Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сум зависник од електронски медиуми?

Дали сум зависник од електронски медиуми?

Поглавје 36

Дали сум зависник од електронски медиуми?

„Уживам, стварно уживам да пишувам пораки! Нема ништо поинтересно од тоа. Можам да кажам дека пишувањето пораки ми е најважната работа во животот“ (Ален)

КОГА твоите родители биле тинејџери, главни електронски уреди биле телевизорот и радиото. Во нивно време, телефонот си бил телефон — апарат прицврстен за ѕидот кој служел да се чујат со некого. Ти звучи страшно старомодно? Ана би рекла ‚да‘. Таа вели: „Кога станува збор за технологија, моите родители како да растеле во средниот век. Уште не си ги знаат сите функции на мобилниот!“

Денес можеш да се јавиш некаде, да слушаш музика, да гледаш телевизија, да играш игри, да праќаш мејлови, да сликаш и да отвориш интернет — и сето тоа само на еден апарат што можеш да го носиш во џебот. Бидејќи си пораснал со компјутери, мобилни телефони, телевизори и интернет, можеби си мислиш дека нема ништо лошо во тоа да ги користиш цело време. Но, можеби твоите родители сметаат дека си станал зависен од нив. Ако ти кажат такво нешто, немој да ги игнорираш затоа што сметаш дека не знаат во кое време живеат. Мудриот цар Соломон рекол: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13).

Дали ти е чудно што твоите родители се загрижени? Направи го следниов тест за да видиш дали покажуваш знаци на зависност од електронски медиуми.

‚Дали сум зависник?‘

Во една енциклопедија, зависноста се дефинира како „хронично неконтролирано однесување со кое лицето не може или не сака да престане и покрај штетните последици“. Да го разгледаме одделно секој елемент од оваа дефиниција. Прочитај ги изјавите и размисли дали и ти си рекол или си направил нешто слично. Потоа одговори на прашањата.

Неконтролирано однесување. „Трошев часови и часови на видеоигри. Дури и не спиев за да играм, а и само за тоа зборував. Се оддалечив од семејството и почнав да живеам во нереалниот свет на видеоигрите што ги играв“ (Ендру).

Според тебе, колку време дневно е разумно да трошиш на електронски уреди? ․․․․․

Колку време твоите родители мислат дека треба да ги користиш? ․․․․․

Колку вкупно време поминуваш секој ден во праќање пораки, гледање телевизија, ставање слики и коментари на некоја веб-страница, играње видеоигри итн.? ․․․․․

На темел на твоите одговори, дали би рекол дека претерано ги користиш електронските уреди?

□ Да □ Не

Не можеш или не сакаш да престанеш. „Кога сме заедно, родителите гледаат дека постојано праќам пораки и ми велат дека претерувам. Но, во споредба со другите деца, тоа не е ништо. Добро, во споредба со моите родители, нормално дека е многу. Но, ние сме како небо и земја — тие имаат 40, а јас 15 години“ (Ален).

Дали твоите родители или пријатели ти рекле дека трошиш премногу време на некој електронски медиум?

□ Да □ Не

Дали не си сакал или не си можел да го намалиш времето што го трошиш на тој медиум?

□ Да □ Не

Штетни последици. „Моите пријатели нон-стоп пишуваат СМС-пораки — дури и додека возат. Тоа е толку опасно!“ (Џули).

„Кога го добив мојот прв мобилен, постојано зборував со некого или праќав пораки. Само тоа правев по цел ден. Си ги расипав односите со семејството, па дури и со некои пријатели. Сега забележувам дека, кога сум излезена со пријателите и разговарам со нив, постојано ме прекинуваат и ми велат: ‚Почекај малку. Морам да одговорам на оваа порака‘. Тоа е една причина зошто не сме поблиски“ (Ширли).

Дали некогаш читаш или праќаш пораки додека возиш, додека си на час или додека си на христијанските состаноци?

□ Да □ Не

Кога разговараш со семејството или со пријателите, дали постојано ги прекинуваш за да одговориш на некој мејл, телефонски повик или СМС-порака?

□ Да □ Не

Дали поради електронските уреди не спиеш доволно или немаш концентрација за учење?

□ Да □ Не

Сметаш ли дека треба да направиш некои промени? Тогаш, разгледај ги следниве предлози.

Да се најде златна средина

Ако користиш некаков електронски уред — компјутер, мобилен телефон или некој друг апарат — размисли за четирите прашања подолу. За да немаш штетни последици и за да се контролираш колку го користиш, од помош ќе ти биде ако ги применуваш библиските совети и ако се држиш за неколку едноставни правила во врска со тоа што да правиш, а што не.

Каква е содржината? „Сѐ што е вистинито сѐ што е благородно сѐ што е праведно сѐ што е чисто сѐ што е допадливо сѐ што е пофално сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).

✔ Прави: Одржувај контакти со пријателите и со семејството и зборувај со нив за позитивни работи (Изреки 25:25; Ефешаните 4:29).

X Не прави: Немој да шириш муабети, да праќаш неморални пораки и слики или да гледаш неморални видеоклипови и емисии (Колошаните 3:5; 1. Петрово 4:15).

Кога го користам? „Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1).

✔ Прави: Постави си граници колку време ќе трошиш на телефонски разговори и пораки, на гледање телевизија или на игри.

X Не прави: Не дозволувај времето што си го издвоил за пријателите и семејството, за проучување или за духовни активности да ти отиде на електронски медиуми (Ефешаните 5:15-17; Филипјаните 2:4).

Со кого се дружам? „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).

✔ Прави: Користи ги електронските медиуми за да си го зајакнеш пријателството со оние што те поттикнуваат на добри навики (Изреки 22:17).

X Не прави: Немој да се лажеш себеси — кога-тогаш ќе ги усвоиш мерилата, јазикот и размислувањето на оние со кои си избрал да се дружиш преку мејл, СМС-пораки, ТВ, филмови или интернет (Изреки 13:20).

Колку време трошам? ‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10).

✔ Прави: Води евиденција колку време трошиш на електронски уреди.

X Не прави: Не ги игнорирај пријателите или родителите кога ќе ти кажат дека трошиш премногу време на некој електронски медиум (Изреки 26:12).

Ендру, кого го цитиравме претходно, се сложува дека електронските медиуми треба да се користат умерено. Тој вели: „Современата технологија е интересна, но само за кратко време. Научив да не дозволувам таа да стане ѕид помеѓу мене и моето семејство или пријателите“.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 30

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Како да ги убедиш родителите да те остават да се забавуваш малку?

КЛУЧЕН СТИХ

„Не мисли самиот за себе дека си мудар. Бој се од Јехова и бегај од злото“ (Изреки 3:7)

ПРЕДЛОГ

За да се контролираш колку го користиш телефонот, кажи им на пријателите дека имаш одредени периоди кога не одговараш на СМС-пораки, на мејлови или на телефонски повици.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Сликите од тебе или коментарите за она што го правиш кои сега ќе ги ставиш на некоја веб-страница, може со години да бидат достапни за другите, па дури и за твоите потенцијални работодавци.

ПЛАН!

Ако ми е тешко да се контролирам колку време ми оди на ․․․․․, ќе одредам да поминувам само ․․․․․ часови седмично на тој медиум.

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто може да ти биде тешко да сфатиш дека си станал зависник од некој електронски медиум?

● Што може да се случи ако не се контролираш колку време трошиш на електронски медиуми?

[Истакната мисла на страница 262]

„Неколку работи ми помогнаа да ја победам зависноста од ТВ. Се присилив да гледам помалку. Постојано зборував со мајка ми за мојот проблем. Освен тоа, и многу се молев“ (Кетлин)

[Слика на страница 263]

Кој кого контролира — ти нив или тие тебе?