Нашиот универзум кој влева стравопочитување
Поглавје 9
Нашиот универзум кој влева стравопочитување
1, 2. а) Како може да се опишат материјалните небеса? б) Кои прашања ги поставуваат луѓето што размислуваат, и што може да се одреди со помош на одговорите?
СО ИЛЈАДНИЦИ години луѓето се восхитуваат на ѕвездените небеса. Во јасна ноќ, прекрасните ѕвезди висат како светликави бесценети камења наспроти темнината на вселената. Ноќ осветлена со месечина ја капе Земјата во сета нејзина убавина.
2 Оние кои размислуваат за она што го гледаат, честопати се прашуваат: ‚Што всушност има во вселената? Како е организирана? Можеме ли да откриеме како започнало сето тоа?‘ Без сомнение, одговорите на овие прашања би помогнале поточно да одредиме зошто се појавила Земјата со нејзиниот човечки и друг живот, и што може да донесе иднината.
3. Кој е еден резултат од сѐ поголемото спознание за универзумот?
3 Пред многу векови се мислело дека универзумот е составен од неколку илјади ѕвезди кои можат да се видат со голо око. Но сега, со моќни инструменти кои ги скенираат небесата, научниците знаат дека постојат многу, многу повеќе. Всушност, она што било забележано влева далеку поголемо стравопочитување отколку што некој воопшто би можел да замисли. Човечкиот ум е вчудовиден од неизмерноста и комплексноста на сето тоа. Како што коментирало списанието National Geographic, она што човекот сега го учи за универзумот го „остава зашеметен“.1
Големина што влева стравопочитување
4. Што било откриено во 1920-тите?
4 Во неодамнешните векови, астрономите кои ги скенирале небесата со првите телескопи забележале некои замаглени формации што личеле на облаци. Претпоставувале дека тоа биле блиски облаци од гасови. Но, во 1920-тите, со доаѓањето во употреба на поголеми, помоќни телескопи, било откриено дека тие „гасови“ се нешто далеку понеизмерно и позначајно: галаксии.
5. а) Што е галаксија? б) Што опфаќа нашата галаксија Млечен Пат?
5 Галаксија е огромна група од ѕвезди, гасови и друг материјал која ротира околу едно централно јадро. Галаксиите се наречени островски универзуми, зашто секоја од нив сама по себе е како еден универзум. На пример, разгледај ја галаксијата во која живееме, наречена Млечен Пат. Нашиот Сончев систем — т. е. Сонцето, Земјата и другите планети со нивните месечини — е дел од оваа галаксија. Но, тој е само еден многу ситен дел, зашто нашата галаксија Млечен Пат содржи преку 100 милијарди ѕвезди! Некои научници проценуваат дека има најмалку 200 до 400 милијарди. А еден научен уредник дури навел: „Во галаксијата Млечен Пат би можело да има дури пет до десет билиони ѕвезди“.2
6. Колкав е пречникот на нашата галаксија?
6 Пречникот на нашата галаксија се протега на толку огромно растојание што доколку би можел да патуваш со брзина на светлината (300.000 километри во секунда), ќе ти бидат потребни 100.000 години за да ја преминеш! Колку километри се тоа? Па, бидејќи светлината минува околу десет билиони (10.000.000.000.000) километри годишно, тоа помножи го со 100.000 и го имаш одговорот: нашата галаксија Млечен Пат има пречник од околу еден трилион (1.000.000.000.000.000.000) километри! Се вели дека просечното растојание меѓу ѕвездите во галаксијата е околу шест светлосни години или околу 58 билиони километри.
7. Какви проценки се направени за бројот на галаксиите во универзумот?
7 Речиси невозможно е човековиот ум да сфати таква големина и растојание. А сепак, нашата галаксија е само почеток на она што го има во вселената! Постои нешто што е дури и позашеметувачко. Тоа е следново: Сега се откриени толку многу галаксии што се вели дека тие „се толку вообичаени како што се тревките во една ливада“.3 Во видливиот универзум има околу десет милијарди галаксии! Но, има уште повеќе зад досегот на денешните телескопи. Некои астрономи проценуваат дека во универзумот постојат 100 милијарди галаксии! И секоја галаксија може да содржи стотици милијарди ѕвезди!
Јата галаксии
8. Како се подредени галаксиите?
8 Сепак, има уште нешто. Овие галаксии што влеваат стравопочитување не се слепо расфрлани во просторот. Наместо тоа, тие обично се подредени во определени групи наречени јата, како зрна грозје во еден грозд. Илјадници од тие галактички јата веќе се набљудувани и фотографирани.
9. Што е вклучено во нашето локално галактичко јато?
9 Некои јата содржат релативно малку галаксии. На пример, нашата галаксија Млечен Пат е дел од едно јато составено од околу дваесет галаксии. Во оваа локална група постои една „соседна“ галаксија која во јасна ноќ може да се види без телескоп. Тоа е галаксијата Андромеда, која има спирален облик сличен на обликот на нашата.
10. а) Колку галаксии може да има во едно јато? б) Колкави се растојанијата меѓу галаксиите и меѓу јатата од галаксии?
10 Другите галактички јата се составени од многу десетици, па можеби и стотици или дури илјадници галаксии. Се мисли дека едно такво јато содржи околу 10.000 галаксии! Растојанието меѓу галаксиите во едно јато може да биде во просек околу еден милион светлосни години. Меѓутоа, растојанието од едно галактичко јато до друго може да биде стопати повеќе. А дури постои и доказ дека самите јата се наредени во „суперјата“, како гроздови на винова лоза. Каква само колосална големина и брилијантна организација!
Слична организација
11. Каква слична организација наоѓаме во нашиот Сончев систем?
11 Спуштајќи се на нашиот Сончев систем, наоѓаме друго врвно организирано уредување. Сонцето, кое е ѕвезда со средна големина, е „јадрото“ околу кое во прецизни орбити се движат Земјата и другите планети со своите месечини. Од година во година, тие се вртат со таква математичка точност што астрономите можат точно да предвидат каде ќе бидат во кое и да било идно време.
12. Како се организирани атомите?
12 Истражувајќи ги бесконечно малите работи — атомите — гледаме дека постои истата прецизност. Еден атом е чудо од ред, што личи на редот во Сончевиот систем. Тој вклучува јадро, кое содржи честички наречени протони и неутрони, опколено со ситни електрони кои се движат во орбити. Сета материја е составена од овие градежни блокови. Она по што се разликува една супстанција од друга е бројот на протоните и неутроните во јадрото, како и бројот и подреденоста на електроните кои се вртат околу него. Тоа има извонреден ред, бидејќи сите елементи кои ја сочинуваат материјата можат да се наредат во точен редослед според бројот на присутните градежни блокови.
Што стои зад таа организација?
13. Која карактеристика се гледа во целиот универзум?
13 Како што забележавме, големината на универзумот навистина влева стравопочитување. Така е и со неговото чудесно уредување. Од бескрајно големите до бескрајно малите, од галактичките јата па сѐ до атомите, универзумот се карактеризира со врвна организација. Списанието Discover навело: „Го согледавме тој ред со изненадување, а нашите космолози и физичари и понатаму откриваат нови и зачудувачки аспекти на тој ред . . . Имавме обичај да кажеме дека тоа е чудо, и сѐ уште си дозволуваме да укажуваме на целиот универзум како на чудесија“.4 Оваа уредна структура е призната дури и во зборот кој обично во астрономијата се употребува за да го опише универзумот — „космос“. Во еден речник тој е дефиниран како „уреден хармоничен систематичен универзум“.5
14. Каков коментар дал еден поранешен астронаут?
14 Поранешниот астронаут Џон Глен ја забележал „уредноста во целиот универзум околу нас“ и дека ‚сите галаксии патувале во пропишани орбити во однос една кон друга‘. Затоа прашал: „Дали ова можело тукутака да се случи? Дали било случајност тоа што еден куп од сѐ и сешто одеднаш почнал да ги прави овие орбити сам од себе?“ Тој заклучил: „Не можам да верувам во тоа . . . Некоја Сила го ставила сето тоа во орбита и го држи таму“.6
15. Што покажува прецизниот дизајн и организацијата на универзумот?
15 Навистина, универзумот е толку прецизно организиран што човек може да ги употреби небесните тела како основа за своето мерење на времето. Но, секој добро дизајниран часовник очигледно е производ на еден среден ум кој има способност да дизајнира. Среден ум кој дизајнира може да поседува само интелигентна личност. Тогаш, што е со далеку посложениот дизајн и провереност кои постојат во универзумот? Зарем тоа, исто така, не укажува на дизајнер, творец, ум — интелигенција? И дали имаш некаква причина да веруваш дека интелигенцијата може да постои одвоено од личност?
16. До кој заклучок мораме да дојдеме во поглед на универзумот?
16 Не можеме да го избегнеме тоа: Врвна организација бара врвен организатор. Ништо во нашето искуство не покажува дека нешто организирано се случува случајно, тукутака. Напротив, целото наше искуство во животот покажува дека сѐ што е организирано мора да има организатор. Секоја машина, компјутер, зграда, да, дури и молив и хартија, имале творец, организатор. Логично, организацијата во универзумот која е далеку посложена и која влева стравопочитување морала исто така да има организатор.
Законот бара законодавец
17. Како законот е вклучен во универзумот?
17 Исто така, целиот универзум, од атомите па сѐ до галаксиите, е управуван од определени физички закони. Постојат закони кои ги управуваат, на пример, топлината, светлината, звукот и гравитацијата. Како што рекол физичарот Стивен В. Хокинг, „колку што повеќе го испитуваме универзумот толку повеќе увидуваме дека тој воопшто не е произволен, туку се подложува на извесни добро дефинирани закони кои дејствуваат на различни подрачја. Изгледа многу разумно да се претпостави дека можеби постојат некои обединувачки принципи, така што сите закони се дел од некој поголем закон“.7
18. Што заклучил еден експерт за ракети?
18 Експертот за ракети Вернер фон Браун отишол чекор понатаму кога навел: „Природните закони на универзумот се толку прецизни што немаме тешкотија да изградиме еден вселенски брод за да летаме до месечината и можеме да го темпираме летот со прецизност во дел од секундата. Тие закони мора некој да ги поставил“.8 Научниците кои сакаат една ракета да кружи околу Земјата или околу Месечината, за да бидат успешни, мораат да работат во склад со таквите универзални закони.
19. Што бара постоењето на законите?
19 Кога размислуваме за законите, признаваме дека тие дошле од некој законодавен ентитет. Еден сообраќаен знак кој вели „Стоп“ сигурно зад себе има некое лице или група лица од кои потекнал законот. Тогаш, што е со опсежните закони кои управуваат со материјалниот универзум? Таквите брилијантно замислени закони сигурно сведочат за крајно интелигентен законодавец.
Организатор и Законодавец
20. Какво забележување направил Science News?
20 Откако коментирал за сите посебни околности на ред и закон кои се толку очигледни во универзумот, Science News забележал: „Размислувањето за овие работи ги вознемирува космолозите бидејќи изгледа дека таквите посебни и прецизни околности тешко би можеле да настанат случајно. Еден начин да се справиме со тоа прашање е да кажеме дека целата работа била смислена и да ја припишеме на Божествено Провидение“.9
21. Што се спремни да заклучат некои лица?
21 Многу лица, вклучувајќи и многу научници, не се спремни да го признаат тоа. Но, други се спремни да го признаат она на кое доказот инсистира — интелигенцијата. Тие признаваат дека таквата колосална големина, прецизност и закон какви што постојат во универзумот никогаш не би можеле да настанат така случајно. Сите тие работи мора да се продукти на супериорен ум.
22. Како еден библиски писател го идентификувал Основачот на универзумот?
22 Тоа е заклучокот што го изразил еден библиски писател кој во врска со физичките небеса рекол: „Кренете ги горе очите и погледнете: кој ги создал? Оној кој на број ја изведува војската нивна и кој сите ги вика по име“. Тој „Оној“ е идентификуван како „Творецот на небесата и Великиот кој ги распрострува“ (Исаија 40:26; 42:5, обата NW).
Извор на енергија
23, 24. Како може да се произведе материја?
23 Со постоечката материја управуваат универзални закони. Но, од каде дошла сета таа материја? Во Космос, Карл Саган вели: „Во почетокот на овој универзум немало галаксии, ѕвезди или планети, немало живот ниту, пак, цивилизации“. Тој укажува на промената од таа состојба до сегашниот универзум како на „трансформација на материјата и енергијата — што влева најголемо стравопочитување — на која сме биле привилегирани да погледнеме“.10
24 Ова е клучот за разбирање на тоа како можел да настане универзумот: тоа мора да вклучувало трансформација на енергијата и материјата. Овој однос бил верификуван преку Ајнштајновата прочуена формула E=mc2 (енергијата е еднаква на масата помножена со брзината на светлината на квадрат). Еден заклучок што се изведува од оваа формула е дека од енергијата може да се произведе материја, токму како што од материјата може да се произведе огромна енергија. Атомската бомба го докажала последново. Затоа, астрофизичарот Јосип Клецек навел: „Повеќето, а можно е и сите елементарни честички, можеле да се создадат со материјализирање на енергијата“.11
25. Кој е изворот на моќта што влева стравопочитување, потребна за да се создаде универзумот?
25 Според тоа, постои научен доказ дека еден извор на неограничена енергија би ја имал суровината за да ја создаде материјата на универзумот. Библискиот писател, цитиран претходно, забележал дека овој извор на енергија е жива, интелигентна личност, велејќи: „Поради изобилството динамична енергија, тој е и силен во моќта, ниту едно од нив [небесните тела] не изостанува“. Така, од библиска гледна точка, овој извор на безгранична енергија стоел зад она што го опишува 1. Мојсеева 1:1: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“.
Почетокот не бил хаотичен
26. Што обично признаваат научниците денес?
26 Денес, научниците обично признаваат дека универзумот имал почеток. Една истакната теорија која се обидува да го опише овој почеток е позната како теорија на праексплозија. „Речиси сите неодамнешни дискусии за потеклото на универзумот се темелени на теоријата на праексплозија“, забележува Френсис Крик.12 Џастро укажува дека оваа космичка „експлозија“ е „дословно моментот на создавањето“.13 Но, како што астрофизичарот Џон Грибин признал во New Scientist, иако научниците, „општо земено, тврдат дека можат во ситни детали да опишат“ што се случило после тој „момент“, она што го предизвикало „мигот на создавањето останува мистерија“. И, размислувал тој, „на крајот на краиштата, можеби сепак Бог го направил тоа“.14
27. Зошто теоријата на праексплозија е премногу ограничена?
27 Меѓутоа, повеќето научници не се спремни да му го припишат овој „миг“ на Бог. Според тоа, за експлозијата обично се вели дека била хаотична, како што е експлозијата на една атомска бомба. Но, дали овој тип експлозија резултира во подобра организација? Дали бомбите кои паѓаат врз градовите во време на војна создаваат врвно дизајнирани згради, улици и знаци со сообраќајни закони? Напротив, таквите експлозии предизвикуваат рушевини, неред, хаос, распаѓање. А кога експлозивната направа е нуклеарна, дезорганизацијата е тотална, каква што доживеале јапонските градови Хирошима и Нагасаки во 1945.
28. Што мора да се заклучи во врска со моќните сили кои функционирале за да се создаде универзумот?
28 Не, чиста „експлозија“ не можела да го создаде нашиот универзум кој влева стравопочитување со неговиот зачудувачки ред, дизајн и закон. Само моќен организатор и законодавец можел да ги насочи моќните сили во погон за тие да резултираат во врвна организација и закон. Според тоа, научниот доказ и разумот даваат цврста поддршка на библиската изјава: „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески“ (Псалм 18:1).
29. Што потврдиле забележувањата на науката, како и нашите сопствени?
29 Така, Библијата се фаќа во костец со прашања со кои теоријата на еволуција јасно не се зафатила. Наместо да нѐ остави во темнина во врска со тоа што стои зад потеклото на сите работи, Библијата ни го кажува одговорот едноставно и разбирливо. Таа ги потврдува забележувањата на науката, како и нашите сопствени, имено, дека ништо не настанало само од себе. Иако ние лично не сме биле присутни кога бил конструиран универзумот, очигледно е дека тој морал да има Главен Градител, како што резонира Библијата: „Секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4).
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 115]
Она што човекот сега го учи за универзумот „го остава зашеметен“
[Истакната мисла на страница 117]
Нашата галаксија Млечен Пат содржи преку 100 милијарди ѕвезди
[Истакната мисла на страница 118]
Галаксиите се групирани во јата, како зрна грозје во грозд
[Истакната мисла на страница 122]
Научниците „и понатаму откриваат нови и зачудувачки аспекти на тој ред“
[Истакната мисла на страница 123]
Врвна организација бара врвен организатор
[Истакната мисла на страница 123]
Универзумот „се подложува на извесни добро дефинирани закони“
[Истакната мисла на страница 125]
„Изгледа дека таквите посебни и прецизни околности тешко би можеле да настанат случајно“
[Слика на целата страница 114]
[Слика на страница 116]
Типична спирална галаксија
[Слика на страници 116 и 117]
Нашиот Сончев систем, во квадратчето погоре, изгледа како џуџе кога ќе се спореди со нашата галаксија Млечен Пат
[Слика на страница 119]
Галаксијата Андромеда, слична на нашиот Млечен Пат, е само еден мал дел од универзумот кој влева стравопочитување, за кој некои велат дека содржи околу 100 милијарди галаксии
[Слики на страници 120 и 121]
Планетите од нашиот Сончев систем кружат во орбити околу Сонцето со голема прецизност
Редот во еден атом наликува на редот во Сончевиот систем
[Слика на страница 122]
Еден прецизен часовник е производ на интелигентен дизајнер. Зарем далеку поголемата прецизност во универзумот не е производ на супериорен, интелигентен дизајнер?
[Слика на страница 124]
Летот на една ракета во орбитата бара придржување кон законите за движење и гравитација. Таквите закони бараат законодавец
[Слика на страница 125]
Сообраќајните закони мора да потекнуваат од умови
[Слики на страница 126]
Атомската бомба демонстрирала дека материјата и енергијата се поврзани
Дали експлозиите на бомби предизвикуваат зградите да станат посредени?
[Слика на страница 127]
„Секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4)