Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се сложувам со брат ми или сестра ми?

Како да се сложувам со брат ми или сестра ми?

Поглавје 6

Како да се сложувам со брат ми или сестра ми?

На скала од 1 до 5 (1 е „ладни односи“ а 5 е „блиски“), како би го оценил својот однос со брат ти или сестра ти? ․․․․․

НЕКОИ браќа и сестри се многу блиски меѓу себе. На пример, Фелиша (19) вели: „Мојата 16-годишна сестра, Ајрин, ми е една од најдобрите другарки“. Карла (17) дава сличен коментар за својот 20-годишен брат Ерик: „Супер ни оди. Никогаш не се караме“.

Други, пак, се во сличен однос како Лорен и Марла. „Се караме за сѐ и сешто, дури и за глупости“, вели Лорен. Или, пак, можеби се чувствуваш како Алис (12), која за својот 14-годишен брат, Денис, вели: „Ми оди на нерви! Ми упаѓа во собата и ‚позајмува‘ од кај мене работи без да ме праша. Се однесува како дете!“

Дали и тебе брат ти или сестра ти ти одат на нерви? Се разбира, твоите родители имаат одговорност да го одржуваат мирот во куќата. Меѓутоа, кога-тогаш ќе мора да научиш да се сложуваш со другите. Зошто да не го научиш тоа уште додека живееш дома?

Размисли за што најчесто се караш со брат ти или со сестра ти. Разгледај го списокот подолу и означи со ✔ која од овие ситуации те вади од кожа.

Лични предмети. Брат ми/сестра ми си „позајмува“ од мене работи без прашање.

Судир на карактери. Брат ми/сестра ми е себичен и безобѕирен или се обидува да ми го контролира животот.

Приватност. Брат ми/сестра ми ми упаѓа во соба без да тропне или ми ги чита мејловите или СМС-пораките без прашање.

Друго ․․․․․

Ако брат ти или сестра ти постојано те нервира — ти се прави шеф или ти се меша во приватноста — не е лесно да не почнеш да собираш лутина. Но, една библиска изрека гласи: „Кога ќе се удри носот, потекува крв, а кога се истура гневот, доаѓа до караница“ (Изреки 30:33). Според тоа, ако држиш лутина, еден ден ќе избувнеш, исто како што, ако си го удриш носот, ќе ти потече крв. Но, така само би ги влошил работите (Изреки 26:21). Што можеш да сториш за нешто што ти пречи кај брат ти или сестра ти да не прерасне во голема кавга? Првиот чекор е да увидиш каде лежи вистинскиот проблем.

На што ќе се концентрираш?

Несогласувањата со брат ти или сестра ти се како мозолчиња. Она што го гледаш е една грда раничка, но причината за таа раничка е некоја внатрешна инфекција. Слично на тоа, грдата кавга со брат ти или со сестра ти честопати е само показател за некој подлабок проблем.

Би можел да се обидеш да го отстраниш мозолчето со тоа што ќе го стиснеш. Но, така го напаѓаш само симптомот и ризикуваш да ти остане лузна или да ја влошиш инфекцијата. Подобро би било да ја лекуваш инфекцијата и со тоа да спречиш да ти излегуваат нови мозолчиња. Истото важи и кога имаш несогласувања со брат ти или сестра ти. Ако увидиш каде лежи вистинскиот проблем, нема да се концентрираш на случката што ја предизвикала кавгата, туку ќе се зафатиш со самиот проблем. Тоа ќе ти помогне да го примениш советот на цар Соломон, кој напишал: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи“ (Изреки 19:11).

На пример, Алис, која беше цитирана претходно, вели дека брат ѝ Денис упаѓа во нејзината соба и „позајмува“ од кај неа работи без да ја праша. Во овој случај, тоа би била случката што ја испровоцирала Алис. Но, според тебе, каде лежи вистинскиот проблем? Најверојатно има врска со почитта. Алис би можела да му рече на Денис никогаш да не ѝ влегува во собата и да не ѝ зема работи. Но, со тоа би го нападнала само симптомот и веројатно би придонела за уште повеќе кавги. Меѓутоа, ако успее да го убеди Денис да ги почитува нејзината приватност и нејзините работи, нивниот однос сигурно ќе се подобри.

Научи да решаваш или да избегнуваш судири

Се разбира, тоа што ќе увидиш каде лежи вистинскиот проблем е само почеток. Што ќе ти помогне да ги решаваш проблемите и да ги избегнеш несогласувањата во иднина? Обиди се со следниве шест предлози.

1. Поставете заеднички правила. Види што штиклираше како причина за несогласувањата меѓу тебе и брат ти/сестра ти. Размисли дали би можеле да поставите одредени правила со кои и двајцата се согласувате и кои ќе помогнат да се отстрани коренот на проблемот. На пример, ако до судири доаѓа поради лични предмети, правило бр. 1 би можело да биде: „Секогаш прашај пред да земеш нешто што не е твое“. Правило бр. 2 може да биде: „Почитувај го правото на брат ти/сестра ти да каже: ‚Не, не може да го земеш‘“. Кога се договарате околу вакви правила, имајте ја на ум Исусовата заповед: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Така ќе можете да поставите правила што ќе важат и за двајцата. Потоа прашајте ги родителите дали ги одобруваат вашите правила (Ефешаните 6:1).

2. Држи се за правилата. Апостол Павле напишал: „Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе? Зарем ти, кој проповедаш: ‚Не кради‘, крадеш?“ (Римјаните 2:21). Како можеш да го примениш ова начело? На пример, ако сакаш брат ти или сестра ти да ја почитува твојата приватност, тогаш и ти треба да тропнеш пред да влезеш во неговата/нејзината соба или да прашаш пред да ги прочиташ неговите/нејзините мејлови или СМС-пораки.

3. Не се навредувај брзо. Зошто овој совет е добар? Една библиска изрека го дава одговорот: „Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“ (Проповедник 7:9). Ако лесно се навредуваш, животот ќе ти биде мизерен. Точно, брат ти или сестра ти повремено ќе направат или ќе речат нешто што ќе те налути. Но, размисли: ‚Сум им направил ли и јас ним такво нешто?‘ (Матеј 7:1-5). Џени вели: „Кога имав 13 години, бев убедена дека знам сѐ, дека моето мислење е најважно и мора да си го кажам. Сега сестра ми минува низ таква фаза. Затоа се трудам да не се нервирам кога ќе каже нешто“.

4. Простувај и заборавај. За сериозните проблеми треба да се зборува и да се бара решение. Но, мора ли да правиш голема работа од секоја грешка на брат ти/сестра ти? Јехова Бог се радува кога си спремен да ‚преминеш преку престапот‘ (Изреки 19:11). Алисон (19) вели: „Јас и сестра ми Рејчел обично успеваме да ги решиме несогласувањата. И двете сме спремни веднаш да се извиниме, а потоа да разгледаме зошто сме се скарале. Понекогаш намерно го оставам разговорот за следниот ден. Честопати, кога ќе се разбудам, како ништо да не било и веќе нема ни потреба да зборуваме за тоа“.

5. Побарајте родителите да пресечат. Ако ти и брат ти/сестра ти не можете да најдете решение за некој сериозен проблем, би можеле да ги замолите родителите да ви помогнат да се смирите (Римјаните 14:19). Но, запомни дека способноста да решаваш конфликти без помош на родителите е знак за зрелост.

6. Цени ги добрите особини на брат ти/сестра ти. Најверојатно брат ти/сестра ти има особини на кои им се восхитуваш. Запиши една особина што ти се допаѓа кај него/неа.

Име Ми се допаѓа...

․․․․․ ․․․․․

Наместо да се преокупираш со нивните слабости, најди начин да им кажеш дека ги цениш нивните убави особини (Псалм 130:3; Изреки 15:23).

Библијата признава дека родениот брат/сестра не е секогаш најблискиот пријател што ќе го имаш (Изреки 18:24). Но, можете да станете поблиски ако ‚се поднесувате еден со друг‘, дури и кога со право ‚имаш жалба‘ против него/неа (Колошаните 3:13). Ако го дадеш својот дел, можеби брат ти или сестра ти повеќе нема толку да ти одат на нерви. А можеби и ти помалку ќе ги нервираш нив!

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Како ќе знаеш дали си спремен да живееш сам?

КЛУЧЕН СТИХ

„Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5)

ПРЕДЛОГ

Ако имаш брат или сестра со кои не се сложуваш добро, гледај позитивно на работата — тие ти помагаат да научиш вредни животни лекции!

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Кога ќе живееш сам, понекогаш ќе бидеш со луѓе што те нервираат — колеги и други кои ти се чинат груби, безобѕирни и себични. Додека уште живееш дома имаш можност да научиш како смирено да се справиш во такви ситуации.

ПЛАН!

Некои заеднички правила што би можеле да си ги поставиме се ․․․․․

Помалку ќе ги нервирам брат ми или сестра ми ако ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто е важно да ја согледаш разликата помеѓу случката што те испровоцирала и вистинскиот проблем?

● Кои се убавите страни на тоа што имаш брат или сестра?

[Истакната мисла на страница 46]

„Моите најдраги спомени се поврзани со брат ми и со сестра ми. На оние кои имаат браќа или сестри би им порачала многу да си ги ценат!“ (Мерилин)

[Рамка на страница 42]

Прашалник

Согледај каде лежи вистинскиот проблем

Сакаш да научиш како да согледуваш каде лежи вистинскиот проблем за несогласувањата помеѓу тебе и брат ти/сестра ти? Еве еден предлог. Прочитај ја Исусовата споредба за синот кој си заминал од дома и го прокоцкал своето наследство (Лука 15:11-32). Размисли подлабоко за реакцијата на постариот брат кога помладиот се вратил дома. Потоа одговори на следниве прашања:

Која случка ја предизвикала реакцијата на постариот брат? ․․․․․

Според тебе, каде лежел вистинскиот проблем? ․․․․․

Како се обидел таткото да го реши проблемот? ․․․․․

Што требало да стори постариот брат за да го реши проблемот? ․․․․․

Сега сети се на некоја кавга што неодамна си ја имал со брат ти/сестра ти, и запиши го својот одговор на следниве прашања:

Која случка ја предизвика кавгата? ․․․․․

Според тебе, каде лежи вистинскиот проблем? ․․․․․

Кои заеднички правила би можеле да си ги поставите за да го средите проблемот и да избегнете недоразбирања во иднина? ․․․․․

[Слика на страница 43]

Несогласувањата со брат ти или сестра ти се како мозолчиња — за да ги отстраниш, треба да ја лекуваш вистинската причина, а не да ги нападнеш само симптомите