Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како паметно да ги трошам парите?

Како паметно да ги трошам парите?

ПОГЛАВЈЕ 19

Како паметно да ги трошам парите?

Колку често мислиш дека немаш доволно пари?

□ Никогаш

□ Понекогаш

□ Често

Колку често купуваш работи што не можеш да си ги дозволиш?

□ Никогаш

□ Понекогаш

□ Често

Колку често купуваш нешто само затоа што е на попуст?

□ Никогаш

□ Понекогаш

□ Често

ТИ СЕ ЧИНИ ЛИ дека никогаш не ти стигнуваат пари? Кога само би имал малку повеќе пари, би можел да си го купиш мобилниот што го сакаш. Кога платата би ти била само малку поголема, би можела да си ги купиш чевлите што „ти требаат“. Или можеби си на иста мака како Џоана, која вели: „Понекогаш пријателите ме викаат да одиме некаде или да правиме нешто што е доста скапо. Сакам да сум со нив и да си поминам убаво. Никој не сака да каже: ‚Извинете, ама немам толку пари за да дојдам со вас‘“.

Но, наместо да се нервираш затоа што немаш пари, зошто не научиш да се контролираш како ги трошиш парите што, сепак, ти минуваат низ раце? Би можел да чекаш да излезеш од дома, па потоа да научиш како да раководиш со парите. Но, дали би скокнал од авион без претходно да научиш како се користи падобран? Се разбира, додека забрзано паѓаш надолу, можеби некако ќе сфатиш како треба да го отвориш. Но, колку подобро би било да си ги научел основните работи за тоа како се користи падобран уште пред да скокнеш!

На сличен начин, најдобро би било да научиш како мудро да ги трошиш парите уште додека живееш со твоите, пред да мораш самиот да се грижиш за своите финансии. Цар Соломон напишал: „Парите се заштита“ (Проповедник 7:12). Но, тие ќе те заштитат само ако научиш како исправно да ги трошиш. На тој начин ќе си ја зголемиш самодовербата, а родителите уште повеќе ќе те ценат.

Научи ги основните работи

Дали некогаш си ги прашал родителите што сѐ е вклучено во давачките на семејството? На пример, знаеш ли колку плаќате секој месец за струја, греење и вода, и колку пари трошите за автомобилот, за храна или за кирија? Не заборавај дека и ти правиш дел од тој трошок — и ако излезеш од дома, ти ќе треба да плаќаш за тие работи. Затоа не е лошо да знаеш колкави отприлика би ти биле сметките. Замоли ги родителите да ти покажат некои од сметките и слушај ги внимателно додека ти објаснуваат како одвојуваат пари за нив.

„Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи, и разумниот ќе прифати мудри упатства“, вели една библиска изрека (Изреки 1:5). Ана го направила тоа и ги замолила родителите да ѝ помогнат. Таа вели: „Татко ми ме научи како да си ги распоредувам парите и ми покажа колку е важно човек да е организиран во поглед на семејните финансии“.

Освен тоа, мајка ѝ ја научила некои други работи. „Таа ми покажа колку е важно да ги разгледам цените пред да купам нешто“, вели Ана, и додава: „Мама можеше да прави чуда со малку пари“. Каква корист имала Ана од сево ова? „Сега сама водам сметка за своите пари“, вели таа. „Внимавам колку трошам и така се чувствувам растоварена и смирена бидејќи немам непотребни долгови.“

Биди свесен за опасностите

Мора да се признае, многу е полесно да се каже како да се контролира трошењето отколку да се примени во пракса, особено ако живееш дома и добиваш џепарлак или самиот заработуваш. Зошто? Затоа што најверојатно родителите ги плаќаат повеќето сметки. Така, можеби голем дел од парите можеш да си ги трошиш како што сакаш. А може навистина да биде забавно да се трошат пари.

Но, може да се појави проблем ако пријателите ти вршат притисок да трошиш повеќе отколку што можеш да си дозволиш. Елена (21) вели: „За моите врсници, шопингот е главен облик на забава. Кога излегувам со нив, важи едно непишано правило — мораш да трошиш ако сакаш да се забавуваш“.

Сосема е нормално да сакаш да бидеш прифатен од друштвото. Но прашај се: ‚Дали трошам пари со нив затоа што можам да си дозволам или затоа што мислам дека морам да го правам тоа?‘ Многу луѓе трошат пари за да си го подигнат рејтингот кај другите. Сакаат да ги импресионираат луѓето со она што го имаат а не со тоа какви личности се. Ова може да ти донесе сериозни финансиски проблеми, особено ако имаш кредитна картичка. Што да направиш за да го спречиш тоа?

Научи да се контролираш

Наместо да ја испразниш картичката до последна пара, или да си ја потрошиш целата плата на едно излегување, зошто не го направиш она што го советува Елена? Таа вели: „Кога излегувам со пријателите, однапред планирам и одлучувам колку ќе потрошам. Платата веднаш ми оди на банковна сметка, и вадам од сметката само толку колку што ми треба за тоа излегување. Исто така, увидов дека е добро да одам на шопинг само со оние пријатели што внимаваат како ги трошат парите и што ме поттикнуваат да разгледам на повеќе места, а не да го купам првото нешто што ќе го видам“.

Еве уште некои предлози што можат да ти помогнат ако имаш кредитна картичка.

● Запишувај си за што си потрошил пари и внимателно проверувај ги месечните извештаи за да бидеш сигурен дека ти се ставени на сметка трошоците што навистина си ги направил.

● Редовно плаќај ги сметките за картичката. Ако е можно, плаќај ја целата сума.

● Биди многу претпазлив кога треба по телефон или на Интернет да го дадеш бројот на твојата кредитна картичка и датумот на важење.

● Труди се да не ја користиш картичката за набрзина да дојдеш до готовина. Ако вадиш готовина, обично има поголема камата.

● Никогаш не ја давај картичката назаем, дури ни на пријател.

Но, зарем твоите проблеми со трошењето не би се решиле кога едноставно би имал повеќе пари? Тешко! Да земеме еден пример: Ако возиш и изгубиш контрола над автомобилот или ако имаш навика да возиш со затворени очи, дали со тоа што ќе ставиш повеќе гориво во резервоарот ќе има поголема веројатност да стигнеш без проблеми онаму каде што си тргнал? Слично на ова, ако не научиш да се контролираш кога трошиш, нема да си ја подобриш ситуацијата, макар и да заработуваш повеќе.

Можеби мислиш дека ти веќе знаеш да се контролираш како ги трошиш парите. Но, запрашај се: ‚Колку пари потрошив минатиот месец? На што ги потрошив?‘ Не си сигурен? Еве како можеш да преземеш контрола над парите што ги трошиш, пред трошењето да преземе контрола над тебе.

1. Води евиденција. Барем во текот на еден месец, запишувај колку пари си добил и датумот кога си ги добил. Запиши што си купил и колку си платил за тоа. На крајот од месецот, пресметај колку пари вкупно си добил и колку си потрошил.

2. Направи си план. Види ја  табелата на 163. страница. Во првата колона, запиши ја сумата што очекуваш да ја добиеш за тој месец. Во втората колона напиши колку и на што планираш да потрошиш пари — од помош ќе ти бидат работите што ги запиша при 1. чекор. Како што одминува месецот, во третата колона запишувај колку пари точно си потрошил на секоја од планираните работи. Исто така, запиши и колку пари си дал за непланирани работи.

3. Смени ги навиките. Ако за некои работи трошиш повеќе од она што си планирал и ако ти се трупаат долгови, смени ги навиките на трошење. Исплати ги долговите. Контролирај се колку трошиш.

Парите можат да бидат корисна алатка доколку се користат исправно. Всушност, за повеќето луѓе, заработувањето и распоредувањето на парите се важен дел од животот. Но, труди се да бидеш урамнотежен. „Парите си имаат свое место во животот, но тие не се сѐ“, вели младиот Матеј. „Парите никогаш не треба да ни бидат поважни од семејството или од Јехова.“

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Дали твоето семејство е сиромашно? Како да го извлечеш максимумот од твојата ситуација?

КЛУЧЕН СТИХ

„Парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“ (Проповедник 7:12)

ПРЕДЛОГ

Пред да пазаруваш, направи си список што треба да купиш. Понеси само толку пари колку што е потребно, и купи ги само оние работи што ти се на списокот.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Ако на кредитната картичка имаш неплатен долг од 2.000 €, со каматна стапка од 18,5 отсто и минимална месечна отплата, би ти биле потребни 11 години за да ја исплатиш главницата и плус 1.934 € камата.

ПЛАН!

Можам да се контролирам колку трошам така што ․․․․․

Пред да купам нешто со кредитна картичка, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто треба да научиш мудро да ги трошиш парите уште додека живееш со родителите?

● Зошто може да ти биде тешко мудро да ги трошиш парите?

● Како можеш да ги користиш своите пари за да им помагаш на другите?

[Истакната мисла на страница 162]

››Кога ќе си одредам колку да потрошам, повеќе штедам. Не купувам работи што не ми требаат‹‹ (Леа)

[Рамка на страница 158]

И парите зборуваат

На што ги трошиш парите? Ако редовно трошиш пари за да им помагаш на другите, тогаш твоите пари — не само твоите зборови — кажуваат дека вистински си заинтересиран за другите (Јаков 2:14-17). Кога редовно даваш пари за да го поддржуваш вистинското обожавање, ‚му искажуваш чест на Јехова со својот имот‘ (Изреки 3:9). Од друга страна, ако секогаш ги трошиш парите само за своите потреби и желби, што кажува тоа за тебе?

[Табела/слики на страница 163]

 Прашалник

Месечен план

Копирај!

Примања

ЏЕПАРЛАК

РАБОТА

ДРУГО

Вкупно:

․․․․․ ден.

Планирани трошоци

ХРАНА

․․․․․

ОБЛЕКА

․․․․․

ТЕЛЕФОН

․․․․․

ЗАБАВА

․․․․․

ПРИЛОЗИ

․․․․․

ЗАШТЕДА

․․․․․

ДРУГО

․․․․․

Вкупно:

․․․․․ ден.

Потрошени пари

ХРАНА

․․․․․

ОБЛЕКА

․․․․․

ТЕЛЕФОН

․․․․․

ЗАБАВА

․․․․․

ПРИЛОЗИ

․․․․․

ЗАШТЕДА

․․․․․

ДРУГО

․․․․․

Вкупно:

․․․․․ ден.

[Слика на страница 160]

Неконтролираното трошење пари е исто како возење со врзани очи