]

Со тоа што допуштил доволно време за да се одговорат прашањата, Бог утврдил преседан за иднината, како фундаменталната одлука на еден врховен суд

[Слика на страница 197]

Секое страдање што луѓето претходно го доживеале, ќе биде избришано од радостите во Божјиот Нов Поредок