Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да не гледам порнографија?

Зошто да не гледам порнографија?

ПОГЛАВЈЕ 33

Зошто да не гледам порнографија?

Колку често ти се случува случајно да налеташ на порнографија?

□ Никогаш

□ Ретко

□ Редовно

Каде најчесто ти се случува такво нешто?

□ На Интернет

□ На училиште

□ На ТВ

□ На други места

Како реагираш?

□ Веднаш го тргнувам погледот

□ Љубопитноста ме тера накратко да ѕирнам.

□ Гледам, па дури и барам уште.

КОГА мајка ти и татко ти биле на твои години, оние што сакале да гледаат порнографија морале малку повеќе да бараат за да ја најдат. Но, денеска изгледа како порнографијата да те бара тебе. Една 19-годишна девојка вели: „Понекогаш само пребарувам или купувам нешто на Интернет, или сакам само да си ја проверам банковната сметка, и одеднаш штрак — се отвора порнографска слика!“ Вакво нешто не се случува баш ретко. Дури 90 отсто од младите на возраст меѓу 8 и 16 години што биле опфатени во едно истражување рекле дека случајно наишле на порнографија на Интернет — најчесто додека барале нешто за на училиште!

Со оглед на тоа што ја има толку многу, можеби се прашуваш дали порнографијата е навистина толку штетна. Одговорот е ‚да‘! Порнографијата ги спушта многу ниско и оние што ја снимаат и оние што ја гледаат, а многу често е и првиот чекор што води до неморал. Но, тоа не е сѐ.

Гледањето порнографија може да премине во навика која носи долготрајни, разорни последици. На пример, размисли за Џеф, кој иако веќе 14 години не гледа порнографија, признава: „Секој ден водам борба. Сѐ уште ми се јавува желба да гледам порнографија, само што сега не е толку силна. Сѐ уште сум љубопитен. Сѐ уште се сеќавам на она што сум го гледал. Посакувам никогаш да не почнев со таа одвратна навика. На почетокот ми се чинеше дека тоа не е ништо страшно, но сега знам дека не е така. Порнографијата е штетна, изопачена и им го одзема достоинството и на оние што ја снимаат и на оние што ја гледаат. Сеедно што тврдат лицата кои пофално зборуваат за неа, порнографијата не е ни најмалку корисна“.

Преиспитај се

Како да не налеташ на порнографија, макар и случајно? Прво, проанализирај ја ситуацијата. Дали често налетуваш на порнографија на ист начин? Размисли за овие примери:

Знаеш ли некои деца од училиштето што би можеле да ти пратат порнографски слики преку имејл или преку мобилен телефон? Ако да, би било паметно да ги бришеш нивните пораки без да ги отвораш.

Кога пребаруваш на Интернет под одредени зборови, дали ненадејно ти се отвораат прозорчиња со непристојна содржина? Ако си свесен за ваквата опасност, тоа ќе ти помогне да бидеш повнимателен и поконкретен во врска со тоа какви зборови користиш кога пребаруваш.

Наброј ситуации во кои случајно си налетал на порнографија.

․․․․․

Има ли начин да ја намалиш или сосема да ја елиминираш можноста да дојде до такво нешто? Напиши што планираш да направиш.

․․․․․

Ако веќе ти преминало во навика

Една работа е случајно да налеташ на порнографија, но сосема друго е да гледаш намерно. Што ако ти станува навика да гледаш? Можеш да бидеш сигурен дека не е лесно да се остави една таква навика. Да го објасниме ова со еден пример. Да речеме дека рацете ти се врзани со еден конец. Ако само ги повлечеш рацете, би можел да го скинеш конецот. Но, што ако ти се замотани со цело клопче конец? Е, тогаш би било многу потешко да се ослободиш. Истото е и со луѓето кои имаат навика да гледаат порнографија. Колку повеќе гледаат, толку повеќе се заплеткуваат. Ако и ти си во ваква ситуација, како да се ослободиш?

Стекни исправно гледиште за порнографијата. Порнографијата не е ништо друго освен обид на Сатана да изопачи нешто што Јехова го создал да биде чисто и нерасипано. Ако вака размислуваш за порнографијата, тоа ќе ти помогне да ‚го мразиш злото‘ (Псалм 97:10).

Размисли за последиците. Порнографијата растурила многу бракови. Таа ги понижува оние што се прикажани во неа. Го изопачува оној што ја гледа. Со добра причина, Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). На линијата напиши какво зло би можело да те снајде ако редовно гледаш порнографија.

․․․․․

Вети си дека нема да гледаш. „Свечено ветив никогаш да не погледнам девојка со страст“, рекол верниот Јов (Јов 31:1, Today’s English Version). Еве некои ‚свечени ветувања‘ што би можел да си ги дадеш:

Нема да користам Интернет кога сум сам во собата.

Веднаш ќе ги затворам сите прозорчиња или страници на кои има неморални сцени.

Ако повторно почнам да гледам порнографија, ќе зборувам со некој зрел пријател.

Кои други одлуки ќе ти помогнат да не подлегнеш на искушението да гледаш порнографија? Запиши ги овде.

․․․․․

Моли се за тоа. Псалмистот го молел Јехова: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37). Јехова Бог сака да успееш и може да ти даде сила за да постапуваш исправно! (Филипјаните 4:13).

Разговарај со некого. Обично, важен чекор за да се прекине со оваа навика е да најдеш пријател со кого отворено можеш да зборуваш за сѐ (Изреки 17:17). На линијата напиши го името на една зрела личност со која ти би се чувствувал слободен да зборуваш.

․․․․․

Биди сигурен дека можеш да прекинеш со навиката да гледаш порнографија. Всушност, секогаш кога ќе одбиеш да гледаш порнографија, ти извојуваш голема победа. Кажи му на Јехова за таа победа и заблагодари му се за силата што ти ја дал. Никогаш немој да заборавиш дека тој многу се радува кога го одбиваш отровот наречен порнографија! (Изреки 27:11).

КЛУЧЕН СТИХ

„Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5)

ПРЕДЛОГ

Погрижи се твојот компјутер да е програмиран да не дозволува пристап до порнографски страници. Исто така, не отворај линкови во несакана пошта.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Опседнатоста со порнографија може да се спореди со опседнатоста со секс што ја имале злобните духовни суштества во времето на Ное (1. Мојсеева 6:2).

ПЛАН!

За да не налетам случајно на порнографија, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Како порнографијата го валка она што е чисто и нерасипано?

Како би му помогнал на својот брат или сестра што има проблем со порнографијата?

[Истакната мисла на страница 278]

››Пред да ја проучувам Библијата, ги користев речиси сите попознати дроги. Но, дефинитивно најтешка зависност ми беше гледањето порнографија. Само со помошта од Јехова успеав да прекинам‹‹ (Џеф)

[Слика на страница 276]

Секојпат кога некој гледа порнографија, состојбата станува сѐ полоша — колку повеќе гледа, толку потешко му е да се ослободи