Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш ли да имаш доверба во Библијата?

Можеш ли да имаш доверба во Библијата?

Поглавје 17

Можеш ли да имаш доверба во Библијата?

1. а) Кое гледиште за Библијата го имаат многумина, спротивно на тврдењето на самата Библија? б) Кое прашање се покренува?

 МНОГУМИНА ја сметаат Библијата едноставно за книга што ја напишале мудри луѓе од некоја измината ера. Еден универзитетски професор, Џералд А. Лару, тврдел: „Гледиштата на писателите, како што се изнесени во Библијата, ги одразуваат идеите, верувањата и концептите кои биле актуелни во нивните времиња и се ограничени од обемот на спознанието во тие времиња“.1 Сепак, Библијата тврди дека е книга инспирирана од Бог (2. Тимотеј 3:16). Ако е тоа вистина, таа сигурно би била незасегната од погрешните гледишта што преовладувале во времето кога се пишувале нејзините различни делови. Може ли Библијата да го издржи испитот во светло на сегашното спознание?

2. Како новите информации честопати влијаат врз пишувањата на луѓето за научните работи?

2 Додека го разгледуваме ова прашање, имај на ум дека со напредокот на спознанието луѓето постојано мораат да ги преиначуваат своите гледишта за да се усогласат со новите информации и откритија. Еднаш, Scientific Monthly забележал: „Премногу е да се очекува дека статиите напишани во некои случаи [дури и] пред пет години, сега би можеле да бидат прифатени како такви кои го претставуваат најновото мислење на оние полиња од науката на кои се однесуваат“.2 Сепак, Библијата била пишувана и составувана во период од околу 1.600 години и била комплетирана пред скоро 2.000 години. Што може да се каже денес за нејзината точност?

Библијата и науката

3. Какви гледишта имале древните луѓе во врска со потпирањето на Земјата, но што вели Библијата?

3 Кога се пишувала Библијата, се нагаѓало за тоа како Земјата се држи во просторот. На пример, некои верувале дека Земјата ја потпираат четири слона кои стојат на една голема морска желка. Но, наместо да ги одразува измислените, ненаучни гледишта кои постоеле во времето на нејзиното пишување, Библијата едноставно изјавила: „Го послал [Бог] северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). Да, пред повеќе од 3.000 години, Библијата исправно забележала дека Земјата нема видлива потпора, факт кој е во согласност со неодамна разбраните закони за гравитација и движење. „Како Јов ја знаел вистината“, забележал еден научник за религија, „е прашање на кое не можат лесно да дадат одговор оние кои ја негираат инспирираноста на Светото писмо“.3

4, 5. а) Што верувале некогаш луѓето за обликот на Земјата, и каков страв предизвикувало тоа? б) Што вели Библијата во врска со обликот на Земјата?

4 Во врска со обликот на Земјата, The Encyclopedia Americana вели: „Најраната позната претстава што ја имале луѓето за Земјата била дека таа е рамна, неподвижна плоча во центарот на универзумот . . . Концептот за сферична Земја не бил нашироко прифатен сѐ до ренесансата“.4 Некои рани морепловци дури и се плашеле да не отпловат од работ на рамната Земја! Но, тогаш, воведувањето на компасот и другите откритија овозможиле подолги океански патувања. Овие „патувања на откритија“, објаснува една друга енциклопедија, „покажале дека светот е кружен а не рамен, како што верувале повеќето луѓе“.5

5 Сепак, долго пред таквите патувања, всушност пред околу 2.700 години, Библијата рекла: „Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него“ (Исаија 40:22). Хебрејскиот збор куг, преведен со „круг“, може да значи и „сфера“, како што покажуваат прирачниците како што е Давидсоновиот Analytical Hebrew and Chaldee Lexicon. Затоа, други преводи гласат „Земјината топка“ (Douay Version) и „кружната Земја“ (Moffatt). Со тоа, врз Библијата не влијаело погрешното гледиште за рамна Земја кое било раширено додека се пишувала. Таа била точна.

6. Кој чудесен кружен тек, кој не бил општо познат во древните времиња, го опишува Библијата?

6 Луѓето уште одамна забележале дека реките течат во морињата и океаните, а сепак нивната длабочина не се зголемува. Сѐ додека не се дознало дека Земјата е сферична, некои верувале дека тоа е така затоа што од краевите на Земјата се прелева исто толкаво количество вода. Подоцна се дознало дека секоја секунда Сонцето „испумпува“ од морињата илјадници милиони литри вода во вид на водена пареа. Ова создава облаци кои ветрот ги движи над копнените предели каде што влагата паѓа во вид на дожд и снег. Потоа водата тече во реките и повторно дотекува во морињата. Иако овој чудесен кружен тек не бил општо познат во древните времиња, за него се зборува во Библијата: „Секоја река тече во морето, но морето сепак не се преполнува. Водата се враќа онаму каде што почнале реките и сѐ повторно започнува“ (Проповедник 1:7, Today’s English Version).

7, 8. а) Како било докажано дека Библијата е точна во врска со она што го вели за потеклото на универзумот? б) Каква е реакцијата на некои астрономи во врска со овие понови информации, и зошто?

7 Во врска со потеклото на универзумот, Библијата изјавува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Но, многу научници сметале дека ова е ненаучно, тврдејќи дека универзумот немал почеток. Меѓутоа, укажувајќи на поновите информации, астрономот Роберт Џастро објаснува: „Суштината на чудниот развој на настаните е дека универзумот, во некоја смисла, имал почеток — дека започнал во некој извесен момент од времето“. Овде Џастро се осврнува на сега општо прифатената теорија за праексплозија, како што е забележано во 9. поглавје. Тој додава: „Сега гледаме како астрономските докази водат до библиското гледиште за потеклото на светот. Деталите се разликуваат, но суштинските елементи во астрономскиот и во библискиот извештај од 1. Мојсеева се исти“.6

8 Каква била реакцијата на таквите откритија? „Астрономите се необично вознемирени“, пишува Џастро. „Нивните реакции на еден интересен начин покажуваат како реагира научниот ум — наводно многу објективен ум — кога доказот што го открила самата наука води до конфликт со моментите на вера во нашата професија. Излегува дека научникот се однесува исто онака како што правиме сите ние кога нашите верувања се во конфликт со доказот. Се раздразнуваме, се преправаме дека конфликтот не постои или, пак, го маскираме со бесмислени фрази.“7 Но, останува фактот дека иако „доказот што го открила науката“ не се согласувал со она што научниците долго време го верувале во врска со потеклото на универзумот, сепак тој го потврдил она што било напишано во Библијата уште пред милениуми.

9, 10. а) Што вели Библијата за еден голем потоп? б) Кој доказ сега потврдува дека е вистина она што го вели Библијата?

9 Во деновите на Ное, вели Библијата, еден голем потоп ги покрил највисоките планини на Земјата и го уништил целиот човечки живот кој бил надвор од огромната арка што ја изградил Ное (1. Мојсеева 7:1—24). Многумина се потсмевале на овој извештај. Сепак, на високите планини се пронајдени морски школки. А еден понатамошен доказ дека во не толку далечно минато се случил потоп од огромни размери е големиот број фосили и лешеви наталожени во заледените, калливи талози. The Saturday Evening Post забележал: „Многу од овие животни биле совршено свежи, цели и неоштетени и сѐ уште стоеле или барем клечеле во исправена положба . . . Според нашиот претходен начин на размислување — ова е една навистина шокантна слика. Големи стада од огромни, добро нахранети животни кои не биле посебно создадени за крајно студени услови, спокојно се хранеле на сончевите пасишта . . . Наеднаш сите изгинале без некаков видлив знак на насилство и пред да можат дури и да го проголтаат последниот залак храна, а потоа биле брзо замрзнати, и тоа толку брзо што секоја клетка на нивните тела е совршено зачувана“.8

10 Ова се совпаѓа со она што се случило во големиот потоп. Библијата го опишува со овие зборови: „Бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески“. Поројниот дожд ‚се засилил на земјата‘, без сомнение, придружен од студени ветрови во поларните региони (1. Мојсеева 1:6—8; 7:11, 19). Таму промената на температурата би била најбрза и најдрастична. Со тоа, различни облици на живот биле проголтани и зачувани во замрзнатата кал. Таков можеби бил мамутот што го откриле ископувачите во Сибир, кој се гледа на придружната илустрација. Во неговата уста и желудник сѐ уште имало растителна храна, неговото месо можело дури и да се јаде кога било одмрзнато.

11. Што друго во Библијата било потврдено со зголеменото спознание, и поради тоа до каков заклучок дошле дури и некои научници?

11 Колку подлабоко се испитува Библијата толку позачудувачка е нејзината извонредна точност. Како што е забележано на 36. и 37. страница од оваа книга, Библијата ги изнесува фазите на создавањето по истиот редослед кој сега го потврдува науката — факт што тешко може да се објасни доколку Библијата едноставно има човечко потекло. Ова е уште еден пример за многуте детали во Библијата што биле потврдени со зголемувањето на спознанието. Со добра причина, еден од најголемите научници на сите времиња, Исак Њутн, рекол: „Ниту една наука не е подобро потврдена од религијата на Библијата“.9

Библијата и здравјето

12. Како еден лекар направил разлика меѓу вообичаените суеверија во врска со здравјето и изјавите во Библијата?

12 Низ вековите постоело големо незнаење во врска со здравјето. Еден лекар дури забележал: „Голем број луѓе сѐ уште се многу суеверни, верувајќи дека див костен во џебот ќе спречи ревматизам, дека држењето крастави жаби во рацете ќе предизвика брадавици, дека носењето црвена ткаенина околу вратот ќе излечи воспалено грло“ и друго. Сепак, тој објаснил: „Во Библијата не се наоѓаат такви изјави. Самото тоа е извонредно“.10

13. Кое ризично медицинско лечење го пропишувале древните Египќани?

13 Исто така, до извонреден заклучок се доаѓа кога некој ќе ги спореди ризичните медицински лечења што се користеле во минатото и она што го вели Библијата. На пример, папирусот Еберс, медицински документ на древните Египќани, пропишувал употреба на измет за да се лекуваат различни заболувања. Тој дал упатство да се нанесе човечки измет помешан со свежо млеко како облога на раните што остануваат откако ќе падне крастата. А лекот за вадење иверки од телото гласи: „Крв од црв, свари и згмечи во масло; кртица, убиј, свари и исцеди во масло; измет од магаре, измешај во свежо млеко. Нанеси на отворот“.11 Сега се знае дека таквото лечење може да доведе до сериозни инфекции.

14. Што вели Библијата за отстранувањето на отпадните материи, и како тоа било заштита?

14 Што вели Библијата за изметот? Таа упатува: „Кога ќе одиш таму надвор, ископај со [направа за копање] земја и потоа покри ја со неа нечистотијата своја“ (5. Мојсеева 23:13). Значи, далеку од тоа да пропишува измет во некое медицинско лечење, Библијата дала упатство за безбедно отстранување на отпадните материи. Сѐ до овој век не била општо позната опасноста од оставањето на изметот изложен на мувите. Како резултат на тоа, се рашириле сериозни болести кои ги пренесуваат мувите, што довело до смрт на многу луѓе. Сепак, за сето тоа време во Библијата бил запишан едноставниот лек, кој Израелците го следеле пред повеќе од 3.000 години.

15. Која медицинска постапка што довела до многу смртни случаи ќе се избегнела доколку се следел библискиот совет во врска со допирањето мртви лица?

15 Во текот на минатиот век, медицинскиот персонал одел од просторијата за сецирање, каде што биле во допир со мртвите, директно во породилниот оддел, каде што вршеле испитувања а не ги миеле дури ни рацете. Со тоа, инфекциите се пренесувале од мртвите и затоа многу други умреле. Дури и тогаш кога било покажано колку вреди да се мијат рацете, многумина во медицинските кругови се спротивставувале на таквите хигиенски мерки. Без сомнение, не им било познато дека ја одбиваат мудроста од Библијата, бидејќи Јеховиниот закон за Израелците пропишувал дека секој кој допрел мртво лице станувал нечист и морал да се измие себеси и облеката (4. Мојсеева 19:11—22).

16. Како била покажана мудрост над човечкото спознание во давањето упатство обрежувањето да се извршува осмиот ден?

16 Како знак на завет со Авраам, Јехова Бог рекол: „Секое машко дете кога ќе наполни осум дена по раѓањето . . . да биде обрезано“. Подоцна, ова барање ѝ било повторено на нацијата Израел (1. Мојсеева 17:12; 3. Мојсеева 12:2, 3). Не било дадено објаснување зошто бил конкретизиран осмиот ден, но сега разбираме. Медицинското истражување открило дека витаминот К, елемент кој ја засирува крвта, се накачува до соодветно ниво дури тогаш. Еден друг битен елемент за засирување, протромбинот, изгледа дека осмиот ден е повисок отколку во кое било друго време во текот на животот на детето. На темел на овој доказ, д-р С. И. Мекмилан заклучил: „Идеален ден за да се изврши обрежување е осмиот ден“.12 Дали ова било чиста случајност? Воопшто не. Тоа било спознание што го пренел еден Бог кој знаел.

17. Кое е едно друго научно откритие кое ја потврдува Библијата?

17 Едно друго откритие на современата наука е степенот до кој умствениот став и емоциите влијаат врз здравјето. Една енциклопедија објаснува: „Од 1940 година станало сѐ поочигледно дека физиолошките функции на органите и на органските системи се тесно поврзани со состојбата на умот на поединецот и дека можат да настанат дури и промени во ткивото на органите кои се погодени на таков начин“.13 Меѓутоа, на оваа тесна поврзаност помеѓу умствениот став и физичкото здравје уште многу одамна било укажано во Библијата. На пример, таа вели: „Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските“ (Изреки 14:30; 17:22).

18. Како Библијата ги одвратува луѓето од штетни емоции а го нагласува покажувањето љубов?

18 Затоа, Библијата ги одвратува луѓето од штетни емоции и ставови. „Да одиме чесно“, опоменува таа, „не . . . во препирка и завист.“ Исто така, таа советува: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни“ (Римјаните 13:13; Ефесјаните 4:31, 32). Библијата особено препорачува љубов. „Над сето тоа“, вели таа, „облечете се во љубов.“ Како најголем поборник за љубовта, Исус им рекол на своите ученици: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив“. Во својата Проповед на гората тој дури рекол: „Љубете ги непријателите свои“ (Колосјаните 3:12—15; Јован 13:34; Матеј 5:44). Многумина можеби се потсмеваат на ова нарекувајќи го слабост, но тие плаќаат за тоа. Науката дознала дека недостигот на љубов е еден главен фактор за многу душевни болести и за други проблеми.

19. Што открила современата наука во врска со љубовта?

19 Британскиот медицински журнал Lancet еднаш забележал: „Далеку најзначајно откритие на науката за ментално здравје е моќта на љубовта да го заштити и да го обнови умот“.14 Слично на тоа, еден познат специјалист за стрес, д-р Ханс Сели, рекол: „Оној што го мразат или, пак, шефот што фрустрира нема да добие чир, хипертензија и болест на срцето. Ќе ги добие оној кој мрази или оној кој допушта да го исфрустрираат. ‚Сакај го својот ближен‘ е еден од најмудрите медицински совети кои воопшто биле дадени“.15

20. Како еден доктор ги споредил Христовите учења од Проповедта на гората со советот на психијатрите?

20 Навистина, мудроста на Библијата е далеку пред современите откритија. Како што напишал еднаш д-р Џејмс Т. Фишер, „ако го земете вкупниот збир од сите авторитетни статии што некогаш ги напишале најквалификуваните психолози и психијатри на тема за менталната хигиена — ако ги комбинирате, ги прочистите и го отстраните вишокот зборови — ако ја земете сржта а го отстраните неважното и ако овие неизвалкани делови чисто научно спознание концизно ги изразат најнадарените поети што живеат, би имале несмасен и некомплетен збир од Проповедта на гората“.16

Библијата и историјата

21. Како гледале критичарите на историската вредност на Библијата пред стотина години?

21 Откако Дарвин ја објавил својата теорија на еволуцијата, библискиот историски извештај се нашол под општ напад. Археологот Леонард Вули објаснил: „Кон крајот на деветнаесеттиот век се појавила една екстремна школа на критичари која била спремна да ја негира историската основа практично на сѐ што е раскажано во првите книги на Стариот завет“.17 Всушност, некои критичари дури тврделе дека пишувањето не било во општа употреба сѐ до времето на Соломон или после тоа; и затоа, не би можело да се има доверба во раните библиски раскажувања бидејќи биле запишани со векови откако се случиле настаните. Во 1892 година, еден од застапниците на оваа теорија рекол: „Времето за кое станува збор во предмозаитските раскажувања, е доволен доказ за нивниот легендарен карактер. Тоа било време пред спознанието за пишувањето“.18

22. Што се дознало за способноста на раните народи да пишуваат?

22 Меѓутоа, во последно време е собрана голема количина археолошки докази кои покажуваат дека пишувањето било вообичаено долго пред времето на Мојсеј. „Повторно мораме да нагласиме“, објаснил археологот Вилијам Фоксвел Олбрајт, „дека алфабетското писмо на хебрејски јазик се користело во Ханан и соседните области уште од патријархалната ера наваму и дека брзината со која се менувал обликот на буквите е јасен доказ за вообичаената употреба.“19 А еден друг водечки историчар и археолог забележал: „Сега ни изгледа апсурдно тоа што воопшто некогаш се покренало прашањето дали Мојсеј би можел да знае да пишува“.20

23. Што било откриено за царот Саргон, и до какво менување на гледиштата довело тоа?

23 Секогаш одново библискиот историски запис бил поткрепуван со откривање на нови информации. На пример, асирскиот цар Саргон долго време бил познат само од библискиот извештај во Исаија 20:1. Всушност, во текот на првиот дел од минатиот век, ова библиско осврнување на него критичарите го отфрлиле како без историска вредност. Тогаш, археолошките ископувања ги обелоденија урнатините од Саргоновата величествена палата во Корсабад, вклучувајќи многу натписи во врска со неговото владеење. Како резултат на тоа, сега Саргон важи за еден од најпознатите асирски цареви. Израелскиот историчар Моше Перлман напишал: „Одеднаш, скептичарите кои се сомневаа во автентичноста дури и на историските делови на Стариот завет, почнаа да ги менуваат своите гледишта“.21

24. Во колкава мерка асирскиот извештај за Саргон се совпаѓа со библискиот извештај за освојувањето на Самарија?

24 Еден од Саргоновите натписи зборува за еден настан што претходно бил познат само од Библијата. Тој гласи: „Јас ја опседнав и ја освоив Самарија, одведов како плен 27.290 нејзини жители“.22 Библискиот извештај за ова во 4. Царства 17:6 гласи: „Во деветтата година на Осија, асирскиот цар ја презеде Самарија, ги пресели Израилците во Асирија“. Во врска со впечатливата сличност меѓу овие два извештаја, Перлман забележал: „Значи, тоа беа два извештаја во аналите на освојувачот и на победениот, едниот речиси огледало на другиот“.23

25. Зошто не треба да очекуваме библискиот и световниот извештај да се согласуваат во секој поглед?

25 Според тоа, треба ли да очекуваме библискиот и световниот запис да се сложуваат во секој детаљ? Не, како што забележува Перлман, „ваквото идентично ‚известување за војна‘ од обете страни било необично на Средниот Исток од древните времиња (а понекогаш и во современо доба). Тоа се случувало само кога завојуваните земји биле Израел и еден од неговите соседи и само кога Израел бил поразен. Кога победувал Израел, во хрониките на непријателот не се појавувал никаков запис за поразот“.24 (Курзивот е додаден.) Затоа, не изненадува тоа што во асирските извештаи за воената кампања во Израел од страна на Саргоновиот син, Сенахирим, испуштен е еден голем податок. Кој е тој?

26. Како извештајот на Сенахирим се совпаѓа со она што се наоѓа во Библијата во врска со неговиот воен поход во Израел?

26 Беа откриени ѕидни релјефи од палатата на царот Сенахирим кои прикажуваат сцени од неговиот поход во Израел. Беа пронајдени и пишани описи. Еден од нив, на една глинена призма, гласи: „А што се однесува до Езекија, Евреинот, тој не се потчини на мојот јарем, јас поставив опсада на 46 од неговите силни градови . . . Него самиот го направив затвореник во Ерусалим, неговата царска престолнина, како птица во кафез . . . Ја намалив неговата земја, но сепак го зголемив данокот и катру̂-подароците (кои ми следуваат) мене (како негов) врховен господар“.25 Значи, верзијата на Сенахирим се совпаѓа со Библијата онаму каде што станува збор за победите на Асирија. Но, како што би се очекувало, тој испушта да го спомне својот неуспех да го освои Ерусалим, како и фактот дека бил присилен да се врати дома затоа што во една ноќ биле убиени 185.000 негови војници (4. Царства 18:13—19:36; Исаија 36:1—37:37).

27. Како библискиот извештај за убиството на Сенахирим се совпаѓа со она што го велат за тоа древните световни извештаи?

27 Да го разгледаме убиството на Сенахирим и она што покажува едно недамнешно откритие. Библијата кажува дека двајца негови синови, Адрамелех и Сарасар, го убиле Сенахирим (4. Царства 19:36, 37). Сепак, и извештајот што му се припишува на вавилонскиот цар Набонид и извештајот на вавилонскиот свештеник Верозус од третиот век пр .н. е. спомнуваат дека во убиството е вклучен само еден син. Што било точно? Коментирајќи за неодамнешното откритие на една фрагментирана призма на Асардан, Сенахиримов син кој го наследил како цар, историчарот Филип Биберфелд напишал: „Само библискиот извештај се покажал точен. Натписот на Асардан го потврдил во најситни детали и се покажал поточен во врска со овој настан земен од вавилонско-асирската историја отколку самите вавилонски извори. Ова е еден факт од крајна важност за проценувањето дури и на современите извори кои не се во склад со библиската традиција“.26

28. Како било потврдено она што го вели Библијата за Валтазар?

28 Едно време, сите познати древни извори се разликувале од Библијата и во врска со Валтазар. Библијата го прикажува Валтазар како цар на Вавилон во времето на неговиот пад (Даниил 5:1—31). Меѓутоа, световните списи не го ни спомнувале Валтазар, велејќи дека во тоа време цар бил Набонид. Затоа критичарите тврделе дека Валтазар никогаш не постоел. Меѓутоа, неодамна биле пронајдени древни ракописи кои го идентификувале Валтазар како син на Набонид и совладетел на својот татко во Вавилон. Очигледно, од оваа причина Библијата вели дека Валтазар му понудил на Даниил да го направи „трет великодостојник во царството“, бидејќи самиот Валтазар бил вториот (Даниил 5:16, 29). Така, кога професор Р. П. Доуерти од универзитетот Јејл ја споредил библиската книга Даниил со други древни ракописи, тој рекол: „Извештајот од Писмото може да се интерпретира како извонреден затоа што го користи името Валтазар, му припишува царска моќ на Валтазар и признава дека во царството постоело двојно владеење“.27

29. Која потврда била откриена во врска со она што го вели Библијата за Понтиј Пилат?

29 Друг пример за откритие кое ја потврдува историчноста на некоја личност што е спомната во Библијата дал Мајкл Џ. Хауард, кој работел со експедицијата Цезарија во Израел во 1979 година. „Во текот на 1.900-тите години“, напишал тој, „Пилат постоел само на страниците на Евангелијата и во бледите сеќавања на римските и на еврејските историчари. За неговиот живот не се знаело речиси ништо. Некои велеа дека тој никогаш не ни постоел. Но, во 1961 година, една италијанска археолошка експедиција работела на урнатините на древниот римски театар во Цезарија. Еден работник превртел некој камен кој се користел како едно од скалилата. На задната страна стоел следниов, делумно избледен натпис на латински јазик: ‚Caesariensibus Tiberium Pontius Pilatus Praefectus Iudaeae‘ (На луѓето од Цезарија од Тибериј, Понтиј Пилат, префект на Јудеја). Ова било смртен удар за сомневањата во врска со постоењето на Пилат . . . Првпат имало епиграфски доказ од тоа време за животот на човекот кој дал наредба за распнувањето на Христос“28 (Јован 19:13—16; Дела 4:27).

30. Што било откриено во врска со користењето камили, а го поткрепува библискиот извештај?

30 Современите откритија ги поткрепуваат дури и најситните детали од древните библиски извештаи. На пример, противречејќи ѝ на Библијата, во 1964 година Вернер Келер напишал дека камилите не биле припитомени во пораните датуми и затоа сцената кадешто „првпат ја сретнуваме Ревека во нејзиниот роден град Нахор мора да се задоволи со промена на реквизитите. ‚Камилите‘ што му припаѓале на нејзиниот иден свекор, Авраам, кои таа ги напоила на бунарот, биле магариња“29 (1. Мојсеева 24:10). Меѓутоа, во 1978 година израелскиот воен водач и археолог Моше Дајан укажал на доказот дека камилите „служеле како транспортно средство“ во тие рани времиња, и според тоа библискиот извештај е точен. „Еден релјеф од осумнаесеттиот век пр. Христос, пронајден во Библос во Феникија, прикажува една камила која клечи“, објаснил Дајан. „А на цилиндричните печати што неодамна беа откриени во Месопотамија, кои припаѓаат на патријархалниот период, се појавуваат јавачи на камили.“30

31. Кој понатамошен доказ постои дека Библијата е историски точна?

31 Доказот дека Библијата е историски точна незапирливо расте. Иако е точно дека не се пронајдени световни записи за неуспехот на Египќаните кај Црвеното Море и за други такви порази, тоа не изненадува бидејќи владетелите не практикувале да ги запишуваат своите порази. Сепак, на храмските ѕидови во Карнак, во Египет, е откриен записот за успешната инвазија на фараонот Сисак врз Јуда за време на царувањето на Соломоновиот син Ровоам. Библијата зборува за ова во 3. Царства 14:25, 26. Освен тоа, откриена е верзијата на моавскиот цар Моса за неговата побуна против Израел, запишана на таканаречениот Моавски камен. И овој извештај може да се прочита во Библијата во 4. Царства 3:4—27.

32. Што можат да видат денес посетителите на музеите, кое ги потврдува библиските извештаи?

32 Посетителите на многу музеи можат да видат ѕидни релјефи, натписи и статуи кои ги потврдуваат библиските извештаи. Царевите на Јуда и на Израел, како што се Езекија, Манасија, Омри, Ахав, Пека, Менехем и Осија, се јавуваат во записите на асирските владетели напишани со клинесто писмо. Царот Јуј или еден од неговите пратеници е прикажан на Црниот обелиск на Салманасар како плаќа данок. Декорот на персиската палата во Суза, каква што ја знаеле библиските личности Мардохеј и Естира, беше реконструиран и може да се разгледа денес. Посетителите на музеите можат да ги видат и статуите на раните римски цезари Август, Тибериј и Клавдиј, кои се појавуваат во библиските извештаи (Лука 2:1; 3:1; Дела 11:28; 18:2). Всушност, била пронајдена една сребрена монета на динариј која го носи ликот на цезарот Тибериј — монета каква што побарал Исус кога дискутирал за даноците (Матеј 22:19—21).

33. Како земјата Израел и нејзините одлики даваат доказ дека Библијата е точна?

33 Еден денешен посетител на Израел кој е запознат со Библијата, не може а да не биде импресиониран од фактот дека Библијата ја опишува таа земја и нејзините одлики со голема точност. Д-р Зе’ев Шремер, водич на една геолошка експедиција на Синајскиот Полуостров, еднаш рекол: „Се разбира, ние имаме свои мапи и геодетски планови за мерење, но онаму каде што Библијата и мапите не се согласуваат, ние се одлучуваме за Писмото“.31 Да дадеме еден пример за тоа како некој лично може да ја доживее историјата што е изнесена во Библијата: Во денешен Ерусалим може да се оди низ еден тунел кој е долг 533 метри, ископан низ цврста карпа пред повеќе од 2.700 години. Тој бил ископан за да ја заштити градската залиха на вода со тоа што од скриениот извор Гион, кој се наоѓал надвор од градските ѕидови, би донесувал вода до Силоамската бања во самиот град. Библијата објаснува како Езекија дал наредба да се изгради овој тунел за вода за да се обезбеди вода за градот во очекување на претстојната опсада на Сенахирим (4. Царства 20:20; 2. Летописи 32:30).

34. Што рекле некои почитувани изучувачи во врска со точноста на Библијата?

34 Ова се само неколку примери кои илустрираат зошто е немудро да се потценува точноста на Библијата. Постојат уште многу, многу други. Затоа, сомневањата во врска со веродостојноста на Библијата обично не се темелат на она што го вели таа или врз цврст доказ туку, наместо тоа, врз погрешни информации или незнаење. Поранешниот директор на Британскиот музеј, Фредерик Кенјон, напишал: „Археологијата сѐ уште не го кажала својот последен збор; но резултатите кои веќе се постигнати го потврдуваат она што би го укажувала верата — дека зголемувањето на спознанието може само да ѝ користи на Библијата“.32 А прочуениот археолог Нелсон Глук рекол: „Категорично може да се изјави дека ниедно археолошко откритие никогаш не оспорило некое библиско осврнување. Беа направени десетици археолошки откритија кои ги потврдуваат во јасен нацрт или во точни детали историските изјави од Библијата“.33

Чесност и складност

35, 36. а) Какви лични недостатоци признале различни библиски писатели? б) Зошто чесноста на овие писатели ја зголемува тежината на нивното тврдење дека Библијата е од Бог?

35 Нешто друго што ја идентификува Библијата како книга што доаѓа од Бог е чесноста на нејзините писатели. Спротивно на несовршената човечка природа е да се признаат грешките или пропустите, особено во писмен облик. Повеќето древни писатели известувале само за своите успеси и доблести. Сепак, Мојсеј напишал дека ‚не послушал‘ и затоа бил дисквалификуван да го воведе Израел во Ветената земја (5. Мојсеева 32:50—52; 4. Мојсеева 20:1—13). Јона зборувал за својата сопствена своеглавост (Јона 1:1—3; 4:1). Павле ги признава своите претходни престапи (Дела 22:19, 20; Тит 3:3). А Матеј, апостол на Христос, известил дека апостолите понекогаш покажувале мала вера, барале да се истакнат, па дури и го напуштиле Исус при неговото апсење (Матеј 17:18—20; 18:1—6; 20:20—28; 26:56).

36 Доколку библиските писатели сакале да извртат нешто, зарем тоа не би биле неповолните информации за самите нив? Веројатно не би ги откривале сопствените недостатоци, а потоа да изнесуваат лажни тврдења за други работи, зарем не? Значи, чесноста на библиските писатели ја зголемува тежината на нивното тврдење дека Бог ги водел додека пишувале (2. Тимотеј 3:16).

37. Зошто внатрешната складност на Библијата е толку силен доказ дека е инспирирана од Бог?

37 Внатрешната складност околу една централна тема исто така сведочи за божественото авторство на Библијата. Лесно е да се изјави дека 66-те книги на Библијата ги пишувале околу 40 различни писатели во период од 16 векови. Но, размисли само колку е извонреден тој факт! Да речеме дека една книга почнала да се пишува во времето на Римската Империја, дека пишувањето продолжило низ периодот на монархии сѐ до современите републики и дека писателите биле толку различни луѓе, како што се војници, цареви, свештеници, рибари, па дури и еден овчар и еден лекар. Дали би очекувал секој дел од таа книга да ја следи истата одредена тема? Сепак, Библијата била пишувана во текот на сличен временски период, под различни политички режими и од луѓе од сите овие категории. И таа е складна од крај до крај. Нејзината основна порака го има истото значење од почетокот до крајот. Зарем ова не додава тежина кон библиското тврдење дека тие „Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“? (2. Петрово 1:20, 21).

38. Што е потребно за некој да има доверба во Библијата?

38 Можеш ли да имаш доверба во Библијата? Ако навистина го испиташ она што го вели таа и нема едноставно да го прифатиш она што некои тврдат дека таа го вели, ќе најдеш причина да имаш доверба во неа. Сепак, постои еден уште посилен доказ дека Библијата навистина била инспирирана од Бог, а тоа е тема на следното поглавје.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 202]

„Астрономскиот и библискиот извештај од 1. Мојсеева се исти“

[Истакната мисла на страница 204]

Библијата е зачудувачки ослободена од суеверни искази

[Истакната мисла на страница 206]

Уште многу одамна во Библијата било укажано на тесната поврзаност помеѓу умствениот став и физичкото здравје

[Истакната мисла на страница 215]

Спротивно на човечката природа е да се признаат грешките или пропустите, особено во писмен облик

[Истакната мисла на страница 215]

Библијата е складна од крај до крај

[Графикон на страница 201]

Овој кружен тек на водата, кој не бил општо познат во древните времиња, е опишан во Библијата

[Слика на страница 200]

Некои древни луѓе верувале дека Земјата е потпрена вака

[Слика на страница 203]

Замрзнат мамут откриен во Сибир. После илјадници години, во неговата уста и желудник сѐ уште имало растителна храна, а неговото месо можело да се јаде кога било одмрзнато

[Слика на страница 205]

Во минатиот век, лекарите не се миеле секогаш откако ќе дошле во допир со мртвите и со тоа предизвикувале други смртни случаи

МРТВАЧНИЦА

ПОРОДИЛИШТЕ

[Слика на страница 207]

Нагласокот што го става Библијата врз љубовта е во согласност со здравиот медицински совет

[Слика на страница 209]

Варовен релјеф на царот Саргон, за кој долго време се знаело само од библискиот извештај

[Слики на страница 210]

Ѕиден релјеф од палатата на царот Сенахирим во Ниневија, кој покажува како тој прима плен од јудејскиот град Лахис

Оваа глинена призма на царот Сенахирим го опишува неговиот воен поход во Израел

[Слики на страница 211]

Споменикот на победата на Асардан, син на Сенахирим, ја надополнува 4. Царства 19:37: „И место него стана цар синот негов Асардан“

Овој натпис што се наоѓа во Цезарија потврдува дека Понтиј Пилат бил гувернер на Јудеја

[Слики на страница 212]

Овој ѕиден релјеф го потврдува извештајот што се наоѓа во Библијата за победата на Сисак над Јуда

Моавскиот камен известува за бунтот на моавскиот цар Моса против Израел, опишан во Библијата

[Слики на страница 213]

Царот Јуј или некој негов пратеник му плаќа данок на царот Салманасар III

Мермерна биста на Август, кој бил цезар кога се родил Исус Христос

Сребрен денариј со натпис на цезарот Тибериј, како денаријот што го побарал Христос

[Слика на страница 214]

Внатрешноста на тунелот што го ископал царот Езекија за да обезбеди вода за Ерусалим во времето на асирската опсада