До родителите
До родителите
На младите, растењето може да им изгледа како одење по јаже. Секој чекор може да им се чини несигурен — па дури и страшен. Како родител, можеби понекогаш посакуваш да ги поштедиш своите деца од такво „одење“. Се разбира, не можеш да го направиш тоа, но можеш да им послужиш како стап за одржување рамнотежа. Ти си тој што може најмногу да им помогне на твоите деца да останат на правиот пат и да испливаат од тинејџерските години како одговорни, возрасни личности.
Полесно е да се каже отколку да се направи? Така е. Можеби ти изгледа како да беше вчера кога син ти беше живо растрчкано детенце кое уста не затвораше, а сега е срамежлив тинејџер на кого мораш да му ги влечеш зборовите со клешти. Не така одамна, твојата ќеркичка сакаше секаде да оди со тебе. Сега не сака ни да помисли да ја видат некаде со родителите!
Но, не треба да се чувствуваш неспособен да се соочиш со овие промени. Достапен ти е извор на мудрост што може да ти даде здраво водство и тебе и на твоето дете. Тој извор на мудрост е Божјата реч, Библијата.
Целта на книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, е да му изнесе на твоето дете логични аргументи и објаснувања од Светото писмо. Ако ја разгледаш содржината на 4. и 5. страница, ќе знаеш какви теми се разработени во книгата. Но, во неа има повеќе отколку само факти. Еве зошто:
1) Во оваа книга читателот е активно вклучен. На многу места низ книгата од твоето дете се бара да ги напише своите одговори на разни прашања и изјави. На пример, на страници 132 и 133 има прашалник „Како против притисокот од врсниците“, кој ќе му помогне на твоето дете да размисли на какви предизвици може да наиде и како да реагира. Освен тоа, секој од деветте дела во книгата завршува со рамка „Мојот дневник“, во која детето може да запише што мисли и чувствува во врска со материјалот што е содржан во тој дел.
2) Книгата поттикнува на отворен разговор. На пример, на страници 63 и 64 се наоѓа рамката „Како да зборувам со мама или со тато за секс?“ Исто така, на крајот од секое поглавје има рамка „Што мислиш?“ Освен за повторување, оваа рамка може да се користи и како темел за семејна дискусија. Секое поглавје содржи и рамка „План!“ Во последниот дел од оваа рамка, од младите се бара да ја завршат оваа реченица: „Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите...“ Тоа ќе ги поттикне да бараат совети од своите родители кои ќе им помогнат да одржуваат рамнотежа додека одат по јажето што ги води кон зрелост.
Но, едно предупредување: За да ги поттикнете своите деца искрено да ги запишуваат своите мисли, оставете им извесна мера приватност. Можеби подоцна ќе ви кажат и вам што запишале во книгата.
Земи си своја книга и добро запознај се со неа. Додека ја читаш, обиди се да се сетиш низ какви збрки, возбудувања и грижи си минувал ти како тинејџер. Кога ќе начекаш момент, раскажи им на син ти или ќерка ти како ти било тебе кога си бил млад. Тоа ќе ги поттикне и тие да бидат отворени со тебе. Кога зборуваат, слушај! Ако понекогаш ти се чини дека твоите напори не даваат никакви резултати, не се предавај. Иако можеби не покажуваат, децата обично ги ценат советите од родителите повеќе отколку советите од врсниците.
Задоволство ни е што и ти и твоите деца можете да ја добиете оваа библиска публикација, и се молиме таа да биде како еден прекрасен подарок за вашето семејство.
Издавачите