Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Човеколики мајмуни“ — што биле тие?

„Човеколики мајмуни“ — што биле тие?

Поглавје 7

„Човеколики мајмуни“ — што биле тие?

1, 2. Што биле нашите предци, според тврдењето на еволуционата теорија?

 МНОГУ години имаше извештаи дека се пронајдени фосилните остатоци од мајмунолики луѓе. Научната литература изобилува со уметнички интерпретации на такви суштества. Дали тоа се еволуциони премини меѓу животното и човекот? Дали „човеколиките мајмуни“ се наши предци? Еволуционите научници тврдат дека се. Поради тоа честопати читаме изјави како што е овој наслов на статија во едно научно списание: „Како мајмунот станал човек“.1

2 Точно, некои еволуционисти мислат дека тие теоретски предци на човекот со право не треба да се наречат „мајмуни“. И покрај тоа, некои од нивните колеги не се толку строги.2 Стивен Џеј Гулд вели: „Луѓето . . . еволуирале од мајмунолики предци“.3 А Џорџ Гејлорд Симсон навел: „Секој кој би го видел заедничкиот предок сигурно во народниот говор би го нарекол примат или мајмун. Бидејќи термините примат и мајмун се дефинирани преку вообичаената употреба, човечките предци биле примати или мајмуни“.4

3. Зошто фосилниот запис се смета за важен при одредувањето на предците на човекот?

3 Зошто фосилниот запис е толку важен во обидот да се документира постоењето на мајмунолики предци на човештвото? Бидејќи денешниот жив свет нема во себе ништо што би ја поддржало таа идеја. Како што е покажано во поглавје 6, постои огромна провалија меѓу луѓето и кои и да било животни што постојат денес, вклучувајќи ја и фамилијата мајмуни. Според тоа, бидејќи живиот свет не обезбедува никаква алка меѓу човекот и мајмунот, постоела надеж дека фосилниот запис ќе обезбеди.

4. Од гледна точка на еволуцијата, зошто е толку чудно отсуството на живи „човеколики мајмуни“?

4 Од гледна точка на еволуцијата, очигледната провалија меѓу човекот и мајмунот денес е чудна. Еволуционата теорија се држи за тоа дека, како што животните напредувале на еволуционата скала, така станувале поспособни за преживување. Тогаш, зошто сѐ уште постои „нижата“ фамилија мајмуни, а не постои ниту еден единствен од претпоставените меѓуоблици кои требало да бидат понапреднати во еволуцијата? Денес гледаме шимпанза, горила и орангутани, но не и „човеколики мајмуни“. Дали изгледа веројатно тоа дека сите од понеодамнешните и наводно понапредни „алки“ меѓу мајмуноликите суштества и современиот човек изумреле, а пониските мајмуни не?

Колкав е фосилниот доказ?

5. Каков впечаток оставаат извештаите во врска со фосилниот доказ за човечката еволуција?

5 Од извештаите во научната литература, во музејските изложби и на телевизијата, би изгледало дека сигурно мора да има изобилен доказ дека луѓето еволуирале од мајмунолики суштества. Дали навистина е така? На пример, каков фосилен доказ за тоа имало во Дарвиново време? Дали тоа бил таков доказ што го охрабрил да ја формулира неговата теорија?

6. а) Дали раните теории за човечката еволуција се темелеле на фосилен доказ? б) Зошто еволуцијата можела да се прифати без цврст доказ?

6 The Bulletin of the Atomic Scientists нѐ информира: „Раните теории за човечката еволуција навистина се многу чудни, ако некој застане да ги разгледа. Дејвид Пилбим ги опишал раните теории како ‚бесфосилни‘. Тоа значи, постоеле теории за човечката еволуција за кои човек би помислил дека е потребен извесен фосилен доказ, но всушност, или имало толку малку фосили што тие не извршиле никакво влијание врз теоријата или, пак, воопшто немало фосили. Така, меѓу наводните најблиски човекови роднини и раните човечки фосили постоела само имагинацијата на научниците од деветнаесеттиот век“. Оваа научна публикација покажува зошто: „Луѓето сакале да веруваат во еволуција, во човечка еволуција, и тоа влијаело врз резултатите од нивната работа“.5

7-9. Колкав фосилен доказ за човечката еволуција постои сега?

7 После повеќе од еден век истражување, колкав фосилен доказ постои за „човеколиките мајмуни“? Ричард Лики навел: „Оние кои работат на тоа подрачје имаат толку малку докази на кои би ги темелеле своите заклучоци што честопати е неопходно да ги менуваат истите“.6New Scientist коментирал: „Судејќи според количината на доказот врз кој се темели, студијата на фосилниот човек едвај заслужува да биде нешто повеќе од поддисциплина на палеонтологијата или антропологијата . . . Колекцијата е толку раздразнувачки некомплетна, а самите мостри честопати се толку фрагментарни и неубедливи“.7

8 На сличен начин, книгата Origins признава: „Додека продолжуваме по патот на еволуцијата движејќи се кон луѓето, одењето станува особено несигурно; повторно, тоа се должи на недоволната количина на фосилни докази“.8 Списанието Science додава: „Примарниот научен доказ е една жалосно мала низа коски од кои треба да се состои човековата еволуциона историја. Еден антрополог ја споредил задачата со онаа да се реконструира фабулата на Војна и мир со 13 случајно избрани страници“.9

9 Колку е распрснат фосилниот запис во поглед на „човеколиките мајмуни“? Забележи го следново. Newsweek: „,Би можел да ги ставиш сите фосили врз една единствена маса за пишување‘, рекол Елвин Симонс од универзитетот Дјук“.10The New York Times: „Познатите фосилни остатоци од човечките предци би се сместиле на една маса за билијард. Тоа претставува една сиромашна платформа од која се гледа во маглите на последниве неколку милиони години“.11Science Digest: „Значаен е фактот што сиот физички доказ кој го имаме за човечката еволуција може сѐ уште да биде ставен — и уште да остане место — во еден единствен мртовечки сандак! . . На пример, изгледа дека современите мајмуни се појавиле од никаде. Тие немаат вчера, немаат фосилен запис. А ако сакаме да бидеме чесни кон себеси, вистинското потекло на современите луѓе — битија кои се исправени, голи, што прават орудија и со голем мозок — е еднакво мистериозна работа“.12

10. Што покажува доказот за појавата на современиот вид луѓе?

10 Современите луѓе, со способност да резонираат, планираат, пронаоѓаат, да градат на претходното спознание и да користат сложени јазици, во фосилниот запис се појавуваат одеднаш. Гулд, во својата книга The Mismeasure of Man, забележува: „Ние немаме доказ за биолошка промена во големината или структурата на мозокот откако Хомо сапиенсот се појавил во фосилниот запис пред околу педесет илјади години“.13Затоа, книгата The Universe Within прашува: „Што предизвикало еволуцијата . . . како прекуноќ, да го произведе современото човештво со неговиот крајно извонреден мозок?“14 Еволуцијата не може да одговори. Но, може ли одговорот да лежи во создавањето на едно многу сложено, поинакво суштество?

Каде се „алките“?

11. Што се признава како „правило“ во фосилниот запис?

11 Меѓутоа, зарем научниците не ги нашле потребните „алки“ меѓу мајмуноликите животни и човекот? Според доказот, не. Science Digest зборува за „отсуството на алката која недостасува а која би ја објаснила релативно ненадејната појава на современиот човек“.15Newsweek забележал: „Алката која недостасува меѓу човекот и мајмуните . . . е едноставно најпривлечна од целата хиерархија на илузорни суштества. Во фосилниот запис, алките кои недостасуваат се правило“.16

12. Во што резултирал недостигот на алки?

12 Поради тоа што нема алки, „илузорните суштества“ мораат да бидат фабрикувани од минимален доказ и да се протуркаат како навистина да постоеле. Тоа објаснува зошто можела да се појави следнава противречност за која известило едно научно списание: „Луѓето еволуирале од нивните мајмунолики предци со постепени чекори, а не, како што тврдат некои научници, со ненадејни скокови од еден облик во друг . . . Но, други антрополози, работејќи со речиси истите податоци, наводно дошле токму до спротивниот заклучок“.17

13. Што резултирало од неспособноста да се најдат „алки кои недостасуваат“?

13 Затоа можеме подобро да го разбереме забележувањето на почитуваниот анатом Соли Зукерман кој во Journal of the Royal College of Surgeons of Edinburgh напишал: „Потрагата по пословичната ‚алка која недостасува‘ во човечката еволуција, тој Свет Грал на сектата на анатоми и биолози, која никогаш не умира, дозволува шпекулацијата и митот денес да цветаат толку среќно како и пред 50 години и повеќе“.18 Тој забележал дека пречесто фактите биле игнорирани, а наместо тоа, она што моментално било популарно, било поддржувано и покрај доказот за спротивното.

Човековото „генеалошко стебло“

14, 15. Што му направил доказот на еволуционото „генеалошко стебло“ на човекот?

14 Како резултат на тоа, „генеалошкото стебло“ кое честопати се црта за човечката наводна еволуција од пониски животни, постојано се менува. На пример, Ричард Лики навел дека едно понеодамнешно фосилно откритие „ја остава во урнатини замислата дека сите рани фосили можат да бидат подредени по еден уреден редослед на еволуциона промена“.19 А во поглед на тоа откритие, еден новински извештај објавил: „Секоја одделна книга за антропологија, секоја статија за еволуцијата на човекот, секој цртеж на генеалошкото стебло на човекот ќе мора да се исфрли. По сѐ изгледа, тие се погрешни“.20

15 Теоретското генеалошко стебло на човечката еволуција е натрупано со она што е исфрлено од претходно прифатените „алки“. Една уводна статија во The New York Times забележала дека науката за еволуција „вклучува толку многу простор за нагаѓање што теориите за тоа како настанал човекот се склони повеќе да зборуваат за нивниот автор отколку за нивната тема . . . Се чини дека пронаоѓачот на еден нов череп честопати повторно го црта генеалошкото стебло на човекот, со тоа што неговото откритие се наоѓа во центарот на линијата која води до човекот, а черепите на сите други — на страничните линии кои не водат никаде“.21

16. Зошто двајца научници во својата книга го испуштиле генеалошкото стебло на еволуција?

16 Во рецензијата за книгата The Myths of Human Evolution напишана од еволуционистите Најлс Елдриџ и Иан Татерсал, списанието Discover забележало дека авторите елиминирале секакво еволуционо генеалошко стебло. Зошто? Откако забележала дека „алките кои ги сочинуваат предците на човечките видови можат само да се претпостават“, оваа публикација навела: „Елдриџ и Татерсал инсистираат на тоа дека човекот напразно трага по своите предци . . . Доколку доказот постоел, тврдат тие, ‚некој би можел со доверба да очекува дека како што би биле наоѓани повеќе фосили од хоминиди, приказната за човечката еволуција би станувала сѐ појасна. Но, ако воопшто се случило нешто, тогаш се случило спротивното‘“.

17, 18. а) Како може да биде „најдено“ она што некои еволуционисти го сметаат за „изгубено“? б) Како фосилниот запис го потврдува тоа?

17 Discover заклучил: „Човечкиот вид, како и сите други видови, ќе остане во некоја мера сирак — идентитетот на неговите родители се изгубил во минатото“.22 Можеби „изгубен“ од гледна точка на еволуционата теорија. Но, зарем алтернативата од 1. Мојсеева не ги „нашла“ нашите родители онакви какви што се всушност во фосилниот запис — потполно човечки, какви што сме ние?

18 Фосилниот запис открива едно засебно, одвоено потекло на мајмуните и на човекот. Поради тоа, фосилниот доказ за човечката алка до мајмунолики животни не постои. Алките всушност никогаш и не постоеле.

Како изгледале тие?

19, 20. На што се темелат цртежите на „човеколики мајмуни“?

19 Меѓутоа, ако човековите предци не биле мајмунолики, зошто тогаш толку многу слики и копии од „човеколики мајмуни“ ги преплавуваат научните публикации и музеи ширум светот? На што се темелени тие? Книгата The Biology of Race одговара: „Телото и косата на таквите реконструкции мора да биле внесени со прибегнување кон имагинација“. Таа додава: „Бојата на кожата; бојата, формата и распоредот на косата; обликот на надворешните обележја и изразот на лицето — за овие карактеристики не знаеме апсолутно ништо ниту за еден праисториски човек“.23

20 Science Digest исто така коментирал: „Огромното мноштво уметнички концепти се темели повеќе на имагинацијата отколку на доказ . . . Уметниците мораат да креираат нешто помеѓу мајмун и човечко битие; колку што се кажува дека е постара мострата, толку ја прават помајмунолика“.24 Ловецот на фосили Доналд Јохансон признал: „Никој не може да биде сигурен како точно изгледал некој изумрен хоминид“.25

21. Што всушност се приказите на „човеколики мајмуни“?

21 Навистина, New Scientist известил дека не постои „доволен доказ од фосилниот материјал за да го извлече нашето теоретизирање од подрачјето на фантазијата“.26 Затоа, приказите на „човеколики мајмуни“ се, како што признал еден еволуционист, „чиста фантазија во повеќе погледи . . . чиста измислица“.27 Затоа, во Man, God and Magic, Ивар Лиснер коментирал: „Токму како што постепено учиме дека не мора да значи дека првобитните луѓе биле дивјаци, така мораме да научиме да сфатиме дека раните луѓе од леденото доба не биле ниту брутални ѕверки, ниту полумајмуни ниту, пак, кретени. Според тоа, неискажлива е глупоста на сите обиди да се реконструира неандерталец или дури и пекиншкиот човек“.28

22. Како биле измамени многу приврзаници на еволуцијата?

22 Во својата желба да најдат доказ за „човеколики мајмуни“ некои научници биле фатени во целосна измама, на пример, онаа со Пилтдаунскиот човек во 1912. Околу 40 години поголемиот дел од еволуционата средина го прифаќал како вистински. Конечно, во 1953, измамата била обелоденета кога современата техника открила дека биле споени коски од човек и мајмун и биле вештачки остарени. Во еден друг случај, во печатот била нацртана и презентирана една мајмунолика „алка која недостасува“. Но, подоцна се признало дека „доказот“ се состоел само од еден заб кој припаѓал на еден изумрен облик свињи.29

Што биле тие?

23. Што всушност биле некои фосили за кои се претпоставувало дека се предци на човекот?

23 Ако реконструкциите на „човеколиките мајмуни“ не се валидни, тогаш што биле тие древни суштества чии фосилни коски биле најдени? Еден од овие најрани цицачи за кои се тврдело дека се од човековата линија, е едно мало животно, слично на глодар, за кое се вели дека живеело пред околу 70 милиони години. Во својата книга Lucy: The Beginnings of Humankind, Доналд Јохансон и Меитленд Еди напишале: „Тие биле четвороношци кои јаделе инсекти и биле со големина и облик слични на верверици“.30 Ричард Лики го нарекол тој цицач — „примат сличен на стаорец“.31 Но, дали постои некој цврст доказ дека овие ситни животни биле предци на луѓето? Не, освен шпекулација полна со желби. Никакви преодни стадиуми никогаш не ги поврзувале со нешто друго освен со она што биле: мали животни, слични на глодар.

24. Кои проблеми се покренуваат во обидот египтопитекусот да се установи како предок на луѓето?

24 Како следни на општоприфатениот список, со признат јаз од околу 40 милиони години, се фосилите најдени во Египет и именувани како египтопитекус — египетски мајмун. За ова суштество се вели дека живеело пред околу 30 милиони години. Списанијата, весниците и книгите прикажувале слики од ова мало суштество со наслови како што се: „Наш предок било едно мајмунолико суштество“ (Time).32 „Мајмунолик африкански примат означен како заеднички предок на човекот и мајмуните“ (The New York Times).33Египтопитекусот е предок кој го делиме со живите мајмуни“ (Origins).34 Но, каде се алките меѓу него и глодарот пред него? Каде се алките за она што е ставено после него во еволуционото подредување? Не е најдена ниту една.

Подемот и падот на „човеколиките мајмуни“

25, 26. а) Што се тврдело за рамапитекусот? б) Врз каков фосилен доказ бил реконструиран за да изгледа како „човеколик мајмун“?

25 Следејќи еден друг познат гигантски јаз во фосилниот запис, како прв човеколик мајмун било претставено едно друго фосилно суштество. За него се вели дека живеело пред околу 14 милиони години и е наречено рамапитекус — Рамин мајмун (Рама бил митски принц во Индија). Неговите фосили биле најдени во Индија пред околу половина век. Од овие фосили било конструирано едно мајмунолико суштество, исправено, на два екстремитета. За него, Origins навел: „Колку што во моментов може да се каже, тој е првиот претставник на човечката фамилија“.35

26 Кој бил фосилниот доказ за овој заклучок? Истата публикација забележала: „Доказот во врска со рамапитекусот е значаен — иако во апсолутна смисла тој останува раздразнувачки мал: фрагменти од горна и долна вилица, плус една колекција заби“.36 Мислиш ли дека тоа е доволно „значаен доказ“ за да се реконструира исправен „човеколики мајмун“ — предок на луѓето? Сепак, ова воглавно хипотетично суштество уметниците го нацртале како „човеколик мајмун“, а неговите слики ја преплавиле еволуционата литература — сѐ на темел на фрагменти од вилица и заби! И покрај тоа, како што известил The New York Times, со децении рамапитекусот „си седел најбезбедно што може во основата на човечкото еволуционо стебло“.37

27. Што покажал подоцнежниот доказ во врска со рамапитекусот?

27 Меѓутоа, тоа повеќе не е случај. Неодамнешните и покомплетни фосилни откритија покажаа дека рамапитекусот многу личел на современата фамилија мајмуни. Затоа, New Scientist сега објавува: „Рамапитекусот не може да биде првиот член на човечката линија“.38 Таквите нови информации го предизвикале следново прашање во списанието Natural History: „Како рамапитекусот . . . реконструиран само од заби и вилици — без позната карлица, коски од екстремитети или череп — се прикрал во оваа процесија која чекори кон човекот?“39 Очигледно, во обидот да се постигне доказот да го каже она што не го кажува, морало да биде вклучено многу градење кули во воздух.

28, 29. Што се тврдело за австралопитекусот?

28 Меѓу тоа суштество и следното што е наброено како „човеколики мајмун“ — предок, лежи друг јаз со огромни размери. Тоа е наречено австралопитекус — јужен мајмун. Неговите фосили првпат биле најдени во јужна Африка во 1920-тите. Тој имал мал простор за мозокот, слично како кај мајмуните, тешка вилична коска и бил насликан како оди на два екстремитета, наведнат, влакнест и со мајмунски изглед. Се вели дека почнал да живее пред околу три или четири милиони години. Со текот на времето, речиси сите еволуционисти го прифатиле како човечки предок.

29 На пример, книгата The Social Contract забележала: „Со еден или два исклучока, сите компетентни истражувачи на ова поле сега се сложуваат дека австралопитеците . . . се всушност човечки предци“.40The New York Times објавил: „Австралопитекусот бил тој . . . кој на крајот еволуирал во Хомо сапиенс, односно современ човек“.41 А во Man, Time, and Fossils Рут Мур рекла: „Од сиот доказ, луѓето најпосле ги запознале своите долго време непознати, рани предци“. Таа отсечно изјавила: „Доказот беше убедлив . . . најпосле е најдена алката која недостасуваше“.42

30, 31. Што покажува подоцнежниот доказ во врска со австралопитекусот?

30 Но, кога доказот за што и да било всушност е слаб, или не постои или, пак, се темели на гола измама, порано или подоцна тврдењето ќе падне во вода. Се докажало дека тоа е случај со многу минати примери на наводните „човеколики мајмуни“.

31 Така било и со австралопитекусот. Понатамошното истражување разоткрило дека неговиот череп „се разликувал од черепот на луѓето во повеќе погледи а не само во неговиот помал капацитет на мозокот“.43 Анатомот Зукерман напишал: „Кога ќе се спореди со човечкиот и со мајмунскиот череп, черепот на австралопитекусот по изглед е убедливо мајмунски — не човечки. Да се тврди спротивното е исто како да се тврди дека црното е бело“.44 Исто така, тој рекол: „Нашите наоди оставаат мало сомневање дека . . . австралопитекусот не личи на Хомо сапиенс, туку на живите мајмуни и примати“.45 Доналд Јохансон исто така рекол: „Австралопитеците . . . не биле луѓе“.46 Слично на тоа, Ричард Лики рекол дека е „неверојатно нашите директни предци да се еволуциони потомци на австралопитеците“.47

32. Доколку таквите суштества сѐ уште би живееле денес, за што би биле сметани?

32 Доколку денес би биле најдени некои живи австралопитеци, тие би биле ставени во зоолошките градини со другите мајмуни. Никој не би ги нарекол „човеколики мајмуни“. Истото е случај и со другите фосилни „братучеди“ кои личат на него, како што е еден помал вид австралопитекус наречен „Луси“. За него, Роберт Џастро вели: „Тој мозок не бил голем во апсолутна величина; тој бил една третина од големината на човечкиот мозок“.48 Очигледно, и тој бил само „мајмун“. Всушност, New Scientist рекол дека „Луси“ имал череп „многу сличен на оној на шимпанзото“.49

33. Кој фосилен вид можеби бил или не бил човек?

33 Еден друг фосилен вид е наречен Хомо еректус — исправен човек. Големината и обликот на неговиот мозок спаѓаат во нижиот ред на мозок кај современиот човек. Исто така, Encyclopædia Britannica забележала дека „досега откриените коски на екстремитетите не се разликуваат од оние на Х[омо] сапиенсот“.50 Меѓутоа, нејасно е дали тој бил човек или не. Ако да, тогаш тој бил само гранка од човечката фамилија и изумрел.

Човечката фамилија

34. Како се промениле претставите за неандерталецот?

34 Неандерталецот (именуван според областа Неандер во Германија каде што бил најден првиот фосил) несомнено бил човек. На почетокот бил насликан наведнат, со глупав изглед, влакнест и мајмунолик. Сега е познато дека оваа погрешна реконструкција се темелела на еден фосилен скелет кој имал тешка деформација поради болест. Оттогаш биле најдени многу фосили од неандерталецот кои потврдуваат дека тој многу не се разликувал од современите луѓе. Во својата книга Ice, Фред Хојл навел: „Не постои доказ дека неандерталецот на некој начин бил инфериорен во однос на нас“.51 Како резултат на тоа, неодамнешните цртежи на неандерталци попримиле посовремен изглед.

35. Што бил Кромањонскиот вид?

35 Друг фосилен вид на кој често се наидува во научната литература е Кромањонскиот човек. Наречен е така по локалитетот во јужна Франција каде што првпат биле ископани неговите коски. Овие примероци „практично не се разликувале од денешните, па така дури и најскептичните морале да признаат дека тие биле луѓе“, рекла книгата Lucy.52

36. Кои се фактите во поглед на мајмуноликите фосили од минатото и на човеколиките фосили?

36 Така, јасен е доказот дека верувањето во „човеколики мајмуни“ е неосновано. Наместо тоа, луѓето ги имаат сите одлики дека се создадени — одвоено и различно од кое и да било животно. Луѓето се размножуваат само според сопствениот вид. Тоа го прават денес, но го правеле и отсекогаш во минатото. Сите мајмунолики суштества кои живееле во минатото биле само тоа — примати, односно мајмуни, а не луѓе. Фосилите, пак, од древните луѓе кои незначително се разликуваат од денешните луѓе, едноставно покажуваат разноликост во рамките на човечката фамилија, токму како што денес имаме многу варијации кои живеат една покрај друга. Постојат луѓе високи над два метра, а постојат и пигмеи со различна големина и облик на скелетот. Но, сите му припаѓаат на истиот човечки „вид“, а не на животинскиот „вид“.

Што е со датумите?

37. Што покажува библиската хронологија за тоа колку долго се луѓето на Земјата?

37 Библиската хронологија покажува дека од создавањето на луѓето поминал период од околу 6.000 години. Тогаш, зошто откако се појавиле признатите човечки видови фосили честопати се чита за далеку подолги временски периоди?

38. Дали датумите кои се одредени со радиоактивно распаѓање, а кои се во конфликт со библиската хронологија, докажуваат дека Библијата греши?

38 Пред да заклучиш дека библиската хронологија е погрешна, земи предвид дека методите на радиоактивно датирање се нашле под остра критика од страна на некои научници. Еден научен журнал известил за студиите кои покажуваат дека „датумите одредени преку радиоактивното распаѓање можат да промашат — не само за неколку години туку и за низа величини“. Тој рекол: „Човекот, наместо да одел по Земјата 3,6 милиони години, можеби бил овде отприлика само неколку илјади години“.53

39. Дали радиојаглеродниот „часовник“ секогаш е веродостоен?

39 На пример, да го земеме радиојаглеродниот „часовник“. Оваа метода на радиојаглеродно датирање ја развиле научници од целиот свет во период од две децении. Таа била нашироко поздравена заради точното датирање на ракотворбите од човековата древна историја. Но, потоа во Упсала (Шведска) била одржана една конференција на светски експерти, вклучувајќи радиохемичари, археолози и геолози за да разменат забележувања. Извештајот од нивната конференција покажал дека основните претпоставки на кои се темелеле мерењата не се достојни за доверба во поголем или помал степен. На пример, тоа открило дека стапката на формирање на радиоактивен јаглерод во атмосферата не била доследна во минатото и дека оваа метода не е веродостојна во датирањето на предметите од околу 2.000 пр. н. е. или пред тоа.54

40. Како историските записи ја поддржуваат библиската хронологија во однос на староста на човечкиот род?

40 Задржи на ум дека е даден вистински веродостоен доказ за човековата активност на Земјата, и тоа не за милиони години, туку за илјадници. На пример, во The Fate of the Earth читаме: „Само пред шест или седум илјади години . . . се појавила цивилизацијата и ни овозможила да изградиме еден човечки свет“.55The Last Two Million Years наведува: „Во Стариот свет повеќето од критичните чекори во земјоделската револуција биле преземени меѓу 10.000 и 5.000 пр. н. е.“ Исто така, таму се вели: „Човекот оставил пишани записи само за последниве 5.000 години“.56 Фактот што фосилниот запис покажува дека современиот човек се појавува на Земјата наеднаш и дека, како што е познато, веродостојните историски записи се понови, е во склад со библиската хронологија за човековиот живот на Земјата.

41. Што рекол во врска со „предисториските“ датуми еден пионер на полето на радиојаглеродното датирање?

41 Во тој поглед, забележи што навел во Science В. Ф. Либи, нуклеарен физичар кој е добитник на Нобеловата награда и е еден од пионерите во датирањето со радиојаглерод: „Истражувањето во развојот на техниката на датирање се состоело од две етапи — датирање на примероците од историските и од предисториските епохи на секоја поединечно. Арнолд [еден соработник] и јас го доживеавме првиот шок кога нашите советници нѐ информираа дека историјата се протега наназад само 5.000 години . . . Читате изјави со содржина дека тоа и тоа општество или археолошко наоѓалиште е старо 20.000 години. Прилично одненадеж дознавме дека тие бројки, тие древни векови, не се точно познати“.57

42. Што коментирал еден англиски автор за разликата меѓу извештаите на еволуцијата и извештајот од 1. Мојсеева?

42 Кога рецензирал една книга за еволуцијата, англискиот автор Малколм Магериџ коментирал за недостигот на доказ за еволуцијата. Забележал дека и покрај тоа, сепак цветале непромислени шпекулации. Потоа рекол: „Во споредба со неа, се чини дека извештајот од 1. Мојсеева е доволно трезвен и барем заслужува да биде валидно поврзан со она што го знаеме за човечките битија и за нивното однесување“. Тој рекол дека незаснованите тврдења за милиони години човечка еволуција „и неконтролирани скокови од череп до череп не можат а да не делуваат како чиста фантазија на секој кој не е обземен со [еволуциониот] мит“. Магериџ заклучил: „Идните поколенија сигурно ќе бидат зачудени, а јас се надевам дека и многу ќе се забавуваат, затоа што таквото немарно и неуверливо теоретизирање толку лесно ги заробило умовите на дваесеттиот век и што било толку нашироко и непромислено применувано“.58

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 84]

Зошто „нижите“ примати и мајмуни преживеале, но не и еден единствен „виш“ „човеколики мајмун“?

[Истакната мисла на страница 85]

Раните теории за човечката еволуција биле „имагинација на научниците од деветнаесеттиот век“

[Истакната мисла на страница 85]

„Примарниот научен доказ е една жалосно мала низа коски“

[Истакната мисла на страница 87]

„Потрагата по пословичната ‚алка која недостасува‘ . . . дозволува шпекулацијата и митот да цветаат“

[Истакната мисла на страница 88]

„Секој цртеж на генеалошкото стебло на човекот ќе мора да се исфрли“

[Истакната мисла на страница 90]

Не постои „доволен доказ од фосилниот материјал за да го извлече нашето теоретизирање од подрачјето на фантазијата“

[Истакната мисла на страница 93]

Рамапитекусот не може да биде првиот член на човечката линија“

[Истакната мисла на страница 95]

„Не постои доказ дека неандерталецот на некој начин бил инфериорен во однос на нас“

[Истакната мисла на страница 98]

„Идните поколенија сигурно ќе бидат зачудени . . . што таквото немарно и неуверливо теоретизирање толку лесно ги заробило умовите на дваесеттиот век“

[Рамка/слики на страница 94]

Едно време австралопитекусот бил прифатен како човечки предок, „алката која недостасува“. Сега, некои научници се сложуваат дека неговиот череп бил „убедливо мајмунски — а не човечки“

[Слики]

Череп на австралопитекус

Череп на шимпанзо

Човечки череп

[Слика на страница 84]

Бидејќи живиот свет не обезбедува никаква алка меѓу човекот и животното, еволуционистите се надевале дека фосилите ќе обезбедат

[Слика на страница 86]

Еден еволуционист признава: „Ние немаме доказ за биолошка промена во големината или структурата на мозокот откако Хомо сапиенсот се појавил во фосилниот запис“

[Слика на страница 89]

На што се темелат цртежите за „човеколики мајмуни“? Еволуционистите одговараат: „на имагинација“, „на чиста фантазија во повеќе погледи“, „на чиста измислица“

[Слики на страница 91]

Се вели дека еден глодар сличен на ровка е предок на човекот. Но, не постои фосилен доказ за таква врска

Ова мајмунолико суштество е означено како еден од нашите предци. За ова тврдење не постои ниту еден фосилен доказ

[Слики на страница 92]

Заснован само на заби и на делови од вилици, рамапитекусот бил наречен „првиот претставник на човечката фамилија“. Понатамошниот доказ покажал дека не бил тоа

[Слика на страница 96]

Како што е случај во фосилниот запис, денес постои голема разноликост во големината и обликот на коскената структура кај луѓето. Но сите му припаѓаат на човечкиот „вид“

[Слика на страница 97]

Луѓето ги имаат сите одлики дека се создадени одвоено и различно од мајмуните

[Графикон/слика на страница 90]

Пилтдаунскиот човек 40 години бил прифатен како „алка која недостасува“, сѐ додека не бил разоткриен како измама. Делови од вилица и заби на орангутан биле комбинирани со делови од човечки череп

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Темните регии се фрагменти од човечки череп

Целата светла регија е фабрикувана од гипс

Темните регии се фрагменти од вилица и заби на орангутан