Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Погрешно ли е да сакаш малку приватност?

Погрешно ли е да сакаш малку приватност?

Поглавје 15

Погрешно ли е да сакаш малку приватност?

Како најверојатно би реагирал во следниве замислени ситуации (означи со ✔):

1. Си седиш во својата соба и вратата ти е затворена. Брат ти или сестра ти ти упаѓа без да тропне.

□ ,Нема проблем. И јас правам така понекогаш.‘

□ ,Нема никаква култура! Што ќе беше ако се преоблекував?‘

2. Само што си влегол дома, родителите почнуваат да те бомбардираат со прашања: „Каде беше? Што правеше? Со кого беше?“

□ ,Нема проблем. И онака им кажувам сѐ.‘

□ ,Многу се нервирам! Немаат ни малку доверба во мене!‘

ДОДЕКА беше помал, најверојатно не ти беше многу важно дали ќе имаш приватност или не. Воопшто не ти пречеше кога твојот помал брат или сестра ќе ти упаднеа во собата. Што и да те прашаа родителите, не ти беше тешко да им кажеш. Немаше ништо скришно во твојот живот. Но, сега посакуваш да не е секогаш така. „Има работи што сакам да ги задржам само за себе“, вели Кори (14). Да разгледаме две ситуации кога приватноста може да биде проблем.

Кога сакаш да бидеш сам

Има многу оправдани причини зошто понекогаш сакаш да бидеш сам. Можеби сакаш ‚да се одмориш малку‘ (Марко 6:31). Или, пак, имаш потреба ‚да влезеш во својата најскриена соба и да ја затвориш вратата, па да му се помолиш на својот Татко‘, токму како што Исус ги советувал своите ученици (Матеј 6:6; Марко 1:35). Проблемот е во тоа што, кога ќе ја затвориш вратата на својата соба (ако имаш своја соба), родителите можеби нема да помислат дека се молиш! А брат ти или сестра ти можеби не сфаќаат зошто сакаш да бидеш сам.

Што можеш да сториш. Наместо веднаш да почнеш да се расправаш со нив затоа што не те оставаат на мир, примени ги следниве предлози:

● Што се однесува до брат ти или сестра ти, замоли ги да почитуваат неколку разумни основни правила за да можеш да имаш периоди кога ќе бидеш сам. Ако е потребно, побарај помош од родителите. *

● Што се однесува до мајка ти и татко ти, обиди се да ги разбереш. „Понекогаш родителите ме проверуваат што правам“, вели Ребека (16). „Но, да бидам искрена, да бев родител, и јас ќе проверував што прави моето дете — посебно кога ќе помислам со колку искушенија се соочуваат младите денес!“ Можеш ли и ти, како Ребека, да се потрудиш да разбереш зошто твоите родители се толку загрижени? (Изреки 19:11).

● Биди искрен со себе. Прашај се: ‚Дали сум им дал некаков повод да се сомневаат дека правам нешто лошо кога вратата ми е затворена? Дали за мојот живот им откривам толку малку што мораат да ме „шпионираат“ за да дознаат нешто повеќе?‘ Ако твојот одговор на овие прашања е ‚не‘, а ти се чини дека родителите сепак се сомневаат во тебе, смирено и со почит објасни им како се чувствуваш. Добро слушај кога ќе ти кажат што ги загрижува и прашај ги дали и ти со нешто придонесуваш за проблемот (Јаков 1:19).

Кога се во прашање пријателите

Сосема е нормално еден тинејџер да се спријатели со лица надвор од семејството. Нормално е и твоите родители да се интересираат кои ти се пријатели и што правиш кога си со нив. Но, понекогаш можеби ти се чини дека нивната загриженост се граничи со параноја. „Би сакала да се јавам на мобилен и да пратам мејл без моите родители да ми ѕиркаат преку рамо на секои 10 минути и да ме прашуваат со кого разговарам“, вели Ејми (16).

Што можеш да сториш. Наместо да дозволиш твоите пријателства да се испречат меѓу тебе и твоите родители, обиди се со следниве предлози:

● Отворено кажи им на родителите кои ти се пријатели и запознај ги со нив. Можеби не ти се допаѓа што тие изигруваат детективи, но зарем имаат друг избор ако постојано криеш од нив со кого се дружиш? Не заборавај — ако твоите родители подобро ги познаваат луѓето со кои го поминуваш времето, веројатно ќе бидат помирни кога си со нив.

● Биди искрен со себе: Дали се работи за приватност или за криење? Британи (22) вели: „Ако живееш дома и твоите родители се загрижени за нешто, би требало да помислиш: ‚Не правам ништо лошо, па тогаш зошто да кријам од нив?‘ Но, ако мораш да криеш што правиш, тогаш нешто не е во ред“.

Приватноста и ти

Сега, размисли во врска со што ти треба поголема приватност и што би можел да сториш околу тоа. На линиите запиши ги одговорите на прашањата наведени по секој чекор.

Чекор бр. 1: Откриј го вистинскиот проблем. Во врска со што би сакал поголема приватност?

․․․․․

Чекор бр. 2: Обиди се да ги разбереш родителите. Што ги загрижува?

․․․․․

Чекор бр. 3: Барај решенија. Дали со нешто и ти придонесуваш за проблемот? Што би можел да смениш во врска со тоа? Што би сакал твоите родители да направат во тој поглед?

․․․․․

Чекор бр. 4: Зборувај со нив. Како би можел да започнеш разговор со родителите околу приватноста?

․․․․․

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали еден од твоите родители починал? Каде можеш да најдеш утеха?

[Фуснота]

^ пас. 14 Повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во 6. поглавје од оваа книга.

КЛУЧЕН СТИХ

„Дај сѐ од себе за да стекнеш признание од Бог, да бидеш работник кој нема од што да се срами“ (2. Тимотеј 2:15)

ПРЕДЛОГ

Кога разговараш со родителите во врска со приватноста, немој само да обвинуваш. Кажи што ти паѓа тешко. Во што е разликата? Кога обвинуваш, се фокусираш на она што мислиш дека твоите родители го прават погрешно. Кога ќе кажеш што ти паѓа тешко, ќе ви биде полесно да се фокусирате на тоа да најдете решенија.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Колку поотворен си со родителите толку помалку сомничави ќе бидат.

ПЛАН!

За да ја стекнам (или за да ја повратам) довербата на моите родители, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто родителите имаат право да знаат што се случува во твојот живот?

● Како тоа што ќе се трудиш подобро да комуницираш со родителите може да ти помогне да комуницираш и со другите понатаму во животот?

[Истакната мисла на страница 108]

„Бидејќи родителите не сакаат да ти се случи нешто лошо, понекогаш можеби ти се чини дека не ја почитуваат твојата приватност и дека не се фер. Но, искрено кажано, да бев родител, најверојатно ќе бев иста“ (Алана)

[Слика на страница 109]

Довербата е како плата — мораш да ја заработиш