Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали тој е за мене?

Дали тој е за мене?

ПОГЛАВЈЕ 3

Дали тој е за мене?

Одвој малку време за да го пополниш тестот:

Кои карактеристики моментално сметаш дека мора да ги има некој што би можел да ти биде брачен другар? На списокот подолу стави кај четирите карактеристики што сметаш дека се најважни.

□ убав □ духовен

□ дружељубив □ може да му се верува

□ популарен □ има висок морал

□ духовит □ си поставува цели

Дали досега веќе си била заљубена во некого? На списокот погоре, стави × до карактеристиката што во тоа време најмногу те привлекуваше кај него.

НЕМА ништо погрешно во ниедна од карактеристиките што се наведени погоре. Секоја од нив си е привлечна на свој начин. Но, сигурно ќе се сложиш дека кога си млад и заљубен до уши, обично се концентрираш на помалку важните особини, како оние што се наведени во колоната на левата страна.

Меѓутоа, како што созреваш, почнуваш да ја користиш својата проникливост за да ги испиташ поважните особини, како оние што се наведени во колоната на десната страна. На пример, сфаќаш дека најубавата девојка во твоето место не е баш некој во кого можеш да имаш доверба или дека најпопуларниот дечко во класот нема баш висок морал. Ако повеќе не си во цутот на младоста, најверојатно ќе погледнеш подлабоко во тој човек за да го дознаеш одговорот на прашањето: ‚Дали тој е вистинскиот за мене?‘ *

Прво запознај се себеси

Пред да почнеш да размислуваш дали некој е вистинскиот за тебе, треба прво добро да се познаваш себеси. За да се запознаеш себеси подобро, одговори на следниве прашања:

Кои ми се јаки страни? ․․․․․

Кои ми се слаби страни? ․․․․․

Какви емоционални и духовни потреби имам? ․․․․․

Не е лесно да се запознаеш себеси, но ваквите прашања ќе ти помогнат во тоа. Колку подобро се познаваш себеси, толку поподготвена ќе бидеш да најдеш некој со кого уште повеќе ќе дојдат до израз твоите јаки, а не твоите слаби страни. * Но, што ако мислиш дека веќе си го нашла вистинскиот?

Дали секој ќе ми одговара?

„Може ли подобро да се запознаеме?“ Од ова прашање или ќе се стресеш или срцето ќе ти потскокне од радост — зависи од тоа кој прашува. Да речеме дека си рекла ‚да‘. Како ќе можеш по некое време да знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?

Замисли си дека сакаш да си купиш нови чевли. Влегуваш во продавницата и еден пар чевли веднаш ти паѓа во очи. Ги пробуваш, но за жал, те стегаат. Што ќе правиш? Ќе ги купиш? Или ќе побараш други? Нормално, попаметно е да ги вратиш на полицата и да побараш други. Нема никаква смисла да шеташ во чевли што не ти се точни!

Слично е и кога бираш брачен другар. Низ годините можеби ќе има повеќемина што ќе ти се допаѓаат, ама нема секој да ти одговара. Сепак, ти бараш некој со кого ќе се чувствуваш убаво — некој што ти одговара по карактер и има слични цели како тебе (1. Мојсеева 2:18; Матеј 19:4-6). Дали веќе си нашла таков човек? Ако да, како можеш да знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?

Гледај зад очигледното

За да одговориш на ова прашање, размисли објективно за оној што ти се допаѓа. Но, внимавај! Можеби ќе бидеш склона да го гледаш само она што сакаш да го видиш. Затоа, не брзај. Обиди се да го видиш онаков каков што навистина е. За тоа ќе треба да вложиш малку повеќе труд, што е сосема разбирливо. Да се послужиме со еден пример: Да речеме дека сакаш да си купиш автомобил. Колку темелно ќе го разгледаш автомобилот? Дали ќе те интересира само изгледот? Зарем не би било попаметно да го разгледаш малку повнимателно — можеби да дознаеш што е можно повеќе за состојбата на моторот?

Да избереш брачен другар е многу посериозна работа отколку да избереш автомобил. Сепак, многумина што се во врска го гледаат кај другиот само она што може да се види на прв поглед. На пример, веднаш ги наведуваат работите што им се заеднички: ‚Сакаме иста музика‘. ‚Сакаме исти работи.‘ ‚Во сѐ се согласуваме!‘ Но, како што веќе спомнавме, ако навистина си го поминала цутот на младоста, ќе се потрудиш да го видиш и она што не паѓа веднаш в очи. Јасно ти е дека треба да го запознаеш „тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:4; Ефешаните 3:16).

На пример, наместо да се концентрираш на тоа колку добро се согласувате во некои работи, можеби повеќе ќе откриеш ако обрнеш внимание на тоа што се случува кога не се согласувате во нешто. Со други зборови, како реагира тој човек кога ќе се спречкате за нешто — дали инсистира да биде по негово и дали при тоа си дозволува „изливи на гнев“ или ‚погрден говор‘? (Галатите 5:19, 20; Колошаните 3:8). Или, пак, е разумен — спремен да попушти за да има мир кога станува збор за работи во кои не се кршат некои морални начела? (Јаков 3:17).

Еве уште еден фактор што треба да се земе предвид: Дали манипулира со луѓето? Дали сака секогаш тој да го има последниот збор? Дали е љубоморен? Дали бара да му кажеш сѐ што правиш? „Знам некои парови што се во врска и се караат затоа што едниот од нив не може да ја поднесе помислата дека другиот не му се јавува да му каже каде бил и што правел“, вели една девојка по име Никол. „Мислам дека тоа е лош знак“ (1. Коринќаните 13:4).

Работиве што ги спомнавме се концентрираат на карактерот и на однесувањето. Меѓутоа, исто толку важно е да дознаеш и каква репутација има, односно на каков глас е твојот дечко. Што мислат другите за него? Ќе биде добро да разговараш со оние што веќе подолго го познаваат, на пример, со некој од зрелите браќа и сестри во неговото собрание. Така ќе дознаеш дали за него ‚се зборува добро‘ (Дела 16:1, 2).

Можеби ќе ти биде од помош ако запишеш што мислиш ти за тоа како стои твојот дечко во однос на работите што досега ги разгледавме.

Карактер ․․․․․

Однесување ․․․․․

Репутација ․․․․․

Од помош ќе ти биде и рамката „ Дали тој би бил добар сопруг?“ на 39. страница или рамката „ Дали таа би била добра сопруга?“ на 40. страница. Прашањата од овие рамки ќе ти помогнат да видиш дали таа личност ќе ти одговара како брачен другар.

Што ако после сето ова сфатиш дека оној со кого си во врска не е вистинскиот за тебе? Во тој случај, треба да размислиш за ова сериозно прашање:

Треба ли да раскинеме?

Понекогаш, раскинувањето носи само добро. Размисли за она што ѝ се случило на Џил. Таа вели: „Отпрвин ми годеше што дечкото постојано се интересираше каде сум, што правам, со кого сум. Но, работите стигнаа дотаму што веќе не смеев да бидам со никој друг освен со него. Беше љубоморен дури и кога бев со семејството — особено со татко ми. Кога му раскинав, се чувствував како голем камен да ми паднал од градите!“

Сара доживеала нешто слично. Почнала да забележува дека на Џон, дечкото со кого одела, секогаш нешто не му е погодено, дека е нељубезен и саркастичен. Сара раскажува: „Еднаш доцнеше три часа! Кога дојде по мене, мајка ми му отвори, а тој не ја ни погледна, туку само ми рече: ‚Ајде, доцниме‘. Не ‚доцнам‘, туку ‚доцниме‘. Требаше да се извини или барем да даде некое објаснување. А што е најважно, требаше да покаже малку почит кон мајка ми!“ Се разбира, една таква грешка или една лоша црта не мора да значи пропаст за врската (Псалм 130:3). Но, кога Сара сфатила дека Џон со сите се однесува како со мајка ѝ, решила да ја прекине врската.

Што ако и ти, како Џил и Сара, сфатиш дека дечкото со кого си во врска нема да ти одговара како брачен другар? Немој да ги игнорираш своите чувства! Иако е тешко да си признаеш самата на себе, сепак можеби е најдобро да се стави крај на таа врска. Во Изреки 22:3 пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“. На пример, ако кај твојот дечко забележиш еден или неколку од знаците за опасност спомнати на страници 39 и 40, би било најдобро да ја прекинеш врската — барем додека да се среди тој проблем. Точно, можеби нема да ти биде лесно да раскинеш. Но, бракот, од друга страна, е трајна врска. Подобро е сега малку да страдаш, отколку подоцна цел живот да се каеш!

Како да му кажеш

Како да раскинеш? Најпрво, одбери соодветно место и време за да разговараш со него. Но, кое би било соодветно место и време? Па, размисли како би сакала ти да се постапи со тебе во таква ситуација (Матеј 7:12). Дали би сакала некој да ти раскине пред сите? Сигурно не. Освен ако околностите не налагаат поинаку, би било пожелно да не раскинеш преку телефонска секретарка, СМС-порака или имејл. Подобро одбери време и место каде што ќе можете да зборувате за оваа сериозна работа.

Што да кажеш кога ќе треба да се изјасниш? Апостол Павле ги поттикнал христијаните ‚да ја зборуваат вистината‘ меѓу себе (Ефешаните 4:25). Според тоа, најдобро е да бидеш тактична, но одлучна. Јасно кажи му зошто мислиш дека таа врска не е добра за тебе. Нема потреба да му изнесуваш цел куп грешки или да го затрупаш со критики. Всушност, наместо да велиш „Ти не правиш вака“ или „Ти никогаш не правиш онака“, би било подобро да користиш зборови со кои ќе покажеш како се чувствуваш самата — „Мене ми треба некој што...“ или „Јас мислам дека треба да раскинеме затоа што...“

Во ваква ситуација не треба да бидеш неодлучна или да попуштиш. Не заборавај дека си решила да раскинеш од сериозни причини. Затоа не дозволувај му на дечкото да те разубеди со слатки зборови или со други подмолни тактики. Една девојка по име Лори вели: „Откако раскинав, бившиот дечко почна да глуми дека е во тешка депресија. Мислам дека го правеше тоа за да ми падне жал за него. И навистина ми беше жал. Но, не дозволив тоа да ме предомисли“. Исто како Лори, и ти знаеш што сакаш. Држи се за својата одлука. Твоето ‚не‘ нека значи ‚не‘ (Јаков 5:12).

Што потоа?

Не треба да се изненадиш ако некое време по раскинувањето ти е многу тешко. Можеби ќе се чувствуваш како псалмистот, кој рекол: „Ме обзеде немир, целиот се подгрбавив, по цел ден одам натажен“ (Псалм 38:6). Некои пријатели кои ти го мислат доброто може ќе се обидат да ти помогнат со тоа што ќе те тераат да му дадеш на бившиот уште една шанса. Но, внимавај! Ти ќе треба да живееш со својата одлука — а не твоите добронамерни пријатели. Затоа, не попуштај — иако можеби ти е жал поради сето она што се случило.

Биди сигурна дека со текот на времето тагата ќе помине. Во меѓувреме, за да ја надминеш таа ситуација, преземи нешто. Следниве предлози може да ти помогнат.

Излеј си ги чувствата пред некој пријател во кого имаш доверба * (Изреки 15:22). Зборувај со Јехова за оваа работа во молитва (Псалм 55:22). Биди зафатена со нешто (1. Коринќаните 15:58). Немој да се повлечеш во себе! (Изреки 18:1). Дружи се со оние што можат да те охрабрат. Труди се да мислиш на позитивни работи (Филипјаните 4:8).

Можеби подоцна ќе започнеш друга врска. Кога ќе се случи тоа, сигурно поурамнотежено ќе гледаш на работите. И можеби тогаш на прашањето „Дали тој е вистинскиот за мене?“ ќе одговориш со ‚да‘!

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 31

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Во врска си и треба да повлечеш граница до каде можете да одите во изразувањето на љубовта. Каде е таа граница?

[Фусноти]

^ Од практични причини, во ова поглавје ќе користиме женски род, но начелата важат и за девојките и за момчињата.

^ За да дознаеш повеќе за себе, размисли и за прашањата во 1. поглавје, наведени под поднасловот „Дали си спремен за брак?“

^ Родителите или некои други возрасни, на пример, старешините, можат да ти помогнат. Можеби и тие самите минале низ истите работи кога биле млади.

КЛУЧЕН СТИХ

„Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11)

ПРЕДЛОГ

Правете работи преку кои може да се види карактерот:

● Проучувајте ја Божјата реч заедно.

● Набљудувајте се како се однесувате кога сте на состанок и во служба.

● Помагајте во чистењето на Салата на Царството и во градежни проекти.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Истражувањата покажуваат дека браковите меѓу луѓе од различна религија почесто завршуваат со развод.

ПЛАН!

Ако почне да ми се допаѓа некој што не ги дели моите верувања, ќе ․․․․․

За да дознаам на каков глас е дечкото со кого излегувам, можам да ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакала да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Кои добри особини ги имаш поради кои би била добар брачен другар?

Кои важни особини би сакала да ги има твојот брачен другар?

До какви компликации може да дојде ако се омажиш за некој што не ги дели твоите верувања?

Како можеш да дознаеш нешто повеќе за карактерот, однесувањето и репутацијата на оној со кого си во врска?

[Истакната мисла на страница 37]

››Како девојката се однесува со своето семејство, така ќе се однесува и со тебе‹‹ (Тони)

[Рамка на страница 34]

„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем“

„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници.“ Веројатно ова библиско начело изнесено во 2. Коринќаните 6:14 ти звучи разумно. Сепак, може да се случи да те привлекува некој што нема исти верувања како тебе. Зошто? Понекогаш, тоа е чисто физичка привлечност. Марко вели: „Таа девојка секогаш ја среќавав на час по физичко. Секогаш ќе најдеше начин да дојде и да поразговара со мене. Лесно беше да се спријателам со неа“.

Ако добро се познаваш себеси и имаш доверба во своите духовни вредности — и ако си доволно зрел за да не се водиш по чувствата — ќе знаеш што треба да направиш. Вистината е дека таа личност — сеедно колку е привлечна, шармантна или навидум чесна — нема да ти го подобри односот со Бог (Јаков 4:4).

Се разбира, ако се развила некоја врска, нема да биде лесно да раскинеш. Синди тоа добро го знае. „Секој ден плачев“, вели таа. „Нон-стоп мислев на него, дури и кога бев на состанок. Толку многу го сакав што си мислев дека е подобро да умрам отколку да го изгубам.“ Но, наскоро Синди сфатила колку мудар совет ѝ дала мајка ѝ кога ѝ рекла да не излегува со некој што не ги дели нејзините верувања. „Добро е што му раскинав“, вели Синди. „Потполно сум уверена дека Јехова ќе ми даде сѐ што ми е потребно.“

Дали си и ти во слична ситуација како Синди? Ако си, не мора сам да се бориш! Можеш да зборуваш со родителите. Џим го сторил токму тоа кога се заљубил во една девојка од училиштето. „На крајот побарав помош од родителите“, вели тој. „Тоа беше многу важен фактор што ми помогна да ги совладам чувствата.“ И собраниските старешини можат да ти помогнат. Можеби е добро да поразговараш со некој од нив за она што те мачи (Исаија 32:1, 2).

 [Рамка/слика на страница 39]

Прашалник

Дали тој би бил добар сопруг?

Основни работи

□ Како го користи својот авторитет? (Матеј 20:25, 26)

□ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15)

□ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27)

□ Како се однесува со своето семејство? (2. Мојсеева 20:12)

□ Кои му се пријатели? (Изреки 13:20)

□ Околу што му се вртат разговорите? (Лука 6:45)

□ Како гледа на парите? (Евреите 13:5, 6)

□ Каква забава сака? (Псалм 97:10)

□ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3)

Други важни работи

□ Дали е вреден? (Изреки 6:9-11)

□ Дали мудро ги троши парите? (Лука 14:28)

□ Дали е на добар глас? (Дела 16:1, 2)

□ Дали е обѕирен со другите? (Филипјаните 2:4)

Знаци за опасност

□ Дали лесно се разлутува? (Изреки 22:24)

□ Дали се обидува да те наведе да направиш нешто нечисто во поглед на моралот? (Галатите 5:19)

□ Дали ги навредува другите и дали е насилен? (Ефешаните 4:31)

□ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположен? (Изреки 20:1)

□ Дали е љубоморен и себичен? (1. Коринќаните 13:4, 5)

 [Рамка/слика на страница 40]

Прашалник

Дали таа би била добра сопруга?

Основни работи

□ Како покажува подложност во семејството и во собранието? (Ефешаните 5:21, 22)

□ Како се однесува со своето семејство? (2. Мојсеева 20:12)

□ Кои ѝ се пријатели? (Изреки 13:20)

□ Околу што ѝ се вртат разговорите? (Лука 6:45)

□ Како гледа на парите? (1. Јованово 2:15-17)

□ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15)

□ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27)

□ Каква забава сака? (Псалм 97:10)

□ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3)

Други важни работи

□ Дали е вредна? (Изреки 31:17, 19, 21, 22, 27)

□ Дали мудро ги троши парите? (Изреки 31:16, 18)

□ Дали е на добар глас? (Рут 3:11)

□ Дали е обѕирна со другите? (Изреки 31:20)

Знаци за опасност

□ Дали е кавгаџика? (Изреки 21:19)

□ Дали се обидува да те наведе да направиш нешто нечисто во поглед на моралот? (Галатите 5:19)

□ Дали ги навредува другите и дали е насилна? (Ефешаните 4:31)

□ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположена? (Изреки 20:1)

□ Дали е љубоморна и себична? (1. Коринќаните 13:4, 5)

[Слика на страница 30]

Не ти се точни сите чевли. Слично, нема секој да ти биде добар партнер

[Слика на страница 31]

Мислиш ли дека е важно да се гледа зад изгледот на еден автомобил? Колку поважно е да го направиш тоа кога избираш брачен другар!