Растргнат меѓу две култури — што да правам?
Поглавје 22
Растргнат меѓу две култури — што да правам?
Дали татко ти или мајка ти е емигрант?
□ Да □ Не
Дали јазикот или културата на училиште се поинакви од јазикот или културата во твојот дом?
□ Да □ Не
„Ние сме Италијанци, и кај нас дома многу отворено се изразуваат љубов и чувства. Но, сега живееме во Британија. Овде луѓето се многу воздржани и учтиви. Се чувствувам како да не припаѓам ни на едната ни на другата култура — премногу сум Италијанец за да бидам Британец и премногу сум Британец за да бидам Италијанец“ (Џозуе, Англија)
„На училиште, наставникот ми рече да го гледам в очи кога зборува. Но, кога го погледнав татко ми в очи додека ми зборуваше нешто, ми рече дека сум непристоен. Се чувствувам растргнат меѓу двете култури“ (Патрик, роден во Франција, чии родители се доселеници од Алжир)
КОГА твоите родители се преселиле во друга земја, се соочиле со големи проблеми. Одеднаш, се нашле опкружени со луѓе чии јазик, култура и начин на облекување се разликувале од нивните. Во многу работи се издвојувале од средината. Поради тоа, можеби другите се однесувале со нив без почит и наишле на предрасуди.
Дали и тебе ти се случило такво нешто? Следуваат неколку проблеми со кои се соочиле млади што биле во слична ситуација. Стави ✔ до она што ти паѓа најтешко.
□ Исмевање. Нур била девојче кога нејзиното семејство се преселило од Јордан во Северна Америка. „Луѓето ни се исмеваа бидејќи се облекувавме поинаку“, вели таа. „А право да ви кажам, воопшто не го разбиравме американскиот хумор.“
□ Не знаеш каде припаѓаш. „Родена сум во Германија“, вели една девојка по име Надја. „Бидејќи моите родители се Италијанци, зборував германски со италијански акцент, па децата на училиште ме викаа ‚глупав странец‘. Но, кога одам во Италија, сфаќам дека зборувам италијански со германски акцент. Затоа се чувствувам како да не припаѓам никаде. Каде и да одам, јас сум странец.“
□ Културни разлики дома. Ана имала осум години кога нејзиното семејство се преселило во Англија. „Јас и брат ми речиси веднаш се привикнавме на Лондон“, вели таа. „Но, на мајка ми и на татко ми, кои цел живот го поминале на малиот португалски остров Мадеира, не им беше толку лесно.“
Вон, која имала три години кога нејзините родители се преселиле од Камбоџа во Австралија, вели: „Мајка ми и татко ми не се вклопија добро. Всушност, татко ми често знаеше да се изнервира и да се налути што не сум го разбрала неговиот став или неговото мислење“.
□ Јазични пречки дома. Ијан имал осум години кога неговото семејство се преселило од Еквадор во Њујорк. Сега, по шест години во САД, тој вели: „Сега повеќе зборувам англиски отколку шпански. Наставниците зборуваат англиски, другарите зборуваат англиски, а и јас и брат ми си зборуваме англиски. Главата ми е полна со англиски зборови кои ги истиснуваат шпанските“.
Ли, која е родена во Австралија но чии родители се од Камбоџа, вели: „Кога зборувам со родителите и сакам да им објаснам што мислам за нешто, сфаќам дека не го зборувам нивниот јазик доволно добро“.
Нур, која ја спомнавме претходно, кажува: „Татко ми упорно бараше дома да го зборуваме неговиот јазик, но ние не сакавме да зборуваме арапски. За нас беше само непотребен товар да учиме арапски. Нашите другари зборуваа англиски. Сѐ што гледавме на ТВ беше на англиски. Си мислевме: ‚Што ќе ни е арапскиот?‘“
Што можеш да сториш?
Како што се гледа од изјавите, не си единствен што има такви тешкотии. Точно, би можел да пробаш да ги избришеш
сите траги од твојата култура и да се претопиш со новата. Меѓутоа, така најверојатно би ги повредил своите родители и би се чувствувал незадоволен. Затоа, добро би било да научиш да се носиш со предизвиците и да го извлечеш најдоброто од твојата ситуација. Размисли за следниве предлози:Како да гледаш на исмевањето. Што и да правиш, никогаш нема сите да те сакаат. Луѓето што уживаат да ги исмеваат другите секогаш ќе си најдат причина за тоа (Изреки 18:24). Затоа, не си ја троши напразно силата за да им ги исправаш гледиштата. „Потсмевачот не го сака оној што го укорува“, напишал мудриот цар Соломон (Изреки 15:12). Забелешките полни со предрасуди откриваат колку е неупатен оној што ги кажува, а не колку маани наводно има оној кон кого се насочени.
Што да правиш кога не знаеш каде припаѓаш. Сосема е природно да сакаш да припаѓаш некаде, на пример, да се чувствуваш дел од семејството или од твојата култура. Но, погрешно е да мислиш дека твојата вредност се одредува според твоето културно или семејно потекло. Можеби луѓето ќе те проценуваат на темел на тоа, но не и Бог. „Бог не е пристрасен“, напишал апостол Петар. „Во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Ако правиш сѐ за да го радуваш Јехова Бог, тој ќе те смета за дел од своето семејство (Исаија 43:10; Марко 10:29, 30). Има ли нешто подобро од тоа?
Како да се премостат културните разлики дома. Речиси во секое семејство ќе има разлики помеѓу гледиштата на родителите и гледиштата на децата. Во твојот случај, тие разлики може да бидат поголеми — твоите родители сакаат да живееш според обичаите од нивната земја, но ти сакаш да ги прифатиш обичаите на твојата нова земја. Сепак, ако сакаш да ти биде добро, мораш ‚да ги почитуваш татка си и мајка си‘ (Наместо да се противиш на обичаите на твоите родители затоа што не ти одговараат, пробај да сфатиш зошто се држат за тие обичаи (Изреки 2:10, 11). Размисли за следниве прашања: ‚Дали тие обичаи се косат со библиските начела? Ако не се косат, тогаш што е тоа што не ми се допаѓа во врска со нив? Како да им го кажам тоа со почит на моите родители?‘ (Дела 5:29). Се разбира, ќе ти биде многу полесно да ги почитуваш родителите — да го сфатиш нивното мислење и да им го кажеш своето — ако знаеш добро да го зборуваш нивниот јазик.
Како да се надминат јазичните пречки дома. На некои семејства им помага тоа што дома по правило зборуваат само на мајчиниот јазик. Така децата ќе ги научат добро и двата јазика. Зошто не се обидете и вие? Исто така, можеш да ги замолиш родителите да те научат да пишуваш на мајчиниот јазик. Стелиос, кој пораснал во Германија, но чиј мајчин јазик е грчкиот, вели: „Заедно со родителите секој ден разгледувавме некој библиски стих. Тие го читаа наглас, а јас го запишував. Сега знам да читам и да пишувам и на грчки и на германски“.
Има ли и друга корист од тоа? „Го научив јазикот на моите родители затоа што сакав да сме блиски во емоционален
и, пред сѐ, во духовен поглед“, вели Џозуе, кого веќе го спомнавме. „Сега, кога го знам нивниот јазик, можам да разберам како се чувствуваат. А и тие можат да ме разберат мене.“Мост, а не пречка
Дали на твоето културно потекло ќе гледаш како на пречка што те одвојува од другите или како на мост што те поврзува со нив? Многу млади христијани сфатиле дека имаат уште една причина да го премостат јазот помеѓу двете култури — сакаат да им ја кажуваат на другите доселеници добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14; 28:19, 20). „Многу е добро да можеш да ја објасниш Библијата на два јазика!“, вели Саломао, кој се доселил во Лондон кога имал пет години. „Речиси го имав заборавено мајчиниот јазик, но сега служам во собрание на португалски јазик и зборувам течно и англиски и португалски.“
Нур, која ја спомнавме претходно, сфатила дека се потребни повеќе објавители што ќе проповедаат на арапски. Таа вели: „Сега одам на часови и се обидувам да си го обновам јазикот. Го сменив ставот. Сега сакам да ме поправаат кога правам грешки. Сега сакам да научам“.
Ако добро познаваш две култури и зборуваш два или повеќе јазици, во голема предност си. Кога ги разбираш двете култури, полесно ти е да ги разбереш луѓето и можеш подобро да им одговориш кога ќе те прашаат нешто за Бог (Изреки 15:23). Прити, која е родена во Англија, но има индиско потекло, објаснува: „Затоа што ги разбирам двете култури, полесно ми оди службата. Јасно ми е што веруваат и како размислуваат и едните и другите“.
Можеш ли и ти да ги сметаш твоите околности за предност, а не за пречка? Не заборавај, Јехова те сака поради тоа кој си, а не од кај си или од каде се твоите родители. Можеш ли и ти, како младите што беа цитирани во ова поглавје, да ги искористиш знаењето и искуството за да им помагаш на луѓето од твојата култура да го запознаат нашиот непристрасен и добар Бог Јехова? Тоа може да те направи вистински среќен! (Дела 20:35).
КЛУЧЕН СТИХ
„Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34)
ПРЕДЛОГ
Ако другите те исмеваат поради твоето етничко потекло, игнорирај ги и задржи смисла за хумор. Така веројатно повеќе нема да им биде интересно да те задеваат.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Ако зборуваш два јазика, имаш поголеми шанси да најдеш работа.
ПЛАН!
За подобро да го научам јазикот на моите родители, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Како тоа што ќе знаеш повеќе за културното потекло на твоите родители ќе ти помогне подобро да се разбереш себеси?
● Во споредба со децата што немаат мултикултурно потекло, во каква предност си ти?
[Истакната мисла на страница 160]
„Многу сум среќен што можам да им помагам на другите. Можам да им ја објаснам Библијата на луѓе што зборуваат руски, француски и молдавски“ (Олег)
[Слика на страница 161]
Можеш да избереш на своето културно потекло да гледаш како на мост што те поврзува со другите