Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели 1. Мојсеева?

Што вели 1. Мојсеева?

Поглавје 3

Што вели 1. Мојсеева?

1. а) Која е целта на оваа дискусија за 1. Мојсеева, и што треба да се запомни? б) Како се опфатени настаните во првото поглавје од 1. Мојсеева?

 КАКО и другите работи кои се погрешно претставени или погрешно разбрани, така и првото поглавје од Библијата заслужува барем фер сослушување. Постои потреба да се испита и да се одреди дали тоа е во склад со познатите факти, а не да биде обликувано за да одговара на некоја теоретска рамка. Исто така, треба да се запомни дека извештајот од 1. Мојсеева не бил напишан за да покаже „како“ било создавано. Наместо тоа, тој ги опфаќа главните настани на еден прогресивен начин, опишувајќи кои работи биле обликувани, редоследот според кој биле обликувани и временскиот интервал, односно „денот“ во кој за првпат се појавила секоја од нив.

2. а) Од чија гледна точка се опишани настаните во 1. Мојсеева? б) Како описот на светилата го покажува тоа?

2 Кога се испитува извештајот од 1. Мојсеева, од помош е да се има на ум дека тој им пристапува на работите од гледна точка на луѓето на Земјата. Затоа, тој ги опишува настаните како што би ги виделе човечки набљудувачи кога би биле присутни. Тоа може да се забележи од неговиот третман на настаните во четвртиот „ден“ од 1. Мојсеева. Таму Сонцето и Месечината се опишани како големи светила во споредба со ѕвездите. Сепак, многу ѕвезди се далеку поголеми од нашето Сонце, а Месечината е незначителна во споредба со нив. Но, не и за еден земен набљудувач. Затоа, како што се гледа од Земјата, Сонцето се појавува како „светило поголемо да управува со денот“, а Месечината како „светило помало да управува со ноќта“ (1. Мојсеева 1:14—18).

3. Како е опишана Земјата пред првиот „ден“?

3 Првиот дел од 1. Мојсеева покажува дека Земјата можела да постои милијарди години пред првиот „ден“ од Настанокот, иако тој не кажува колку долго. Меѓутоа, тој опишува каква била состојбата на Земјата токму пред да започне тој прв „ден“: „Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата“ (1. Мојсеева 1:2).

Колку е долг еден „ден“ од 1. Мојсеева?

4. Кој показател постои во самиот извештај за создавањето дека зборот „ден“ не значи само 24-часовен период?

4 Многумина сметаат дека зборот „ден“, употребен во поглавје 1 од 1. Мојсеева, значи 24 часа. Меѓутоа, во 1. Мојсеева 1:5 за самиот Бог е кажано дека го дели денот на помал временски период, нарекувајќи го „ден“ само светлиот дел. Во 1. Мојсеева 2:4 (NW), сите периоди на создавање се наречени еден „ден“: „Ова е историјата за небото и за Земјата во времето на нивното создавање, во денот [сите шест периоди на создавање] во кој Јехова Бог ги направи Земјата и небото“.

5. Кое е едно од значењата на хебрејскиот збор за „ден“ кое покажува дека можат да се разберат подолги периоди?

5 Хебрејскиот збор јом, преведен со „ден“, може да значи различни временски должини. Меѓу можните значења, Old Testament Word Studies од Вилијам Вилсон го вклучува следново: „Ден; тоа честопати се употребува за времето воопшто или за долго време; цел период кој се разгледува . . . Исто така, ден се употребува за некое особено годишно време или за време кога се случува некој несекојдневен настан“.1 Изгледа дека последнава реченица одговара на „деновите“ на создавање, бидејќи тоа секако биле периоди кога, како што беше опишано, се случувале несекојдневни настани. Исто така, тоа допушта периоди кои се многу подолги од 24 часа.

6. Зошто употребата на „вечер“ и „утро“ не мора да го ограничи „ден“ на 24 часа?

6 1. Мојсеева, поглавје 1, ги користи изразите „вечер“ и „утро“ во поврзаност со периодите на создавање. Зарем тоа не покажува дека тие биле долги 24 часа? Не мора да значи. Во некои места луѓето честопати укажуваат на човечкиот животен век како на негов „ден“. Тие зборуваат за „денот на татко ми“ или „во денот на Шекспир“. Тие може да го поделат тој „ден“ на животниот век велејќи „во утрото [или зората] од неговиот живот“ или „во вечерта [или приквечерината] од неговиот живот“. Така, ‚вечерта и утрото‘ во 1. Мојсеева, поглавје 1, не го ограничуваат значењето на дословни 24 часа.

7. Кои други употреби покажуваат дека „ден“ би можело да биде повеќе од 24 часа?

7 „Ден“, онака како што е употребен во Библијата, може да вклучува лето и зима, поминување на годишните времиња (Захарија 14:8). „Денот на жетва“ вклучува многу денови. (Спореди Изреки 25:13 и 1. Мојсеева 30:14, обата NW.) Илјада години се споредени со еден ден (Псалм 89:4; 2. Петрово 3:8, 10). „Судниот ден“ опфаќа многу години (Матеј 10:15; 11:22—24). На сличен начин, би изгледало разумно дека „деновите“ од 1. Мојсеева би можеле да опфаќаат долги временски периоди — милениуми. Тогаш, што се случувало за време на тие ери на создавање? Дали библискиот извештај за нив е научен? Ова што следи е преглед на тие „денови“, како што е изнесено во 1. Мојсеева.

Првиот „ден“

8, 9. Што настанало во првиот „ден“, и дали 1. Мојсеева вели дека Сонцето и Месечината биле создадени во тоа време?

8 „,Нека биде светлина!‘ И би светлина. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И би вечер, и би утро — ден први“ (1. Мојсеева 1:3, 5).

9 Се разбира, Сонцето и Месечината биле во вселенскиот простор долго пред овој прв „ден“, но нивната светлина не допирала до површината на Земјата за да биде видена од еден набљудувач од Земјата. Сега, во овој прв „ден“ светлината очигледно станала видлива на Земјата, а Земјата која се вртела почнала да има наизменично денови и ноќи.

10. На кој начин можела да дојде таа светлина, и на кој вид светлина се укажува?

10 По сѐ изгледа дека светлината дошла преку еден постепен процес, кој се протегал низ еден долг временски период, а не моментално како кога вклучуваш електрична сијалица. Преводот на 1. Мојсеева од преведувачот Џ. В. Ватц, го одразува тоа кога вели: „И постепено настана светлина“ (A Distinctive Translation of Genesis). Оваа светлина била од Сонцето, но самото Сонце не можело да се види низ облаците. Според тоа, светлината која допирала до Земјата била „дифузна светлина“, како што се укажува со еден коментар за стих 3 во Ротерхамовата Emphasised Bible. (Види фуснота б за стих 14.)

Вториот „ден“

11, 12. а) Што е опишано за вториот „ден“? б) Како хебрејскиот збор за овој развој понекогаш бил погрешно преведуван, и што всушност значи тој?

11 „,Нека има простор меѓу водите, да ги разделува водите од водите‘. И создаде Бог простор; и ги раздели водите под просторот од водите над просторот. И беше така. Бог го нарече просторот небо“ (1. Мојсеева 1:6—8, Др Лујо Бакотић).

12 Некои преводи го користат зборот „небесен свод“ наместо „простор“. Од ова е изведен аргументот дека извештајот од 1. Мојсеева е позајмен од митовите за создавање кои го претставуваат тој „небесен свод“ како метална купола. Но, дури и Библијата King James Version, која употребува „небесен свод“, на маргината вели „простор“. Тоа е така бидејќи хебрејскиот збор раки́ја, преведен со „простор“, значи да се растегне, да се рашири или да се распростре.

13. Што можеби се случило според изгледот на просторот?

13 Извештајот од 1. Мојсеева вели дека Бог го сторил тоа, но не вели како. На каков и да било начин да се случило опишаното одвојување, тоа изгледало како ‚горните води‘ да продреле од Земјата. А за птиците подоцна можело да се рече дека летале во „просторот небесен“, како што е наведено во 1. Мојсеева 1:20 (Др Лујо Бакотић).

Третиот „ден“

14. Како е опишан третиот „ден“?

14 „,Нека се собере водата, што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!‘ И стана така. И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече — мориња“ (1. Мојсеева 1:9, 10). Како и обично, извештајот не опишува како тоа било направено. Без сомнение, при формирањето на копнените подрачја биле вклучени огромни движења на Земјата. Таквите големи поместувања геолозите би ги објасниле како катастрофизам. Но, 1. Мојсеева укажува на водство и контрола од еден Творец.

15, 16. а) Кои точки му биле изнесени на Јов во врска со Земјата? б) Колку длабоко одат корењата на континентите и планините, и што е споредено со ‚аголен камен‘ за Земјата?

15 Во библискиот извештај, каде што е опишано како Бог го прашува Јов за неговото спознание за Земјата, опишана е една разноликост од развои во врска со историјата на Земјата: нејзините димензии, нејзините маси облаци, нејзините мориња и како нивните бранови биле ограничени со сувото копно — многу работи за создавањето, општо земено, кои опфаќаат долги временски периоди. Меѓу овие работи, споредувајќи ја Земјата со зграда, Библијата вели дека Бог го запрашал Јов: „Врз што се зацврстени основите [подножјата, Даничић—Караџић] нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен?“ (Јов 38:6).

16 Интересно, како ‚подножја‘, Земјината кора е подебела под континентите, а уште повеќе под планинските венци, пробивајќи се длабоко во обвивката која е под неа, како корењата на дрвото во почвата. „Идејата дека планините и континентите имале корени секогаш одново била испитувана, и се покажала како валидна“, вели Putnam’s Geology.2 Океанската кора е дебела само околу 8 километри, додека корењата на континентите одат надолу околу 32 километри, а планинските корења, пак, се пробиваат речиси двапати повеќе од тоа. И сите Земјини слоеви од сите правци притискаат навнатре врз Земјината срж, правејќи ја како голем ‚аголен камен‘ за потпора.

17. Што е важно во врска со појавата на сувото копно?

17 Без разлика на тоа какви средства биле користени за да се подигне сувото копно, важната поента е: И Библијата и науката го признаваат тоа како една од етапите во обликувањето на Земјата.

Копнени растенија во третиот „ден“

18, 19. а) Освен сувото копно, што друго се појавило во третиот „ден“? б) Што не прави извештајот од 1. Мојсеева?

18 Библискиот извештај додава: „,Нека израсте од земјата зеленило-трева, што дава семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!‘ И стана така“ (1. Мојсеева 1:11).

19 Така, до крајот на овој трет период на создавање, биле создадени три широки категории копнени растенија. Дотогаш, дифузната светлина станала прилично јака, обилна за процесот на фотосинтеза кој е толку витален за зелените растенија. Патем речено, извештајот тука не го спомнува секој „вид“ растение што се појавило на сцената. Микроскопските организми, водените растенија и други не се конкретно спомнати, но веројатно биле создадени во тој „ден“.

Четвртиот „ден“

20. Какви поделби на времето биле овозможени со појавата на светилата во просторот?

20 „,Нека се појават светила на сводот [просторот, Др Лујо Бакотић] небески, што ќе ја осветлуваат земјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините; и нека светат на сводот небески, за да ја осветлуваат земјата!‘ И би така. И создаде Бог две големи светила: светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди“ (1. Мојсеева 1:14—16; Псалм 135:7—9).

21. Како светлината во четвртиот „ден“ се разликува од онаа во првиот?

21 Претходно, во првиот „ден“ беше употребен изразот „нека биде светлина“. Хебрејскиот збор што таму е употребен за „светлина“ е охр, кој значи светлина во општа смисла. Но, во четвртиот „ден“, хебрејскиот збор се менува во маохр, што значи извор на светлина. Ротерхам, во една фуснота во Emphasised Bible, под „Светила“ вели: „Во стих 3, ор [охр], дифузна светлина“. Потоа, продолжува покажувајќи дека хебрејскиот збор маохр во стих 14 значи нешто „што дава светлина“. Во првиот „ден“ дифузната светлина очигледно се пробивала низ обвивката, но еден земен набљудувач не можел да ги види изворите на таа светлина бидејќи слоевите облаци сѐ уште ја обвивале Земјата. Сега, во овој четврти „ден“, работите очигледно се измениле.

22. Кој развој во четвртиот „ден“ можел да придонесе за доаѓањето на животинскиот свет?

22 Атмосферата, која на почетокот била богата со јаглероден диоксид, можеби предизвикувала топла клима ширум Земјата. Но, бујниот раст на вегетацијата во текот на третиот и четвртиот период на создавање апсорбирал дел од оваа прекривка од јаглероден диоксид, која задржувала топлина. Од своја страна, вегетацијата ослободувала кислород — услов за животинскиот свет.

23. Кои главни промени се опишани за овој период?

23 Сега, да бил таму некој набљудувач од Земјата, ќе можел да ги распознае Сонцето, Месечината и ѕвездите, кои требало да служат како „знаци и за времињата, и за деновите и за годините“ (1. Мојсеева 1:14). Месечината требало да го покажува поминувањето на лунарните месеци, а Сонцето — поминувањето на сончевите години. Годишните времиња кои сега ‚биднале така‘ во овој четврти „ден“, без сомнение, биле многу поблаги од она што станале подоцна (1. Мојсеева 1:15; 8:20—22).

Петтиот „ден“

24. За кои видови суштества е речено дека се појавиле во петтиот „ден“, и во рамките на кои граници би се размножувале?

24 „,Нека произведе водата лазачи, живи суштества, и птици да полетаат над земјата, под сводот [просторот, Др Лујо Бакотић] небески!‘ И би така. И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род [вид, NW], како и секаков вид крилати птици, според родот нивни“ (1. Мојсеева 1:20, 21).

25. Како биле наречени суштествата кои се појавиле во петтиот „ден“?

25 Од интерес е да се забележи дека нечовечки суштества, од кои требало да вријат водите, се наречени „живи души“ (Даничић—Караџић). Овој термин се применувал и на ‚птиците [кои] полетале над земјата, под сводот [просторот, Др Лујо Бакотић] небески‘. А тоа, исто така, ги опфаќало и облиците на живот во морето и во воздухот, како што се морските ѕверови, од кои во поново време научниците нашле фосилни остатоци.

Шестиот „ден“

26-28. Што се случило во шестиот „ден“, и што било значајно во врска со последниот чин на создавање?

26 „,Нека произведе земјата од себе разни суштества според родот [видот, NW] нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род [вид, NW]‘. И би така“ (1. Мојсеева 1:24).

27 Така, во шестиот „ден“ се појавиле копнени животни, окарактеризирани како диви и домашни. Но, овој финален „ден“ не бил завршен. Требало да дојде последниот значаен „вид“:

28 „Потоа рече Бог: ‚Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите — над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!‘ И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1:26, 27).

29, 30. Како може да се разбере разликата меѓу 2. и 1. поглавје од 1. Мојсеева?

29 Поглавје 2 од 1. Мојсеева очигледно додава некои детали. Меѓутоа, тоа не е, како што заклучиле некои, друг извештај за создавањето кој е во судир со оној од поглавје 1. Тој само започнува во еден момент од третиот „ден“, после појавувањето на сувото копно но пред создавањето на копнените растенија, додавајќи детали кои се однесувале на пристигнувањето на луѓето — живата душа Адам, неговиот дом градината Едем и жената Ева, неговата сопруга (1. Мојсеева 2:5—9, 15—18, 21, 22).

30 Претходно спомнатото е презентирано за да ни помогне да го разбереме она што го вели 1. Мојсеева. И овој сосема реалистичен извештај покажува дека процесот на создавање продолжил низ еден период од не само 144 часа (6 × 24), туку низ многу милениуми.

Како знаела 1. Мојсеева?

31. а) Како некои погрешно го претставуваат извештајот од 1. Мојсеева? б) Што покажува дека нивните тврдења се неточни?

31 На многумина им е тешко да го прифатат овој извештај за создавањето. Тие тврдат дека тој е извлечен од митовите на древните луѓе во врска со создавањето, првенствено од митовите на древниот Вавилон. Меѓутоа, како што еден понов библиски речник забележал, „сѐ уште не е најден ниту еден мит кој јасно укажува на создавањето на универзумот“, и тие митови „се карактеризираат со политеизам и борби на божества за превласт, што е во значителен контраст со хеб[рејскиот] монотеизам од [1. Мојсеева] 1 и 2“.3 Во врска со вавилонските легенди за создавање, управниците на Британскиот музеј навеле: „Основните концепции на вавилонските и хебрејските извештаи во суштина се различни“.4

32. Како извештајот за создавањето од 1. Мојсеева се покажал научно здрав?

32 Од она што го разгледавме, извештајот за создавање од 1. Мојсеева излегува на површина како научно здрав документ. Тој ги открива поголемите категории растенија и животни, со многуте нивни варијации, размножувајќи се само ‚според нивните видови‘. Фосилниот запис го потврдува тоа. Всушност, тој покажува дека секој „вид“ се појавил наеднаш, без вистински преодни облици кои го поврзуваат со некој претходен „вид“, како што тоа го налага теоријата на еволуција.

33. Само од каде можеле да дојдат информациите во извештајот за создавање од 1. Мојсеева?

33 Сето спознание на египетските мудреци не би можело да го снабди Мојсеј, писателот на 1. Мојсеева, со некаков клуч за процесот на создавање. Митовите на древните луѓе во врска со создавањето немале никаква сличност со она што го напишал Мојсеј во 1. Мојсеева. Тогаш, каде ги научил Мојсеј сите овие работи? Очигледно од некој кој бил таму.

34. Која друга редица докази ја подвлекува цврстината на краткиот преглед на настаните во 1. Мојсеева?

34 Науката за математичка веројатност нуди впечатлив доказ дека извештајот за создавање од 1. Мојсеева мора да дошол од извор кој имал спознание за настаните. Извештајот набројува 10 главни етапи според овој редослед: 1) почеток; 2) примитивна Земја во темнина и обвиена во тешки гасови и вода; 3) светлина; 4) простор или атмосфера; 5) големи подрачја суво копно; 6) копнени растенија; 7) Сонце, Месечина и ѕвезди кои се распознаваат во просторот и почеток на годишните времиња; 8) морски ѕверови и летечки суштества; 9) диви и питоми животни, цицачи; 10) човек. Науката се сложува дека овие етапи се одиграле според овој општ редослед. Какви се шансите писателот на 1. Мојсеева едноставно да го погодил тој редослед? Истите како кога од една кутија случајно би ги избрал броевите од 1 до 10, и би ги извлекол во последователен редослед. Шансите да го направиш тоа при првиот обид се 1 спрема 3.628.800! Затоа, да се каже дека писателот баш случајно ги набројал претходно спомнатите настани во исправен редослед, без да ги добие фактите од некаде, не е реалистично.

35. Кои прашања се поставуваат, и каде ќе се дискутира за одговорите?

35 Меѓутоа, теоријата на еволуција не допушта Творец кој бил таму, ги знаел фактите и можел да им ги открие на луѓето. Наместо тоа, појавата на животот на Земјата таа му ја припишува на спонтаното настанување на живи организми од неживи хемиски материи. Но, дали можеле неуправувани хемиски реакции, кои се потпирале на чиста случајност, да создадат живот? Дали самите научници се убедени дека тоа можело да се случи? Те молиме, погледни го следното поглавје.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 25]

Извештајот од 1. Мојсеева е даден од гледна точка на еден набљудувач од Земјата

[Истакната мисла на страница 36]

Фосилниот запис го потврдува размножувањето само ‚според нивните видови‘

[Рамка на страница 35]

Некои тврдат дека темел на извештајот за создавање од 1. Мојсеева е вавилонскиот мит за создавањето:

Богот Апсу и божицата Тиамат направиле други богови.

Подоцна Апсу се разжалостил поради овие богови и се обидел да ги убие, но наместо тоа, тој бил убиен од богот Еа.

Тиамат барала освета и се обидела да го убие Еа, но наместо тоа, таа била убиена од синот на Еа — Мардук.

Мардук го преполовил нејзиното тело, и од едната половина го направил небото, а од другата половина ја направил Земјата.

Потоа Мардук, со помош на Еа, го направил човештвото од крвта на еден друг бог — Кингу.а

Дали ти се чини дека овој тип приказна има некаква сличност со расказот за создавање од 1. Мојсеева?

[Рамка на страница 36]

Во врска со извештајот за создавање од 1. Мојсеева, еден добро познат геолог го рекол ова:

„Доколку јас, како геолог, бев повикан накратко да му ги објаснам нашите современи идеи за потеклото на Земјата и за развојот на животот на неа на еден едноставен, пастирски народ, како што се племињата на кои им била упатена книгата 1. Мојсеева, тешко би можел да сторам подобро отколку прилично тесно да следам голем дел од јазикот од првото поглавје на 1. Мојсеева“.б Овој геолог, Валас Прат, го забележал и тоа дека редоследот на настаните — од потеклото на океаните до појавувањето на копното, до излегувањето на површина на поморскиот живот, а потоа и на птиците и цицачите — во суштина е редоследот на главните поделби од геолошкото време.

[Слика на страница 27]

Ден 1: „Нека биде светлина“

[Слика на страница 28]

Ден 2: „Нека има простор“

[Слика на страница 29]

Ден 3: „Нека се појави суво“

[Слика на страница 30]

Ден 3: „Нека израсте од земјата зеленило-трева“

[Слики на страница 31]

Ден 4: ‚Нека се појават светила на просторот небески, светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта‘

[Слика на страница 32]

Ден 5: „Нека произведе водата лазачи, живи суштества и птици да полетаат над земјата“

[Слика на страница 33]

Ден 6: ‚Добиток, и ѕверки според нивниот вид‘

[Слика на страница 34]

Ден 6: „Машко и женско ги создаде“

[Слика на страница 37]

Шансите да се направи тоа при првиот обид се 1 спрема 3.628.800