Што се случува со моето тело?
ПОГЛАВЈЕ 6
Што се случува со моето тело?
„Многу брзо се извишив, па затоа имав доста болки. Ми беше интересно што станував сѐ повисок, но често имав грчеви во нозете и во стапалата. Тоа ми одеше на живци!“ (Пол).
„Свесна си дека телото ти се менува, но се надеваш дека никој не забележува. И тогаш некој добронамерно ќе ти рече дека си стасала за мажење, а ти пропаѓаш в земја!“ (Силвија).
ДАЛИ некогаш си се преселил во друго место? Промената не беше лесна, нели? Мораше да оставиш сѐ на што беше навикнат — куќата, училиштето, пријателите. Веројатно ти требаше некое време да се навикнеш на новата средина.
Кога влегуваш во пубертет — оној дел од животот кога физички созреваш —
те чекаат некои од најголемите промени во животот. Тоа е како да се селиш во сосема ново место. Возбудливо е? Апсолутно! Но, преминот од дете во возрасна личност може да создаде кај тебе испомешани чувства, и можеби нема да ти биде баш лесно да се навикнеш на промените. Што се случува во овој интересен, но бурен период од твојот живот?Само за девојчињата
Пубертетот е време на драстични промени. Некои од нив се доста видливи. На пример, под влијание на хормоните, околу половите органи почнуваат да ти растат влакна. Исто така, ќе почнат да ти се развиваат градите, колковите, бутовите и задникот. Твоето тело полека ги губи детските одлики и добива женствени облини. Но, нема зошто да се вознемируваш — тоа е сосем нормално. Тоа е доказ дека твоето тело се подготвува за раѓање!
Некое време откако ќе влезеш во пубертет, кај тебе ќе започне менструалниот циклус. Ако не си добро подготвена за оваа голема промена во животот, таа може да те уплаши. „Бев потполно затекната кога првпат добив менструација“, вели Саманта. „Се чувствував валкано. Ќе се рибав под тушот и ќе си мислев: ‚Леле, колку сум гнасна‘. Се ужасував од помислата дека со години, секој месец ќе добивам менструација.“
Но, не заборавај дека менструалниот циклус е
доказ дека кај тебе нормално се развива репродуктивната способност. Иако ќе поминат години пред да бидеш спремна да станеш родител, ти сега стануваш жена. Сепак, првите неколку месеци менструацијата може да ти направи вистинска збрка во главата. „Најстрашното нешто беа промените во расположението“, вели Кели. „Ме вадеше од кожа тоа што не ми беше јасно како може цел ден да бидам расположена, а потоа цела ноќ да се отепам од плачење.“Ако и ти се чувствуваш така, биди стрплива. Со текот на времето ќе се навикнеш. Анета (20) вели: „Се сеќавам кога конечно ја прифатив мислата дека ова ме прави жена и дека Јехова ми дал способност да раѓам. Треба време за да го прифатиш тоа, и на некои девојчиња им е навистина тешко. Но, со текот на времето, учиш како да ги прифаќаш промените“.
Дали и ти минуваш низ некои од физичките промени што ги спомнавме? Напиши што би сакала да прашаш за промените низ кои минуваш.
․․․․․
Само за момчињата
Пубертетот многу ќе се одрази врз твојот изглед. На пример, можеби честопати кожата ќе ти биде масна, поради што ќе ти излегуваат акни и мозолчиња. * „Страшно ме нервираат сите тие мозолчиња што ми излегуваат“, вели Мет (18). „Тоа е вистинска војна — постојано морам да правам нешто против нив. Не знаеш дали некогаш ќе ги снема, дали ќе ти остават белези или дали луѓето помалку ќе те почитуваат поради нив.“
Но, не е сѐ така црно. Можеби ќе забележиш дека стануваш поголем и посилен и дека рамената почнуваат да ти се шират. Исто така, во пубертет, по нозете, градите, лицето и под мишките ќе почнат да ти растат влакна. Патем речено, твојата машкост нема никаква врска со тоа колку си влакнест по телото — тоа е чисто наследна работа.
Сите делови од телото не растат со иста брзина, па затоа можеби ќе бидеш малку трапав. „Се движев исто толку грациозно колку и жирафа на ролери“, вели Даниел. „Мојот мозок најнормално ги испраќаше командите, само што до рацете и нозете стигнуваа со една седмица задоцнување!“
Во овој период гласот ти станува подлабок, но и тој процес оди постепено. Некое време, убавите, длабоки тонови може одеднаш да бидат испрекинати со понижувачки пискави звуци. Но, не се секирај. Со текот на времето, гласот ќе ти се изедначи. Во меѓувреме, ако научиш да гледаш на тоа со доза на хумор, помалку ќе ти биде срам.
Како што ти се развива репродуктивниот систем, половите органи ќе ти се зголемат и ќе почнат да ти растат влакна околу нив. Исто така, во нив ќе почне да се создава сперма. Оваа течност содржи милиони микроскопски сперматозоиди, кои се исфрлаат при сексуален однос. Еден сперматозоид може да оплоди женска јајце-клетка и да зачне бебе.
Спермата се насобира во твоето тело. Дел од неа се апсорбира, но понекогаш дел може да биде исфрлен додека спиеш. Ова обично се нарекува еротски сон. Оваа појава е сосем нормална, а спомната е дури и во Библијата (3. Мојсеева 15:16, 17). Тоа покажува дека твојот репродуктивен систем функционира нормално и дека стануваш маж.
Дали и ти минуваш низ некои од физичките промени што ги спомнавме? Напиши што би сакал да прашаш за промените низ кои минуваш.
․․․․․
Сосема нови чувства
Кога ќе почне да се развива репродуктивниот систем, и момчињата и девојчињата почнуваат поинаку да гледаат на спротивниот пол. „Кога влегов во пубертет, одеднаш станав свесен колку убави девојки има околу мене“, вели Мет. „Но, тоа беше и вистинско измачување, зашто ми беше јасно дека не можам да направам ништо во врска со тоа додека не пораснам.“ Во 29. поглавје од оваа книга подетално ќе биде разгледан овој аспект од растењето. Но, засега, треба да знаеш дека е важно да научиш да ги контролираш своите сексуални нагони (Колошаните 3:5). Колку и да ти изгледа тешко тоа, ти можеш свесно да избереш да не ги задоволиш!
Има и други чувства со кои можеби ќе мораш да се бориш во пубертетот. На пример, можеби честопати ти се случува да не се сакаш себеси. Кај младите е вообичаено да се чувствуваат осамено или да минуваат низ периоди на депресија. Во тие периоди, од помош е да разговараат со родителите или со некој друг возрасен во кого имаат доверба. Напиши со кој возрасен би можел ти да зборуваш за тоа како се чувствуваш.
․․․․․
Најважниот развој
Во најважниот развој не спаѓаат твојата висина, става или црти на лицето, туку твојот развој како личност — ментално, емоционално и, пред сѐ, духовно. Апостол Павле рекол: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11). Поуката е јасна. Не е доволно само да изгледаш како возрасен. Мораш да научиш да се однесуваш, да зборуваш и да размислуваш како возрасен. Немој да бидеш толку преокупиран со промените во твоето тело, што нема да обрнеш внимание на внатрешната личност!
Исто така, не заборавај дека Бог „го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7). Библијата вели дека цар Саул бил висок и убав, но се покажал како лош цар и човек (1. Самоилова 9:2). За разлка од него, Закхеј бил „низок по раст“, но имал внатрешна сила за да се смени и да стане ученик на Исус (Лука 19:2-10). Очигледно, најважно е каков си однатре.
Едно е сигурно: Нема безбеден начин ниту да се забрза ниту да се забави процесот на физички развој. Затоа, наместо да реагираш на промените со одбивност и страв, прифати ги најдобро што можеш — и со смисла за хумор. Пубертетот не е болест, ниту пак си првиот што минува низ него. Биди сигурен, ќе преживееш. Кога ќе поминат бурните пубертетски години, ти веќе ќе бидеш возрасен човек!
Што ако не ти се допаѓа она што го гледаш кога ќе се погледнеш во огледало? Како да имаш разумно гледиште за својот изглед?
[Фуснота]
^ И девојчињата минуваат низ истото. Овој проблем обично може да се контролира со добра нега на кожата.
КЛУЧЕН СТИХ
„Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден“ (Псалм 139:14)
ПРЕДЛОГ
Кога телото ќе почне да ти се развива, избегнувај облека која е провокативна. Секогаш облекувај се ‚скромно и разборито‘ (1. Тимотеј 2:9).
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Пубертетот може да почне уште на 8 години или дури на 14 години, па и подоцна. Оваа разлика е нормална работа.
ПЛАН!
Како што созревам, гледам дека треба да работам на некои особини. Најмногу треба да обрнам внимание на ․․․․․
За да напредувам духовно, треба ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто е толку тешко да се поднесат физичките и емоционалните промени во пубертетот?
● Која промена ти паѓа најтешко?
● Што би можело да биде причина твојата љубов кон Бог малку да олади во текот на пубертетот, но како можеш да го спречиш тоа?
[Истакната мисла на страница 61]
››Пубертетот носи многу несигурност, и никогаш не знаеш што следно ќе се смени на твоето тело. Но, како што растеш, учиш да ги прифаќаш промените, па дури и да им се радуваш‹‹ (Анета)
[Рамка на страници 63 и 64]
Како да зборувам со мама или со тато за секс?
„Кога имав прашање за сексот, не доаѓаше предвид да ги прашам родителите“ (Бети).
„Немав храброст да ја начнам таа тема“ (Денис).
Ако се чувствуваш како Бети или како Денис, на тешка мака си. Сакаш да знаеш за сексот, но луѓето кои можат да ти ги дадат одговорите можеби се последните што би ги прашал — родителите! Те мачат прашања, како:
Што ќе мислат за мене?
„Не би сакала да се сомневаат во мене само затоа што ги прашувам“ (Џесика).
„Тие сакаат вечно да останеш мало детенце, и дента кога ќе почнеш да зборуваш со нив за секс, веќе не те гледаат исто“ (Бети).
Како ќе реагираат?
„Се плашам да не си донесат некаков заклучок уште пред да завршам и да не почнат да ми држат лекции со часови“ (Глорија).
„Моите родители не знаат многу да си ги кријат чувствата, па страв ми е да не им прочитам разочарување на лицето. Всушност, татко ми веројатно нема ни да ме слуша што му зборувам, туку ќе смислува што да ми каже“ (Пам).
Да не ме сфатат погрешно?
„Може да реагираат премногу емотивно и да почнат да ме прашуваат: ‚Да не си на искушение да имаш сексуални односи?‘ или ‚Да не си под притисок од другите на училиште?‘ А можеби јас сум само љубопитна“ (Лиза).
„Секојпат кога ќе спомнам некое момче, татко ми веднаш станува сериозен и почнува да зборува со мене на тема ‚секс‘. А јас си мислам: ‚Тато, ама јас само реков дека е симпатичен. Не реков дека ќе се мажам со него или дека сакам да спијам со него!‘“ (Стејси).
Можеби ќе ти биде полесно ако знаеш дека веројатно и на твоите родители им е исто толку незгодно да зборуваат со тебе за секс колку што ти е и тебе незгодно да зборуваш со нив! Ова може да е објаснување за резултатите од една анкета според која 65 отсто од родителите кажале дека разговарале со своите деца за секс, но само 41 отсто од децата сфатиле дека родителите им зборуваат за таа тема.
Вистината е дека на твоите родители можеби не им е лесно да зборуваат за секс. Можно е дека и нивните родители не зборувале на таа тема со нив! Како и да е, имај малку повеќе разбирање за твоите родители. Зошто не собереш храброст и ти не почнеш таков разговор? Тоа ќе ти биде од корист и тебе и ним. Но, како?
Како да се почне
Твоите родители знаат многу повеќе за сексот од тебе и можат да ти дадат добри совети. Треба само да го извлечеш тоа знаење. Обиди се со следново:
1 Пристапи му на еден од родителите и отворено кажи му дека не ти е лесно да водиш таков разговор со него, но дека мораш. „Малку ми е незгодно да зборувам со тебе за ова, зашто се плашам да не помислиш...“
2 Потоа кажи му зошто сакаш да разговараш со него. „Но имам едно прашање и повеќе сакам да зборувам за тоа со тебе отколку со некој друг.“
3 Тогаш постави го прашањето. „Сакам да те прашам...“
4 На крајот од разговорот, кажи му дека и другпат би сакал да разговараш со него за слични работи. „Ако имам други прашања, може ли пак да зборувам со тебе?“
Дури и кога знаеш дека ќе ти рече ‚да‘, убаво е да го слушнеш тоа од него. Така ќе бидеш поопуштен следниот пат кога ќе треба да зборуваш со нив. Затоа, обиди се со овие предлози! Можеби по некое време и ти ќе го делиш мислењето на Тина. Таа сега има 24 години и вели: „Се сеќавам дека ми беше многу незгодно кога ги правевме тие муабети со мајка ми. Но, сега ми е мило што мајка ми беше толку отворена и директна. Тоа се покажа како вистинска заштита за мене!“
[Слика на страница 59]
Да го оставиш детството е како да се преселиш на друго место — но можеш да се приспособиш