Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да не им попуштам на искушенијата?

Како да не им попуштам на искушенијата?

Поглавје 9

Како да не им попуштам на искушенијата?

Кети е на забава. Но, само десет минути подоцна влегуваат две момчиња со неколку големи ќеси во рацете. Јасно ѝ е што има во нив. Ден-два пред тоа, случајно ги слушна истите момчиња како коментираат дека на забавата ќе има „многу пијачка“.

Одеднаш, зад себе слуша познат глас. „Што си застанала како некој кип? Ти си прав уништувач на забави!“ Кети се свртува и ја гледа својата другарка Јулија со две шишиња пиво во рацете. Јулија ѝ го подава едното и ѝ вели: „Само немој да ми кажеш дека си мала за вакви работи!“

Кети не би сакала да го земе пивото. Но, притисокот е многу посилен отколку што очекуваше. Јулија ѝ е другарка и не сака таа да мисли дека е... „уништувач на забави“. Освен тоа, Јулија важи за добра девојка. Ако таа пие, значи не е толку страшно. ‚Па тоа е само пиво‘, си вели Кети, ‚не е дрога или секс.‘

КОГА си млад, наидуваш на најразлични искушенија. Многу од нив се поврзани со спротивниот пол. „Девојките на училиште се многу нападни“, вели Роберт (17). „Сакаат да те допираат и да видат до каде ќе им дозволиш да одат. Твоето ‚не‘ не им значи ништо!“ И Дејана (17) се уверила во тоа. „Еден дечко ми се приближи и ме прегрна“, вели таа. „Силно го удрив по раката и му реков: ‚Што се замислуваш? Ни те знам ни те познавам!‘“

Можеби и тебе ти се чини дека не можеш да здивнеш од искушенија. Постојаните искушенија може да бидат како некој нон-стоп да ти чука на врата, иако на неа виси знакот „Не вознемирувај“. Дали тебе ти чукаат на врата почесто отколку што би сакал? На пример, дали некоја од следниве работи е искушение за тебе?

□ Пушење

□ Порнографија

□ Алкохол

□ Секс

□ Дрога

□ Друго ․․․․․

Ако стави ✔ до некоја од овие работи, немој да мислиш дека од тебе не бидува христијанин. Ти можеш да научиш да ги контролираш погрешните желби и да не им попуштиш на искушенијата. Како? Добро е да сфатиш зошто ние, како луѓе, имаме искушенија. Да разгледаме три фактори.

1. Несовршеноста. Сите луѓе се несовршени и склони да грешат. Дури и апостол Павле, кој бил зрел христијанин, отворено признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21). Очигледно, дури и најпримерниот човек понекогаш чувствува колку силни може да бидат „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јованово 2:16). Но, кога некој продолжува да размислува за нешто погрешно, уште повеќе си ја отежнува ситуацијата, зашто Библијата вели: „Желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:15).

2. Надворешните влијанија. Каде и да се свртиш, те чека некое искушение. Тамара вели: „И на училиште и на работа, сите разговори се вртат околу секс. На телевизија и во филмовите тој се прикажува како нешто толку привлечно, толку возбудливо. Ретко се спомнуваат последиците!“ Тамара знае од лично искуство колку силно може да биде влијанието на врсниците и на медиумите. „Кога имав 16 години, мислев дека сум ја пронашла вистинската љубов“, вели таа. „Мајка ми ме седна и ми рече дека, ако продолжам така, на крајот ќе останам бремена. Бев шокирана што мајка ми и помислила такво нешто! Но, два месеца подоцна, бев бремена.“

3. „Желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Оваа фраза може да се однесува на секоја желба што е типична за младите, на пример, желбата да бидат прифатени од врсниците или да бидат третирани како возрасни. Овие желби не се погрешни сами по себе, но ако не се контролираат, на младите може да им биде уште потешко да им се спротивстават на искушенијата. На пример, тоа што сакаш да бидеш третиран како возрасен може да те наведе да ги отфрлиш убавите вредности што ти ги всадиле родителите. Токму тоа му се случило на Стефан кога имал 17 години. Тој вели: „Се бунтував против моите родители и правев сѐ што ме учеа да не правам — и тоа кратко откако се крстив“.

Како да се бориш

Мора да се признае дека овие влијанија се многу силни. Сепак, ти можеш да им одолееш на искушенијата. Како?

● Прво, утврди што е најголемо искушение за тебе. (Можеби веќе го стори тоа со помош на тестот на страница 65.)

● Потоа, прашај се: ‚Кога има најголеми шанси да се најдам на вакво искушение?‘ Стави ✔ кај една од овие можности:

□ На училиште

□ Кога сум сам

□ На работа

□ Друго ․․․․․

Ако знаеш кога има шанси да се најдеш на искушение, би можел дури и сосема да го избегнеш. Да ја земеме за пример ситуацијата од почетокот на поглавјето. По што можеше Кети да заклучи дека на забавата нема сѐ да тече како што треба?

․․․․․

Како можеше да избегне да се најде на искушение?

․․․․․

● Сега, откако утврди што е искушение за тебе и кога има најголеми шанси да се најдеш на такво искушение, време е за акција. Прво и основно е да испланираш како да ги намалиш или сосема да ги избегнеш шансите да се најдеш на искушение. Запиши ги своите идеи на линиите.

․․․․․

(Примери: Ако по часовите редовно среќаваш некои школски другари што упорно ти нудат цигара, би можел да си одиш дома по друг пат за да не ги сретнеш. Ако често ти се случува да добиеш имејл со порнографска содржина, можеби ќе треба да инсталираш програми што ги блокираат таквите пораки и сите слични веб-страници. Исто така, кога пребаруваш на интернет, внесувај поконкретни зборови.)

Се разбира, не можеш да ги избегнеш сите искушенија. Кога-тогаш, веројатно ќе се соочиш со некое многу силно искушение — можеби токму кога најмалку очекуваш. Што би можел да направиш?

Биди подготвен

Кога ‚Сатана го искушувал‘, Исус веднаш отсечно го одбил (Марко 1:13). Зошто? Затоа што имал расчистено во врска со прашањата што ги покренал Сатана. Исус веќе имал решено дека ќе му биде послушен на својот Татко во сѐ (Јован 8:28, 29). Кога рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“, навистина го мислел тоа (Јован 6:38).

На следната страница, напиши две причини зошто да му се спротивставиш на искушението со кое најчесто се соочуваш и две работи што ќе ти помогнат во тоа.

Зошто да се спротивставиш:

1. ․․․․․

2. ․․․․․

Што ќе ти помогне да се спротивставиш:

1. ․․․․․

2. ․․․․․

Запомни — кога ќе му попуштиш на искушението, им стануваш роб на своите желби (Тит 3:3). Зошто да им дозволиш на твоите нагони да те контролираат? Биди доволно зрел и контролирај ги ти нив, а не тие тебе (Колошаните 3:5). И моли се и понатаму да бидеш успешен во тоа (Матеј 6:13). *

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 15

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Некако си малаксан во последно време? Дознај како да имаш подобро здравје и да си ја повратиш силата!

[Фуснота]

^ пас. 43 Види ги и 33. и 34. поглавје од оваа книга.

КЛУЧЕН СТИХ

„Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13)

ПРЕДЛОГ

Со помош на прашалникот „Како против притисокот од врсниците?“ на страници 132 и 133 од Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, испланирај како ќе реагираш кога некој сака да те наведе да направиш нешто погрешно.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Бог претскажал дека Исус ќе остане верен, но тоа не значи дека Исус бил како робот, програмиран да биде послушен. Не, Исус имал слободна волја. Тој му бил верен на Бог затоа што самиот така избрал, а не затоа што „така му било пишано“. Токму затоа толку силно се молел кога му било тешко (Евреите 5:7).

ПЛАН!

За да му се спротивставам на искушението со поголема решителност, ќе ․․․․․

Некои луѓе, места и ситуации што треба да ги избегнувам се: ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Можат ли и совршени суштества да се најдат на искушение? (1. Мојсеева 6:1-3; Јован 8:44)

● Кога нема да попуштиш на искушението, каков ефект може да има твојата верност врз другите? (Изреки 27:11; 1. Тимотеј 4:12)

[Истакната мисла на страница 68]

„Многу ми помага тоа што знам дека најмоќната личност во целата вселена е на моја страна и дека можам да ја замолам за помош во секое време!“ (Кристофер)

[Рамка/слика на страница 67]

Испробај го ова!

Земи еден компас и намести го така што иглата ќе покажува кон север. Сега, земи магнет и стави го до компасот. Што се случува? Иглата повеќе не покажува кон север, туку е свртена кон магнетот.

Твојата совест е како тој компас. Ако ја научиш исправно да реагира, таа секогаш ќе покажува кон „север“ и ќе ти помага да донесуваш мудри одлуки. Но, исто како еден магнет, лошото друштво може толку силно да влијае врз тебе што ќе почнеш погрешно да ги проценуваш работите. Што учиме од овој пример? Труди се да ги избегнуваш луѓето и ситуациите што би можеле да го извртат твоето чувство за исправно и погрешно! (Изреки 13:20).

[Слика на страница 69]

Кога ќе му попуштиш на искушението, им стануваш роб на своите желби