Огромни провалии — може ли еволуцијата да ги премости?
Поглавје 6
Огромни провалии — може ли еволуцијата да ги премости?
1. Што е забележано во врска со јазовите во фосилниот запис?
ФОСИЛИТЕ даваат опиплив доказ за разнообразноста на животот кој постоел долго пред да се појави човекот. Но, тие не ја дале очекуваната поддршка за еволуционото гледиште во врска со тоа како започнал животот или како после тоа почнале новите видови. Коментирајќи за недостигот на преодни фосили кои ќе ги премостат биолошките јазови, Френсис Хичинг забележува: „Чудно е тоа што постои доследност во врска со фосилните јазови: фосилите недостасуваат на сите важни места“.1
2. Како фосилите на рибата ги илустрираат овие јазови?
2 Важните места на кои тој укажува се јазовите меѓу главните поделби во животинскиот свет. Пример за тоа е што за рибите се мисли дека еволуирале од без’рбетници, суштества без ’рбет. „Рибата скокнува во фосилниот запис“, вели Хичинг, „навидум од никаде: мистериозно, одеднаш, целосно оформена.“2 Зоологот Н. Џ. Берил го коментира сопственото еволуционо објаснување за тоа како настанала рибата, велејќи: „Во извесна смисла овој извештај е научна фантастика“.3
3. Како еволуционата теорија хронолошки ги бележи големите поделби кај животинскиот свет?
3 Еволуционата теорија претпоставува дека рибите станале водоземци, некои водоземци станале влекачи, од влекачите дошле и цицачите и птиците и, на крај, некои цицачи станале луѓе. Претходното поглавје покажа дека фосилниот запис не ги поддржува тие тврдења. Ова поглавје ќе се сосредоточи на големината на наводните преодни чекори. Како што ќе читаш понатаму, размислувај за веројатноста таквите промени да се случиле спонтано со помош на неуправувана случајност.
Провалијата меѓу рибата и водоземецот
4, 5. Кои се некои големи разлики меѓу рибите и водоземците?
4 Тоа што ги разликувало рибите од без’рбетниците е ’рбетот. Овој ’рбет морал да се подложи на поголеми модификации за да може рибата да стане водоземец, т. е. суштество кое би можело да живее и во вода и на копно. Требало да се придодаде карлица, но не се познати фосилни риби кои покажуваат како се развила карлицата кај водоземците. Кај некои водоземци, како што се жабите и краставите жаби, целиот ’рбет морал да се промени до тој степен да не може да се препознае. Исто така, коските на черепот се поинакви. Освен тоа, при формирањето на водоземците, еволуцијата бара рибните перки да станат екстремитети со предни шепи и ножни прсти, кои се придружени со големи измени во мускулите и нервите. Жабрите мораат да се променат во бели дробови. Кај рибата, крвта ја пумпа срце со две комори, но кај водоземците — срце со три комори.
5 За да се премости јазот меѓу рибата и водоземецот, сетилото за слух морало да претрпи радикална промена. Обично, рибите примаат звук преку телото, но повеќето крастави жаби и жаби имаат ушни тапанчиња. Морале да се променат и јазиците. Ниедна риба нема растеглив јазик, но водоземците, како што се краставите жаби, имаат. Очите на водоземците имаат додатна способност да трепкаат, бидејќи имаат мембрана која ја навлекуваат преку очните јаболка, одржувајќи ги на тој начин чисти.
6. Кои суштества биле сметани како алки меѓу рибите и водоземците, и зошто не се?
6 Вложени се енергични напори да се поврзат водоземците со некој предок — риба, но без успех. Дводишачката била омилен кандидат бидејќи, освен жабри, има и воздушен меур кој може да го употреби за дишење кога повремено е надвор од водата. Книгата The Fishes вели: „Право искушение е да се мисли дека тие би можеле да имаат некаква директна врска со водоземците кои воделе до ’рбетниците кои живеат на копно. Но, немаат; тие се сосема одвоена група“.4 Дејвид Атенбороу ги дисквалификува и дводишачката и целакантините „бидејќи коските на нивните черепи се толку различни од коските на првите фосилни водоземци што едната не би можела да потекнува од другата“.5
Провалија меѓу водоземецот и влекачот
7. Кој е еден од најтешките проблеми за објаснување од водоземецот до влекачот?
7 Обидот да се премости јазот меѓу водоземецот и влекачот наметнува други сериозни проблеми. Еден многу тежок проблем е потеклото на јајцето со лушпа. Суштествата пред влекачите ги полагале своите меки, желатинозни јајца во вода, каде што јајцата се оплодувале надворешно. Иако влекачите се втемелени на копно и ги полагаат своите јајца на копното, сепак ембрионите кои се развиваат во нив мора сѐ уште да бидат во водена средина. Јајцето со лушпа било решението. Но, тоа барало голема промена и во процесот на оплодување: било потребно внатрешно оплодување пред јајцето да биде обвиено со лушпа. За да се постигне тоа, биле вклучени нови полови органи, нови процедури за парење и нови инстинкти — и сите тие претставуваат огромна провалија меѓу водоземците и влекачите.
8, 9. Кои други обележја се неопходни кај јајцето со лушпа?
8 Обвивањето на јајцето со лушпа довело до значителни понатамошни промени кои биле неопходни за да се овозможи развојот на влекачот и, на крај, неговото ослободување од лушпата. На пример, во лушпата постои потреба од различни мембрани и ќеси, како што е амнионот. Тој ја држи течноста во која расте ембрионот. The Reptiles опишува една друга мембрана наречена алантоис: „Алантоисот го прима и го складира отпадот од ембрионот, служејќи како еден вид меур. Исто така, тој има крвни садови кои го земаат кислородот што поминува низ лушпата и го спроведуваат до ембрионот“.6
9 Еволуцијата не дала објаснување за другите сложени разлики кои биле вклучени. Ембрионите во јајцата на рибите и водоземците ги ослободуваат своите отпадни материи во околната вода како растворлива уреа. Но, уреата во јајцата со лушпа кај влекачите би ги убила ембрионите. Затоа, во јајцето со лушпа е направена голема хемиска промена: отпадните материи, нерастворливата уринарна киселина, се складирани во алантоичната мембрана. Разгледај го и ова: Жолчката на јајцето е храна за ембрионот на влекачите кој расте, овозможувајќи му притоа целосно да се развие пред да излезе од лушпата — за разлика од водоземците кои не се излежуваат во возрасен облик. Исто така, ембрионот се разликува по тоа што, за да излезе од лушпата на јајцето, има нешто како заб кое ќе му помогне да се пробие од својот затвор.
10. Какво жалење изразил еден еволуционист?
10 Потребно е многу повеќе за да се премости јазот меѓу водоземците и влекачите, но овие примери покажуваат дека една неуправувана случајност едноставно не може да биде одговорна за сите многу сложени промени кои се потребни за да се премости таа широка провалија. Не е ни чудо што еволуционистот Арчи Кар се жалел: „Едно од фрустрирачките обележја на фосилниот запис во историјата на ’рбетниците е тоа што тој покажува толку малку за еволуцијата на влекачите во текот на нивните најрани денови кога се развивало јајцето со лушпа“.7
Провалијата меѓу влекачот и птицата
11, 12. Која е главната разлика меѓу влекачите и птиците, и како некои се обидуваат да ја решат таа загатка?
11 Влекачите се ладнокрвни животни, што значи дека нивната внатрешна температура или расте или се намалува, зависно од надворешната температура. Птиците, пак, од друга страна, се топлокрвни; нивните тела одржуваат релативно константна внатрешна температура без оглед на надворешната температура. За да ја решат загатката за тоа како топлокрвните птици настанале од ладнокрвните влекачи, извесни еволуционисти сега велат дека некои од диносаурусите (кои биле влекачи) биле топлокрвни. Но, како што забележува Роберт Џастро, општото гледиште сѐ уште е: „Диносаурусите, како и сите влекачи, биле ладнокрвни животни“.8
12 Во врска со верувањето дека топлокрвните птици настанале од ладнокрвните влекачи, Лекомт ди Нуи, француски еволуционист, рекол: „Тоа денес истапува како една од најголемите загатки на еволуцијата“. Исто така, тој признал дека птиците ги имаат „сите незадоволителни карактеристики на апсолутно создавање“9 — т. е. незадоволителни за теоријата на еволуција.
13. Што прават птиците за да лежат на нивните јајца?
13 Иако е точно дека и влекачите и птиците полагаат јајца, само птиците мораат да лежат на своите. Тие се конструирани за тоа. Многу птици на градите имаат вдлабнатинка за лежење на јајцата. На тоа место нема никакви пердуви и содржи мрежа од крвни садови која ги топли јајцата. Некои птици немаат вдлабнатинка за лежење на јајцата, туку ги кубат пердувите од градите. Исто така, за да можат птиците да лежат на јајцата, би требало еволуцијата да им обезбеди нови инстинкти — за градење гнездо, за ведење на јајцата и за хранење на младенчињата — многу несебично, алтруистичко, обѕирно однесување кое вклучува вештина, напорна работа и намерно изложување на опасност. Сето ова претставува широк јаз меѓу влекачите и птиците. Но, тоа не е сѐ.
14. Која сложеност на пердувите ја прават неверојатна можноста тие да настанале од лушпите на влекачите?
14 Пердувите ги има единствено кај птиците. Наводно, едноставно се случило лушпите на влекачите да се претворат во вакви зачудувачки структури. Од стебленцето на пердувот излегуваат редица пердушинки. Секоја пердушинка има многу минипердушинки, а секоја минипердушинка има стотици трепетлики и кукички. После микроскопско испитување на еден пердув од гулаб, било откриено дека има „неколку стотици илјади минипердушинки и милиони трепетлики и кукички“.10 Овие куки ги држат сите делови од пердувот заедно создавајќи на тој начин рамни површини или крила. Ништо не може да се спореди со пердувот како воздушна фолија, а во улога на изолатор — малку супстанции можат да се мерат со него. Птица со големина на лебед има околу 25.000 пердуви.
15. Како птиците се грижат за своите пердуви?
15 Доколку пердушинките од тие пердуви се одвојат, тие се расчешлуваат со клунот. Клунот врши притисок додека пердушинките поминуваат низ него, а куките на минипердушинките се спојуваат како запците на еден патент. Повеќето птици имаат една масна жлезда во основата на опашката од каде земаат масло за да го одржуваат секој пердув. Некои птици немаат масна жлезда, но наместо тоа имаат специјални пердуви кои се абат на врвовите произведувајќи една фина прашина слична на пудра со која ги одржуваат своите пердуви. Пердувите, пак, обично се обновуваат преку митарење еднаш годишно.
16. Што рекол еден еволуционист за потеклото на пердувите?
16 Знаејќи го сето тоа за пердувот, разгледај го овој доста зачудувачки обид да се објасни неговиот развој: „Како еволуирало ова чудо од структура? Не треба многу да ја напрегаме имагинацијата за да си го замислиме пердувот како модифицирана лушпа, во основа како кај влекачот — долгнавеста лабаво прицврстена лушпа, чии надворешни рабови се изабиле и се рашириле сѐ додека не еволуирала во една високо сложена структура каква што е денес“.11 Но, мислиш ли дека едно вакво објаснување е навистина научно? Или, пак, тоа звучи повеќе како научна фантастика?
17. Како коските на птицата се разликуваат од коските на влекачот?
17 Разгледај го понатаму дизајнот за лет кај птицата. Коските на птицата се тенки и шупликави, за разлика од цврстите коски на влекачите. Сепак, за летање е потребна сила, па затоа во коските на птиците постојат потпорници, како потпорите во авионските крила. Овој дизајн на коските служи за една друга цел: Тој помага да се објасни едно друго исклучително чудо кај птиците — нивниот респираторен систем.
18. Кои структури им помагаат на птиците да го одржуваат ладењето при долгите летови?
18 Мускулестите крилја кои со часови, па дури и со денови удираат при летањето, создаваат многу топлина. Но, сепак, и без потни жлезди за ладење, птицата излегува накрај со проблемот — таа има „мотор“ со воздушно ладење. Системот од воздушни ќеси достигнува во речиси секој важен дел од телото, па дури и во шупликавите коски, а телесната топлина се ослободува преку ова внатрешно кружење на воздухот. Исто така, поради овие воздушни ќеси, птиците извлекуваат кислород од воздухот многу поделотворно отколку кој и да е друг ’рбетник. Како го прават тоа?
19. Што им овозможува на птиците да дишат редок воздух?
19 Кај влекачите и цицачите, белите дробови земаат и испуштаат воздух, како мешина која наизменично се полни и се празни. Но, кај птиците постои константен проток на свеж воздух кој поминува низ белите дробови и при вдишувањето и при издишувањето. Едноставно кажано, системот работи на следниов начин: кога птицата вдишува, воздухот оди до извесни воздушни ќесички; тие служат како мешина за да го туркаат во белите дробови. Од белите дробови воздухот оди во други воздушни ќесички, а тие на крај го истиснуваат. Тоа значи дека низ белите дробови постојано струи свеж воздух во еден правец, многу слично како кога водата протекува низ сунѓер. Крвта во капиларите на белите дробови тече во обратен правец. Овој спротивен тек меѓу воздухот и крвта го прави респираторниот систем на птиците исклучителен. Поради тоа, птиците можат да дишат редок воздух на големи височини, летајќи над 6.000 метри со денови без прекин додека се селат на илјадници километри.
20. Кои други обележја ја прошируваат провалијата меѓу птиците и влекачите?
20 Има и други обележја кои ја прошируваат провалијата меѓу птиците и влекачите. Едно од нив е видот. Од орлите до птиците песнопојки постојат очи како телескопи и очи како лупи. Птиците имаат повеќе сетилни клетки во нивните очи отколку кое и да било друго живо суштество. Исто така, стапалата на птиците се поинакви. Кога се спуштаат за да преноќат на гранка, тетивите автоматски ги затвораат нивните прсти околу гранката. Тие имаат само четири прсти во споредба со петте кај влекачите. Освен тоа, немаат гласни жици, но имаат орган за пеење од кој излегуваат мелодични песни како оние на славејчињата и дроздовите. Исто така, земи предвид дека влекачите имаат срце со три комори; а срцето на птицата има четири комори. Птиците се разликуваат од влекачите и по клуновите: клунови кои служат како клешти за кршење ореви, клунови кои ја филтрираат храната од калливата вода, клунови кои прават дупки во дрвјата, клунот на крстоклунот кој отвора шишарки — разнообразноста се чини бескрајна. А сепак, за клунот кој е со таков специјализиран дизајн се вели дека еволуирал случајно од носот на некој влекач! Дали едно такво објаснување ти изгледа веродостојно?
21. Што го дисквалификува археоптериксот како алка меѓу влекачот и птицата?
21 Едно време еволуционистите верувале дека археоптериксот, што значи „древно крило“ или „древна птица“, бил алка меѓу влекачите и птиците. Но сега, многумина не веруваат во тоа. Неговите фосилизирани остатоци откриваат совршено обликувани пердуви на аеродинамично дизајнирани крилја способни за лет. Коските на неговите крилја и на нозете биле тенки и шупликави. Неговите наводни обележја на влекач можат да се најдат и кај денешните птици. Тој всушност не им претходи на птиците, бидејќи во карпите од истиот период на археоптериксот се најдени фосили и од други птици.12
Провалија меѓу влекачот и цицачот
22. На која разлика меѓу влекачот и цицачот се укажува со самото име „цицач“?
22 Главните разлики оставаат широка провалија меѓу влекачите и цицачите. Самото име „цицач“ укажува на една голема разлика: постоење на цицни жлезди што даваат млеко за младенчињата кои се раѓаат живи. Теодосиј Добжански предложил дека овие млечни жлезди „можеби се модифицирани потни жлезди“.13 Но влекачите дури и немаат потни жлезди. Освен тоа, потните жлезди испуштаат отпадни продукти, а не храна. А за разлика од малечките на влекачите, младенчињата на цицачите имаат како инстинкти така и мускули за да цицаат млеко од својата мајка.
23, 24. Кои други обележја ги имаат цицачите што ги немаат влекачите?
23 Цицачите имаат и други обележја кои ги нема кај влекачите. Мајките кај цицачите имаат високо сложена плацента за хранење и развој на нивното неродено младенче. Влекачите ја немаат. Кај влекачите нема дијафрагма, додека цицачите имаат дијафрагма која го одвојува градниот кош од стомакот. Кортиевиот орган во ушите на цицачите го нема во ушите на влекачите. Овој ситен сложен орган има 20.000 стапчиња и 30.000 нервни завршетоци. Цицачите задржуваат константна телесна температура, додека влекачите не.
24 Исто така, во ушите на цицачите има три коски, додека влекачите имаат само една. Од каде дошле тие две „вишок“? Теоријата на еволуција се обидува да го објасни тоа вака: Влекачите имаат најмалку четири коски на долната вилица, додека цицачите имаат само една; така, кога влекачите станале цицачи, наводно дошло до прегрупирање на коските; некои од долната вилица на влекачите поминале во средното уво на цицачите за таму да создадат три коски и при тој процес оставиле само една за долната вилица кај цицачите. Меѓутоа, проблемот со овој начин на резонирање е тоа што не постои фосилен доказ кој некако би го поддржал тоа. Тоа е само претпоставка полна со желби.
25. Кои понатамошни разлики постојат меѓу влекачите и цицачите?
25 Еден друг проблем се однесува на коските. Нозете на влекачите се прицврстени од страните на телото така што мевот е на земјата или многу близу до неа. Но, кај цицачите нозете се под телото и го подигаат од земјата. Во поглед на таа разлика, Добжански коментирал: „Оваа промена, иако може да изгледа мала, наложувала опсежни измени во скелетот и мускулатурата“. Потоа, тој признал една друга поголема разлика меѓу влекачите и цицачите: „Цицачите многу ги усовршиле своите заби. Наместо едноставните клиновидни заби кај влекачите, постои голема разноликост во забите на цицачите кои се адаптирани за касање, зграпчување, продирање, сечење, толчење или дробење храна“.14
26. Кој пресврт наназад морала да го направи еволуцијата во елиминирањето на отпадните материи?
26 И последната работа: Кога водоземецот наводно еволуирал во влекач, било забележано дека елиминираните отпадни материи се промениле од уреа во уринарна киселина. Но, кога влекачот станал цицач, се случило обратното. Цицачите се вратиле назад кон начинот на водоземците, елиминирајќи ги отпадните материи како уреа. Всушност, еволуцијата се вратила наназад — нешто што теоретски не би требало да се случи.
Најголема од сите провалии
27. Што би била „трагична грешка“, како што рекол еден еволуционист?
27 Физички, човекот одговара на општата дефиниција за цицач. Меѓутоа, еден еволуционист навел: „Не би можело да се направи потрагична грешка отколку човекот да се смета за ‚ништо друго освен за животно‘. Човекот е уникатен; тој се разликува од сите други животни во многу одлики, како што се: говорот, традицијата, културата и енормно зголемениот период на раст и родителска грижа“.15
28. Како човековиот мозок го одвојува човекот од животните?
28 Она што го одвојува човекот од сите други суштества на Земјата е неговиот мозок. Информациите складирани во околу 100 милијарди неврони од човечкиот мозок би исполниле околу 20 милиони томови книги! Моќта за апстрактното размислување и говорот го одвојува човекот далеку од кое и да било животно, а способноста да го запише насобраното спознание е една од најизвонредните човечки карактеристики. Користењето на ова спознание му овозможило да ги надмине сите други живи видови на Земјата — дури до степен да оди на Месечината и да се врати. Навистина, како што рекол еден научник, човечкиот мозок „е поинаков и неизмерно покомплициран од што и да е друго во познатиот универзум“.16
29. Кој факт ја прави провалијата меѓу човекот и животното најголема од сите?
29 Друго обележје кое ја прави провалијата меѓу човекот и животните најголема од сите, се човековите морални и духовни вредности кои потекнуваат од такви особини како што се љубовта, правдата, мудроста, моќта и милоста. На тоа се алудира во 1. Мојсеева кога се вели дека човекот е создаден според ‚образот и подобието на Бог‘. И токму провалијата меѓу човекот и животното е најголема од сите бездни (1. Мојсеева 1:26).
30. Што навистина вели фосилниот запис?
30 Така, меѓу главните поделби на живот постојат огромни разлики. Нив ги одвојуваат многу нови структури, програмирани инстинкти и особини. Разумно ли е да се мисли дека можеле да настанат преку збиднувања на неуправувана случајност? Како што видовме, фосилниот доказ не го поддржува тоа гледиште. Не можат да се најдат фосили кои ќе ги премостат јазовите. Како што велат Хојл и Викрамазин, „меѓуоблиците недостасуваат во фосилниот запис. Сега увидуваме зошто — всушност, бидејќи и не постоеле никакви меѓуоблици“.17 За оние чии уши се отворени да слушаат, фосилниот запис вели: „Специјално создавање“.
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 72]
’Рбетите на рибата и на жабата се многу различни
[Истакната мисла на страница 81]
„Не би можело да се направи потрагична грешка отколку човекот да се смета за ‚ништо друго освен за животно‘“
[Рамка/слики на страница 73]
Не постојат алки меѓу главните поделби на живот. Еден научник рекол: „Фосилите недостасуваат на сите важни места“
[Слики]
Секој се размножува „според својот вид“
Риба
Водоземец
Влекач
Птица
Цицач
Човек
[Рамка/слики на страница 76]
Еволуционистите наведуваат: „Не треба многу да ја напрегаме имагинацијата за да си го замислиме пердувот како модифицирана лушпа [од влекач]“. Фактите покажуваат нешто друго
[Слики]
Папагал
Рајска птица
Паун
[Графикон]
стебленце
пердушинки
трепетлики
минипердушинки
[Слика на страница 71]
„Рибата скокнува во фосилниот запис, навидум од никаде“
[Слики на страница 72]
Ниту една фосилна риба не покажува како се развила карлицата кај водоземците
[Слика на страница 75]
Птиците ги имаат „сите незадоволителни карактеристики на апсолутно создавање“
[Слики на страница 78]
Окото на орелот функционира како телескоп, а окото на птицата песнопојка — како лупа
[Слика на страница 79]
Археоптериксот не е алка меѓу влекачот и птицата
[Слика на страница 80]
Младенчињата на цицачите се раѓаат живи и се хранат со млеко од своите мајки
[Слики на страница 82]
„Меѓуоблиците недостасуваат во фосилниот запис . . . бидејќи и не постоеле никакви меѓуоблици“
риба
водоземец
влекач
птица
цицач
човек
[Графикон/слики на страница 74]
Желатинозните јајца на водоземците немаат лушпи
Јајцата на влекачите имаат заштитни лушпи
[Графикон]
(Види во публикацијата)
Пресек на јајце со лушпа
алантоис
ембрион
лушпа
албумен
амнион
хорион
жолчка
воздушна преграда
мембрана на јајцето