Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да заработам пари?

Како да заработам пари?

ПОГЛАВЈЕ 18

Како да заработам пари?

„Сакам пари за да си купам кола“ (Серџо).

„Уживам да купувам“ (Лора-Ен).

„Има некои работи што се навистина многу убави, и би сакал да ги имам, но моите родители не можат да ми ги купат“ (Мики).

МОЖЕБИ и ти имаш слични причини зошто сакаш да заработиш некој денар. Или, пак, сакаш да заработиш за да му помогнеш на своето семејство. Дури и ако директно не помагаш околу домашните трошоци, со тоа што сам ќе си купуваш облека или други лични работи, ќе им го олесниш на родителите притисокот околу финансиите.

Како и да е, за да си купиш работи за себе или за твоето семејство, ти требаат пари. Иако Исус ветил дека Бог ќе се грижи за оние што ‚го бараат најнапред Божјето царство‘, еден христијанин сепак треба да работи за да се грижи за себе (Матеј 6:33; Дела 18:1-3; 2. Солуњаните 3:10). Па, како можеш да заработиш пари? Што е уште поважно, како можеш да задржиш урамнотежен став кон парите?

Како да најдеш работа

Ако навистина ти треба нешто што чини повеќе отколку што можат да си дозволат твоите родители, можеби ќе можеш да најдеш работа за да заработиш доволно за самиот да си го купиш. Зборувај со родителите за тоа. Можеби многу ќе им се допадне тоа што сакаш да најдеш работа. Ако тие се согласат и ако е законски да работиш, еве четири предлози што ќе ти помогнат да најдеш работа.

Пушти глас дека бараш работа. Кажи им на соседите, наставниците и роднините дека бараш работа. Ако ти е незгодно да ги прашаш директно, едноставно прашај ги што работеле тие кога биле на твои години. Колку повеќе луѓе знаат дека бараш работа, толку поголема е веројатноста да чуеш за некое работно место.

Пријави се секаде каде што бараат работници. Одговарај на огласи во весниците, на Интернет, на излозите во продавниците, во училиште и на други јавни места. „Јас така најдов работа“, вели младиот Давид. „Побарав огласи во весникот, пратив своја кратка биографија до фирмите и потоа им се јавив по телефон.“ Ако ова не функционира, можеби би можел самиот да одиш и да понудиш некои услуги.

Напиши и остави кратка биографија. На лист хартија, напиши како може да се стапи во контакт со тебе и наведи ги своите вештини и работно искуство. Мислиш дека немаш што да напишеш? Размисли повторно. Дали некогаш си го чувал помалото братче или сестриче кога твоите родители не биле дома, или можеби си чувал некое друго дете? Тоа покажува дека си одговорна личност. Си му помагал ли на татко ти да го поправи автомобилот? Тоа покажува дека си добар за поправки. Знаеш ли да чукаш и да работиш на компјутер? Или можеби си добил висока оценка на училиште за некој креативен проект? Тоа се добри карактеристики што ќе бидат плус за тебе кај можните работодавци. Запиши ги во својата кратка биографија. Остави ја кај можните работодавци и замоли ги пријателите и роднините да ја дадат на секој за кого чуле дека бара работници.

Работи за себе. Размисли за твоето соседство. Дали се потребни некои производи и услуги што никој друг не ги нуди? На пример, да речеме дека сакаш животни. Би можел да им понудиш на соседите да им ги капеш или потстрижуваш миленичињата за одредена цена. Или можеби свириш на некој инструмент. Би можел ли да поучуваш некого да свири? Би можел да работиш и нешто што обично другите не сакаат да го прават, на пример, да бришеш прозорци или да чистиш. На христијаните не им е срам да работат физичка работа (Ефешаните 4:28). Се разбира, ако работиш за себе, треба да бидеш мотивиран, дисциплиниран и спремен да преземеш иницијатива.

Едно предупредување: Не започнувај свој бизнис пред да ги земеш предвид сите фактори и трошоци (Лука 14:28-30). Прво зборувај со своите родители. Исто така, зборувај со други што работеле нешто слично. Ќе треба ли да плаќаш данок? Ќе треба ли да добиеш некаква дозвола? Распрашај се за детални информации кај локалните власти (Римјаните 13:1).

Биди урамнотежен

Замисли си дека возиш велосипед и истовремено во рацете имаш повеќе работи, на пример, училишна чанта, топка и ќеси со производи од пазар. Колку повеќе предмети се обидуваш да носиш, толку потешко е да одржуваш рамнотежа. Истото би било и ако прифатиш работа која бара од тебе повеќе отколку што можеш да дадеш. Ако трошиш премногу време, сила и внимание на работата, може да страдаат твоето здравје и оценките на училиште. Што е уште поважно, поради напорната работа може да ти биде тешко да одиш на состаноци, да ја проучуваш Библијата и да одиш во служба. Младата Михаела признава: „Пропуштав состаноци затоа што бев уморна после цел ден на училиште и на работа“.

Не дозволувај желбата да заработиш да ти стане најважното нешто во животот! Исус рекол дека вистински среќни се „оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Исто така рекол: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Една млада христијанка по име Марина го послушала овој совет. „Не сакам да се преокупирам со чисто материјалистички цели“, вели таа. „Многу добро знам дека цената што ќе треба да ја платам за тоа ќе биде мојот однос со Бог.“

Точно, во некои делови од светот младите немаат избор и мораат да работат долги часови за да му помагаат на семејството. Но, ако ти не си во таква ситуација, зошто да ја изгубиш рамнотежата? Речиси сите стручњаци сметаат дека е претерано ако некој, додека уште оди на училиште, работи повеќе од 20 часа седмично, и дека тоа му донесува повеќе штета отколку корист. Некои препорачуваат да се работи најмногу од осум до десет часови седмично. Мудриот цар Соломон рекол: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6).

Запамти, „примамливото богатство“ може да го задуши твојот интерес за духовни работи (Марко 4:19). Затоа, ако сепак работиш по часовите за да заработиш некој денар, организирај си го времето така што ќе ги ставиш духовните работи на прво место. Моли му се на Јехова Бог во врска со тоа. Тој може да ти даде сила да ги издржиш притисоците и може да ти помогне да задржиш духовна рамнотежа.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 21

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали ти ги контролираш парите или тие те контролираат тебе? Дознај како ти да ги држиш конците.

КЛУЧЕН СТИХ

„Мрзливецот е полн со желби, но неговата душа нема ништо, а душата на трудољубивите ќе се насити“ (Изреки 13:4)

ПРЕДЛОГ

Прати им ја својата кратка биографија и на оние фирми што не распишале конкурс за некое работно место.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Во некои места, дури за 85 отсто од слободните работни места нема огласи.

ПЛАН!

За да имам поголеми шанси да најдам работа, ќе ․․․․․

Ќе барам работа со работно време од максимум ․․․․․ часови седмично.

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто сакаш да заработиш пари?

● На какви проблеми ќе наидеш ако се вработиш?

● Како да задржиш рамнотежа во врска со парите?

[Истакната мисла на страница 153]

››Ако среќата секогаш ти зависи од тоа што го поседуваш, никогаш нема да бидеш среќен. Секогаш ќе има нешто ново што ќе го посакуваш. Треба да научиш да бидеш среќен со она што го имаш‹‹ (Јонатан)

[Рамка на страница 155]

Цени ги парите, но немој да ги сакаш

Во рацете на еден вешт готвач, остриот нож е корисна алатка. Но, ако со истиот нож ракува некој што не е искусен или внимателен, може да направи сериозна штета. Парите се како остар нож. Ако ракуваш вешто со нив, ќе бидат корисна алатка. Но, ако не си внимателен, може да се повредиш! На пример, апостол Павле предупредил колку е опасно да почнеме да ги сакаме парите. Сакајќи да се збогатат, некои ги жртвуваат пријателствата, семејните врски, па дури и својот однос со Бог. Како последица од тоа, ‚си нанесуваат многу маки‘ (1. Тимотеј 6:9, 10). Што учиме од ова? Научи вешто да ракуваш со парите. Цени ги, но немој да ги сакаш!

[Слика на страница 153]

Ако си натовариш премногу одговорности, може да ти биде тешко да одржуваш рамнотежа