Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сум спремен за врска?

Дали сум спремен за врска?

ПОГЛАВЈЕ 1

Дали сум спремен за врска?

„Под огромен притисок сум да си фатам дечко. Плус, околу мене има толку слатки машки“ (Витни).

„Има девојки што ми се пуштаат, и не би ми пречело да почнам врска со некоја од нив. Но, ако им кажам на родителите, знам што ќе ми речат“ (Филип).

ПОТРЕБАТА да бидеш со некој што многу ти се допаѓа — и кому ти му се допаѓаш — може да биде неверојатно силна, дури и на многу мала возраст. „Почнав да чувствувам притисок да имам дечко уште на 11 години“, раскажува Џенифер. А Британи вели: „На школо, ако не си во врска со некого — со кого и да било — почнуваш да мислиш дека нешто ти фали!“

А како е со тебе? Дали ти си спремен за врска? За да одговориме на ова прашање, најпрво да разгледаме едно друго, поосновно прашање.

Што значи да бидеш „во врска“?

Штиклирај го својот одговор на следниве прашања:

Редовно излегуваш со некого од спротивниот пол. Дали си во врска или не?

□ Да

□ Не

Меѓу тебе и некој од спротивниот пол постои заемна привлечност. Неколку пати дневно си праќате СМС-пораки или зборувате на телефон. Дали си во врска или не?

□ Да

□ Не

Кога и да излезеш со друштво, ти се издвојуваш со истата личност од спротивниот пол. Дали си во врска или не?

□ Да

□ Не

Најверојатно без проблем го одговори првото прашање, но можеби се помисли малку пред да ги одговориш другите две. Што, всушност, значи да бидеш во врска со некого? Врската е блиско дружење на две лица од спротивен пол, кои имаат чувства еден кон друг. Според тоа, одговорот на сите три прашања погоре е ‚да‘. Сеедно дали контактирате преку телефон или лично, и дали го правите тоа јавно или во тајност, ако ти и некој од спротивниот пол имате посебни чувства еден кон друг и редовно комуницирате, вие сте во врска. Но, дали си спремен за такво нешто? За да дознаеш, размисли за следниве три прашања.

Зошто сакаш да бидеш во врска?

Во многу култури е најнормално двајца да започнат врска за подобро да се запознаат. Но, врската треба да има една чесна цел — таа треба да им помогне на дечкото и на девојката да видат дали ќе си одговараат за брак.

Точно, можеби некои од твоите врсници не гледаат сериозно на врските. Можеби само им е убаво да бидат во друштво со некој од спротивниот пол што им се допаѓа без никаква намера да стапат во брак со него. За некои дечкото или девојката е само трофеј или начин да се прават важни пред другите. Но, ваквите плитки врски честопати завршуваат прилично брзо. „Многу млади што излегуваат со некого, раскинуваат за една или две седмици“, вели една девојка по име Хедер. „За нив врските се нешто минливо — што би се рекло, повеќе им се подготовка за развод, а не за брак.“

Нормално, кога си во врска со некого, тој развива чувства кон тебе. Затоа, кога ќе решиш да започнеш врска, тоа нека биде со чесни намери. Размисли: Би сакал ли некој да си игра со твоите чувства како да се играчка — ќе си поигра малку со неа и потоа ќе ја фрли? Една девојка по име Челси вели: „Понекогаш си мислам дека не е лошо да излегуваш со некого чисто заради забава, но воопшто не е забавно кога едниот ги сфаќа работите сериозно, а другиот не“.

Колку години имаш?

На колку години мислиш дека би било во ред еден млад човек да започне врска? ․․․․․

Сега прашај ги родителите што мислат тие, а потоа запиши го нивниот одговор. ․․․․․

Голема е веројатноста првиот број што го запиша да е помал од вториот. А можеби и не е! Можеби и ти си еден од многуте млади што мудро не започнуваат врска со некого од спротивниот пол сѐ додека не се доволно возрасни и додека не се запознаат подобро самите себе. Даниела (17) одлучила да го стори токму тоа. Таа вели: „Кога ќе се сетам како си го замислував потенцијалниот сопруг пред две години, сфаќам дека тоа е сосема различно од она што сега го имам во главата. Всушност, дури ни сега не верувам дека би донела исправна одлука околу тоа. Кога веќе некое време ќе ми биде јасно што сакам, тогаш ќе размислувам за врска“.

Има уште една причина зошто е мудро да се чека. Библијата го користи изразот „цутот на младоста“ за да го опише периодот од животот кога половиот нагон и романтичните чувства првпат доаѓаат до израз (1. Коринќаните 7:36). Блискоста со одредена личност од спротивниот пол додека си во оваа фаза од животот може да ја разгори страста и да те наведе да направиш нешто погрешно. Точно, можеби тоа не е ништо страшно за твоите врсници. Мнозина од нив не би се мислеле многу дали да имаат секс или не. Но, не мораш и ти да бидеш како нив! (Римјаните 12:2). Всушност, Библијата нѐ поттикнува ‚да бегаме од сексуален неморал‘ (1. Коринќаните 6:18, New International Version). Ако почекаш да ти помине цутот на младоста, ќе ‚ја оддалечиш неволјата‘ од себе (Проповедник 11:10).

Дали си спремен за брак?

За да одговориш на ова прашање, добро преиспитај се. Размисли за следниве работи:

Односи со другите. Како се однесуваш со твоите родители или со твоите браќа и сестри? Дали честопати избувнуваш, па користиш груби или саркастични зборови за да си го кажеш своето? Што би рекле тие за тебе во врска со ова? Начинот на кој се однесуваш со членовите на твоето семејство покажува како ќе се однесуваш и со твојот сопружник. (Прочитај Ефешаните 4:31.)

Карактер. Дали си оптимист или песимист? Дали си разумен или секогаш инсистираш да биде по твое? Можеш ли да останеш смирен кога си под стрес? Дали си стрплив? Ако уште сега се трудиш да ги покажуваш плодовите на духот, тоа ќе ти помогне да се подготвиш за брак. (Прочитај Галатите 5:22, 23.)

Пари. Како ги трошиш парите? Дали често должиш некому? Кога ќе најдеш работа, можеш ли да ја задржиш? Ако не можеш, зошто? Дали поради самата работа? Или поради работодавачот? Или, пак, поради некоја твоја навика или особина која мораш да си ја поправиш? Ако не можеш да водиш сметка за своите пари, како ќе можеш да го правиш тоа за целото семејство? (Прочитај 1. Тимотеј 5:8.)

Духовност. Ако си Јеховин сведок, што правиш за да имаш добар однос со Бог? Дали редовно ја читаш Божјата реч, одиш во служба и учествуваш на христијанските состаноци? Оној со кого ќе стапиш во брак заслужува да има духовно изграден брачен партнер. (Прочитај Проповедник 4:9, 10.)

Што можеш да направиш

Што ако некој те става под притисок да започнеш врска, а не си спремен за такво нешто? Тоа е како да те тераат да полагаш матура по предмет кој само што си почнал да го учиш. Очигледно, не би било фер! Ти треба време да го научиш тој предмет, за да можеш да ја положиш матурата.

Слично е и со врските. Како што видовме, да се има врска е сериозна работа. Затоа, пред да почнеш врска со некого, треба да одвоиш време за да научиш еден многу важен „предмет“ — како се градат пријателства. Подоцна, кога ќе ја запознаеш вистинската личност за тебе, ќе знаеш како да изградиш една цврста врска. На крајот на краиштата, добриот брак е врска меѓу двајца добри пријатели.

Ако почекаш малку пред да започнеш врска, не значи дека си ја ускратуваш слободата. Напротив, така ќе имаш поголема слобода да ‚се радуваш во младоста своја‘ (Проповедник 11:9). Ќе имаш и повеќе време да се подготвиш за врска така што ќе ја подобруваш својата личност и, што е најважно, својата духовност (Плач Еремиин 3:27).

Во меѓувреме, сепак можеш да се дружиш и да си поминуваш убаво со лица од спротивниот пол. Но, кој е најдобриот начин да го правиш тоа? Дружете се во групи во кои има и одговорни возрасни. Една девојка по име Тами вели: „Мислам дека така е позабавно. Подобро е да имаш многу пријатели“. И Моника се согласува со неа. Таа вели: „Идејата за дружење во група е навистина добра идеја затоа што имаш прилика да видиш луѓе со различни карактери“.

Од друга страна, ако прерано го насочиш своето внимание само на една личност, се доведуваш во ситуација да ти биде скршено срцето. Затоа, не брзај. Искористи ја младоста да научиш како да градиш и да одржуваш пријателства. Подоцна, ако решиш да започнеш врска, ќе се познаваш себеси подобро и ќе знаеш каков партнер ти треба.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈА 29 И 30

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ

Се мислиш дали да започнеш врска без да знаат твоите родители? Тајните врски носат повеќе опасности отколку што можеби си претпоставуваш.

КЛУЧЕН СТИХ

„Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15)

ПРЕДЛОГ

За да се подготвиш за врска и за брак, прочитај ги зборовите во 2. Петрово 1:5-7 и избери една особина на која треба да работиш. По еден месец, провери колку си научил за таа особина и колку си се подобрил.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Според многу истражувања, има голема веројатност двојките што стапуваат во брак пред да наполнат 20 години да се разведат во рок од пет години.

ПЛАН!

За да бидам спремен за брак, морам да работам на следниве особини:

За да се подобрам во овие особини, ќе

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите

ШТО МИСЛИШ?

Во какви околности е во ред да се дружиш со лица од спротивниот пол?

Што би му рекол на својот брат или сестра кој сака да има врска, а е премлад за тоа?

Ако имаш врска, а немаш намера да стапиш во брак, како може тоа да влијае врз чувствата на другиот?

[Истакната мисла на страница 18]

››Мислам дека е најдобро да започнеш врска кога другиот ти значи многу и кога мислиш дека би можеле да имате заедничка иднина. Треба да го сакаш оној со кого си во врска, а не само идејата да бидеш во врска‹‹ (Амбер)

[Слика на страници 16 и 17]

Ако имаш врска, а немаш намера да стапиш во брак, ти си како едно дете кое малку ќе си поигра со новата играчка и после ќе ја фрли