Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Човекот — чудо

Човекот — чудо

Поглавје 14

Човекот — чудо

1. Кој факт во врска со мозокот се чини дека би бил главен проблем за него?

 ОД СИТЕ чудесни работи на Земјата, ниту едно не е повчудовидувачко од човечкиот мозок. На пример, секоја секунда во мозокот се слеваат околу 100 милиони бита информации од различни сетила. Но, како тој може да избегне да биде безнадежно затрупан од оваа лавина? Доколку во еден момент можеме да мислиме само на една единствена работа, како тогаш умот излегува накрај со овие милиони симултани пораки? Очигледно, умот не само што го преживува поројот туку и лесно се справува со него.

2, 3. На кои два начина мозокот излегува накрај со тој проблем?

2 Начинот на којшто го прави тоа е само едно од многуте чуда на човечкиот мозок. Вклучени се два фактора. Прво, во мозочното стебло постои мрежа од нерви со големина на твојот мал прст. Оваа мрежа е наречена ретикуларна формација. Таа дејствува како еден вид сообраќаен контролен центар, проверувајќи ги милионите пораки кои доаѓаат во мозокот, просејувајќи ги безначајните и избирајќи ги оние кои се битни за вниманието на мозочната кора. Секоја секунда, оваа мала мрежа од нерви дозволува во свесниот ум да влезат максимум само неколку стотини пораки.

3 Второ, изгледа дека едно понатамошно прецизно сосредоточување на нашето внимание се остварува преку брановите кои поминуваат низ мозокот со фреквенција од 8 до 12 пати во секунда. Овие бранови предизвикуваат периоди на висока осетливост при кои мозокот ги забележува посилните сигнали и дејствува според нив. Се верува дека со помош на овие бранови мозокот сам се скенира, сосредоточувајќи се на тој начин на битните работи. Така, секоја секунда во нашите глави се одигрува активност во еден зачудувачки обем!

Нешто „на кое можеш да се воодушевуваш“

4. И покрај интензивното научно истражување да се разбере мозокот, што сепак останува точно?

4 Во неодамнешните години научниците направиле големи чекори напред во проучувањето на мозокот. Сепак, она што го научиле не е ништо во споредба со она што останува непознато. Еден истражувач рекол дека, после илјади години шпекулација и интензивното научно истражување во неодамнешниве децении, нашиот мозок, како и универзумот, остануваат „во суштина мистериозни“.1 Сигурно дека човечкиот мозок е далеку најмистериозниот дел од човечкото чудо — „чудо“ што означува нешто „на кое можеш да се воодушевуваш“.

5. Кој факт во врска со развојот на човечкиот мозок на едно доенче што расте ја покажува провалијата меѓу него и мозокот на животните?

5 Чудото започнува во утробата. Три седмици после зачнувањето, почнуваат да се формираат мозочните клетки. Тие растат со изненадувачко темпо, понекогаш дури до 250.000 клетки во минута. После раѓањето, мозокот продолжува да расте и да ја формира својата мрежа од врски. Провалијата која го одвојува човечкиот мозок од мозокот на кое и да било животно, брзо се манифестира: „Мозокот на човечкото доенче, за разлика од мозокот на кое и да било друго животно, се зголемува за трипати во текот на својата прва година“, наведува книгата The Universe Within.2 Со текот на времето, во човечкиот мозок се сместуваат околу 100 милијарди нервни клетки, наречени неврони, како и други видови клетки, иако тој претставува само 2 проценти од телесната тежина.

6. Како нервните сигнали протекуваат од неврон до неврон?

6 Клучните мозочни клетки — невроните — всушност не се допираат една со друга. Тие се одвоени со синапси, ситни простори кои се помали од 25 милионитиот дел од милиметарот. Овие јазови ги премостуваат хемиски материи наречени невротрансмитери, од кои се познати 30, но мозокот може да поседува и многу повеќе. Овие хемиски сигнали се примаат на едниот крај од невронот преку еден сплет од ситни влакненца наречени дендрити. Потоа, сигналите се пренесуваат на другиот крај од невронот преку едно нервно влакно наречено аксон. Во невроните, сигналите се електрични, но преку јазовите тие се хемиски. Така, трансмисијата на нервните сигнали по природа е електрохемиска. Секој импулс е со иста јачина, но интензитетот на сигналот зависи од фреквенцијата на импулсите, која може да достигне висина дури и до илјада во секунда.

7. За кое обележје на мозокот коментирала Библијата, и што според сознанието на научниците се согласува со тоа?

7 Не се знае со сигурност какви точно физиолошки промени се случуваат во мозокот додека учиме. Но, експерименталниот доказ укажува дека додека учиме — особено во раните години од животот — се формираат подобри врски и се ослободуваат повеќе хемиски материи кои ги премостуваат јазовите меѓу невроните. Континуираната употреба ги зајакнува тие врски и на тој начин се засилува учењето. „Патеките кои честопати се активираат заедно, се зајакнати на извесен начин“, известува Scientific American.3 Во врска со оваа точка, интересен е библискиот коментар дека подлабоките работи полесно ги разбираат зрелите луѓе „кои преку употреба ја извежбале својата моќ на согледување“ (Евреите 5:14NW). Истражувањето открило дека неупотребуваната ментална моќ слабее. На тој начин мозокот, како еден мускул, се зајакнува со употреба, а ослабнува со неупотреба.

8. Кое е едно од големите нерешени прашања во врска со мозокот?

8 На огромниот број микроскопски нервни влакна кои ги сочинуваат овие врски внатре во мозокот честопати се укажува како на негово „ожичување“. Тие се прецизно поставени во еден лавиринт кој е зашеметувачки сложен. Но, како тие се поставени на точните места кои ги бараат „дијаграмите за ожичување“ е мистерија. „Несомнено, најважното нерешено прашање во развојот на мозокот“, рекол еден научник, „е прашањето за тоа како невроните прават специфични обрасци на врски . . . Изгледа дека повеќето од врските се прецизно установени во некој ран стадиум од развојот.“4 Еден друг истражувач додава дека овие специфично распоредени подрачја во мозокот „се вообичаени за нервниот систем, а тоа како ова прецизно ожичување е поставено, останува еден од големите нерешени проблеми“.5

9. Колку врски постојат во мозокот според проценката на научниците, и што вели еден авторитет за неговиот капацитет?

9 Бројот на овие врски е астрономски! Секој неврон може да има илјадници врски со други неврони. Не само што постојат врски меѓу невроните туку постојат и микрокругови кои се поставени директно меѓу самите дендрити. „Овие ‚микрокругови‘“, вели еден невролог, „ѝ придаваат тотално нова димензија на нашата веќе вчудовидувачка концепција за тоа како функционира мозокот.“6 Некои истражувачи веруваат дека „милијарди на милијарди нервни клетки во човечкиот мозок сочинуваат можеби квадрилион врски“.7 Со каков капацитет? Карл Саган наведува дека мозокот би можел да содржи информации кои „би исполниле околу дваесет милиони томови, толку колку што има во најголемите светски библиотеки“.8

10. а) На кои начини мозочната кора кај човекот се разликува од онаа кај животните, и со какви предности за човекот? б) Што рекол еден истражувач во врска со тоа?

10 Мозочната кора е таа која го поставува човекот на големо растојание од кое и да било животно. Тенка е помалку од 0,6 сантиметри и формира еден избразден облик кој е прилепен до черепот. Ако се рашири, мозочната кора би зафатила површина од околу 0,23 метри квадратни, со околу шеснаесетина илјади километри сврзни влакна на кубен сантиметар. Човечката мозочна кора не само што е далеку поголема од мозочната кора на кое и да е животно туку таа има и многу поголемо неангажирано подрачје. Со други зборови, не е ангажирано да се справува со физичките функции на телото, туку е слободно за повисоки ментални процеси кои ги одвојуваат луѓето од животните. „Ние не сме само попаметни мајмуни“, рекол еден истражувач. Нашиот ум „нѐ прави квалитативно поинакви од сите други облици на живот“.9

Нашата далеку поголема способност

11. Како човечкиот мозок му дава на човекот флексибилност во учењето која животните ја немаат?

11 „Она што го одликува човечкиот мозок“, рекол еден научник, „е разновидноста на повеќе специјализирани активности кои е способен да ги учи.“10 Компјутерската наука го користи терминот „цврсто ожичен“ за да укаже на вградените карактеристики темелени на утврдена шема, за разлика од функциите кои во компјутерот ги внесува програмерот. „Применето на човечките суштества“, пишува еден авторитет, „цврстото ожичување укажува на вродените способности или, барем, предиспозиции.“11 Кај луѓето постојат многу вродени потенцијали за учење, но не и самото учење. За разлика од нив, животните имаат цврсто ожичена инстинктивна мудрост, но ограничен капацитет да учат нови работи.

12. За разлика од животните, со каква способност е предпрограмиран човечкиот мозок, и каква слобода им дава тоа на луѓето?

12 The Universe Within забележува дека најинтелигентното животно „никогаш не развива ум како човечкото битие. Тоа е така бидејќи нему му недостига она што ние го имаме: предпрограмирање на нашата неврална опрема која ни овозможува да формираме концепти од она што го гледаме, јазик од она што го слушаме и мисли од нашите искуства“. Но, ние мораме, преку внесување податоци од нашата околина, да го програмираме мозокот, инаку, како што наведува книгата, „не би се развило ништо што наликува на човечкиот ум . . . Без тоа огромно внесување искуство, тешко дека би се појавила и трага од интелект“.12 Така, способноста која е вградена во човечкиот мозок ни овозможува да го градиме човечкиот интелект. И, за разлика од животните, имаме слободна волја да го програмираме својот интелект онака како што ќе избереме — на темел на нашето сопствено спознание, вредности, прилики и цели.

Јазик единствен кај луѓето

13, 14. а) Кој пример за предпрограмирање им остава голема флексибилност на луѓето да програмираат во својот интелект сѐ што ќе изберат? б) Со оглед на ова, што рекол еден познат лингвист во врска со животните и јазикот?

13 Истакнат пример за цврсто ожичени способности со голема флексибилност за програмирање од наша страна е јазикот. Специјалистите се сложуваат дека „човечкиот мозок е генетски програмиран за развој на јазикот“13 и дека говорот „може да се објасни само на темел на вродената способност за обработка на јазикот во склоп на нашиот мозок“.14 Меѓутоа, за разлика од крутоста која се покажува во инстинктивното однесување на животните, постои огромна флексибилност во човечката употреба на оваа цврсто ожичена способност за јазик.

14 Во нашиот мозок не е цврсто ожичен некој специфичен јазик, туку ние сме предпрограмирани со способност за учење јазици. Ако дома се зборуваат два јазика, детето може да ги научи и двата. Ако биде изложено на трет јазик, детето може и него да го научи. Едно девојче од бебе било изложено на неколку јазици. До времето кога имала пет години, течно зборувала осум јазици. Со оглед на таквите вродени способности, не изненадува тоа што еден лингвист рекол дека експериментите правени на шимпанзо со знаковен јазик „всушност докажуваат дека шимпанзата се неспособни дури и за најелементарните облици на човечкиот јазик.“15

15. Што покажува науката во врска со најдревните јазици?

15 Дали една таква зачудувачка способност можела да еволуира од гровтањето и завивањето на животните? Студиите на најдревните јазици ја исклучуваат секоја таква еволуција на јазикот. Еден специјалист рекол дека „не постојат примитивни јазици“.16 Антропологот Ешли Монтагу се сложил дека таканаречените примитивни јазици „честопати се многу посложени и поделотворни отколку јазиците на таканаречените виши цивилизации“.17

16. Што велат некои истражувачи за потеклото на јазикот, но за кого тоа не е мистерија?

16 Еден невролог заклучува: „Колку повеќе се обидуваме да го истражуваме механизмот на јазикот толку помистериозен станува тој процес“.18 Друг истражувач вели: „Во моментов, потеклото на синтактичниот говор останува мистерија“.19 А трет, пак, наведува: „Моќта на говорот, која покренува луѓе и нации како ниту една друга сила, на уникатен начин ги одвојува луѓето од животните. Сепак, потеклото на јазикот останува една од најзагадочните мистерии на мозокот“.20 Меѓутоа, ова не е мистерија за оние кои во тоа ја гледаат раката на еден Творец кој во мозокот „цврсто ожичил“ подрачја за јазични способности.

Работи кои може да ги објасни само создавањето

17. а) Кој факт во врска со мозокот ѝ претставува необјаснив проблем на еволуцијата? б) Што би го направило логично човековото поседување на таков огромен мозочен капацитет?

17 Encyclopædia Britannica наведува дека човечкиот мозок „е надарен со прилично поголем потенцијал отколку она што е остварливо во текот на животниот век на едно лице“.21 Исто така, се наведува дека човечкиот мозок би можел да преземе секаков товар на учење и меморија која се става на него сега, но и милијарди пати повеќе! Но, зошто еволуцијата би произвела еден таков вишок? „Всушност, тоа е единствениот постоечки пример каде што еден вид бил обезбеден со орган за кој сѐ уште не научил како да го користи“, признал еден научник. Потоа, тој прашал: „Како тоа може да се усогласи со најфундаменталната теза на еволуцијата: Природната селекција продолжува со мали чекори, од кои секој мора да му пренесе на својот носител минимална, но сепак измерлива корист?“ Тој додал дека развојот на човечкиот мозок „останува најнеобјаснивиот аспект од еволуцијата“.22 Бидејќи еволуциониот процес не би произвел и не би пренел таков прекумерен мозочен капацитет кој никогаш нема да се користи, зарем не е поразумно да се заклучи дека човекот, со способност за бескрајно учење, бил дизајниран да живее засекогаш?

18. Какво резиме дал еден научник за човечкиот мозок, и што ги покажува неговите способности?

18 Карл Саган, зачуден од тоа што човечкиот мозок би можел да носи информации кои „би исполниле околу дваесет милиони томови“, навел: „Мозокот е многу големо место во многу мал простор“.23 А она што се случува во тој мал простор претставува предизвик за човечкото разбирање. На пример, замисли што мора да се случува во мозокот на еден пијанист кога свири една тешка музичка композиција, додека сите негови прсти летаат преку клавишите. Каков изненадувачки осет за движење мора да има неговиот мозок за да ги нареди прстите да ги погодат вистинските клавиши во вистинско време со вистинска сила за тие да се сложат со нотите во неговата глава! И доколку тој удри погрешна нота, мозокот веднаш му го дава тоа до знаење! Сета оваа неверојатно сложена операција била програмирана во неговиот мозок преку долгогодишно вежбање. Но, тоа е возможно само затоа што способноста за музика била предпрограмирана во човечкиот мозок уште од раѓањето.

19. Како се објаснуваат интелектуалните особини и другите чудесни способности кои ги поседува човечкиот мозок?

19 Ниту еден животински мозок никогаш не измислил такви работи, а уште помалку е способен да ги направи. Ниту, пак, некоја еволуциона теорија дава некакво објаснување. Зарем не е очигледно дека човечките интелектуални особини ги отсликуваат оние на еден Врховен Интелект? Ова е во склад со 1. Мојсеева 1:27, каде се наведува: „И го создаде Бог човекот според образот [ликот, NW] Свој“. Животните не се создадени според Божјиот лик. Затоа тие ги немаат способностите што ги има човекот. Иако животните прават зачудувачки работи преку однапред одредени, крути инстинкти, тие воопшто не им се дораснати на луѓето во нивната флексибилност во размислувањето и постапувањето, како и во нивната способност постојано да градат на претходното спознание.

20. На кој начин човечкиот алтруизам е неспоив со еволуцијата?

20 Човечкиот капацитет за алтруизам — несебично давање — создава друг проблем за еволуцијата. Како што забележал еден еволуционист, „сѐ што еволуирало преку природна селекција треба да биде себично“. И се разбира, многу луѓе се себични. Но, како што тој подоцна признал, „можно е една друга особина да биде уникатна за човекот — капацитетот за искрен, непристрасен, вистински алтруизам“.24 Друг научник додал: „Алтруизмот е вграден во нас“.25 Само луѓето го практикуваат со свесност за цената, односно жртвата која може да биде вклучена.

Ценење за човекот — чудо

21. Кои способности и особини на човекот го ставаат далеку над кое и да е животно?

21 Размисли само: Човекот апстрактно размислува, свесно поставува цели, прави планови за да ги достигне, покренува работа за да ги оствари и наоѓа задоволство во нивното постигнување. Создаден со око за убавина, уво за музика, надареност за уметност, нагон за учење, незаситна љубопитност и имагинација која пронаоѓа и креира — човекот наоѓа радост и исполнетост во користењето на овие дарови. Тој е предизвикуван со проблеми, но ужива во користењето на својата ментална и физичка моќ за да ги реши. Човекот има и морално чувство да одреди исправно и погрешно и совест која го пече кога залутува. Тој наоѓа среќа во давањето и радост во љубењето, а и кога е љубен. Сите такви активности го зголемуваат неговото задоволство и му даваат смисла и значење на неговиот живот.

22. Кои размислувања прават човекот да ја почувствува својата ништожност и го наведуваат да трага по разбирање?

22 Човекот може да размислува за растенијата и животните, за величината на планините и океаните околу него, за пространството на ѕвезденото небо над него и да ја почувствува својата ништожност. Тој е свесен за времето и вечноста, се прашува како дошол тука и каде ќе оди, и трага за да разбере што стои зад сето тоа. Ниту едно животно не негува такви мисли. Но, човекот бара „зошто“ и „затоа што“ за работите. Сево ова е резултат од тоа што е надарен со извонреден мозок и што го носи ‚ликот‘ на Оној кој го создал.

23. Како Давид оддал признание за своето потекло, и што рекол тој во врска со своето формирање во утробата?

23 Со зачудувачки увид, древниот псалмист Давид му оддал признание на Оној кој го дизајнирал мозокот и кого го сметал одговорен за чудото на човечкото раѓање. Тој рекол: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене“ (Псалм 138:14—16).

24. Кои научни откритија ги прават Давидовите зборови уште позачудувачки?

24 Навистина, може да се рече дека оплоденото јајце во мајчината утроба ги содржи сите ‚запишани‘ делови од човечкото тело кое се развива. Срцето, белите дробови, бубрезите, очите и ушите, рацете и нозете, како и извонредниот мозок — заедно со сите други делови од телото биле „запишани“ во генетскиот код на оплоденото јајце во мајчината утроба. Во овој код е содржан внатрешниот временски распоред за појавата на овие делови, секој во својот исправен редослед. Овој факт бил запишан во Библијата речиси три илјади години пред модерната наука воопшто да го открие генетскиот код!

25. До кој заклучок води сево ова?

25 Зарем постоењето на човекот со неговиот зачудувачки мозок не е вистинско чудо, причина за воодушевување? Зарем не е исто така очигледно што едно такво чудо може да биде објаснето само со создавањето, а не со еволуцијата?

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 168]

Како може мозокот да излезе накрај со 100 милиони пораки кои се слеваат во него секоја секунда?

[Истакната мисла на страница 169]

Мозокот сам се скенира приближно на секоја десетинка од секундата за да се сосредоточи на битните работи

[Истакната мисла на страница 169]

Нашиот мозок останува „во суштина мистериозен“

[Истакната мисла на страница 173]

„Ние не сме само попаметни мајмуни.“ Нашиот ум „нѐ прави квалитативно поинакви од сите други облици на живот“

[Истакната мисла на страница 175]

„Потеклото на јазикот останува една од најзагадочните мистерии на мозокот“

[Истакната мисла на страница 175]

Развојот на човечкиот мозок „останува најнеобјаснивиот аспект од еволуцијата“

[Истакната мисла на страница 177]

Човечкиот извонреден мозок го носи ‚ликот‘ на Оној кој го создал

[Рамка/слика на страница 171]

ЧОВЕЧКИОТ МОЗОК — ,нерешена мистерија‘?

„Човечкиот мозок е најчудесниот и најмистериозниот објект во целиот универзум“ (антропологот Хенри Ф. Озборн)а

„Како мозокот ги создава мислите? Тоа е централното прашање на кое сѐ уште немаме одговор“ (физиологот Чарлс Шерингтон)б

„И покрај постојаното собирање детално спознание, дејствувањето на човечкиот мозок сѐ уште останува длабока мистерија“ (биологот Френсис Крик)в

„Секој кој зборува за компјутерот како за ‚електронски мозок‘, никогаш нема видено мозок“ (научниот уредник д-р Ирвинг С. Бенгелсдорф)г

„Нашата активна меморија содржи неколку милијарди пати повеќе информации отколку еден голем современ компјутер за истражување“ (научниот писател Мортон Хант)д

„Бидејќи мозокот е поинаков и неизмерно покомплициран од сѐ друго во познатиот универзум, можеби ќе мораме да промениме некои од нашите најгорливо држани идеи пред да можеме да ја сфатиме мистериозната структура на мозокот“ (неврологот Ричард М. Рестак)ѓ

Во врска со огромната провалија меѓу луѓето и животните, Алфред Р. Валас, ‚сопронаоѓачот на еволуцијата‘, на Дарвин му напишал: „Природната селекција би можела само да го надари дивјакот со мозок кој е малку посупериорен од оној на мајмунот, додека тој поседува мозок кој е многу малку инфериорен во однос на оној на просечниот член од нашето учено општество“. Дарвин, вознемирен од ова признание, одговорил: „Се надевам дека потполно не си го убил своето и моето дете“е

Да се каже дека човечкиот мозок еволуирал од мозокот на кое и да е животно е пркосење на разумот и на фактите. Далеку пологичен е овој заклучок: „Немам друг избор освен да го признаам постоењето на Супериорен Интелект, одговорен за дизајнот и развојот на неверојатниот однос мозок-ум — нешто што е далеку над човечкиот капацитет на разбирање . . . Морам да верувам дека сево ова имало интелигентен почеток, дека Некој предизвикал тоа да се случи“ (неврохирургот д-р Роберт Џ. Вајт)ж

[Графикон на страница 170]

(Види во публикацијата)

Мозокот, како еден мускул, се зајакнува со употреба, а ослабнува со неупотреба

Дендрити

Неврон

Аксон

Синапса

Неврон

Аксон

[Слика на страница 172]

Мозокот би можел да содржи информации кои „би исполниле околу дваесет милиони томови“

[Слики на страница 174]

Мозокот на детето е предпрограмиран брзо да учи комплицирани јазици, но „шимпанзата се неспособни дури и за најелементарните облици на човечкиот јазик“

[Слика на страница 176]

Луѓето имаат способности кои се далеку над способностите на кое и да било животно

[Слика на страница 178]

„Во Книгата Твоја сѐ е запишано“