Зошто многумина ја прифаќаат еволуцијата?
Поглавје 15
Зошто многумина ја прифаќаат еволуцијата?
1, 2. Која е една од причините зошто многу луѓе веруваат во еволуцијата?
КАКО што веќе видовме, доказот за создавањето е огромен. Тогаш, зошто многу луѓе го отфрлаат создавањето и наместо него ја прифаќаат еволуцијата? Една причина е она што биле поучувани на училиште. Научните учебници речиси секогаш го унапредуваат гледиштето на еволуцијата. Ретко, ако и воопшто, на ученикот му се изнесуваат спротивните аргументи. Всушност, обично се спречува во школските учебници да се појават аргументи против еволуцијата.
2 Во списанието American Laboratory, еден биохемичар го напишал следново во врска со школувањето на неговите деца: „На детето не му се претставува еволуцијата како теорија. Во научните текстови се даваат прикриени изјави уште во второ одделение (врз основа на она што го прочитав во учебниците на моите деца). Еволуцијата е претставена како факт, а не како концепт што може да биде доведен во прашање. Потоа, авторитетот на образовниот систем присилува да се верува“. Во врска со учењето за еволуцијата во повисоките одделенија, тој рекол: „На ученикот не му е допуштено да има свои лични верувања или, пак, да ги изнесува: ако ученикот го стори тоа, тој е подложен на исмејување и критики од страна на наставникот. Честопати ученикот ризикува академски губиток затоа што неговите гледишта не се ‚исправни‘ и оценката му е намалена“.1
3. Како некои луѓе се условени да ја прифатат еволуцијата?
3 Еволуционистичките гледишта не продираат само во училиштата туку и во сите области на науката и на другите полиња, како што се историјата и филозофијата. Книги, статии во списанија, филмови и телевизиски програми ја прикажуваат како утврден факт. Честопати слушаме или читаме фрази како што се овие: ‚Кога човекот еволуирал од нижите животни‘ или ‚Пред милиони години, кога животот еволуирал во океаните‘. Така, луѓето се условени да ја прифатат еволуцијата како факт, а доказите за спротивното поминуваат незабележани.
Тежината на авторитетот
4. Како тежината на авторитетот се става во корист на еволуцијата?
4 Кога водечки едукатори и научници тврдат дека еволуцијата е факт и претполагаат дека само неуките одбиваат да веруваат во неа, колкумина лаици ќе им противречат? Оваа тежина на авторитетот која се става во корист на еволуцијата е една голема причина зошто ја прифаќаат голем број луѓе.
5. а) Кој пример покажува како научниците честопати ја користат тежината на својот авторитет? б) Зошто се погрешни таквите тврдења?
5 Еден типичен пример за гледиштата кои честопати ги застрашуваат лаиците е следново тврдење на Ричард Докинс: „Дарвиновата теорија сега ја поддржува целиот релевантен доказ што стои на располагање, а во нејзината вистинитост не се сомнева ниту еден сериозен современ биолог“.2 Но, дали тоа навистина е така? Воопшто не. Едно мало истражување ќе открие дека многу научници, вклучувајќи и ‚сериозни современи биолози‘, не само што се сомневаат во еволуцијата туку и не веруваат во неа.3 Тие веруваат дека доказот за создавањето е далеку, далеку посилен. Според тоа, неоснованите изјави како изјавата на Докинс се погрешни. Но, тие се типични за обидите да се сокрие противењето со помош на едно такво изразување. Забележувајќи го ова, еден набљудувач напишал во New Scientist: „Дали Ричард Докинс има толку мала вера во доказот за еволуцијата што мора да прави неосновани обопштувања за да ги побие противниците на неговите верувања?“4
6. На кој начин еволуционистичкиот догматизам е спротивен на прифатената научна метода?
6 На сличен начин, книгата A View of Life од еволуционистите Луриа, Гулд и Сингер, изјавува дека „еволуцијата е факт“ и тврди: „Би можеле да се сомневаме и во тоа дека Земјата кружи околу Сонцето или дека водородот и кислородот образуваат вода“.5 Исто така, таа изјавува дека еволуцијата е исто толкав факт колку што е и постоењето на гравитацијата. Но, може експериментално да се докаже дека Земјата кружи околу Сонцето, дека водородот и кислородот образуваат вода и дека постои гравитација. Еволуцијата не може да се докаже експериментално. Всушност, истите овие еволуционисти признаваат дека „беснее дебата во врска со теориите на еволуцијата“.6 Но, дали сѐ уште беснеат дебати за тоа дека Земјата кружи околу Сонцето, дека водородот и кислородот образуваат вода и дека постои гравитација? Не. Тогаш, колку е разумно да се рече дека еволуцијата е исто толкав факт колку што се и овие работи?
7. Зошто научниците не ги засноваат секогаш своите заклучоци врз факти?
7 Во предговорот на книгата Missing Links од Џон Ридер, Дејвид Пилбим покажува дека научниците не ги засноваат своите заклучоци секогаш врз факти. Една причина, вели Пилбим, е тоа што и научниците „се луѓе и затоа што многу работи висат на конец, бидејќи постојат блескави награди во вид на слава и публицитет“. Книгата признава дека еволуцијата е „наука која добива сила од личните амбиции и која е многу подложна на однапред смислени верувања“. Како пример, таа забележува: „Кога однапред смислената идеја е . . . толку воодушевено дочекана и толку долго прилагодувана како во случајот со Пилтдаунскиот човек, науката открива вознемирувачка склоност да се верува пред да се истражи“. Авторот додава: „Современите [еволуционисти] не се ништо помалку склони да се приклонат кон погрешни податоци кои ги поткрепуваат нивните однапред смислени идеи отколку што беа претходните истражувачи . . . [кои] ја отфрлија објективната проценка во корист на идеите во кои сакаа да веруваат“.7 Значи, затоа што се свртеле кон еволуцијата и од желба да ги унапредат своите кариери, некои научници не сакаат да ја признаат можноста за грешка. Напротив, тие работат на оправдување на однапред смислените идеи наместо да ги признаат фактите кои може да наштетат.
8. Зошто В. Р. Томсон го осудил масовното преобраќање кон верувањето во еволуцијата?
8 Овој ненаучен став го забележал и го осудил В. Р. Томсон во својот предговор на стогодишното издание на Дарвиновото Потекло на видовите. Томсон изјавил: „Ако аргументите не успеат да ѝ одолеат на анализата, не треба да се даде согласност, а масовното преобраќање кое се должи на погрешен аргумент мора да се смета за жалосно“. Тој рекол: „Фактите и толкувањата на кои се ослонил Дарвин, сега престанаа да бидат уверливи. Долготрајните истражувања за наследноста и за варијациите ја поткопаа дарвинистичката позиција“.8
9. Што рекол Томсон за тоа што научниците ги потиснуваат критиките на еволуцијата?
9 Томсон исто така забележал: „Долготрајната и жалосна последица од успехот на Потеклото била таа што биолозите се оддале на шпекулирање кое не може да се провери . . . Успехот на дарвинизмот бил придружен со опаѓање на научниот интегритет“. Тој заклучил: „Во науката не е нормална и не е пожелна ваква ситуација во која луѓето од науката се ставаат во одбрана на некоја доктрина која не можат научно да ја дефинираат а уште помалку да ја прикажат со научна точност, обидувајќи се да го задржат нејзиниот углед пред јавноста со потиснување на критиките и со отстранување на тешкотиите“.9
10. Зошто многу научници ја прифаќаат еволуцијата како „факт“?
10 Слично на тоа, еден професор по антропологија, Антони Острик, ги критикувал своите колеги од науката затоа што го прогласиле „за факт“ тоа дека човекот потекнал од мајмунолики суштества. Тој рекол дека „во најдобар случај тоа е само хипотеза, и тоа хипотеза која не е добро поткрепена“. Забележал дека „не постои доказ за тоа дека човекот не останал во суштина истиот уште од времето на првиот доказ за неговото појавување“. Тој антрополог рекол дека огромен број професионалци се приклониле кон оние кои ја унапредуваат еволуцијата „од страв дека нема да бидат прогласени за сериозни изучувачи или дека ќе бидат отфрлени од сериозните академски кругови“.10 Во овој поглед, Хојл и Викрамазинг исто така коментираат: „Или ќе верувате во тие концепти или неизбежно ќе бидете жигосани како еретици“.11 Една последица од ова била неспремноста од страна на многу научници без предрасуди да го испитаат гледиштето на создавањето. Како што забележало едно писмо до уредникот на Hospital Practice, „науката отсекогаш се гордеела со својата објективност, но се плашам дека ние научниците брзо стануваме жртви на пристрасното, тесноградо размислување кое сме го презирале толку долго време“.12
Пропустот на религијата
11. На кој начин пропустот на религијата бил фактор во прифаќањето на еволуцијата?
11 Една дополнителна причина за прифаќањето на еволуцијата е пропустот на конвенционалната религија не само во она што го поучува туку и во она што го прави, како и нејзиниот пропуст исправно да го прикаже библискиот извештај за создавањето. Информираните лица се сосема свесни дека религијата има досие на лицемерност, угнетување и инквизиции. Тие гледале како свештенството поддржува крволочни диктатори. Знаат дека луѓето од иста религија во војните се убивале еден со друг на милиони, а свештенството ја поддржувало секоја страна. Затоа не наоѓаат причина да размислуваат за Богот кого овие религии наводно го претставуваат. Исто така, апсурдните и небиблиски доктрини го потпомагаат ваквото оттуѓување. Таквите идеи како што е вечното мачење — дека Бог засекогаш ќе ги гори луѓето во некаков дословен пеколен оган — им се одбивни на луѓето кои резонираат.
12. Што всушност покажува пропустот на религиите на овој свет?
12 Меѓутоа, таквите религиозни учења и постапки не им се одбивни само на луѓето кои резонираат туку доказот во Библијата вели дека му се одбивни и на Бог. Всушност, Библијата отворено го разоткрива лицемерството на извесни религиозни водачи. На пример, за нив таа вели: „И вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“ (Матеј 23:28). На обичните луѓе Исус им рекол дека нивните свештеници биле „слепи водачи“ кои не поучувале за она што доаѓа од Бог туку, напротив, поучувале „човечки повелби“ (Матеј 15:9, 14). Слично на тоа, Библијата ги осудува религиозните луѓе кои „јавно изјавуваат дека го познаваат Бог, но се одречуваат од него преку своите дела“ (Тит 1:16, NW). Затоа, и покрај нивните тврдења, религиите кои го унапредуваат или одобруваат лицемерството и крвопролевањето не потекнуваат од Бог ниту, пак, го претставуваат него. Наместо тоа, тие се наречени ‚лажни пророци‘ и споредени се со дрвја кои даваат „лоши плодови“ (Матеј 7:15—20; Јован 8:44; 13:35; 1. Јованово 3:10—12).
13. Каков недостиг на водство е очигледен во религијата?
13 Исто така, многу религии се повлекле пред еволуцијата, а со тоа не им дале никаква алтернатива на своите верници. На пример, New Catholic Encyclopedia наведува: „Општата еволуција, дури и на човечкото тело, изгледа најверојатен научен извештај за потеклото“.13 На еден ватикански состанок, 12 изучувачи кои го претставувале највисокото научно тело на Католичката црква, се согласиле со овој заклучок: „Уверени сме дека мноштвото докази ја доведува примената на концептот за еволуцијата на човекот и на другите примати вон секаква сериозна полемика“.14 Со таква поткрепа од религијата, дали е веројатно дека неинформираните членови на црквата ќе се спротивстават дури и тогаш кога „мноштвото докази“, всушност, не ја поткрепува еволуцијата туку, наместо тоа, го поткрепува создавањето?
14. Како честопати се пополнува празнината што ја создава лажната религија?
14 Празнината што ја создава ова честопати се пополнува со агностицизам и атеизам. Напуштајќи го верувањето во Бог, луѓето ја прифаќаат еволуцијата како алтернатива. Денес, во повеќе земји, атеизмот заснован на еволуцијата е дури и официјална државна политика. Одговорноста за голем дел од ваквото неверување може да се припише на религиите на овој свет.
15. Кои други погрешни религиозни идеи одвраќаат од верувањето во Бог и во Библијата?
15 Исто така, некои религиозни доктрини ги наведуваат луѓето да веруваат дека Библијата поучува работи кои се спротивни на научните факти, па затоа тие го отфрлаат Богот на Библијата. На пример, како што беше забележано во едно претходно поглавје, некои погрешно тврдат дека Библијата поучува дека Земјата била создадена за шест дословни дена од 24 часа и дека е стара само 6.000 години. Но, Библијата не поучува такви работи.
,Верувам само во она што го гледам‘
16. Зошто некои луѓе го отфрлаат концептот за Создател?
16 Некои луѓе искрено го отфрлаат концептот за Создател бидејќи сметаат дека, како што се вели, ‚треба да веруваш само во она што го гледаш‘. Ако нешто не може да се види или да се измери на некој начин, тогаш можеби сметаат дека тоа не постои. Вистина, во секојдневниот живот го признаваат постоењето на многу работи кои не можат да се видат, како што се електрицитетот, магнетизмот, радио или телевизиските бранови и гравитацијата. Сепак, тоа не го менува нивното гледиште затоа што сите овие работи можат да се измерат или да се почувствуваат преку некое друго физичко средство. Но, не постои физички начин да се види или, пак, да се измери Создателот, односно Бог.
17, 18. а) Кој видлив доказ го потврдува постоењето на невидлив Создател? б) Зошто не треба да очекуваме да го видиме Бог?
17 Меѓутоа, како што видовме во претходните поглавја, постои здрава причина да се верува дека еден невидлив Создател сепак постои затоа што можеме да го набљудуваме доказот, физичките резултати од неговата ракотворба. Тоа го гледаме во техничката совршеност и сложеноста на структурата на атомот, во величествено организираниот универзум, во единствената планета Земја, во зачудувачкиот дизајн на живите суштества и во човечкиот мозок кој влева стравопочитување. Ова се последици кои мора да имаат соодветна причина која е одговорна за нивното постоење. Дури и материјалистите го прифаќаат овој закон за причина и последица во сите други работи. Зошто да не биде така и во врска со самиот физички универзум?
18 Во овој поглед, библискиот едноставен аргумент најдобро го изразува тоа: „Невидливите особини [на Создателот], односно неговата вечна моќ и божество, беа видливи, уште откако започна светот, за окото на разумот, во работите што ги направил тој“ (Римјаните 1:20, The New English Bible). Со други зборови, Библијата резонира од последицата кон причината. Видливото создание, односно „работите што ги направил тој“ и кои влеваат стравопочитување, се очигледна последица која мора да има интелигентна причина. Таа невидлива причина е Бог. Исто така, како Творец на целиот универзум, Создателот несомнено поседува толку огромна моќ што луѓето од тело и крв не треба да очекуваат да го видат Бог и да преживеат. Како што коментира Библијата, „не може човек да го види лицето [на Бог] и да остане жив“ (2. Мојсеева 33:20).
Уште една голема причина за неверување
19. Која е уште една голема причина зошто многумина ја прифаќаат еволуцијата?
19 Постои уште една голема причина зошто многу луѓе го напуштаат верувањето во Бог и ја прифаќаат еволуцијата. Тоа е распространетоста на страдањето. Со векови имало толку многу неправда, угнетување, криминал, војни, болести и смрт. Многу луѓе не сфаќаат зошто сите овие тешкотии дошле врз човечката фамилија. Тие сметаат дека еден семоќен Создател не би допуштил такви работи, но бидејќи овие услови сепак постојат, сметаат дека не е можно да постои Бог. Затоа, кога ќе им се изнесе еволуцијата, ја прифаќаат како единствен избор, честопати без многу истражување.
20. Кои прашања треба да се одговорат?
20 Тогаш, зошто еден семоќен Создател би допуштил толку многу страдања? Дали секогаш ќе биде така? Ако го разбереме одговорот на овој проблем, ќе можеме да ја разбереме и подлабоката причина за тоа зошто теоријата на еволуцијата станува толку раширена во нашево време.
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 179]
На ученикот ретко му се изнесуваат спротивните аргументи
[Истакната мисла на страница 180]
Учењето за еволуцијата продира во науката и на другите полиња
[Истакната мисла на страница 180]
Многу едукатори и научници велат или претполагаат дека само неуките не веруваат во еволуцијата
[Истакната мисла на страница 182]
„[Еволуционата] наука открива вознемирувачка склоност да се верува пред да се истражи“
[Истакната мисла на страница 182]
„Фактите и толкувањата на кои се ослонил Дарвин, сега престанаа да бидат уверливи“
[Истакната мисла на страница 183]
‚Во науката не е нормално и не е пожелно . . . потиснување на критиките‘
[Истакната мисла на страница 185]
Празнината што ја создава грешката на религијата честопати води до прифаќање на еволуцијата
[Истакната мисла на страница 187]
Поради тоа што постои страдање, многумина го напуштаат верувањето во Бог и ја прифаќаат еволуцијата
[Слики на страница 181]
Дали сѐ уште беснеат дебати за тоа дека Земјата се врти околу Сонцето, дека водородот и кислородот образуваат вода, дека постои гравитација?
Орбита
Вода
Гравитација
[Слика на страница 184]
Свештенството кое во војната ги поддржувало обете страни, нетрпеливоста и лажните науки, како што е пеколниот оган, одвратуваат многумина
[Слики на страница 186]
Постоењето на Творец е докажано со „она што е создадено“