Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да си го планирам времето?

Како да си го планирам времето?

Поглавје 21

Како да си го планирам времето?

Колку плус часови би сакал да имаш во денот? ․․․․․

За што би ги искористил?

□ Да бидам со друштвото

□ Да спијам

□ Да учам

□ Друго ․․․․․

ВРЕМЕТО е како темпераментен коњ — ако сакаш да ти служи, мораш да научиш да го контролираш. Ако го имаш своето време под контрола, веројатно ќе си го намалиш стресот, ќе си ги подобриш оценките и твоите родители ќе имаат поголема доверба во тебе. Можеби ќе речеш: „Супер звучи, ама полесно е да се каже отколку да се направи!“ Точно, ќе наидеш на предизвици. Но, можеш да ги совладаш. Да разгледаме некои примери.

Предизвик бр. 1: Да си направиш распоред

Што може да те спречи. Кожата ти се ежи и од самата помисла дека треба да имаш распоред! Сакаш да си спонтан, а не врзан за некаков си план.

Зошто да го совладаш. Цар Соломон напишал: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фус.). Соломон бил зафатен човек. Бил сопруг, татко и цар. А со годините сигурно станувал сѐ позафатен. И ти сега си прилично зафатен. Но, со годините веројатно ќе бидеш уште позафатен. Затоа, колку порано научиш да се организираш толку подобро!

Што велат други млади. „Пред околу шест месеци почнав да си го планирам времето. Сакав некако да си го олеснам притисокот, и тоа што имав распоред многу ми помогна!“ (Џои).

„Си правам списоци и така успевам да ги завршам работите. Кога ќе ми се насоберат премногу обврски, јас и мајка ми ги запишуваме сите задолженија што ги имаме за да видиме како да си помогнеме една на друга за сѐ да завршиме“ (Мелори).

Што ќе ти помогне. Да објасниме со еден пример: Замисли си дека се спремате цело семејство да одите на пат. Секој си ги фрла торбите во багажникот како што ќе му дојде. Изгледа дека нема да има место за сѐ. Што можете да направите? Да почнете од почеток — прво ќе ги ставите најголемите торби, а помалите ќе ги сместите во просторот што останува.

Истата тактика можеш да ја примениш и за да си го организираш животот. Ако почнеш да си го пополнуваш времето со помалку важни работи, може да не ти остане време за важните. Прво остави простор за поважните работи и ќе се изненадиш колку време ќе ти остане и за друго! (Филипјаните 1:10).

Кои се најважните работи што треба да ги направиш?

․․․․․

Сега подреди ги по важност. Ако прво ги завршиш големите работи, ќе се зачудиш колку време ќе ти остане за помалите.

Што можеш да сториш. Набави си џебен роковник и запиши си ги по важност работите што треба да ги направиш. Или, можеби повеќе ќе ти одговара да користиш...

□ Календар во мобилниот

□ Тефтерче

□ Календар во компјутерот

□ Календар за на биро

Предизвик бр. 2: Да се држиш за распоредот

Што може да те спречи. Се враќаш од училиште и сакаш малку да се опуштиш и да погледаш ТВ само неколку минути. Или, планираш да учиш за некој тест, но добиваш СМС да одиш на кино со друштвото. Филмот не чека, а учењето можеш да го оставиш за подоцна. ‚Освен тоа‘, си велиш, ‚и онака работите ги правам подобро кога сум под притисок.‘

Зошто да го совладаш. Би можел да добиеш подобра оценка ако учиш кога умот ти е посвеж. Освен тоа, зарем немаш веќе доволно притисоци? Зошто да се ставаш под уште поголем притисок со тоа што ќе седнеш да учиш во ниедно време? И што ќе се случи следното утро? Може да се успиеш, да бидеш под уште поголем стрес, да излезеш наврат-нанос, а и да задоцниш на училиште (Изреки 6:10, 11).

Што велат други млади. „Многу сакам да гледам ТВ, да свирам гитара и да бидам со пријателите. Овие работи сами по себе не се погрешни, но се случува да дојдат во преден план и да морам да брзам да ги завршам поважните работи“ (Џулијан).

Што ќе ти помогне. Не ги ставај на распоредот само работите што треба да ги направиш, туку и оние што сакаш да ги правиш. „Кога знам дека подоцна ќе можам да правам нешто во што уживам, полесно ми е да го завршам она што морам да го направам“, вели Џулијан. Еве уште една идеја: Постави си некоја поголема цел, а потоа постави си помали цели што ќе ти помогнат да ја оствариш главната.

Што можеш да сториш. Наброј една-две реалистични цели што би можел да ги оствариш во наредните шест месеци.

․․․․․

Која реалистична цел би можел да ја оствариш во наредните две години, и што треба да почнеш да правиш уште сега за да ја оствариш? *

․․․․․

Предизвик бр. 3: Да бидеш уреден и организиран

Што може да те спречи. Баш и не ти е јасно каква врска има твоето време со тоа што ќе бидеш уреден и организиран. Освен тоа, многу е полесно да бидеш неуреден. Собата можеш да си ја исчистиш и утре — а па и не мора да ја чистиш! Голема работа што не е суредена! Но дали е така?

Зошто да го совладаш. Кога сѐ си е на свое место, не мора да губиш време за да го најдеш она што ти треба. Исто така, помалку ќе се нервираш (1. Коринќаните 14:40).

Што велат други млади. „Понекогаш, кога немам време да си ги раскренам алиштата, во целиот тој хаос никако не можам да го најдам тоа што ми треба!“ (Менди).

Цела седмица не можев да си го најдам паричникот и многу бев нервозен поради тоа. Го најдов дури откако си ја исчистив собата“ (Френк).

Што ќе ти помогне. Гледај да ги вратиш работите на свое место што е можно поскоро. Прави го тоа редовно, а не откако ќе настане хаос.

Што можеш да сториш. Потруди се уредноста да ти стане навика. Ќе видиш дека така животот ќе ти биде многу полесен.

Ти, твоите врсници и твоите родители имате нешто заедничко — сите имате по 24 часа во денот. Ако напразно си го трошиш тоа време, ќе страдаш. Планирај го мудро, и ќе видиш одлични резултати. Изборот е твој.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали твоите родители се доселеници од друга земја? Дали имаш чувство дека не се вклопуваш ни на училиште ни дома? И од тоа може да излезе нешто добро. Дознај како.

[Фуснота]

^ пас. 32 Повеќе информации има во 39. поглавје од оваа книга.

КЛУЧЕН СТИХ

‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10)

ПРЕДЛОГ

Не пробувај одеднаш да ги примениш сите предлози од ова поглавје. Наместо тоа, во текот на следниот месец работи само на еден од нив. Кога ќе успееш, премини на следниот.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Ако на распоредот за еден ден спикаш премногу работи, само ќе се ставиш под стрес. Подреди ги работите по важност и ќе знаеш што вистински треба да завршиш, а што да оставиш за другпат.

ПЛАН!

Една работа на која можам да трошам помалку време е ․․․․․

Времето што ќе го добијам така, ќе го искористам за ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како тоа што сега ќе научиш да си го планираш времето ќе ти биде од помош кога еден ден ќе живееш самостојно?

● Што можеш да научиш од родителите во врска со планирањето на времето?

● Ако веќе се држиш за некој распоред, што би можел да смениш за да биде попрактичен?

[Истакната мисла на страница 154]

„Еднаш слушнав како за мене зборуваат дека, ако некој сака да бидам некаде во четири часот, мора да ми каже дека треба да сум таму во три. Тогаш сфатив дека морам подобро да си го распоредувам времето!“ (Рики)

[Рамка на страница 155]

На што ми лета времето?

Изразено во часови, група млади на возраст од 8 до 18 години, во текот на една седмица, во просек времето го потрошиле вака:

17

со родителите

30

на училиште

44

на гледање ТВ, играње видеоигри, праќање пораки и слушање музика

Пресметај колку време трошиш секоја седмица за

да гледаш ТВ ․․․․․

да играш видеоигри ․․․․․

интернет ․․․․․

да слушаш музика ․․․․․

Вкупно ․․․․․

Време што можам лесно да го искористам за поважни работи ․․․․․

[Слика на страница 153]

Времето е како темпераментен коњ — мораш да научиш да го контролираш