Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пријатели преку Интернет — да или не?

Пријатели преку Интернет — да или не?

ПОГЛАВЈЕ 11

Пријатели преку Интернет — да или не?

Како сакаш повеќе да комуницираш?

□ Лице в лице

□ Преку телефон

□ Преку компјутер

Со кого ти е најлесно да комуницираш?

□ Соучениците

□ Семејството

□ Сохристијаните

Каде ти е најлесно да комуницираш?

□ На училиште

□ Дома

□ На собраниските состаноци

КАКО одговори на првото прашање? Дали означи дека повеќе сакаш да комуницираш преку компјутер отколку лице в лице? Е па, не си единствениот. Голем број млади користат Интернет за да склопат и да одржуваат пријателства. Елена вели: „Мислата дека можеш да запознаеш луѓе од целиот свет — луѓе кои инаку никогаш не би ги запознал — е многу привлечна“. Тамара (19) додава уште една причина. „Имаш контрола над тоа како ќе те гледаат луѓето“, вели таа. „Кога зборуваш лице в лице со нив, ако не им се допаѓаш, ништо не можеш да сториш во врска со тоа.“

Сега врати се на одговорите што ги даде за второто и третото прашање. Немој да се изненадиш ако ти е полесно да комуницираш со соучениците отколку со соверниците на собраниските состаноци. „На училиште, многу полесно можеш да најдеш луѓе што минуваат низ истите работи како тебе“, вели Јасмина (18). „Поради тоа, може да ти станат попријатни.“

Земајќи го предвид сето ова, можеби ти изгледа сосема нормално да комуницираш со децата од училиште преку Интернет. Тамара признава дека едно време и таа го правела тоа. „Сите деца од училиште комуницираат преку Интернет, па не сакав јас да бидам поинаква“, вели таа. * Натали (20) си отворила веб-страница за да може да остане во контакт со пријателите. „Технологијата оди напред“, вели Натали. „Има сѐ понови форми на комуникација. Интернет е една од нив, и многу ми се допаѓа.“

Да се проценат опасностите

Точно е дека на некои им е полесно да склопуваат и да одржуваат пријателства на Интернет. „Интернет ти дава самодоверба каква што инаку не би имал“, вели Натали. Тамара се согласува со неа. Таа вели: „Ако си срамежлив, Интернет ти дава шанса да испланираш што точно ќе кажеш“.

Но, комуникацијата преку Интернет носи и опасности, и би било неразумно од твоја страна да ги игнорираш. На пример, би одел ли со врзани очи по улиците во некој опасен дел од градот? Токму тоа го правиш ако користиш Интернет, а ги затвораш очите пред опасностите.

Размисли колку е опасно да бараш пријатели преку Интернет. „Многу лесно можеш да запознаеш нечесни луѓе“, вели Елена, која едно време уживала да комуницира на Интернет со непознати. Таа уште вели: „Понекогаш, само по неколку минути муабет, некој ќе почне да зборува вулгарно или да поставува прашања од типот: ‚Девица ли си? Практикуваш ли орален секс?‘ Некои дури и нудат секс на Интернет“.

Но, што ако зборуваш со некој што добро го познаваш? Дури и тогаш треба да бидеш претпазлив. „Би можел да минуваш премногу време зборувајќи со некого од спротивниот пол, дури и ако тој ти е ‚само пријател‘“, вели Јана. „Колку повеќе време минуваш праќајќи си пораки со тој човек, толку поблиски станувате и има шанса разговорите да ви станат многу поинтимни.“

„Оние што прикриваат какви се“

Цар Давид добро знаел колку треба да се чуваме од лоши пријатели. Тој напишал: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4).

Додека си бил на Интернет, дали си наишол на луѓе какви што спомнал Давид? Кога луѓето на Интернет „прикриваат какви се“?

Од друга страна, можеби ти прикриваш каков си кога си на Интернет. „Ќе почнев да зборувам со луѓето и потоа се претставував онаква каква што сакав да мислат дека сум“, вели Абигаил, која посетувала чет-соби.

Една девојка по име Лина се служела со друг вид измама. Таа раскажува: „Редовно комуницирав на Интернет со едно момче од другото собрание. Наскоро почнавме да си изразуваме ‚љубов‘. Кога родителите ќе дојдеа, јас веднаш ја тргав таа страница од екранот, и така тие немаа поим што се случува. Мислам дека не ни сонуваа оти нивната 13-годишна ќерка би му пишувала љубовни песни на 14-годишно момче. Такво нешто не им паѓаше ни на крај памет“.

Заштити се

Се разбира, има прилики кога е сосема на место да комуницираш преку Интернет. На пример, многу луѓе — и млади и возрасни — користат Интернет за да одржуваат контакти со своите пријатели. Ако и ти го правиш тоа, преземаш ли некои мерки на претпазливост? Еве неколку предлози.

Проверувај колку време поминуваш на Интернет, и не дозволувај тоа да ти го скрати времето за поважните работи — во кои спаѓа и спиењето. „Некои деца на училиште кажуваат дека остануваат на Интернет до 3 часот наутро“, вели младиот Брајан (Ефешаните 5:15, 16).

Комуницирај само со луѓе што ги познаваш или чиј идентитет можеш да го потврдиш. Некои луѓе со нечесни намери постојано пребаруваат по Интернет за да си поигруваат со наивни тинејџери (Римјаните 16:18).

Биди претпазлив кога влегуваш во деловни зделки преку Интернет. Многу внимавај кога даваш лични информации. Инаку, би можел да бидеш жртва на измама — или на нешто уште полошо (Матеј 10:16).

Кога им испраќаш свои фотографии на пријателите, прашај се: ‚Дали од сликата се гледа дека сум некој што тврди дека му служи на Бог?‘ (Тит 2:7, 8).

Како и при разговор лице в лице, ако разговорот на Интернет се сврти на нешто „што е непристојно“, веднаш прекини го (Ефешаните 5:3, 4).

Секогаш биди искрен за тоа како користиш Интернет. Ако пред родителите мораш ‚да прикриваш каков си‘, тогаш нешто не е во ред. „Многу сум отворена со мајка ми“, вели младата Каролина. „Ѝ покажувам што правам на Интернет“ (Евреите 13:18).

„Чекањето ќе ти се исплати!“

Ти сакаш да имаш пријатели, и тоа е сосем нормално. Луѓето се создадени да се радуваат на дружењето (1. Мојсеева 2:18). Затоа, ако чувствуваш потреба да имаш пријатели, тоа е во склад со начинот на кој си создаден! Само внимавај какви пријатели ќе избереш.

Биди сигурен дека најдобри пријатели ќе си најдеш ако ги избираш според мерилата од Божјата реч. Една 15-годишна девојка вели: „Тешко е да најдеш пријатели кои го сакаат Јехова и кои те сакаат тебе. Но, кога ќе ги најдеш, чекањето ќе ти се исплати!“

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Кој вели дека зборовите не можат да повредат? Оговарањето може да прободе како меч. Што можеш да направиш за да ги прекинеш оговарањата?

[Фуснота]

^ Во врска со школските другари подетално ќе зборуваме во 17. поглавје.

КЛУЧЕН СТИХ

„Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4)

ПРЕДЛОГ

Времето просто лета кога си на Интернет! Затоа, одреди си колку време ќе минуваш на Интернет и држи се за тоа. Ако треба, намести да ти ѕвони аларм кога ќе ти истече времето.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Доволно е преку Интернет да дадеш само неколку детали — на пример, твоето презиме, училиште и телефонски број — кои ќе му помогнат на некој со лоши намери да те најде.

ПЛАН!

Сакам да го ограничам времето што го минувам на Интернет на ․․․․․ часови седмично, а за да го постигнам тоа, ќе ․․․․․

Ако некој непознат почне да зборува со мене на Интернет, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Во споредба со разговорот лице в лице, кои се позитивните а кои негативните страни на комуникацијата преку Интернет?

● Зошто на Интернет е лесно да глумиш нешто што не си?

● Како можеш да контролираш колку време трошиш на Интернет?

● Во кои случаи може да ни користи комуникацијата преку Интернет?

[Истакната мисла на страница 103]

››На Интернет не комуницирам со некој што не го познавам или со некој со кого инаку не би се дружела‹‹ (Јана)

[Слика на страници 100 и 101]

Би одел ли со врзани очи по улиците во некој опасен дел од градот? Токму тоа го правиш ако користиш Интернет, а ги затвораш очите пред опасностите