Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да бидам подобар ученик?

Како да бидам подобар ученик?

ПОГЛАВЈЕ 13

Како да бидам подобар ученик?

ЗАМИСЛИ СИ дека си заробен во една бујна, мрачна џунгла. Од густите крошни на дрвјата до тебе не стигнува речиси ни зрак сончева светлина. Одвај се движиш низ бујните растенија што ги има насекаде околу тебе. За да избегаш, мораш да си го пробиеш патот низ џунглата со една мачета.

Некои би рекле дека училиштето е слично на сцената опишана во претходниот пасус. Па, и ти си цел ден затворен во училница, а и навечер мораш да го загрееш столчето затоа што имаш многу за учење. Дали вака се чувствуваш? На празната линија напиши кој училишен предмет ти е најтежок.

․․․․․

Можеби родителите и наставниците постојано те тераат да запнеш повеќе по овој предмет. Но, тие не го прават тоа за да ти го загорчат животот. Тие само сакаат да дадеш сѐ од себе. Според тоа, што можеш да направиш ако, поради притисокот да бидеш подобар ученик, ти доаѓа да кренеш раце од сѐ? Ако имаш соодветна опрема, ќе можеш да си го пробиеш патот низ џунглата. Од што се состои таа опрема?

1. Позитивен став кон учењето. Тешко дека ќе бидеш мотивиран да бидеш добар ученик ако имаш негативен став кон учењето. Затоа, труди се да ја видиш целата слика. Христијанскиот апостол Павле напишал: „Кој ора, треба да ора со надеж, и кој врши жито, треба да го врши со надеж дека ќе го добие својот дел“ (1. Коринќаните 9:10).

Можеби не ти е лесно да сфатиш колку е важно да ‚преораш‘, т.е. да вложиш труд во некој предмет. Зошто? Па, можеби затоа што сите предмети што ги имаш на училиште не ти изгледаат важни — барем не сега. Сепак, знаењето што ќе го стекнеш од повеќе области ќе ти помогне подобро да го разбираш светот околу тебе. Така ќе можеш ‚на сите да им бидеш сѐ‘ и да зборуваш со најразлични луѓе (1. Коринќаните 9:22). На крајот на краиштата, така ќе си ја подобриш способноста за размислување — вештина која секако ќе ти користи на долги патеки.

2. Позитивен став кон своите способности. Училиштето може да ги открие твоите скриени таленти. Павле му напишал на Тимотеј ‚да го разгори Божјиот дар кој го примил‘ (2. Тимотеј 1:6). Очигледно Тимотеј бил поставен да врши некоја посебна служба во христијанското собрание. Но, својата способност што ја добил од Бог — неговиот „дар“ — морал да ја негува за да не остане неискористена. Се разбира, твојот успех на училиште не доаѓа директно од Бог. Сепак, ти си имаш свои таленти. Училиштето може да ти помогне да откриеш и да се подобруваш во вештини што не си ни знаел дека ги имаш.

Не осудувај се предвреме на пропаст со тоа што ќе мислиш дека тебе едноставно ти нема поправање. Кога ќе те обземат негативни мисли во врска со твоите способности, замени ги со позитивни мисли. На пример, како реагирал Павле кога луѓето, можеби без основа, ги критикувале неговите говорнички способности? Тој рекол: „И да сум невешт во говорот, не сум во знаењето“ (2. Коринќаните 10:10; 11:6). Павле бил свесен за своите слабости. Но, добро ги знаел и своите јаки страни.

Како е со тебе? Кои се твоите јаки страни? Ако не знаеш, зошто не прашаш некој грижлив возрасен? Таквиот пријател може да ти помогне да откриеш кои ти се јаките страни и да ги користиш потполно.

3. Добри навики за учење. Ако сакаш да имаш добар успех на училиште — нема мрдање — кога-тогаш ќе мораш да седнеш да учиш. Точно, можеби баш и не го сакаш овој збор. Но, учењето е за твое добро. Всушност, со малку напор можеби и ќе научиш да го сакаш.

Но, за да имаш добри навики за учење, ќе треба добро да си го организираш времето. Запамти — додека си во училиште, треба сериозно да го сфатиш учењето. Точно, Библијата вели дека има „време за смеење“ и „време за танцување“ (Проповедник 3:1, 4; 11:9). Затоа, како и повеќето млади, и ти веројатно сакаш да си оставиш време за рекреација. * Но, во Проповедник 11:4 сме предупредени: „Кој внимава на ветрот, никогаш не сее, и кој гледа на облаците, никогаш не жнее“. Која е поуката од овој стих? Прво учење, па забава. Не грижи се — можеш да најдеш време и за едното и за другото!

Помош во учењето

Но, што ако едноставно имаш премногу за учење? Можеби и ти се чувствуваш како Сандра (17) која вели: „Навечер ми требаат два до три часа за да научам за следниот ден, а морам да учам и за време на викендите“. Што ќе ти помогне со оваа поплава од лекции? Пробај да ги примениш предлозите на 119. страница.

Да се расчисти патот

Кога го советувал Тимотеј како да напредува духовно, Павле му пишал: „Извршувај ги овие должности, посвети им се целосно, нека се гледа дека напредуваш“ (1. Тимотеј 4:15Радосна Вест). Слично на тоа, со вредна работа ќе се види и твојот напредок на училиште.

Размисли за споредбата што беше дадена во почетокот на ова поглавје. Ако си заробен во густа џунгла, ќе ти треба соодветна опрема — мачета — за да си го расчистиш патот. Ова важи и за училиштето. Наместо да те уплашат барањата од твоите родители и наставници, користи ја опремата што беше разгледана во ова поглавје. Така ќе имаш подобар успех на училиште. Кога ќе почнеш да се подобруваш, ќе ти биде мило што си ја користел!

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 18

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Како да ти беа малку проблемите на училиште, па сега уште мора да трпиш и малтретирање. Што да правиш?

[Фуснота]

^ За рекреацијата подетално се зборува во Дел 8 од оваа книга.

КЛУЧЕН СТИХ

„Кој внимава на ветрот, никогаш не сее, и кој гледа на облаците, никогаш не жнее“ (Проповедник 11:4)

ПРЕДЛОГ

Кога учиш, прво разгледај го материјалот за да знаеш за што се зборува. Следно, на темел на поднасловите, размисли кои прашања би можело да бидат одговорени во текстот. Потоа прочитај го материјалот барајќи ги одговорите. На крајот, провери дали можеш да се сетиш што си прочитал.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Ако препишуваш, може да ја изгубиш довербата на другите, а може да го спречиш и својот напредок. Пред сѐ, ќе си го расипеш пријателството со Бог (Изреки 11:1).

ПЛАН!

Следниот пат би сакал да добијам ․․․․․ (напиши ја оценката) по овој предмет: ․․․․․

Ќе се потрудам да се подобрам по тој предмет на следниов начин: ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто треба вредно да учиш за на училиште?

● Кое време ти е најдобро за учење?

● Дома, кое ти е најзгодното место за учење и пишување домашни задачи?

● Што можеш да направиш за хобијата и рекреацијата да не ти влијаат врз оценките?

[Истакната мисла на страница 117]

››Забележувам нешто кај моите врсници. Од нивните навики за проучување на духовни работи се гледа какви навики за учење имале на училиште. Оние што не научиле да го сакаат учењето не беа толку заинтересирани ни за проучување на Библијата‹‹ (Силвија)

[Рамка/слика на страница 119]

Најди си место за учење. Гледај да нема ништо што ќе ти го одвлекува вниманието. Ако е можно, учи на биро. Не го вклучувај ТВ-то.

Пореди ги работите по важност. Бидејќи образованието е важно, биди одлучен да не го вклучуваш ТВ-то додека не научиш за следниот ден.

Не одложувај. Направи си конкретен распоред за учење и за пишување домашни задачи и држи се за него.

Направи си план. Одлучи кој предмет ќе го учиш прв, кој втор итн. Запиши си го тоа на хартија и одреди време за секој предмет. Кога ќе завршиш со еден предмет, пречкртај го.

Прави си паузи. Ако видиш дека ја губиш концентрацијата, направи си кратка пауза. Потоа, што е можно побрзо, продолжи со учењето.

Имај самодоверба. Запамти — разликата помеѓу добар и слаб ученик обично повеќе се должи на трудољубивоста, а не на интелигенцијата. Ти можеш да имаш добар успех на училиште. Вложи труд и ќе имаш добри резултати.

[Слика на страница 116]

Училиштето може да биде како пробивање пат низ густа џунгла — и едното и другото е можно ако имаш соодветна опрема