Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Двоен живот — кој мора да знае?

Двоен живот — кој мора да знае?

ПОГЛАВЈЕ 16

Двоен живот — кој мора да знае?

□ Пиење алкохол

□ Дружење со оние што твоите родители ги сметаат за лошо друштво

□ Слушање расипана музика

□ Одење на разуздани журки

□ Тајна врска

□ Гледање насилни или неморални филмови или играње насилни видеоигри

□ Вулгарно зборување

РАЗГЛЕДАЈ ГО списокот на претходната страница. Дали правиш некоја од тие работи без знаење на твоите родители? Ако правиш, веројатно си свесен дека тоа е нешто погрешно. Можеби дури те пече и совеста (Римјаните 2:15). Сепак, се ежиш од помислата да им кажеш на родителите за она што го правиш. А кога размислуваш какви би можеле да бидат последиците, многу логично ти звучи заклучокот: „Она што не го знаат моите родители, не може да ги повреди“. Но, си помислил ли дека можеби водиш двоен живот? Што те навело на тоа?

Привлечноста на независноста

Библијата вели дека со текот на времето „човек ќе ги остави татка си и мајка си“ (1. Мојсеева 2:24). Нормално е да сакаш да пораснеш, да размислуваш со своја глава, самиот да донесуваш одлуки. Но, кога родителите не им дозволуваат некои работи што ги сметаат за немудри — или погрешни — некои млади се бунтуваат.

Точно, можеби изгледа дека некои родители се претерано строги. „Речиси и воопшто не смееме да гледаме филмови“, се жали младата Ким. Уште вели: „Татко ми ни забрани да слушаме практично секаква музика!“ Кога ќе се соочат со вакви забрани што ги сметаат за неразумни, некои млади почнуваат да им завидуваат на своите врсници, за кои им се чини дека имаат многу поголема слобода.

Една девојка по име Тамара кажува уште една причина зошто некои млади водат двоен живот — за да се вклопат меѓу врсниците. „Прво почнав да пцујам на училиште“, вели таа. „Така имав чувство дека сум како сите други деца. Подоцна почнав да пушам. Почнав и да пијам, па дури и да се опивам. На крај почнав да излегувам со момчиња — скришно, зашто моите родители беа строги и не ми дозволуваа да имам врска.“

Младиот Петар имал слично искуство: „Бев воспитан како Јеховин сведок. Но, многу ми беше страв другите да не ми се потсмеваат“. Што направил во врска со овој страв? „Се трудев да бидам популарен“, вели тој. „Лажев и измислував изговори зошто не добивав подароци кога имаше некој празник.“ Штом еднаш почнал да греши во мали работи, не му требало многу да почне да прави и посериозни престапи.

Ништо не е скриено

Двојниот живот не е ништо ново. И некои древни Израелци живееле така и мислеле дека ќе се извлечат. Но, пророкот Исаија ги предупредил: „Тешко на оние што длабоко ги кријат своите намери од Јехова и ги прават своите дела во мрак, велејќи: ‚Кој нѐ гледа и кој нѐ познава?‘“ (Исаија 29:15). Израелците заборавиле дека Јехова гледа што прават. Во свое време, тој ги казнил за нивните грешки.

Исто е и денес. Дури и ако успееш да скриеш од своите родители дека правиш нешто погрешно, не можеш да скриеш од Јехова Бог. „Нема создание кое е скриено пред неговиот поглед“, стои во Евреите 4:13, „туку сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка.“ Според тоа, џабе ти е да криеш. Биди свесен дека не можеш да му угодиш на Бог само со тоа што ќе се преправаш дека му служиш кога одиш на состаноците. Јехова знае кога луѓето ‚го почитуваат со усните, но срцето им е далеку од него‘ (Марко 7:6).

Сфаќаш ли дека оние што живеат двоен живот го повредуваат Јехова? Зарем е тоа навистина можно? И тоа како! Кога древните Израелци го отфрлиле Божјиот закон, ‚му нанеле болка на Израеловиот Светец‘ (Псалм 78:41). Колку мора да го боли Јехова кога гледа како денес некои млади што биле воспитани „со стега од Јехова... [и поучени] да го усвојат неговиот начин на размислување“ скришно прават лоши работи! (Ефешаните 6:4).

Исправи ги работите

Имаш одговорност пред Бог, пред родителите, па и пред себеси, отворено да кажеш ако правиш нешто скришно. Вистина е дека тоа може да ти донесе срам, а можеби и некои непријатни последици (Евреите 12:11). На пример, ако си имал навика да лажеш и да мамиш, си ја поткопал довербата на твоите родители. Затоа, нека не те чуди ако некое време ти наметнат повеќе ограничувања од порано. Сепак, најдобро е да си ги признаеш грешките. Зошто?

Да го објасниме ова со еден пример: Замисли си дека ти и твоето семејство шетате некаде во природа. Родителите ти рекле да не се оддалечуваш од нив. Но, кога тие не те гледаат, ти тргнуваш на друга страна и се губиш. Одеднаш, почнуваш да тонеш во жив песок. Ќе ти биде ли премногу срам да побараш помош? Ќе се секираш ли дали твоите родители ќе те караат затоа што не си ги послушал нивните предупредувања? Не! Ќе викаш колку што те држи грло.

Слично на тоа, ако водиш двоен живот, под итно ти треба помош. Не заборавај, не можеш да се вратиш и да го смениш минатото. Но, можеш да ја смениш иднината. Колку и да е болно и тешко, мудро е да побараш помош пред да си нанесеш поголема штета себеси или на твоето семејство. Ако вистински се каеш за она што си го направил, Јехова ќе биде милостив со тебе (Исаија 1:18; Лука 6:36).

Затоа, кажи им ја вистината на твоите родители. Сфати дека се повредени. Прифати го укорот што ќе ти го дадат. Ако го направиш тоа, ќе ги израдуваш и своите родители и Јехова Бог. А ќе почувствуваш и големо олеснување кога повторно ќе имаш чиста совест (Изреки 27:11; 2. Коринќаните 4:2).

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Имаш многу заеднички работи со децата на училиште. Но, што треба да знаеш во врска со школските другари?

КЛУЧЕН СТИХ

„Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13)

ПРЕДЛОГ

Не ја намалувај сериозноста на твоите грешки, но од друга страна, не паѓај во замката на песимизмот. Не заборавај дека Јехова е спремен да прости (Псалм 86:5).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Чувствата на вина можат да бидат од корист — тие можат да го поттикнат човек да се поправи. Но, ако некој продолжува да греши, си ја оштетува совеста. Таа станува неосетлива, како кожа жигосана со вжештено железо (1. Тимотеј 4:2).

ПЛАН!

Ако водам двоен живот, ќе разговарам со ․․․․․

Ако добијам укор, од помош ќе ми биде да ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто некои тинејџери водат двоен живот?

● Кои се некои последици од двојниот живот?

● Зошто е добро да се престане со таквиот живот?

[Истакната мисла на страница 140]

››Мислам дека младите треба јасно да кажат дека се христијани кои се држат за високи морални мерила. Треба да го направат тоа што е можно порано. Колку подолго чекаат, толку потешко ќе им биде‹‹ (Линда)

[Слика на страница 141]

Ако пропаѓаш во живиот песок на двојниот живот, викај за помош