Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се заштитам на училиште?

Како да се заштитам на училиште?

ПОГЛАВЈЕ 14

Како да се заштитам на училиште?

Кај следниве изјави штиклирај точно или неточно:

1. Во малтретирање спаѓаат само физички напади.

□ Точно

□ Неточно

2. Сексуалното вознемирување секогаш вклучува физички контакти.

□ Точно

□ Неточно

3. И девојчињата знаат да ги малтретираат другите.

□ Точно

□ Неточно

4. Ако некој те малтретира или сексуално те вознемирува, не можеш ништо да направиш.

□ Точно

□ Неточно

ЗА МИЛИОНИ деца што се малтретирани на училиште, одењето во училиште е вистински кошмар. Рајан вели: „Од дома до училиштето имав 15 минути со автобус, но тие 15 минути ми изгледаа како часови додека децата што ме задеваа полека преминуваа од навредливи зборови на физичко малтретирање“. Други млади трпат сексуално вознемирување. „Еден многу популарен дечко ме притесни в ќоше во ходникот и почна да ме допира“, вели младата Анита. „Го замолив со убаво да не ме допира, но немаше ефект. Мислеше дека не сум сериозна.“

Некои тинејџери трпат малтретирање од своите врсници и на Интернет. Дали си и ти жртва на малтретирање? Што можеш да направиш за да си ја олесниш ситуацијата? Многу! Но прво, да ги одвоиме погрешните претстави од фактите така што ќе ги разгледаме изјавите дадени во почетокот на поглавјето.

1. Неточно. Кога некој сака да малтретира некого, најчесто ја користи устата а не тупаниците. Некои облици на малтретирање се закани, навреди, сарказам и исмевање.

2. Неточно. Дури и „комплимент“ со сексуален призвук, вулгарна шега или постојано меркање може да претставува сексуално вознемирување.

3. Точно. И машките и женските може да ги малтретираат и да ги вознемируваат другите.

4. Неточно. Можеш да преземеш мерки да му ставиш крај на малтретирањето. Да видиме како.

Како да победиш без тупаници

Некои насилници сакаат да те провоцираат само за да видат како ќе реагираш. Но Библијата го дава овој мудар совет: „Немој брзо да се навредуваш“ (Проповедник 7:9). Вистината е дека ако ‚вратиш зло за зло‘ може само да додадеш масло на огнот и да направиш уште поголеми проблеми (Римјаните 12:17). Тогаш, како можеш да го победиш насилникот без да ги користиш тупаниците?

Не биди преосетлив. Ако некој те задева само за да направи шега, труди се тоа да го прифатиш како шега а не како навреда. „Понекогаш, сѐ што треба е да не ги сфаќаш поострите изјави толку сериозно“, вели младиот Елиу. Ако некој насилник види дека неговите зборови немаат никаков ефект, можеби ќе те остави на мир.

Биди благ. Библијата вели: „Благиот одговор го смирува гневот“ (Изреки 15:1). Нешто што еден насилник најмалку очекува е љубезен одговор, а таквиот одговор може да ја намали тензијата. Точно, потребна е голема самоконтрола за да останеш смирен кога некој те напаѓа. Но, тоа секогаш е најдобриот избор. Во Изреки 29:11 пишува: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“. Благоста е знак на сила. Благиот човек не може лесно да биде исфрлен од рамнотежа. Но, насилникот, од друга страна, честопати е несигурен, лут, па дури и очаен. Затоа, со добра причина Библијата вели: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек“ (Изреки 16:32).

Заштити се. Ако ситуацијата излегува од контрола, можеби ќе треба да бараш начин да се извлечеш. Во Изреки 17:14 се вели: „Пред да избие караницата, оддалечи се“. Затоа, ако гледаш дека сигурно ќе дојде до насилство, замини си или бегај. Ако немаш шанси да избегаш, ќе треба да се заштитиш најдобро што умееш.

Кажи на некого. Твоите родители имаат право да знаат што се случува. Тие можат да ти дадат и практични совети. На пример, можеби ќе ти предложат да зборуваш за тој проблем со некој наставник или со педагогот. Биди сигурен дека родителите и наставниците можат да го решат проблемот дискретно за да не ти направат уште поголеми проблеми.

Што е суштината на овие совети? Насилникот не може да победи ако не ја играш неговата игра. Затоа, не дозволувај да те испровоцира. Наместо тоа, преземи ја контролата над ситуацијата со помош на предлозите што беа дадени тука.

Сексуално вознемирување

Ако некој сексуално те вознемирува, имаш право да бидеш лут! Но, прашањето е: Што можеш да направиш во врска со тоа? Многу! Еве некои предлози.

Одлучно речи ,не‘. Ако неодлучно речеш ‚не‘, напасникот може тоа да го протолкува како ‚да‘ — или во најмала рака, како ‚можеби‘. Затоа, твоето ‚не‘ нека значи ‚не‘ (Матеј 5:37). Ако се кикотиш или ако покажеш срам, дури и ако тоа го правиш затоа што во почетокот навистина ти е непријатно, напасникот може да добие погрешни сигнали. Биди цврст и директен. Тоа ти е најдобрата одбрана!

Направи сцена. Анита кажува што се случило со нејзиниот напасник: „Морав да го засрамам пред неговите пријатели и затоа гласно му реков да НЕ ме допира така!“ Со каков резултат? „Сите пријатели му се смееја. Едно време беше многу ладен спрема мене, но по неколку дена ми се извини, а подоцна дури и ме бранеше кога некој друг ќе пробаше да ми досадува.“

Ако зборовите немаат ефект, замини си. Уште подобро е да бегаш. А, ако нема каде да бегаш, имаш право да се браниш (5. Мојсеева 22:25-27). Една млада христијанка вели: „Кога едно момче се обиде да ме зграпчи, го удрив најсилно што можев и избегав!“

Кажи на некого. „На крајот морав да го направам тоа“, вели Адријана (16). „Побарав совет од родителите кога едно момче што го сметав за добар пријател не ме оставаше на мир. Колку повеќе го одбивав, толку поупорен беше — како тоа да беше игра за него.“ Родителите ѝ дале практичен совет кој ѝ помогнал да се справи со проблемот. Сигурно дека родителите можат да ти помогнат и тебе.

Не е лесно ако мораш да се справуваш со малтретирање или со сексуално вознемирување. Но, никогаш не губи го ова од вид: младите христијани не треба да бидат беспомошни жртви. Ниту, пак, треба да ги толерираат или да паднат на додворувањата на некој напасник. Ако се држиш за советите што се дадени во ова поглавје, ќе успееш да се справиш со тие проблеми.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 18

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Еден од најголемите предизвици со кој ќе се соочиш е притисокот од врсниците. Научи како да го поднесеш со самодоверба.

КЛУЧЕН СТИХ

„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18)

ПРЕДЛОГ

Ако некој те малтретира, биди смел но не и агресивен. Одлучно кажи му да прекине. Мирно замини си. Ако продолжи со малтретирањето, кажи на некого.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Ако носиш облека што е карактеристична за некоја банда, може да бидеш мета на напад. Еден поранешен член на банда вели: „Ако некој се облекуваше како нас, а не беше од нашата банда, најверојатно ќе беше мета на напад. Или ќе мораше да ѝ се приклучи на бандата или ќе изедеше ќотек“.

ПЛАН!

Ако некој се обиде да ме навреди или да ме испровоцира, ќе ․․․․․

За да не си ја барам бељата, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Како ќе покажеш поголема самодоверба и смиреност за да ги намалиш шансите некој да те малтретира?

● Што можеш да направиш ако некој сексуално те вознемирува? (Размисли за некои типични ситуации и како би можел да реагираш.)

● Зошто треба сериозно да гледаш на сексуалното вознемирување?

[Истакната мисла на страница 123]

››Ако знаеш дека ќе дојде до тепачка, не се мешај и оди си дома. Некои остануваат да гледаат, и тогаш и тие ќе си го добијат‹‹ (Хаиро)

[Рамка на страница 125]

Како да не дојде до сексуално вознемирување

Не флертувај. Флертувањето е отворена покана за вознемирување. Во Библијата е поставено следново прашање: „Може ли некој да стави оган во пазувите, а да не му се запали облеката?“ (Изреки 6:27). Факт е дека флертувањето е играње со оган.

Внимавај со кого се дружиш. Другите секогаш ќе мислат дека си ист како твоите пријатели. Една девојка по име Карла вели: „Ако се дружиш со некои што попуштаат на забелешките или на кои им годи такво внимание, тогаш ќе те вознемируваат и тебе“ (1. Коринќаните 15:33).

Внимавај како се облекуваш. Нескромната облека праќа сигнали дека сакаш да го привлечеш вниманието на спротивниот пол — и ќе го привлечеш (Галатите 6:7).

Не криј дека си христијанин. Ако криеш, никој нема да очекува да живееш според христијанските мерила (Матеј 5:15, 16).

[Слика на страница 124]

Ако на задевањата од некој насилник вратиш со гнев, тоа е како да дотураш масло на огнот

[Слика на страница 127]

Кажи му на сексуалниот напасник да ти се тргне од пред очи!