Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да го објаснам библискиот став кон хомосексуалноста?

Како да го објаснам библискиот став кон хомосексуалноста?

Поглавје 23

Како да го објаснам библискиот став кон хомосексуалноста?

На една церемонија за доделување награди, две популарни актерки си честитаат со страстен бакнеж! Публиката занемува од изненадување, но потоа бурно ги поздравува со овации! За хомосексуалците ова е победа, а за скептиците обид да се привлече вниманието на јавноста. Како и да е, следните неколку дена, на сите вести ќе се вртат снимки од овој бакнеж, а на интернет милиони пати ќе бидат отворени сајтови поврзани со тој настан.

КАКО што покажува ова замислено сценарио, кога некоја славна личност се однесува или се изјаснува како геј, лезбејка или бисексуалец, тоа обично е главна вест во медиумите. Некои ги пофалуваат таквите за нивната храброст, а други го осудуваат нивниот развратен живот. Трети, пак, ја сметаат хомосексуалноста едноставно за алтернативен животен стил. Даниел (21) вели: „Додека одев на училиште, дури и децата што беа стрејт мислеа дека, ако не ја одобруваш хомосексуалноста, имаш предрасуди и ги осудуваш другите“.

Во различни земји и меѓу различни генерации може да има различен став кон хомосексуалноста. Но, христијаните не „ги носи ваму-таму секој ветар на учењето“ (Ефешаните 4:14). Напротив, тие се држат за библискиот став.

Тогаш, кој е библискиот став за хомосексуалноста? Ако живееш според библиските мерила за исправно и погрешно, како би можел да им одговориш на оние кои велат дека имаш предрасуди, дека ги осудуваш другите, па дури и дека си хомофоб? Еве неколку прашања или изјави и предлози како да одговориш.

„Што вели Библијата за хомосексуалноста?“

„Библијата јасно покажува дека Бог имал намера сексот да биде интимна врска исклучиво помеѓу маж и жена, и тоа маж и жена кои се во брак (1. Мојсеева 1:27, 28; 3. Мојсеева 18:22; Изреки 5:18, 19). Кога во Библијата е осуден блудот, тогаш се мисли на сексуални активности што ги вршат и хомосексуалци и хетеросексуалци“ * (Галатите 5:19-21).

„Што мислиш ти за хомосексуалноста?“

„Не ги мразам хомосексуалците, но не го одобрувам нивниот начин на живот.“

Запомни: Ако живееш во склад со библиските морални мерила, тоа е твој избор на животен стил и твое право (Исус Навин 24:15). Немој да се срамиш од твојот став (Псалм 119:46).

„Зарем не би требало христијаните да постапуваат со почит со сите луѓе, без оглед на нивната сексуална ориентација?“

„Апсолутно! Библијата вели: ‚Почитувајте го секого‘ (1. Петрово 2:17). Според тоа, христијаните не се хомофоби. Тие се љубезни кон сите, а тука спаѓаат и оние што се геј“ (Матеј 7:12).

„Зарем вашиот став кон хомосексуалноста не ги поттикнува другите да имаат предрасуди кон хомосексуалците?“

„Не. Одбивно ми е она што го прават хомосексуалците, а не самите луѓе.“

Потоа, би можел да кажеш: „На пример, јас сум избрал и да не пушам. Одвратна ми е дури и самата помисла на пушење. Но, да речеме дека ти си пушач и имаш поинаков став. Тоа не би значело дека имам предрасуди кон тебе поради тоа што имаш такво гледиште, како што не би значело ни дека ти имаш предрасуди кон мене поради моето гледиште, нели? Истото важи и за разликите во нашите ставови кон хомосексуалноста“.

„Зарем Исус не проповедал толеранција? Тогаш, зарем не би требало и христијаните да бидат потолерантни во поглед на хомосексуалноста?“

„Исус не ги поттикнувал своите следбеници да ги прифатат како нормални сите животни стилови. Тој ги поучил дека може да биде спасен ‚секој што верува во него‘ (Јован 3:16). Да се верува во Исус значи и да се следат Божјите мерила за исправно и погрешно. Според тие мерила, забранети се некои работи, меѓу кои е и хомосексуалноста“ (Римјаните 1:26, 27).

„Хомосексуалците не можат да ја сменат својата сексуална ориентација. Такви се родени.“

„Библијата не коментира од кои причини некој е хомосексуалец, иако признава дека некои карактеристики можат да бидат длабоко вкоренети (2. Коринќаните 10:4, 5). Дури и ако некого го привлекуваат лица од истиот пол, Библијата им вели на христијаните да не се впуштаат во хомосексуални активности.“

Предлог: Наместо да влезеш во дебата околу причините за хомосексуалните желби, истакни дека Библијата забранува хомосексуален начин на живот. Би можел да го дадеш и следниов пример: „Многумина тврдат дека насилното однесување може да биде наследно и дека затоа некои луѓе се генетски предодредени да бидат насилни (Изреки 29:22). Да речеме дека тоа е точно. Како што можеби знаеш, Библијата ја осудува избувливоста (Псалм 37:8; Ефешаните 4:31). Дали сметаш дека не е фер да се постави вакво мерило затоа што некои луѓе се насилни по природа, едноставно такви се родени?“

„Како може Бог да му каже на оној што го привлекуваат лица од истиот пол да не биде геј? Тоа е сурово.“

„Ваквиот заклучок се темели на искривеното гледиште дека луѓето мораат да ги задоволат своите сексуални желби. Библијата покажува дека, ако сакаат, луѓето можат да изберат да не ги задоволат своите неисправни сексуални нагони“ (Колошаните 3:5).

„Дури и да не си геј, треба да го смениш ставот кон хомосексуалноста.“

„Да речеме дека јас не го одобрувам коцкањето, а ти го одобруваш. Дали би било разумно да инсистираш да го сменам мојот став само затоа што милиони луѓе се коцкаат?“

Запомни: Повеќето луѓе, вклучувајќи ги и хомосексуалците, имаат некакви етички принципи и осудуваат извесни работи, како на пример измама, неправда или војна. И Библијата ги осудува овие работи, а осудува и некои видови сексуално однесување, меѓу кои е и хомосексуалноста (1. Коринќаните 6:9‚ 10).

Библијата не е ниту неразумна ниту шири предрасуди. Од оние што ги привлекуваат лица од истиот пол таа го бара истото што го бара и од оние што ги привлекуваат лица од спротивниот пол — да ‚бегаат од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18).

Факт е дека милиони хетеросексуалци кои сакаат да ги следат библиските мерила се контролираат себеси, без разлика со какви искушенија се соочуваат. Многумина од нив се самци кои немаат многу изгледи за брак или се во брак со инвалидизирано лице кое не може да има сексуални односи. Тие живеат среќно без да ги задоволуваат своите сексуални нагони. Лицата со хомосексуални желби можат да го сторат истото ако навистина сакаат да го радуваат Бог (5. Мојсеева 30:19).

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 28

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Некои девојки сметаат дека сексот ќе им ја зајакне врската. Не би се рекло! Дознај зошто.

[Фуснота]

^ пас. 8 Библискиот израз „блуд“ укажува не само на сексуален однос туку и на одредени сексуални активности — на пример, милување на половите органи на друго лице, како и орален и анален секс.

КЛУЧЕН СТИХ

„Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5)

ПРЕДЛОГ

Иако можеби однесувањето на другите ти пречи, немој да ги гледаш од високо. Тие имаат слобода да изберат во што ќе веруваат — исто како што имаш и ти.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Некои христијани од првиот век кои порано биле хомосексуалци успеале да се сменат и биле „испрани“ во очите на Бог (1. Коринќаните 6:9-11).

ПЛАН!

Ако некој рече дека ставот на Библијата во врска со хомосексуалноста е застарен, јас ќе речам ․․․․․

За јасно да дадам на знаење дека не ми се одбивни хомосексуалците, туку нивниот начин на живот, ќе речам ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто Бог има право да им поставува морални закони на луѓето?

● Каква корист имаш од тоа што се држиш за библиските морални закони?

[Истакната мисла на страница 170]

„Едно момче на училиште не ме поднесуваше затоа што ми пречеше неговиот животен стил. Но, кога му објаснив дека не ми пречи тој како личност — и кога сфати дека не поднесувам никаков неморал, а не само хомосексуалност — почна да ме почитува, па дури и да ме брани кога другите ме напаѓаа“ (Обри)

[Рамка на страница 168]

Што е со бисексуалноста?

Иако бисексуалноста може да се сретне и кај двата пола, изгледа дека таа сѐ повеќе се шири меѓу девојките. Некои го прават тоа од љубопитност. Лиза (26) вели: „Кога во филмовите, на ТВ и во песните се зборува за девојки што се бакнуваат со девојки, тинејџерките се на искушение и самите да пробаат такво нешто, особено ако не гледаат ништо лошо во тоа“.

Кај други, пак, изгледа навистина се работи за привлечност. „На една забава запознав две бисексуалки“, вели Вероника (13). „Потоа, од една другарка дознав дека им се допаѓам. Со едната од нив почнавме да си праќаме пораки, па кај мене се родија чувства спрема неа.“

Дали некогаш и ти си се чувствувала како Вероника? Многумина ќе те поттикнат едноставно да ја прифатиш својата сексуалност и да се изјасниш како бисексуалец. Меѓутоа, имај на ум дека привлечноста кон лица од истиот пол честопати е само минлива фаза. Вероника го сфатила тоа. До ист заклучок дошла и Лизет (16). Таа вели: „Многу ми олесни откако разговарав со родителите за моите чувства. Освен тоа, на часовите по биологија дознав дека, за време на пубертетот, нивото на хормони во организмот може значително да варира. Уверена сум дека, ако младите подобро се информираат за своето тело, би сфатиле дека привлечноста кон лица од истиот пол може да биде привремена и повеќе не би чувствувале притисок да станат геј“.

Дури и ако твоите чувства кон лица од истиот пол се подлабоки, а не само минлива фаза од младоста, Библијата кажува дека можеш да успееш — можеш да избереш да не ги задоволиш своите погрешни желби, сеедно какви се.

[Слика на страница 169]

Христијаните имаат храброст да се разликуваат од другите