Што ќе правам со мојот живот?
ПОГЛАВЈЕ 38
Што ќе правам со мојот живот?
„Отпрвин не размислував многу за иднината. Но, како што наближуваше матурата, сфатив дека ќе морам да се соочам со вистинскиот свет и со вистинско вработување. А и со вистински сметки“ (Алекс).
ЗАМИСЛИ дека планираш да појдеш на далечен пат — стотици километри од дома. Веројатно најпрвин ќе ја отвориш картата за да одредиш по кој пат е најдобро да тргнеш. Нешто слично треба да направиш и кога ја планираш својата иднина. „Имаш најразлични опции“, вели Мајкл, кој сега служи во една подружница на Јеховините сведоци. Како да избереш меѓу толку многу можности што ти стојат на располагање? „Сѐ зависи од твоите цели“, вели Мајкл.
Замисли си дека целта е крајно одредиште на некое патување. До него сигурно нема да стигнеш ако само бесцелно талкаш. Многу подобро ќе биде да ја отвориш картата и да испланираш по кој пат ќе одиш. Ако го сториш тоа, ќе го послушаш советот од Изреки 4:26: „Израмни ја патеката по која оди твојата нога“. Во еден друг превод оваа фраза е преведена вака: „Имај на ум каде си тргнал“ (Contemporary English Version).
Во годините што се пред тебе, ќе донесеш многу важни одлуки во врска со службата за Бог, вработувањето,
бракот, семејството, како и за други битни работи. Полесно ќе донесеш мудри одлуки ако добро знаеш каде сакаш да одиш. И, додека планираш по кој пат во животот ќе тргнеш, има еден многу важен фактор што навистина не би требало да го испуштиш од вид.„Мисли на својот Творец“
Ако сакаш да бидеш вистински среќен, тогаш мораш да ги земеш присрце зборовите на мудриот цар Соломон: „Мисли на својот Творец уште во младоста“ (Проповедник 12:1, Радосна Вест). Со други зборови, кога донесуваш одлуки во животот, треба да те води желбата да го радуваш Бог.
Зошто ова е толку важно? Во Откровение 4:11 пишува: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“. Сите суштества на небото и на Земјата имаат причина да му бидат благодарни на Творецот. Дали си ти благодарен што ти дал „живот и здив и сѐ“? (Дела 17:25). Зарем не чувствуваш дека си должен да му возвратиш на Јехова Бог од благодарност за сѐ што ти дал?
Мнозина млади Јеховини сведоци избрале да служат полновремено токму затоа што постојано го имаат во мислите својот Творец. Размисли за некои од интересните гранки на служба што можеби и тебе ти стојат на располагање.
Пионерска служба. Општите пионери поминуваат повеќе време во проповедање. Со обука и искуство, тие ги острат своите вештини за да можат подобро да ги поучуваат другите за Библијата.
Служење на места каде што има поголема потреба. Некои се преселуваат во места каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Други, пак, учат нов јазик и служат во собранија каде што се зборува тој јазик, па дури и се преселуваат во друга земја. *
Мисионерска служба. Квалификувани пионери што се во добра здравствена состојба се обучуваат да служат во други земји. Мисионерите водат еден навистина возбудлив и исполнет живот.
Бетелска служба. Членовите на бетелското семејство служат во подружниците на Јеховините сведоци. Во некои земји, нивната работа вклучува да помагаат во подготовката, печатењето и доставувањето на библиската литература.
Меѓународна служба. Меѓународните слуги патуваат во други земји за да помогнат во изградбата на Сали на Царството, Конгресни сали и бетелски објекти.
Школа за организациско оспособување. Квалификувани неженети старешини и слуги-помошници добиваат обука за организациски работи и јавно говорење. Некои од оние што ја завршуваат оваа школа се доделени да служат во некоја странска земја.
Планирај однапред
Полновремената служба е убава цел и носи безброј благослови. Но, треба да се планира однапред. На пример, прашај се: ‚Какви способности и вештини имам што би ми помогнале да се издржувам себеси?‘
Кели си имала зацртано да стане пионер, па затоа однапред испланирала каква работа ќе бара.
„Морав да изберам нешто што ќе ми помогне да се издржувам во службата“, вели таа.Кели се запишала во средно стручно училиште. Тоа ѝ помогнало да ја оствари својата главна цел. „Сакав да служам полновремено“, вели таа. „Сѐ друго ми беше помалку важно.“ Кели е среќна што донела таква одлука. „Мислам дека тоа е најдобрата одлука што можев да ја донесам“, вели сега.
Побарај совет
Ако патуваш низ непознат крај, веројатно ќе има моменти кога ќе треба да застанеш и да прашаш некого за правец. Истото можеш да го сториш и кога правиш планови за својата иднина. Побарај совет од другите. Во Изреки 20:18 пишува: „Успешни замисли настануваат со советување“.
Родителите можат многу да ти помогнат. Но, можеш да побараш совет и од други зрели христијани кои во својот живот се раководат од Божјата мудрост. „Учи од оние возрасни што се добар пример во твоето или во некое од околните собранија“, вели Роберто, кој е во своите 20-ти години и служи во Бетел.
Повеќе од кој и да било друг, Јехова Бог сака да ти помогне да донесеш одлуки во животот што ќе те направат најсреќен. Затоа, моли го да ти помогне ‚да разбереш што е неговата волја‘ во врска со твојата иднина (Ефешаните 5:17). Во секој момент од твојот живот, следи го советот од Изреки 3:5, 6, каде што вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“.
Нешто повеќе ќе научиш од DVD-то „Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот?“ Ова DVD го има на преку 30 јазици.
[Фуснота]
^ Види ја рамката на 164. страница.
КЛУЧЕН СТИХ
„,Испитајте ме...‘, вели Јехова над војските, ‚зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов додека не биде доста?‘“ (Малахија 3:10)
ПРЕДЛОГ
Разговарај со некои што веќе долги години се во полновремена служба. Дознај зошто избрале таква служба и какви благослови доживеале.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Струјата овозможува еден електричен апарат да работи. Слично, Божјиот свет дух може да те поттикне да направиш многу во службата за него (Дела 1:8).
ПЛАН!
За да уживам повеќе во службата, ќе зборувам со ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Какви способности и вештини имаш?
● Како можеш да ги користиш своите способности за да му донесеш фалба на Јехова?
● Која гранка на полновремена служба спомната во ова поглавје најмногу те привлекува?
[Истакната мисла на страница 313]
››Им се восхитувам на моите родители. Нивната истрајна ревност во службата, начинот на кој ги надминуваат финансиските тешкотии и охрабрувањето што ми го дадоа да служам полновремено многу добро влијаеја врз мене‹‹ (Џеред)
[Рамка на страница 314]
Прашалник
Моите цели
Штиклирај кои цели би сакал да си ги поставиш. На празното место напиши што планираш во врска со секоја од наведените цели или напиши други.
Цели поврзани со службата
□ Да ја зголемам службата на ․․․․․ часови месечно
□ Да давам ․․․․․ публикации секој месец
□ Да ја користам Библијата кога зборувам за мојата вера
□ Да направам по ․․․․․ повторни посети секој месец
□ Да започнам библиска студија
Други цели: ․․․․․
Цели поврзани со проучувањето
□ Да прочитам по ․․․․․ страници од Библијата секој ден
□ Да се подготвувам за седмичните состаноци
□ Да истражувам за следниве библиски теми: ․․․․․
Цели поврзани со собранието
□ Да коментирам најмалку еднаш на секој состанок
□ Да поразговарам со некој од постарите што сакам да го запознаам подобро
□ Да посетам некој постар или болен член на собранието
Други цели: ․․․․․
Денешен датум ․․․․․
По шест месеци провери до каде си со своите цели. Доколку треба, смени ги или додај уште некои.
[Слика на страница 312]
Кога имаш цели, нема да си ја трошиш силата без да постигнеш ништо