Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали навистина сме спремни за брак?

Дали навистина сме спремни за брак?

Поглавје 30

Дали навистина сме спремни за брак?

Си ја најде сродната душа и веќе доволно долго сте во врска за да знаете дека се сакате. Почнуваш да си го замислуваш брачниот живот и некако сѐ ти се чини розово. Но, дали е? Сега, кога стоиш пред една од најголемите одлуки во животот, почнуваш да се прашуваш...

Дали навистина сме спремни за брак?

НОРМАЛНО е да те мачат сомнежи во врска со бракот — дури и кога станува збор за вистинска љубов. Со оглед на тоа што има толку многу несреќни бракови и алармантно висока стапка на развод, разбирливо е што сакаш да бидеш претпазлив кога размислуваш за овој чекор кој претставува вистинска пресвртница во животот. Како ќе знаеш дали си спремен да го направиш? Сега, повеќе од кога и да е порано, мораш да ги тргнеш настрана илузиите што можеби си ги имал во врска со бракот и да гледаш реално. На пример:

ИЛУЗИЈА БР. 1 „Ќе живееме од љубов.“

Реалност: Од љубов не се живее — љубовта ниту ги плаќа сметките ниту ги средува финансиските проблеми. Всушност, истражувачите утврдиле дека парите се една од главните причини за брачни расправии, па дури и за развод. Ако не гледаш исправно на парите, може да си нанесеш духовна и емоционална штета, а може да си ја поткопаш и врската со брачниот другар (1. Тимотеј 6:9, 10). Која е поуката од ова? Не чекајте да зборувате за финансиите откако ќе се земете!

Библијата вели: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот?“ (Лука 14:28).

Предлог: Зборувајте со идниот брачен другар какви ви се плановите во врска со финансиите уште сега, пред да се венчате (Изреки 13:10). Размислете за вакви прашања: Како ќе си ги распоредуваме средствата? Дали ќе имаме заедничка сметка или секој ќе си има своја? Кој би се грижел подобро за финансиите и за тоа сметките да бидат платени навреме? * Колку пари може да потроши секој без да мора да го праша другиот? Сега е време да почнете да работите како тим! (Проповедник 4:9, 10).

ИЛУЗИЈА БР. 2 „Ќе бидеме совршен брачен пар затоа што гледаме исто на работите — во сѐ се согласуваме!“

Реалност: Ако меѓу вас нема никакви несогласувања, веројатно тоа е така затоа што досега вешто сте успевале да ги избегнете темите што може да предизвикаат искра. Но, во бракот нема бегање од таквите теми. Факт е дека нема двајца несовршени луѓе што совршено си одговараат, затоа неизбежно е да дојде до некои несогласувања (Римјаните 3:23; Јаков 3:2). Треба да размислите не само колку добро се согласувате туку и што се случува кога за нешто не се согласувате. Една врска е цврста кога двајцата можат да признаат дека имаат проблем и потоа да работат на тоа зрело и мирољубиво да го решат.

Библијата вели: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26).

Предлог: Добро размисли како досега си ги средувал проблемите со твоите родители и со твоите браќа и сестри. Направи си табела како онаа на страница 93 од оваа книга или како онаа на страница 221 од том 2. Запиши конкретни случки што предизвикале некоја расправија, како си реагирал и како ќе било помудро да реагираш. На пример, ако твојата импулсивна реакција на некоја кавга била да избегаш во својата соба и луто да ја треснеш вратата, напиши која би била помудра реакција во тој случај — реакција што би помогнала да се реши проблемот, а не уште повеќе да се влоши. Ако сега научиш да реагираш мудро кога ќе дојде до несогласувања, ќе стекнеш вештина која е пресудна за да имаш среќен брак.

ИЛУЗИЈА БР. 3 „Кога ќе се земеме, ќе си ги задоволам сите сексуални желби.“

Реалност: Тоа што ќе бидеш во брак не е гаранција дека ќе имаш секс кога ќе посакаш. Запамти, твојот брачен другар има чувства што мораш да ги земеш предвид. Искрено кажано, ќе има ситуации кога нему едноставно нема да му е до милување и секс. Бракот не ти дава за право да инсистираш да ти бидат задоволени желбите (1. Коринќаните 10:24). Факт е дека самоконтролата е многу важна и додека си самец и кога си во брак (Галатите 5:22, 23).

Библијата вели: „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст“ (1. Солуњаните 4:4, 5).

Предлог: Внимателно анализирај какви сексуални желби имаш и како се справуваш со нив, и размисли како тоа би можело да влијае кога еден ден ќе стапиш во брак. На пример, дали имаш навика да мастурбираш, што е знак за себичност? Дали имаш навика да гледаш порнографија? Дали очите ти шараат, скришно гледајќи ги со страст оние од спротивниот пол? Прашај се: ‚Ако ми е тешко да си ги контролирам сексуалните нагони пред брак, како ќе можам да се контролирам кога ќе бидам во брак?‘ (Матеј 5:27, 28). И една друга работа: Дали обично флертуваш и менуваш девојки/дечковци и имаш репутација на заводник? Ако да, како планираш да го смениш тоа кога ќе стапиш во брак, кога сета своја љубов ќе треба ја насочиш кон едно лице — кон твојот брачен другар? (Изреки 5:15-17).

ИЛУЗИЈА БР. 4 „Бракот значи среќа.“

Реалност: Несреќен самец обично станува несреќен брачен другар. Зошто? Затоа што среќата повеќе зависи од тоа како човек гледа на работите, а не од неговите околности (Изреки 15:15). Оние што се склони негативно да гледаат на своите околности обично повеќе се концентрираат на она што го немаат во врската отколку на она што го имаат. Многу е подобро уште како самец да се научиш да гледаш позитивно на работите. Така, кога ќе стапиш во брак, ќе бидете посреќни и ти и твојот брачен другар.

Библијата вели: „Сум научил да бидам задоволен во секакви околности“ (Филипјаните 4:11).

Предлог: Понекогаш негативниот став е резултат на нереалистични очекувања. На лист хартија, напиши две-три очекувања што ги имаш од бракот. Прочитај ги и потоа прашај се: ‚Дали моите очекувања повеќе се темелат на илузии отколку на реалноста? Дали врз нив влијаат медиумите, можеби романтичните филмови или книги? Дали моите очекувања се во врска со тоа што ќе направи бракот за мене — можеби ќе ја излечи мојата хронична осаменост, ќе ја задоволи мојата желба за секс, мене ќе ми донесе подобар статус меѓу пријателите?‘ Ако е така, ќе треба да си го пренасочиш мислењето од „мене“ на „нас“. Еве нешто што ќе ти помогне: напиши две-три очекувања од бракот во кои сте вклучени ти и твојот иден брачен другар.

Илузиите во врска со бракот што ги спомнавме овде можат лошо да се одразат врз твојата среќа во бракот. Затоа, немој да се залажуваш со такви илузии, туку гледај реално на работите. Прашалникот на страници 216 и 217 може да ви помогне тебе и на твојот иден брачен другар додека размислувате за она што може да биде еден од најголемите благослови во животот — среќен брак! (5. Мојсеева 24:5; Изреки 5:18).

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Кога ќе раскинеш некоја врска, ти се чини како да умира дел од тебе. Како да продолжиш понатаму?

[Фуснота]

^ пас. 9 Во Изреки 31:10-28 се вели дека една „вредна жена“ се грижи за голем број сериозни одговорности што се директно поврзани со семејните финансии. Види ги стиховите 13, 14, 16, 18 и 24.

КЛУЧЕН СТИХ

„Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24)

ПРЕДЛОГ

Разговарајте со постар брачен пар и прашајте ги каков совет би им дале на двајца нововенчани за тоа како да имаат успешен брак (Изреки 27:17).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Во еден успешен брак, мажот и жената се пријатели, има добра комуникација меѓу нив, знаат како да ги решаваат несогласувањата и го сметаат својот брак за доживотна врска.

ПЛАН!

За да имам подобра врска со мојот иден брачен другар, сега ќе работам на следнава особина ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Во некои земји, голем број бракови завршуваат со развод. Што мислиш, зошто е така?

● Какви опасности постојат ако стапиш во брак само за да избегаш од тешката ситуација дома?

● Зошто, кога ќе стапиш во брак, ќе биде важно да се држиш за библиските начела?

[Истакната мисла на страница 220]

„Бракот е многу сериозна одлука. Важно е да знаеш не само во што влегуваш туку и со кого“ (Одри)

[Рамка/слика на страници 216 и 217]

Прашалник

Дали си спремен за брак?

Разгледај ги прашањата на овие две страници. На темел на нив можеш дури да разговараш со твојот иден брачен другар. Задолжително прочитајте ги наведените стихови.

Финансии

□ Каков став имаш кон парите? (Евреите 13:5, 6)

□ Како веќе сега покажуваш дека си одговорен во поглед на финансиите? (Матеј 6:19-21)

□ Дали моментално имаш долгови? Ако имаш, што правиш за да ги исплатиш? (Изреки 22:7)

□ Колку ќе ве чини свадбата? Ако треба да се задолжите, колкав долг би бил разумен? (Лука 14:28)

□ Откако ќе се венчате, дали ќе треба и двајцата да работите? Ако да, како ќе се снајдете со различните распореди и со превоз? (Изреки 15:22)

□ Каде ќе живеете? Колкави би ви биле трошоците за кирија, храна, облека и друго, и како ќе ги плаќате? (Изреки 24:27)

Семејни врски

□ Колку добро се согласуваш со твоите родители и со твоите браќа и сестри? (2. Мојсеева 20:12; Римјаните 12:18)

□ Како сега ги решаваш несогласувањата дома? (Колошаните 3:13)

□ Ако си девојка, како покажуваш ‚мирен и благ дух‘? (1. Петрово 3:4)

□ Планирате ли да имате деца? (Псалм 127:3). Ако не, каква контрацепција ќе користите?

□ Ако си момче, како планираш да се грижиш за духовноста на твоето семејство? (Матеј 5:3)

Карактерни црти

□ Со што си покажал дека си трудољубив? (Изреки 6:9-11; 31:17, 19, 21, 22, 27)

□ Со што си покажал дека си самопожртвуван? (Филипјаните 2:4)

□ Ако си момче, како покажуваш дека можеш да го спроведуваш својот авторитет како што тоа го правел Христос? (Ефешаните 5:25, 28, 29)

□ Ако си девојка, по што може да се види дека си подложна на авторитет? (Ефешаните 5:22-24)

[Слика на страница 219]

Немој да скокнеш во брак без прво да дознаеш нешто за „водата“ во која влегуваш