Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали да си заминам од дома?

Дали да си заминам од дома?

Поглавје 7

Дали да си заминам од дома?

„Мамо и тато,

Еве конечно си заминувам. Како што реков и порано, не го правам ова за да ви напакостам или на кој било начин да ви се одмаздам. Не можам да бидам среќна кога сум ограничена како што сакате вие да бидам. Можеби нема да бидам среќна ниту на овој начин, но само сакам да откријам.“

ТАКА една 17-годишна девојка го започнала своето проштално писмо до родителите. Во Сојузна Република Германија, на пример, секоја трета девојка и секое четврто момче на возраст помеѓу 15 и 24 години, сега живее надвор од домот. Можеби и ти самиот си размислувал да си заминеш од дома.

Бог предвидел дека желбата да се стапи во брак ќе предизвика лицето да го ‚остави таткото свој и мајката своја‘ (1. Мојсеева 2:23, 24). Има и други оправдани причини за заминување, како што е проширувањето на нечија служба за Бог (Марко 10:29, 30). Меѓутоа, за многу млади заминувањето од домот едноставно е начин да избегаат од она за кое тие мислат дека е неподнослива ситуација. Еден млад човек вели: „Едноставно се работи за тоа дека сакаш да биде понезависен. Да се живее дома со родителите не е повеќе задоволувачки. Секогаш се расправаш, а тие не ги разбираат твоите потреби. Освен тоа, се чувствуваш толку ограничено, секогаш мораш да им одговориш на родителите за секое твое движење“.

Спремен за независност?

Но дали фактот што ти сакаш независност значи дека си спремен за неа? Како прво, да успееш сам можеби не е толку лесно колку што си мислиш. Обично тешко се наоѓа работа. Кириите нагло скокаат. И кога младите ќе бидат фатени во економска клопка, што се присилени најчесто да прават? Авторите на книгата Pulling Up Roots (Откорнување на корењата) велат: „Се враќаат дома и очекуваат родителите повторно да го преземат товарот за нивната издршка“.

А што е со твојата душевна, емоционална и духовна зрелост? Ти можеш да си мечтаеш дека си возрасен, но твоите родители може сѐ уште гледаат во тебе некои ‚обележја на дете‘ (1. Коринтјаните 13:11НС). И навистина, зарем твоите родители не се во најдобра состојба да просудат колкава слобода си спремен да имаш? Да одиш против нивните проценувања и да си отидеш за да живееш сам, би можело да предизвика неволја! (Изреки 1:8).

,Не се сложувам со моите родители!‘

Дали е тоа така и во твојот случај? Дури и да е, тоа не е причина да почнеш да си ги пакуваш торбите. Како млад, тебе сѐ уште ти се потребни родителите и веројатно во претстојните години ќе имаш корист од нивниот увид и мудрост (Изреки 23:22). Би требало ли да ги исклучиш од твојот живот само затоа што си западнал во неколку закачки со нив?

Еден млад Германец по име Карстен, кој го напуштил домот за да продолжи со кариерата како полновремен слуга, се изразува на следниов начин: „Никогаш не си заминувај од дома само затоа што не можеш да се сложиш со твоите родители. Ако не можеш да се сложиш со нив, како воопшто ќе можеш да се сложиш со други луѓе? Селењето нема да го реши твојот проблем. Обратно, тоа само ќе докаже дека си премногу незрел да застанеш на свои нозе и ќе те доведе до поголемо оттуѓување од родителите“.

Морал и мотиви

Младите исто така се склони да ги превидат моралните опасности кои се вклучени во прераното заминување од дома. Во Лука 15:11—32, Исус кажува за еден млад човек кој сакал да биде независен и си отишол за да живее сам. Бидејќи повеќе не бил под доброто влијание на родителите, почнал ‚да живее блудно‘, подлегнувајќи на сексуален неморал. Наскоро ги потрошил своите пари. Било толку тешко да се вработи што дури морал да прифати работа која Евреите ја презирале — да чува свињи. Меѓутоа, таканаречениот расипнички, односно опустошувачки син се освестил. Надвладувајќи ја гордоста, се вратил дома и го молел татко му да му прости.

Иако оваа парабола била кажана за да се подвлече Божјата милост, таа ја содржи и оваа практична лекција: Заминувањето од дома поради немудар мотив може да ти наштети и морално и духовно! За жал, некои христијански млади кои се впуштиле во независен начин на живеење претрпеле духовно пропаѓање. Неспособни финансиски да врзат крај со крај, некои прибегнувале да ги делат трошоците со други млади чиј животен стил се судрува со библиските начела (1. Коринтјаните 15:33НС).

Еден младинец од Германија по име Хорст, се сеќава на еден млад човек на негова возраст кој си заминал од дома: „Иако не беше оженет, тој почна да живее со неговата девојка. Имаа забави каде што слободно се точеше алкохол и тој честопати завршуваше во пијана состојба. Да беше сѐ уште дома, неговите родители немаше да го дозволат ниту едното од овие работи“. Хорст заклучува: „Точно е дека откако ќе си заминеш од дома, имаш поголема слобода. Но, да бидеме потполно искрени, зарем тоа не се користи честопати како можност да се вршат лоши работи?“

Затоа, ако копнееш по поголема слобода, запрашај се: Зошто баш сакам поголема слобода? Дали за да можам да имам материјални работи или да бидам слободен за да постапувам на начини кои родителите би ми ги забраниле ако живеам дома? Сети се што вели Библијата во Јеремија 17:9: „Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“

Како можам да пораснам ако не се преселам?

Книгата Adolescence (Адолесценција) забележува: „Едноставно, преселувањето од семејниот дом не гарантира успешен премин [во полнолетство]. Ниту, пак, останувањето дома подразбира дека нема да се успее да се порасне“. Навистина, да се порасне значи повеќе отколку само да се имаат сопствени пари, работа и стан. Како прво, животните проблеми се совладуваат со тоа што директно ќе се соочуваш со нив. Ништо не се постигнува со бегање од ситуациите кои не се по наш вкус. „Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“, вели Плач Јеремиин 3:27.

Земи ги за пример родителите со кои човек тешко се сложува или се многу строги. Мек, кој сега има 47 години, имал татко кој го оптоварувал со домашни работи после училиштето. За време на летниот одмор, додека другите млади си играле, Мек морал да работи. „Мислев дека тој е најлошиот човек кој постои, бидејќи нѐ спречуваше да си играме и да уживаме“, вели Мек. „Честопати си мислев: ‚Кога само би можел да побегнам оттука и да си имам свој стан!‘ “ Меѓутоа, Мек сега има поинакво гледиште за работите: „Она што татко ми го направи за мене е од непроценлива вредност. Тој ме научи како да вршам напорна работа и да истрајам во тешкотија. Оттогаш, се соочував со далеку посериозни проблеми, но сега знам како директно да се соочам со нив“.

„Земја на мед и млеко“

Меѓутоа, животот дома сам по себе не гарантира дека ќе созрееш. Еден млад човек вели: „Живеењето дома со моите родители беше како да живеам во ‚земјата на мед и млеко‘. Правеа сѐ за мене“. Дел од растењето е да учиш како да се грижиш за себе. Се разбира, да го изнесеш ѓубрето или да ги испереш алиштата не е толку забавно како слушањето на твоите омилени плочи. Но, каква може да биде последицата ако никогаш не научиш како да ги вршиш овие работи? Можеш да станеш беспомошен возрасен, потполно зависен од родителите или од другите.

Дали ти (без разлика дали си млад човек или млада жена) се подготвуваш за евентуална независност со тоа што учиш да готвиш, да чистиш, да пеглаш, да правиш поправки во домаќинството или на автомобилот?

Економска независност

Младите во богатите земји често гледаат на парите како на нешто до кое лесно може да се дојде, а уште полесно да се потроши. Ако имаат работа со скратено работно време, тие често се склони да ја потрошат својата готовина на стерео⁠-​опреми и дизајнерска облека. Меѓутоа, какво само сурово будење ги очекува таквите млади кога ќе се преселат сами! Хорст (претходно спомнат) се сеќава: „До крајот на месецот [кога бев сам] ми беа празни и креденецот и портмонето“.

Зошто не научиш како да управуваш со парите уште додека живееш дома? Твоите родители имаат години искуство во тоа и можат да ти помогнат да избегнеш многу стапици. Книгата Откорнување на корењата предлага да им поставиш прашања како што се: ‚Колку се плаќа секој месец за струја? за греење? за вода? за телефон? какви даноци плаќаме? колкава кирија плаќаме?‘ Можеш да бидеш шокиран кога ќе дознаеш дека младите кои се вработени честопати имаат поголем џепарлак отколку нивните родители! Затоа, ако имаш работа, понуди се да дадеш разумен придонес за трошоците на домаќинството.

Научи пред да си заминеш

Не, не треба да си заминеш од дома за да пораснеш. Но, додека си таму треба напорно да работиш за да стекнеш добро просудување и разумност. Исто така, научи како да се сложуваш со другите. Докажи дека можеш да поднесеш критика, неуспех или разочарување. Негувај ги „добротата, милосрдноста, кротоста и воздржувањето“ (Галатјаните 5:22, 23). Овие особини се вистински обележја на возрасните христијански мажи и жени.

Порано или подоцна, околности како што е бракот, веројатно, ќе те натераат да излезеш од гнездото на родителскиот дом. Но, сѐ дотогаш, зошто толку да брзаш да си заминеш? Зборувај за тоа со своите родители. Тие може да бидат среќни ако останеш, особено ако вистински придонесуваш за благосостојбата на семејството. Со нивна помош, можеш да продолжиш да растеш, да учиш и да зрееш токму таму — во домот.

Прашања за дискусија

□ Зошто многу млади се желни да си заминат од дома?

□ Зошто повеќето млади се неспремни за такво преселување?

□ Кои се некои опасности од прераното заминување од дома?

□ Кои се некои од проблемите со кои се соочуваат оние кои бегаат од дома?

□ Како е можно да созрееш додека сѐ уште живееш дома?

[Истакната мисла на страница 57]

„Никогаш не си заминувај од дома само затоа што не можеш да се сложиш со твоите родители . . . како воопшто ќе можеш да се сложиш со други луѓе?“

[Рамка на страници 60 и 61]

Дали бегањето е решение?

Преку еден милион тинејџери секоја година бегаат од дома. Некои бегаат од неподносливи ситуации — како што се физичка или сексуална злоупотреба. Но, многу почесто, бегањето е предизвикано од расправии со родителите во врска со работи како што се ограничувањето на времето, училишните оценки, домашните работи и изборот на пријатели.

Можеби гледиштето на твоите родители и размислувањето за работите едноставно не се совпаѓа со твоето. Но, дали си го зел предвид фактот дека твоите родители имаат обврска пред Бог да те воспитуваат во „науката и стравот Господов?“ (Ефесјаните 6:4). Затоа, може да инсистираат да ги придружуваш на религиозните состаноци и активности или дури и да го ограничат твоето дружење со други млади (1. Коринтјаните 15:33НС). Дали тоа е каква и да било причина да се бунтуваш или да побегнеш? И ти имаш обврска пред Бог: „Почитувај ги татка си и мајка си!“ (Ефесјаните 6:1—3).

Освен тоа, бегањето не решава ништо. „Бегањето само ти создава повеќе проблеми“, размислува Еми, која побегнала на возраст од 14 години. Во својата книга My Friend Wants to Run Away (Мојот пријател сака да побегне), Маргарет О. Хајд вели: „Само малкумина од оние кои побегнале навистина наоѓаат работа и успеваат сами. Но, за повеќето од нив, животот е полош отколку пред да си заминат од дома“. А списанието ’Teen забележува: „Тинејџерите не наоѓаат слобода на улиците. Наместо тоа, тие наоѓаат други кои побегнале од дома или биле истерани — како нив — кои живеат во напуштени згради, каде што немаат заштита од силеџии или улични напаѓачи. Наоѓаат и многу луѓе кои се занимаваат со нечист бизнис искористувајќи млади луѓе, а тинејџерите кои побегнале се лесен плен“.

Кога Еми побегнала од дома, со неа се „спријателил“ еден 22-годишен младич, кој ѝ наплатил за нејзиниот престој со тоа што „имала сексуален однос со него и со уште девет негови пријатели“. Исто така, „се опијанувала и земала многу дрога“. Една друга девојка, по име Сенди, била злоупотребувана од еден дедо кој ѝ бил старател и побегнала. Станала проститутка живеејќи по улиците и спиејќи по клупите во парковите или каде што можела. Тие се типичен пример за многумина од оние кои побегнале.

Повеќето од оние кои побегнале немаат некои вештини кои се бараат. Ниту, пак, обично ја имаат потребната документација за да се вработат: извод на раѓање, картичка за социјално осигурување, постојана адреса. „Морав да крадам, да просам“, вели Луис, но „воглавно да крадам бидејќи надвор никој не ти дава ништо.“ Околу 60 проценти од оние кои побегнале се девојки од кои многу се издржуваат со проституција. Порнографите, дилерите со дрога и макроата, често ги посетуваат автобуските станици барајќи да искористат некои кои побегнале. На уплашените млади луѓе можат да им нудат место за преноќевање и храна. Тие дури можат да им го дадат и она што им недостасувало дома — чувството дека се сакани.

Но, со тек на времето, таквите „добродетели“ бараат да им се плати. А тоа може да значи да се работи за нив како проститутка, впуштајќи се во сексуални перверзии или позирајќи за порнографски слики. Не е чудно што многу од оние кои побегнале од дома завршуваат сериозно повредени — или мртви!

Според тоа, логично е да вложиш секаков напор — и тоа значи повеќе од еднаш — да разговараш со своите родители. Дај им до знаење како се чувствуваш и што се случува. (Види ги поглавјата 2 и 3.) Во случаи на физичка или сексуална злоупотреба, можеби ќе биде потребна помош однадвор.

Каков и да е случајот, зборувај, не бегај. Дури и ако животот дома не е идеален, задржи во мислите дека работите можат да бидат уште полоши кога ќе побегнеш.

[Слики на страница 59]

Домашните вештини кои се потребни за да живее некој сам, можат да се научат дома