Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кое е местото на музиката?

Кое е местото на музиката?

ПОГЛАВЈЕ 31

Кое е местото на музиката?

Колку ти е важна музиката?

□ Можам и без неа.

□ Би умрел без музика.

Кога слушаш музика?

□ Кога патувам

□ Кога учам

□ Секогаш

Кој ти е омилен стил на музика, и зошто? ․․․․․

ИЗГЛЕДА дека сите сме родени со способност да уживаме во музиката и хармонијата. За многу млади, таа е нешто неопходно. „Не можам да живеам без музика“, вели Амбер (21). „Речиси секогаш ми свири нешто — кога чистам, кога готвам, кога работам нешто или кога учам.“

Можеби ритамот се темели на проста математика, но музиката ја надминува логиката и ги допира нашите најдлабоки чувства. Исто како што ‚збор кажан во право време е добар‘, така и песна во право време може да биде лек за душата! (Изреки 15:23). „Понекогаш си мислиш дека никој не те разбира“, вели Џесика (16). „Но кога ја слушам мојата омилена група, знам дека не сум единствената што паѓа во депресија.“

Тема за кавга или заеднички јазик?

Иако ти очигледно уживаш во својата музика, твоите родители можеби мислат поинаку. Еден тинејџер се жали: „Татко ми ми вели: ‚Исклучи ја таа бука! На ништо не личи!‘“ Преку глава ти е од таквите забелешки и можеби си мислиш дека родителите од мравка прават слон. „А како било кога тие биле млади?“ коментира една девојка. „Зарем нивните родители не мислеле дека музиката што ја слушаат е лоша?“ Ингрид (16) се жали: „Изгледа дека возрасните живеат во минатото. Би било многу подобро ако признаат дека и нашата генерација има некаков вкус за музика!“

Има смисла она што го вели Ингрид. Како што знаеш, помеѓу постарите и помладите генерации речиси секогаш имало судир во поглед на вкусовите. Но, таквите разлики не значат дека музиката секогаш треба да биде тема за кавга. Работата е во тоа да пробаш да најдеш заеднички јазик со родителите. Ако тие ја ценат Библијата, тогаш си во вистинска предност. Зошто? Затоа што Божјата реч може да ви помогне и тебе и на твоите родители да сфатите кога нешто не е прифатливо за христијаните и кога едноставно се работи за вкус. За да успеете во тоа, треба да анализирате два важни фактора: 1) какви идеи се изнесени во музиката што ја слушаш, и 2) колку време трошиш на музика. Прво да го разгледаме прашањето...

Какви идеи се изнесени во музиката што ја слушам?

Музиката е како храна. Исправен вид во исправна количина е за твое добро. Погрешен вид во која и да било количина ќе ти наштети. За жал, понекогаш во музиката погрешниот вид е најпривлечен. „Зошто сите песни со убава мелодија имаат ужасни стихови?“ со жалење се прашува младиот Стив.

Ако ти се допаѓа музиката на некоја песна, дали е навистина толку важно какви се зборовите? За да си одговориш на ова прашање, размисли: ‚Ако некој сака да ме натера да испијам отров, како ќе ме убеди во тоа? Дали ќе го стави во оцет или во колач?‘ Верниот Јов прашал: „Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ (Јов 12:11). Значи, наместо да „проголташ“ некоја песна само затоа што ти се допаѓа ритамот или мелодијата — што би се рекло колачот — ‚испитај ги зборовите‘ така што ќе размислиш за насловот и за стиховите. Зошто? Затоа што зборовите од песните влијаат врз твоите мисли и ставови.

За жал, во голем дел од популарните песни денес има стихови во кои се величаат сексот, насилството и дрогата. Ако мислиш дека таквите стихови воопшто не ти влијаат, тогаш кај тебе веќе почнал да дејствува „отровот“.

Мисли со своја глава

Можеби врсниците ти вршат огромен притисок и те тераат да слушаш расипана музика. Притисок врши и самата музичка индустрија. Со помош на радиото, телевизијата и Интернетот, музиката стана многу моќна, мултимилионска индустрија. Вешти маркетинг-агенти работат на тоа да ти го обликуваат и да ти го контролираат вкусот за музика.

Но, кога ќе им дозволиш на врсниците или на медиумите да ти диктираат што да слушаш, го отфрлаш своето право на избор. Стануваш роб кој не мисли со своја глава (Римјаните 6:16). Библијата нѐ поттикнува да не му дозволиме на светот да влијае врз нас (Римјаните 12:2). Затоа, треба самиот да ја вежбаш твојата „моќ на согледување... да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Како да ја користиш својата моќ на согледување при изборот на музика? Размисли за следниве предлози:

Разгледај ја обвивката. Честопати, доволен е еден поглед на обвивката или рекламниот материјал и веднаш да ти биде јасно што содржи некој албум. Ако има слики со насилство, неморал или спиритизам, тоа веќе треба да ти послужи како предупредување. Веројатно и музиката не е за христијани.

Провери ги стиховите. За што се зборува во песната? Навистина ли сакаш постојано да ги слушаш или да ги повторуваш тие мисли? Дали она што е кажано во неа е во склад со твоите вредности и со христијанските начела? (Ефешаните 5:3-5).

Забележи како влијае врз тебе. „Увидов дека повеќето песни што ги слушав ме правеа потиштен“, вели Филип. Точно е дека музиката различно влијае врз луѓето. Но, какви чувства создава кај тебе музиката што ја слушаш? Запрашај се: ‚Откако ќе слушам некоја песна, дали низ главата ми се вртат погрешни мисли? Дали сленг изразите што ги има во песните почнуваат да се вовлекуваат и во мојот речник?‘ (1. Коринќаните 15:33).

Земи ги предвид другите. Што мислат твоите родители за музиката што ја слушаш? Замоли ги да ти кажат. Размисли и што би можеле да мислат сохристијаните. Дали на некои би им пречела твојата музика? Способноста да го смениш своето однесување од почит кон чувствата на другите е знак за зрелост (Римјаните 15:1, 2).

Ако размислиш за овие прашања, ќе можеш да избереш музика што те допира до срце, но не ти го нарушува односот со Бог. Меѓутоа, треба да се земе предвид уште еден фактор.

Кога е премногу?

Добрата музика, како и добрата храна, може да биде корисна. Но, една мудра изрека предупредува: „Ако најдеш мед, јади само колку што ти е доволно, за да не се прејадеш, па да го повратиш“ (Изреки 25:16). За медот се знае дека е многу здрав за јадење. Сепак, ако претераш, тогаш и она што е добро за тебе може да биде лошо. Која е поентата од ова? Во добрите работи треба да се ужива со мерка.

Меѓутоа, некои млади дозволуваат музиката да им стане најважното нешто во животот. На пример, Џесика, која беше претходно цитирана, признава: „Нон-стоп слушам музика — дури и кога ја проучувам Библијата. На родителите им велам дека тоа ми помага да се концентрирам. Но, не ми веруваат“. Дали зборовите на Џесика ти звучат познато?

Што ќе ти помогне да одредиш дали трошиш премногу време на музика? Одговори на овие прашања:

Колку време слушам музика секој ден? ․․․․․

Колку пари трошам за музика секој месец? ․․․․․

Дали музиката ми ги нарушува односите со другите во семејството? Ако е така, напиши како да ја подобриш ситуацијата. ․․․․․

Смени ги навиките на слушање музика

Ако музиката ти одзема премногу време, би било добро да си поставиш граници и да бидеш поумерен. На пример, можеби ќе треба да се одвикнеш слушалките по цел ден да ти бидат пикнати в уши или можеби ќе треба да се одучиш да пушташ музика веднаш штом ќе стапнеш дома.

Всушност, пробај да уживаш и во периоди на тишина. Тоа може да ти помогне со учењето. „Многу подобро ќе научиш ако музиката е исклучена“, вели Стив, цитиран претходно. Пробај да учиш без музика и види дали ќе ти се подобри концентрацијата.

Освен тоа, добро е да си одредиш време за читање и проучување на Библијата и на библиските публикации. Исус Христос понекогаш барал тивко место за да се моли и да размислува (Марко 1:35). Дали и ти проучуваш на некое слично тивко и мирно место? Ако не проучуваш така, може да си го забавиш духовниот раст.

Избери исправно

Музиката навистина е дар од Бог, но мора да внимаваш да не ја злоупотребиш. Немој да бидеш како Марина, која признава: „Имам ЦД-а за кои знам дека морам да ги фрлам. Но, песните на нив се толку добри“. Помисли само каква штета си нанесува на умот и на срцето затоа што слуша нешто што е лошо! Не паѓај во таква стапица. Не дозволувај музиката да те расипе или да ти го контролира животот. Држи се за високите христијански мерила кога избираш музика. Моли го Бог да те води и да ти помага. Барај пријатели кои имаат исти уверувања како тебе.

Музиката може да те опушти. Може да ја пополни празнината кога си осамен. Сепак, кога музиката ќе сопре, проблемите не исчезнуваат. А песните воопшто не се замена за вистинските пријатели. Затоа, не дозволувај музиката да ти стане најважното нешто во животот. Уживај во неа, но држи ја на исправното место.

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Одвреме-навреме ти треба опуштање. Како библиските начела ќе ти помогнат да уживаш во забавата?

КЛУЧЕН СТИХ

„Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ (Јов 12:11)

ПРЕДЛОГ

Ако сакаш родителите да разберат зошто тебе ти се допаѓа некоја песна или група, потруди се прво ти да научиш да ја цениш музиката што ја сакаат тие.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Штом не сакаш родителите да чујат каква музика слушаш, тоа може да биде знак дека нешто не е во ред со твојата музика.

ПЛАН!

Музиката ќе ја задржам на исправното место така што ․․․․․

Ако другите ме тераат да слушам музика што не е за христијани, ќе им речам ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Зошто е важно каква музика слушаш?

По што ќе одредиш дали некоја песна е во ред или не?

Како да си го збогатиш вкусот за музика?

[Истакната мисла на страница 259]

››Понекогаш ќе се фатам себеси како слушам музика која знам дека не чини. Тогаш, веднаш ја исклучувам. Ако не го направам тоа, ќе почнам да си наоѓам изговори за да продолжам да ја слушам‹‹ (Камерон)

[Рамка/слики на страница 258]

Збогати го својот вкус за музика

Дали сега сакаш повеќе видови храна отколку кога имаше пет години? Па, тоа е затоа што си засакал различни вкусови. Слично е и со музиката. Не ограничувај се само на еден стил. Труди се да го збогатиш својот вкус за музика.

Една работа што ќе ти помогне во тоа е да научиш да свириш некој инструмент. Ова не само што ќе биде вистински предизвик и задоволство, туку може да те изложи и на разни стилови на музика освен комерцијалната музика. Каде да најдеш време за да учиш? Можеш да скратиш од гледањето ТВ или од играњето видеоигри. Види што велат некои млади.

„Многу е забавно да свириш некој инструмент, а тоа е и одличен начин да си ги излееш чувствата. Со тоа што учев да свирам нови песни, научив да сакам различни стилови на музика“ (Брајан, 18, свири гитара, тапани и клавир.)

„Ако сакаш да научиш добро да свириш на некој инструмент, мораш да вежбаш. А вежбањето не е секогаш забавно. Но, кога ќе научиш добро некоја песна, се чувствуваш супер, чувствуваш дека си постигнал нешто“ (Џејд, 13, свири виола.)

„Кога денот не ми е погоден или кога сум потиштена, многу се опуштам кога свирам на гитарата. Прекрасно е чувството да создаваш пријатна музика што успокојува“ (Венеса, 20, свири гитара, клавир и кларинет.)

„Порано си мислев дека никогаш нема да свирам добро како некои луѓе. Но, упорно вежбав и сега сум многу задоволен кога добро ќе отсвирам некоја композиција. Исто така, повеќе ја ценам вештината на другите музичари“ (Џејкоб, 20, свири гитара.)

[Слика на страница 255]

Музиката е како храна. Исправен вид во исправна количина е за твое добро. Погрешен вид во која и да било количина ќе ти наштети