Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се забавувам?

Како да се забавувам?

ПОГЛАВЈЕ 32

Како да се забавувам?

Штиклирај точно или неточно.

Според Библијата...

Секогаш е погрешно да се занимаваш со некој спорт.

□ Точно □ Неточно

Сите филмови и ТВ-емисии имаат лошо влијание.

□ Точно □ Неточно

Секакво танцување е погрешно.

□ Точно □ Неточно

ОД ПОНЕДЕЛНИК до петок си бил многу вреден. Сега е викенд и не си на училиште. Сите задолженија што си ги имал дома ти се завршени. И сѐ уште си полн со енергија — што е една од привилегиите на младоста (Изреки 20:29). Сега, сѐ што сакаш е малку да се забавуваш.

Можеби твоите врсници мислат дека Библијата е против забавата, дека не ти дава да уживаш. Но, дали е така? Да ги разгледаме изјавите од претходната страница и да видиме што навистина вели Библијата во врска со забавата.

Секогаш е погрешно да се занимаваш со некој спорт.

Неточно. Библијата вели дека „телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8). Денес има многу спортови — велосипедизам, трчање, тенис, кошарка, фудбал, одбојка, лизгање и други — што можат да бидат и добра вежба и добра забава.

Дали ова значи дека нема потреба да се биде претпазлив? Па, размисли за контекстот на стихот што е спомнат погоре. Кога му пишал на младиот Тимотеј, апостол Павле рекол: „Телесното вежбање малку користи, а оддаденоста на Бог е корисна во секој поглед, бидејќи ветува живот — сегашен и иден“. Зборовите на Павле нѐ потсетуваат дека секогаш најважно треба да ни биде да го радуваме Бог. За оддаденоста на Бог да ти биде пред сѐ друго — дури и кога избираш спорт — размисли за следниве три прашања:

1. Колкав ризик носи овој спорт? Немој само да се потпираш на гласини или на воодушевените изјави на другите. Дознај ги фактите. На пример, дознај ги следниве работи: Колку често се случуваат несреќи во тој спорт? Какви мерки на безбедност се преземаат? Какви вежби и каква опрема се потребни за да не се повредиш? Вистина е дека речиси при секоја активност може да дојде до случајна повреда, но дали главната цел на тој спорт е да им пркосиш на повредите и на смртта?

Животот е дар од Бог, и Божјиот закон што им бил даден на Израелците пропишувал строги казни ако некој ненамерно предизвикал нечија смрт (2. Мојсеева 21:29; 4. Мојсеева 35:22-25). На тој начин Божјиот народ бил свесен дека мора да се грижи за безбедноста (5. Мојсеева 22:8). И христијаните денес се должни да го почитуваат животот.

2. Дали ако се занимавам со тој спорт ќе имам добро друштво? Ако си добар во некој спорт, можеби врсниците и наставниците ќе те тераат да се приклучиш на училишниот тим. Можеби и ти многу би го сакал тоа. Еден христијанин по име Марк вели: „Мислам дека едноставно не е фер што родителите не ми дозволуваат да влезам во училишниот тим“. Но, наместо да се обидуваш да ги убедиш родителите да го прифатат твоето гледиште, размисли за следниве факти: Тренинзите и натпреварите обично се одржуваат по часовите. Ако играш добро, од тебе ќе се бара да посветиш повеќе време на спортот. Ако не играш толку добро, ќе бидеш под притисок да тренираш уште повеќе. Освен тоа, членовите на тимот обично стануваат блиски пријатели затоа што заедно ги делат и радоста по победата и болката по поразот.

Сега прашај се: ‚Дали добро ќе влијае на мене ако слободното време го минувам на активности што ќе ме зближат со млади што немаат исти духовни мерила како моите?‘ (1. Коринќаните 15:33). ‚Колкава цена сум спремен да платам само за да играм во некој тим?‘

3. Колку време и пари ќе ми одат на овој спорт? Библијата нѐ советува ‚да процениме што е најважно‘ (Филипјаните 1:10). За да се држиш за овој совет, од помош ќе ти биде да размислиш за следново: ‚Дали овој спорт ќе ми го одзема времето што сум го планирал за учење и за активностите поврзани со мојот однос со Бог? Колку ќе ме чини овој спорт? Имам ли доволно пари за да го играм?‘ Одговорите на овие прашања ќе ти помогнат да ги подредиш работите во животот по важност.

Сите филмови и ТВ-емисии имаат лошо влијание.

Неточно. Библијата им заповеда на христијаните ‚да се држат за она што е добро‘ и ‚да се тргаат од секакво зло‘ (1. Солуњаните 5:21, 22). Не го прекршуваат сите филмови и ТВ-емисии ова мерило. *

Се разбира, одењето на кино може да биде одличен начин да си поминеш убаво со пријателите. Ли, девојка од Јужноафриканската Република, вели: „Ако сакам да гледам некој филм, му се јавувам на некој од пријателите и потоа заедно ги викаме и другите“. Обично оваа група оди на претставата што почнува порано. По филмот, родителите ги пречекуваат и сите заедно одат некаде да јадат.

Можеби филмовите и ТВ-то се современи пронајдоци, но тие се, всушност, само нов приод кон една древна традиција — раскажувањето приказни. Исус многу вешто допирал до луѓето со своите приказни. На пример, приказната што ја кажал за милосрдниот Самарјанин кај нас раѓа сочувство и нѐ учи на длабоки морални поуки (Лука 10:29-37).

Денес, и оние што прават филмови пренесуваат некои поуки кои ги обликуваат моралните гледишта на луѓето. Нивната цел е гледачите да се идентификуваат со ликовите во филмот — дури и ако главниот јунак е криминалец, насилник или човек алчен за моќ. Ако не внимаваш, може да почнеш да навиваш за криминалецот и да ги одобруваш неговите неморални или сурови постапки! Како да не паднеш во оваа замка?

Кога избираш филм или ТВ-емисија, размисли: Дали ќе ме поттикне да покажувам „сомилост“? (Ефешаните 4:32). Или ќе ме поттикне да се радувам на туѓата несреќа? (Изреки 17:5). Дали по филмот ќе ми биде тешко ‚да го мразам злото‘? (Псалм 97:10). Дали, всушност, ќе застанам на страната на „злосторниците“? (Псалм 26:4, 5).

Од критиките и рекламите за филмовите може да добиеш некаква претстава за што се работи во нив. Но, немој наивно ‚да веруваш на секој збор‘ (Изреки 14:15). Зошто? Критиката за некој филм е едноставно нечие гледиште за тој филм. А во рекламите може намерно да се крие дека во филмот има непријатни сцени. Една тинејџерка по име Кони вели: „Увидов дека ако знаеш кои глумци се во главните улоги, честопати можеш да добиеш некаква претстава за што се работи во филмот“.

Христијаните на твоја возраст, кои имаат исти библиски вредности како тебе, може да знаат дали некој филм е во ред да се гледа или не. Но, имај на ум дека луѓето обично кажуваат што им се допаднало во филмот. Зошто не ги прашаш што не е убаво во филмот? Биди конкретен. На пример, прашај дали има сцени со насилство, секс или демонизам. И родителите можат да ти дадат добри совети. Младата Ванеса вели: „Јас секогаш ги прашувам родителите. Ако тие мислат дека филмот е во ред, ќе го гледам“.

Немој да мислиш дека не е сериозна работа каков филм или ТВ-емисија ќе избереш. Зошто? Затоа што забавата што ја избираш открива што имаш во срцето, открива што сакаш (Лука 6:45). Твојот избор многу кажува за тоа какво друштво сакаш, каков речник одобруваш и каков морал толерираш. Затоа, мудро избирај!

Секакво танцување е погрешно.

Неточно. Кога Израелците го преминале Црвеното Море и избегале од египетската војска, Маријам ги предводела жените во еден победнички танц (2. Мојсеева 15:20). Исто така, во приказната што Исус ја кажал за расипничкиот син, кога синот се вратил, настанала голема радост проследена со „музика и играње“ (Лука 15:25).

Исто е и денес. Во многу култури, кога ќе се соберат семејството и пријателите, и помладите и постарите уживаат да танцуваат. Меѓутоа, мора да се биде претпазлив. Иако Библијата не ги осудува скромните друштвени собири, сепак зборува против „разуздани гозби“ (Галатите 5:19-21). Пророкот Исаија напишал: „Тешко на оние што стануваат рано наутро и бараат опоен пијалак, кои остануваат до доцна навечер, па ги распалува виното! На нивните гозби има харфи и псалтири, дајриња, шупелки и вино, а за Јеховиното дело не им е грижа“ (Исаија 5:11, 12).

На таквите гозби се пиел „опоен пијалак“ и имало разуздана музика. Почнувале рано и траеле до доцна во ноќта. Исто така, забележи каков став имале оние што оделе на такви гозби — се однесувале како Бог да не постои! Затоа, не е никакво чудо што Бог ги осудил таквите собири.

Ако си поканет на забава каде што ќе има танцување, размисли за следниве прашања: ‚Кој ќе биде на забавата? На каков глас се тие луѓе? Кој ќе биде одговорен за забавата? Ќе надгледува ли некој? Дали родителите ќе одобрат да одам? Какви танцови ќе има?‘ Единствена цел на многу од танцовите е да предизвикаат сексуална возбуда. Дали тоа што ќе играш или само ќе гледаш такви танцови ќе ти помогне да ‚бегаш од блуд‘? (1. Коринќаните 6:18).

Што ако си поканет да одиш во диско? Размисли за она што го кажува Шон, кој пред да стане христијанин честопати одел во дискотеки. Тој вели: „Обично се пушта расипана музика, се танцува непристојно, а повеќето луѓе што одат таму имаат една цел“. Шон вели дека нивната цел е да си заминат од дискотеката со некој со кого ќе имаат секс. Откако ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци, Шон почнал да гледа поинаку на работите. Кое е неговото мислење сега? „Дискотеките не се место за христијани.“

Зошто да се биде претпазлив?

Што мислиш, кога може еден војник полесно да биде совладан — кога е на бојното поле или кога се опушта со своите пријатели? Нормално, кога се опушта, не е толку претпазлив и најлесно може да биде совладан. Слично на тоа, кога си на училиште или на работа, тогаш си на штрек и повеќе внимаваш. Свесен си за опасностите. Но подоцна, кога се опушташ со своите пријатели, постои најголема опасност да ги прекршиш твоите морални мерила.

Можеби некои од врсниците те исмеваат затоа што се држиш за библиските високи морални мерила поврзани со забавата. Притисок можат да ти вршат дури и млади чии родители се Јеховини сведоци. Но, нивната совест е затапена (1. Тимотеј 4:2). Можеби ќе те обвинат дека не си урамнотежен или дека се правиш премногу праведен. Но, не попуштај пред нивниот притисок, туку ‚зачувај чиста совест‘ (1. Петрово 3:16).

Она што навистина е важно не е што мислат за тебе врсниците, туку што мисли за тебе Јехова! А ако пријателите те исмеваат затоа што ја слушаш својата совест, време е да си најдеш нови пријатели (Изреки 13:20). Не заборавај, ти ја имаш главната одговорност да ги чуваш своите морални мерила — дури и кога се забавуваш (Изреки 4:23).

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 37

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Порнографијата е достапна и ја има како никогаш порано. Како да не се заплеткаш во нејзината мрежа?

[Фуснота]

^ Повеќе информации има во Том 1, поглавје 36.

КЛУЧЕН СТИХ

„Радувај се, момче, во младоста своја... и оди по патиштата на срцето свое и по она што го гледаат очите твои. Но знај дека за сето тоа вистинскиот Бог ќе те изведе на суд“ (Проповедник 11:9)

ПРЕДЛОГ

Прашај ги родителите дали би сакале за секој месец да одредат конкретни периоди кога ќе го исклучите ТВ-то и ќе се забавувате заедно како семејство.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

За Израелците, танцувањето и музиката биле важен дел од обожавањето на Бог (Псалм 150:4).

ПЛАН!

Ако ме прашаат дали сакам по часовите да тренирам некој спорт, ќе речам ․․․․․

Ако видам дека филмот што го гледам со пријателите не е за христијани, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Зошто христијаните не треба да учествуваат во спортови кои се доста ризични?

По што ќе познаеш дали некој филм е за христијани?

Како можеш да одредиш дали некој стил на танцување е прифатлив?

[Истакната мисла на страница 269]

››Многу сакам да танцувам, но сфатив колку е добро да ги слушам советите на родителите. Не дозволувам танцувањето да ми биде најважно во животот‹‹ (Тина)

[Слика на страница 268]

Еден војник најлесно може да биде совладан кога не е претпазлив — кога си опуштен, и ти си во најголема опасност да ги прекршиш моралните мерила