Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто ми е толку тешко да се сложам со брат ми и со сестра ми?

Зошто ми е толку тешко да се сложам со брат ми и со сестра ми?

Поглавје 6

Зошто ми е толку тешко да се сложам со брат ми и со сестра ми?

РИВАЛСТВОТО помеѓу братот и сестрата — тоа е старо колку Каин и Авел. Тоа не значи дека го мразиш брат ти или сестра ти. Една млада личност признала: „Длабоко во моето срце, каде што сега не можам да допрам, уверена сум дека го љубам брат ми. На некој начин, го сакам“.

Зошто непријателските чувства толку често дебнеат под површината на врските помеѓу браќата и сестрите? Писателката Хариет Вебстер ја цитира Клаудија Швајцер, семеен терапевт, која вели: „Секое семејство има извесна количина добра — емоционални и материјални“. Вебстер додава: „Кога браќата и сестрите се тепаат, тие обично се натпреваруваат за овие добра, што вклучува сѐ — од родителската љубов па сѐ до парите и облеката“. Камил и нејзините пет браќа и сестри, на пример, делат три спални. „Понекогаш сакам да бидам сама“, вели Камил, „и ќе сакам да ги исклучам од мислите, но тие се секогаш таму.“

Борбените линии, исто така, можат да бидат повлечени во врска со делењето на предностите како и одговорностите во домаќинството. Постарите деца можат да се лутат ако од нив се очекува да имаат лавовски дел во работата. Помалите деца можеби даваат отпор кога им е наредувано од постарите или може да станат љубоморни кога постариот брат или сестра ги добиваат саканите предности. ‚Сестра ми зема часови за возење, а јас не можам‘, се жали една тинејџерка од Англија. ‚Се чувствувам огорчена и се обидувам да ѝ ги отежнам работите.‘

Понекогаш, раздорот меѓу браќата и сестрите едноставно е резултат на судир на личностите. Седумнаесетгодишната Дајен за своите браќа и сестри вели: „Ако се гледате еден со друг секој ден, и ден за ден . . . И ако ја гледаш истата личност како секој ден ја прави истата работа што те нервира — може да ти дојде преку глава“. Младиот Андре додава: „Кога си дома . . . постапуваш на начин каков што навистина си“. За жал, ‚да се постапува на начин каков што навистина си‘, честопати значи да се изостави учтивоста, љубезноста и тактичноста.

Родителските склоности (,Тебе мама најмногу те сака‘) се понатамошна причина за раздор помеѓу браќата и сестрите. Професорот по психологија Ли Салк, признава: „Не постои начин некој родител да може да ги љуби подеднакво исто сите свои деца, затоа што тие се различни човечки битија и неминовно изнудуваат различни реакции од нас [родителите]“. Тоа било случај во библиските времиња. Патријархот Јаков (Израел) „го сакаше Јосифа многу повеќе од сите синови свои“ (1. Мојсеева 37:3). Јосифовите браќа му станале многу љубоморни на Јосиф.

Гасење на огнот

„Кога нема веќе дрва, огнот згаснува.“ Така вели стихот од Изреки 26:20. Ширењето на шумските пожари честопати се спречува со сечење на еден дел од шумата, соголување на едно парче земја. Ако навистина настане пожар, тој обично напредува само до тој дел, а потоа се гаси. Слично на тоа, постојат начини да се спречат — или во најмала рака да се ограничат — несогласувањата. Еден начин е да се комуницира и да се изнајде компромис пред да се разгорат расправиите.

На пример, дали проблемот е недостиг на приватност? Ако да, во време кога проблемот сѐ уште не е разгорен, обиди се да седнете заедно и да изработите вистински план. (,Јас ќе бидам сам во собата во тие денови/часови, а ти во овие.‘) Потоа, ‚зборот твој да биде: да, да, — не, не‘, со тоа што ќе го почитуваш договорот (Матеј 5:37). Ако се случи нешто што има потреба од прилагодување, извести го другото лице однапред, наместо само да му ја наметнеш промената без да му соопштиш.

Дали водите борба околу правото на сопственост? Една тинејџерка се жалела: „Мојата полусестра секогаш ги користи моите работи без да ме праша. Дури ја користела и мојата шминка, а потоа имаше храброст да ми каже дека не сум ја купила правата марка!“ Како крајни посредници би можел да ги викнеш родителите. Но, уште подобро, седни со твојот брат или сестра кога сте смирени. Наместо да се расправаш за личните „права“, биди ‚спремен да делиш‘ (1. Тимотеј 6:18НС). Обиди се да се сложите за некои правила во врска со позајмувањето, од кои едно може да биде — секогаш пред да се земе нешто треба да се праша. Прави компромиси ако е потребно. На тој начин можеш да гледаш како „огнот згаснува“ пред да се запали!

Но, што ако едноставно те нервира карактерот на твојот брат или сестра? Навистина, можеш да направиш малку за да го промениш. Затоа, научи да ‚се поднесувате еден со друг со љубов‘ (Ефесјаните 4:2). Наместо да ги увеличуваш грешките и мааните на твојот брат или сестра, покажувај христијанска љубов, која „покрива многу гревови“ (1. Петрово 4:8). Наместо да бидеш зајадлив или нељубезен, отфрли ги „гневот, лутината, злобата, хулењето“ и ‚зборот твој секогаш да биде благодатен‘ (Колосјаните 3:8; 4:6).

,Не е фер!‘

„Сестра ми добива сѐ што ќе посака“, се жали еден младинец. „Но кога се работи за мене, потполно ме изоставаат.“ Ти звучи познато? Но, забележи ги овие две апсолутни работи: „сѐ“ и „потполно“. Дали ситуацијата е навистина толку страшна? Веројатно не. А дури и да е така, дали е реално да очекуваме апсолутно еднакво постапување со двајца различни поединци? Се разбира дека не! Твоите родители може едноставно да реагираат според вашите индивидуални потреби и темпераменти.

Но дали не е нефер од страна на родителите да имаат поголема наклоност кон некое дете посебно? Не мора да значи. Сети се како Јаков бил наклонет кон својот син Јосиф. Причината? Јосиф бил син од љубената жена на Јаков — Рахил, која умрела. Зарем не е совршено разбирливо што Јаков се чувствувал посебно близок со овој син? Меѓутоа, Јакововата љубов кон Јосиф не ги исклучувала другите синови, бидејќи покажал вистинска грижа за нивната благосостојба (1. Мојсеева 37:13, 14). Затоа, нивната љубомора кон Јосиф била неоснована!

На сличен начин, твоите родители можат да бидат привлечени кон твојот брат или сестра, можеби поради заедничките интереси, сличната личност или други фактори. Тоа не значи дека тебе не те љубат. Ако чувствуваш огорченост или љубомора, разбери дека едноставно те совладало твоето несовршено срце. Работи на тоа да ги надминеш таквите чувства. Сѐ додека се задоволени твоите потреби, зошто да се вознемируваш ако изгледа дека братот или сестрата добиваат дополнително внимание?

Браќа и сестри — благослов

Понекогаш ова е тешко да се верува — особено кога те нервираат. Но младата Дајен нѐ потсетува: „Супер е да се има браќа и сестри“. Таа има седум. „Имаш со кого да зборуваш и да ги делиш интересите.“

Ана Марија и нејзиниот брат Андре додаваат: „Дури и да можеш да излегуваш и со пријателите, секогаш ги имаш браќата и сестрите. Тие се секогаш таму кога сакаш да играш некоја игра или спорт или, пак, да одиш во парк“. Дона гледа и друга практична корист: „Имаш некој со кој ќе ја поделиш домашната работа“. Други ги опишале својот брат или сестра како „посебен советник и слушач“ и некој кој ги „разбира“.

Подоцна во животот, со другите ќе вкусиш некои од истите проблеми кои сега ги имаш со твојот брат или сестра. Љубомора, право на сопственост, нееднакво постапување, недостиг на приватност, себичност, разлика во личности — таквите проблеми се дел од животот. Да научиш да се сложиш со браќата и сестрите е добра обука на полето на човечките односи.

Седумнаесетгодишниот Андре ги одгласува библиските зборови од 1. Јованово 4:20, кога вели: „Ако не можеш да се сложиш со луѓето што можеш да ги видиш, како можеш да се сложиш со Јехова, кого не можеш да го видиш!“ Одвреме навреме ќе се појават несогласувања со твоите браќа и сестри. Но, ти можеш да научиш да делиш, да комуницираш и да правиш компромиси. Каков е резултатот од таквиот напор? После сѐ, веројатно ќе утврдиш дека да се има брат или сестра не е толку лошо.

Прашања за дискусија

□ Зошто честопати се судруваат браќата и сестрите?

□ Како можеш да ги спречиш борбите во врска со приватноста и правото на сопственост?

□ Зошто понекогаш родителите се наклонети кон некое дете? Мислиш ли дека тоа е нефер?

□ Дали единецот е обесправен?

□ Кои се некои предности кога се има браќа и сестри?

[Истакната мисла на страница 52]

„Не постои начин некој родител да може да ги љуби подеднакво исто сите свои деца, затоа што тие се различни човечки битија“ (професор по психологија, Ли Салк).

[Рамка на страница 54]

,Јас сум единец‘

Ако твојата ситуација е таква, тоа не мора да значи дека си обесправен. Како прво, додека другите млади можеби имаат проблеми како да се сложат со својот брат или сестра, ти можеш лично да ги избираш своите другари (се разбира, со одобрување на твоите родители). Дури може да имаш повеќе време за проучување, медитирање или за развивање одредени вештини или таленти. (Види поглавје 14, за осаменоста.)

Младиот Томас укажува на една друга корист кога вели: „Како единец го имав целосното внимание од моите родители“. Точно е тоа дека претераното внимание од родителите може да направи некој млад човек да биде саможив. Но, ако родителите покажуваат рамнотежа во неговото изразување, родителското внимание може да ти помогне побрзо да созрееш и да се чувствуваш опуштено меѓу возрасните.

Меѓутоа, со оглед на тоа што ти немаш браќа и сестри со кои ќе ги делиш работите, постои опасност да станеш себичен. Исус советувал: „Практикувајте давање“ (Лука 6:38НС). Обидувај се да ги делиш работите со пријателите и роднините. Развивај усет за потребите на другите, нудејќи ја својата помош онаму каде што е можно. Луѓето ќе одговорат на таквата великодушност. И можеби ќе утврдиш дека, иако си единец, ти си далеку од тоа да си осамен.

[Слика на страница 53]

Често ми недостига тоа што немам сестра; сепак имам некои предности