Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Поглавје 37

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Алисон, тинејџерка од Австралија, не ги сака понеделниците затоа што на училиште секој понеделник е иста песна.

„Сите раскажуваат како си поминале за викенд“, вели таа. „Изгледа дека лудо се забавувале — кажуваат на колку журки биле и со кого сѐ се бакнале, па дури и дека бегале од полицијата... Звучи страшно, ама и забавно! Се прибираат дома во пет наутро, додека нивните родители мирно си спијат. А јас морам да си легнам уште пред тие да излезат!

Како и да е, откако ќе раскажат колку бурен им бил викендот, ме прашуваат што правев јас... И што да им кажам? Бев на христијански состаноци и во служба? Мислам дека навистина пропуштам добра забава. Затоа, обично им одговарам дека ништо не правев. Тогаш ме прашуваат зошто не сум излегла со нив.

Штом ќе помине понеделник, си мислиш: ‚Од утре ќе биде полесно‘. Но, не е. Во вторник, сите веќе зборуваат за викендот пред нас! Јас обично само седам и ги слушам. Се чувствувам како аутсајдер!“

ДАЛИ и ти си поминуваш вака во понеделник? Можеби имаш чувство дека родителите не ти даваат да мрднеш од дома, а надвор има толку можности за забава. Тоа е исто како да си во луна-парк, а да не ти е дозволено да се возиш на ништо. Не дека сакаш да правиш сѐ што прават другите, ама понекогаш ти доаѓа да се издуваш малку! На пример, што би сакал ти да правиш овој викенд? Да одиш...

□ во диско

□ на журка

□ на концерт

□ да гледаш филм

□ друго ․․․․․

Факт е дека ти е потребна разонода. Всушност, твојот Творец сака да ѝ се радуваш на својата младост (Проповедник 3:1, 4). И, иако на моменти можеби не ти се верува, и твоите родители сакаат да се забавуваш. Сепак, има две работи за кои веројатно ќе бидат оправдано загрижени: 1) што ќе правиш и 2) со кого ќе бидеш.

Тогаш, што ќе правиш ако пријателите те викнат да излезеш, ама не си сигурен како ќе реагираат твоите родители? Да разгледаме три опции и какви ќе бидат резултатите од нив.

ОПЦИЈА А НЕМА ДА ПРАШАМ, НО ЌЕ ОДАМ

Зошто би се решил на оваа опција: Сакаш да покажеш пред другарите колку си независен. Сметаш дека знаеш повеќе од родителите или не го цениш многу нивното мислење (Изреки 14:18).

Резултат: Можеби твоите пријатели ќе бидат импресионирани, но и ќе дознаат нешто за тебе — дека си спремен да мамиш. Ако ги мамиш родителите, може да им го направиш тоа и ним. Ако твоите родители дознаат, ќе бидат повредени и ќе се чувствуваат изневерени, а најверојатно и ќе те казнат да не излегуваш некое време! Значи, оваа опција — да не ги послушаш родителите и да излезеш — не е баш паметна (Изреки 12:15).

ОПЦИЈА Б НЕМА ДА ПРАШАМ, НЕМА НИ ДА ОДАМ

Зошто би се решил на оваа опција: Размислуваш и заклучуваш дека она што ќе се прави не е во склад со твоите принципи или дека некои од поканетите не се добро друштво (1. Коринќаните 15:33; Филипјаните 4:8). Од друга страна, можеби сакаш да одиш, но немаш храброст да ги прашаш родителите.

Резултат: Ако не одиш затоа што знаеш дека тоа е лоша идеја, ќе можеш сосема мирно да ги одбиеш пријателите. Но, ако не одиш само затоа што немаш храброст да ги прашаш родителите, на крајот може да останеш дома скиснат, со чувство дека сите, освен тебе, се забавуваат.

ОПЦИЈА В ЌЕ ПРАШАМ И ЌЕ ВИДАМ ШТО ЌЕ БИДЕ

Зошто би се решил на оваа опција: Го почитуваш авторитетот и мислењето на твоите родители (Колошаните 3:20). Ги сакаш и не би сакал да ги повредиш со тоа што скришум ќе излезеш со пријателите (Изреки 10:1). Исто така, имаш можност да ги изнесеш своите аргументи.

Резултат: Твоите родители гледаат дека ги сакаш и ги почитуваш. Освен тоа, ако видат дека твоето барање е разумно, може да те пуштат.

Зошто родителите може да не те пуштат

Но, што ако родителите не те пуштат? Сигурно нема да ти е сеедно. Сепак, полесно ќе ти биде ако разбереш зошто не те пуштаат. На пример, тоа би можело да биде поради некоја од овие причини:

Имаат поголемо знаење и искуство. Кога би можел да бираш, веројатно би одбрал да пливаш на плажа на која има спасувачи. Зошто? Затоа што, додека се разладуваш во водата, не си свесен за сите опасности. Но, спасувачите подобро ги гледаат работите и можат да ги забележат опасностите.

Слично на тоа, твоите родители, затоа што имаат поголемо знаење и искуство, може да бидат свесни за опасностите што ти не ги гледаш. Исто како спасувачите на плажа, твоите родители не дека не сакаат да се забавуваш, туку сакаат да ти помогнат да ги избегнеш опасностите што можат да ти ја одземат радоста во животот.

Те сакаат. Твоите родители имаат силна желба да те заштитат. Љубовта ги мотивира да ти речат ‚да‘ секогаш кога може и ‚не‘ кога мора. Кога бараш од нив дозвола за нешто, најпрво размислуваат дали можат да ти го одобрат тоа и да живеат со последиците од својата одлука. Ќе бидат мирни и ќе те пуштат да го направиш она што го бараш само ако се уверени дека нема да ти се случи ништо лошо.

Што ќе ти помогне да ти дозволат нешто

Од помош може да ти бидат четири работи:

Искреност. Прво, треба искрено да се прашаш: ‚Зошто сакам да одам таму? Дали првенствено затоа што многу го сакам она што ќе се прави или чисто за да се вклопам во друштво? Дали затоа што таму ќе биде некој што ми се допаѓа?‘ Потоа биди искрен со родителите. И тие биле млади, а и добро те познаваат, што значи дека и онака веројатно ќе сфатат кои се твоите вистински мотиви. Ќе ја ценат твојата искреност, а тебе ќе ти користи нивната мудрост (Изреки 7:1, 2). Но, ако не си искрен, си ја поткопуваш довербата и има помали шанси да те пуштат.

Добар тајминг. Немој да ги засипеш своите родители со барања веднаш штом ќе си дојдат од работа или кога се зафатени со нешто. Започни разговор кога се поопуштени. Но, немој да чекаш до последен момент и да бараш веднаш да ти одговорат. На твоите родители нема да им се допадне да ги тераш набрзина да одлучат нешто. Ако ги прашаш навреме, ќе го ценат тоа што си мислел на нив.

Содржина. Не испуштај детали. Објасни што точно сакаш да правиш. На родителите обично не им е баш мило да слушнат: „Не знам“, особено кога ќе те прашаат: „Кој друг ќе биде таму?“ „Ќе има ли и некој возрасен што ќе биде одговорен?“ или „Кога ќе се вратиш?“

Став. Не гледај на твоите родители како на непријатели. Сметај ги за дел од твојот тим бидејќи, на крајот на краиштата, тие и се во твојот тим. Ако сметаш дека се на твоја страна, нема да звучиш како да си спремен за кавга со нив и поголема е веројатноста дека ќе соработуваат. Гледај да не користиш фрази како „Вие немате доверба во мене“, „Сите други ќе одат“ или „Родителите на тој и тој го пуштаат!“ Покажи им на родителите дека си доволно зрел да ја прифатиш нивната одлука и потоа почитувај ја. Тогаш и тие ќе те почитуваат тебе. А следниот пат кога ќе побараш нешто, можеби ќе бидат поспремни да ти одобрат.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 32

КЛУЧЕН СТИХ

„Биди мудар сине мој и израдувај ми го срцето“ (Изреки 27:11)

ПРЕДЛОГ

Кога одиш на некоја забава, имај резервен план како да си заминеш. Пред да одиш, испланирај што ќе направиш или речеш за, ако е потребно, да можеш да си заминеш со чиста совест.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Понекогаш родителите се претерано претпазливи затоа што те сакаат. Ако не разбираат што бараш од нив, или ако мислат дека изоставаш важни факти, најверојатно ќе речат ‚не‘.

ПЛАН!

Кога сум излезен со друштво или кога гледаме филм, ако видам или слушнам нешто што ми ја вознемирува совеста, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто можеби не сакаш да им ги кажеш сите информации што им требаат на родителите за да одлучат дали ќе те пуштат или не?

● Какви би можеле да бидат последиците ако успееш да ги убедиш родителите да те пуштат со тоа што ќе криеш важни факти од нив?

[Истакната мисла на страница 268]

„Колку бев глупав како помлад! Некои од работите што ми беа ‚забавни‘ подоцна ме удрија како бумеранг. Последиците од она што го правиш кога-тогаш ќе те стигнат. Жал ми е што не ги слушав родителите“ (Брајан)

[Слика на страница 269]

Исто како спасувачите на плажа, твоите родители подобро ги гледаат работите и можат да те предупредат на потенцијалните опасности