Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ако сме сиромашни?

Што ако сме сиромашни?

ПОГЛАВЈЕ 20

Што ако сме сиромашни?

Григориј живее во Источна Европа и не може да си ги дозволи работите што ги имаат повеќето млади на Запад. Толку е разочаран од своите услови за живот што сака да се пресели во Австрија. Мислиш ли дека Григориј е сиромашен?

□ Да □ Не

Илјадници километри од него, во мала колипка во едно селце во јужна Африка, живее Лоизо со семејството. Тој им завидува на младите во градот затоа што уживаат во прекрасен „луксуз“ — имаат водовод и струја. Би рекол ли дека Лоизо е сиромашен?

□ Да □ Не

ОЧИГЛЕДНО, „сиромашен“ е релативен поим и има различни значења во различни земји. На пример, можеби Григориј смета дека тој е сиромашен, но во споредба со Лоизо, живее во луксуз. Отрезнува помислата дека, колку и да си сиромашен, веројатно има луѓе што се во уште полоша состојба. Сепак, кога немаш пристојна облека за на училиште или кога немаш основни работи, како што е вода во куќата, баш и не ти е некоја утеха ако ти кажат дека други имаат помалку.

Некои млади што растат во сиромашни услови се чувствуваат безвредно и неважно, па се обидуваат да најдат спас во алкохолот или дрогата. Меѓутоа, сите обиди да се избега од реалноста само уште повеќе ги влошуваат работите. Оние што се оддаваат на алкохол увидуваат дека тој „каснува како змија, пушта отров како отровница“ (Изреки 23:32). Марија од Јужноафриканската Република расте со еден родител и живее доста сиромашно. Таа вели: „Ако се обидуваш да избегаш од реалноста, наместо да ги решиш проблемите, само ќе си направиш уште повеќе проблеми“.

Можеби нема да бараш излез во алкохолот или дрогата, но можеби не гледаш ни реални шанси да ти се подобри ситуацијата. Каде да побараш помош? Мудрите совети од Библијата можат да бидат како еден клуч што ќе те ослободи од прангите на очајот и ќе ти помогне да имаш исправен став. Да видиме како.

Цени го она што го имаш

Еден важен чекор е да не се концентрираш на она што го немаш, туку на она што го имаш. На пример, да имаш дом и семејство што те сака сигурно вреди повеќе од пари! Една библиска изрека вели: „Подобро е јадење од зеленчук таму каде што има љубов отколку згоен јунец таму каде што има омраза“ (Изреки 15:17). Младите христијани имаат нешто што е од особена вредност — поддршката од „сите браќа“ (1. Петрово 2:17).

Исто така, би можел да се обидеш да гледаш на своите материјални поседи пооптимистично. Точно, можеби живееш во едноставен, па дури и примитивен дом. Можеби носиш стара, износена или крпена облека. И можеби би сакал да имаш малку поразновидна храна. Но, дали ти треба луксузен дом и облека по најнова мода за да му угодиш на Бог? Дали ти требаат кулинарски специјалитети за да бидеш жив и здрав? Не. Апостол Павле научил една многу важна лекција во врска со ова. Тој знаел што значи да се биде и сиромашен и богат (Филипјаните 4:12). Што сфатил? „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).

Елдред од Јужноафриканската Република, кој израснал во сиромашно семејство, вели: „Едноставно се помиривме со тоа дека живееме со малку пари и дека не можеме да имаме сѐ што сакаме“. Тој се сеќава дека кога панталоните за училиште ќе почнеле да му се цепат од многу носење, мајка му едноставно му ги крпела — и тоа не само еднаш! „Морав да трпам малку зафркавање“, признава Елдред. „Но, важно облеката ни беше чиста и функционална.“

Изгради самопочитување

Џејмс (11) живеел со мајка му и сестра му во дива населба со трошни куќарки во близината на Јоханесбург. Во материјален поглед немале речиси ништо. Меѓутоа, Џејмс имал нешто многу вредно — време и сила кои сакал да ги користи за да им помага на другите. Секој викенд се нудел да помага во изградбата на една Сала на Царството на Јеховините сведоци. Со оваа работа не само што си го исполнувал времето, кое инаку би го минувал досадувајќи се, туку и стекнал поголемо самопочитување и чувство дека постигнал нешто. „Кога цел ден сум работел на изградбата, на крајот од денот имам длабоко чувство на исполнетост!“ вели тој.

Друга корисна активност е ширењето на библиската вистина од куќа до куќа (Матеј 24:14). Многу млади Јеховини сведоци редовно учествуваат во тоа. На тој начин им влеваат на другите надеж за подобар живот во иднина, а и самите тие градат поголемо самопочитување. Точно, од тоа не заработуваат. Но, сети се каква порака имал Исус до христијаните во собранието во древна Смирна. Во материјален поглед тие биле доста сиромашни. Сепак, бидејќи му биле длабоко оддадени на Бог, Исус можел да им рече: „Ја знам твојата неволја и сиромаштвото — но ти си богат“. На крајот, оние што ја покажале својата вера во Исусовата пролеана крв станале неизмерно богати со тоа што добиле бесмртен живот (Откровение 2:9, 10).

Гледај напред

Можеш да имаш близок однос со Јехова без разлика дали си богат или сиромашен. Библијата вели: „Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг. И двајцата ги создал Јехова“ (Изреки 22:2). Овој факт им помогнал на илјадници млади Сведоци на Јехова да научат да живеат со сиромаштијата. Ним им е јасно дека среќата не зависи од материјалните работи, туку од пријателството со Јехова Бог, кој ги прифаќа сите што сакаат да му служат. Бог им дава надеж за живот во идниот нов свет во кој нема да има сиромаштија (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4).

Но дотогаш, користи го мудро она што го имаш. Сврти се кон иднината. Собирај си духовно богатство (Матеј 6:19-21). Гледај на сиромаштијата како на проблем со кој можеш да излезеш на крај!

КЛУЧЕН СТИХ

„Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15)

ПРЕДЛОГ

Немој да се коцкаш и да пушиш. Немој да пиеш прекумерно. Ако некој друг во семејството го прави тоа, дај му пример со своето однесување.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Ако живееш според библиските начела, ќе можеш да бидеш задоволен сеедно во какви услови живееш (Филипјаните 4:12, 13; 1. Тимотеј 6:8; Евреите 13:5).

ПЛАН!

Убави работи што ги имам се ․․․․․

Ќе ги користам овие убави работи за да им помагам на другите, така што ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто зборот „сиромашен“ е релативен поим?

● Зошто не е мудро да се користи дрога, алкохол и слично за да се избега од реалноста?

● Кои практични чекори можеш да ги преземеш за да се справиш со сиромаштијата?

[Истакната мисла на страница 168]

››Иако се чувствував притиснат од сиромаштијата, сфатив дека ни најмалку нема да си помогнам ако се приклучам на некоја банда или ако крадам. Денес, мнозина од моите врсници се црни овци во општеството или робови на алкохолот и дрогата или, пак, се во затвор‹‹ (Џорџ)

[Рамка/слики на страница 164]

Прашалник

Дали да се преселам во друга земја?

Некои млади сакаат да живеат во друга земја за да заработат пари, или за себе или за да му помогнат на своето семејство. Други се селат за да научат странски јазик, за да продолжат со образованието или за да избегаат од проблемите што ги имаат дома. Некои млади христијани се преселиле во земји каде што има потреба од проповедници. Преселбата во друга земја е сериозна одлука за која треба добро да се размисли. Затоа, ако се мислиш дали да заминеш во друга земја или не, прочитај ги и размислувај за стиховите што се наведени подолу. Постави си ги прашањата и запиши ги своите одговори на лист хартија. Потоа моли се и донеси одлука.

□ Кои законски барања се вклучени? (Римјаните 13:1)

□ Колку ќе ме чини да се преселам? (Лука 14:28)

□ Дали од она што го правам сега се гледа дека ќе можам да се грижам за своите физички потреби кога ќе се преселам? (Изреки 13:4)

□ Што ме советуваат зрелите луѓе што знаат како е да се живее во странство? (Изреки 1:5)

□ Што мислат моите родители за таа идеја? (Изреки 23:22)

□ Од кој мотив сакам да се преселам? (Галатите 6:7, 8)

□ Ако живеам со други, дали ќе ме поттикнуваат да задржам добри духовни навики? (Изреки 13:20)

□ Со какви опасности за моето морално, физичко и духовно здравје може да се соочам? (Изреки 5:3, 4; 27:12; 1. Тимотеј 6:9, 10)

□ Реално гледано, каква корист очекувам да имам од тоа што ќе живеам во странство? (Изреки 14:15)

[Слика на страница 167]

Советите од Библијата се како клуч што може да те ослободи од прангите на очајот