Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто моите родители не ме разбираат?

Зошто моите родители не ме разбираат?

Поглавје 2

Зошто моите родители не ме разбираат?

СОСЕМА е човечки да сакаме да нѐ разберат. А ако твоите родители се критички настроени или незаинтересирани за работите кои ги сакаш или мислиш дека се важни, може да се чувствуваш многу исфрустриран.

Шеснаесетгодишниот Роберт мисли дека татко му не го разбира неговиот избор на музика. „Сѐ што прави е да вика и да вели: ‚Исклучи го тоа!‘ “ рекол Роберт. „Така јас ја исклучувам и музиката и него.“ На сличен начин, многу млади луѓе се повлекуваат емоционално во својот приватен свет кога изгледа дека им недостасува разбирање од родителите. Во една опширна студија на млади луѓе, 26 проценти од испитаните млади признале: „Се обидувам поголемиот дел од времето да бидам подалеку од дома“.

На тој начин, помеѓу родителите и младите во многу домови постои голем раздор, односно јаз. Што го предизвикува?

,Силата‘ наспроти ,белата коса‘

Изреки 20:29 наведува: „Слава за младите е нивната сила“. Меѓутоа, оваа снага, т. е. „сила“, може да постави темел за сите видови конфликти помеѓу тебе и твоите родители. Изреката продолжува: „А украс за старците — е нивната бела коса“. Можеби твоите родители буквално немаат „бела коса“, но тие се постари и склони се да гледаат на животот поинаку. Тие сфаќаат дека секоја ситуација во животот нема среќен крај. Горкото лично искуство можеби го намалило идеализмот што го имале некогаш како млади. Поради оваа мудрост која произлегла од искуство со ‚белата коса‘, така да се каже, можеби едноставно не го делат твоето воодушевување за извесни работи.

Младиот Џим вели: „Моите родители (деца од времето на економската криза) мислат дека парите би требало да се штедат за да се купат или да се трошат за важни работи. Но, и јас живеам токму сега . . . Сакам многу да патувам“. Да, помеѓу младешката ‚сила‘ и ‚белата коса‘ на родителите може да се простира огромен јаз. Така, многу семејства горко се разидуваат околу прашања како што се облекувањето и дотерувањето, однесувањето со спротивниот пол, употребата на дрога и алкохол, ограничувањата на движењето, другарите и секојдневните работи. Генерацискиот јаз може да биде премостен. Но, пред да можеш да очекуваш родителите да те разберат тебе, мораш да се обидеш да ги разбереш и ти нив.

И родителите се луѓе

„Кога бев помлад, се разбира, мислев дека мајка ми е ‚совршена‘ и дека нема ниту една од слабостите и чувствата што ги имав јас“, вели Џон. Потоа, неговите родители се развеле, а мајка му останала сама да се грижи за седум деца. Сестрата на Џон, Ејприл, се сеќава: „Се сеќавам дека ја гледав како плаче поради фрустрацијата од обидот да биде во чекор со сѐ. Тогаш сфатив дека имавме погрешно гледиште. Таа не може секогаш да направи сѐ во право време и на прав начин. Видовме дека има чувства и дека и таа е човек“.

Да признаеш дека твоите родители едноставно се луѓе со чувства како твоите е голем чекор за да ги разбереш. Тие може, на пример, да се чувствуваат многу несигурни во врска со нивната способност исправно да те подигаат. Или, чувствувајќи се преплавени со сите морални опасности и искушенија со кои се соочуваш, тие можеби понекогаш се склони претерано да реагираат на некои работи. Можеби се борат и со физички, финансиски или емоционални тешкотии. На пример, таткото можеби ја мрази својата работа, но можеби никогаш не се жали. Затоа, кога детето вели: „Не можам да го поднесам училиштето“, не е чудо тоа што, наместо да одговори сочувствително, тој ќе возврати: „Што ти е тебе? Лесно ви е вам децата!“

Покажи ,личен интерес‘

Тогаш, на кој начин можеш да дознаеш како се чувствуваат твоите родители? Така што ‚нема да се грижиш само за себе [твоите интереси, НС], туку и за другите!‘ (Филипјаните 2:4). Обиди се да ја прашаш мајка ти каква била кога била тинејџер. Какви биле нејзините чувства, нејзините цели? „Ако таа чувствува дека ти си заинтересиран и свесен за причините за некои нејзини чувства“, вели списанието ’Teen, „има изгледи таа да се обиде да биде посвесна за твоите.“ Истото, без сомнение, би било случај и со твојот татко.

Ако настане конфликт, не брзај да ги обвиниш твоите родители дека се нечувствителни. Запрашај се: ‚Дали мојот родител не се чувствуваше добро или беше загрижен поради нешто? Дали беше можеби навреден поради некоја бесмислена постапка или збор од моја страна? Дали тие едноставно погрешно разбираат што мислам?‘ (Изреки 12:18). Покажувањето такво соживување е добар почеток за да се премости генерацискиот јаз. Сега, можеш да работиш на тоа родителите да те разберат тебе! Но, многу млади крајно го отежнуваат тоа. Како?

Живеејќи двоен живот

Седумнаесетгодишната Вики го правела токму тоа кога тајно се состанувала со некое момче наспроти желбите на нејзините родители. Била сигурна дека родителите едноставно нема да ги разберат нејзините чувства кон дечкото. Се разбира, јазот помеѓу неа и родителите се продлабочил. „Ние се унесреќувавме еден со друг“, вели Вики. „Мразев да си доаѓам дома.“ Решила да се омажи — да направи што и да било за да биде понастрана од дома!

На сличен начин, многу млади луѓе водат двоен живот — прават работи за кои нивните родители не знаат и им ги забрануваат — а потоа жалат поради фактот што нивните родители ‚не ги разбираат‘! За среќа, на Вики ѝ помогнала една постара христијанка која ѝ рекла: „Вики, само помисли на твоите родители . . . Тие те подигнале. Ако не можеш да се соочиш со тој однос, како можеш да се соочиш со односот со некој кој е на твоја возраст и не вложил 17 години љубов во тебе?“

Вики чесно се преиспитала. Наскоро сфатила дека нејзините родители се во право, а дека нејзиното срце било во грешка. Ја прекинала врската со дечкото и почнала да го затвора процепот помеѓу неа и нејзините родители. Доколку на сличен начин си држел во тајност од родителите некој важен дел од својот живот, зарем не е време да бидеш чесен спрема нив? (Види го додатокот „Како можам да им кажам на моите родители?“)

Одвој си време да разговараш

‚Тоа беше најдоброто време што некогаш сум го поминал со татко ми!‘ рекол Џон за едно патување на кое бил заедно со татко му. „Никогаш во целиот мој живот не сум поминал шест часа насамо со него. Шест часа натаму, шест часа назад. Без радио во автомобилот. Ние навистина разговаравме. Беше како да се откриваме еден со друг. Во него има нешто повеќе отколку што си мислев. Тоа нѐ спријатели.“ Зошто, на сличен начин, не се обидеш да водиш добар разговор со мајка ти или татко ти — и тоа редовно?

Исто така, од помош е да се спријателиш и со други возрасни. Вики се сеќава: „Немав апсолутно никаква врска со постари луѓе. Но, си поставив за задача да одам со родителите кога се дружеа со други возрасни. Со текот на времето, развив пријателства со оние кои беа на возраст на моите родители, а тоа ми даде еден поцелосен видик. Ми беше полесно да водам разговори со моите родители. Атмосферата дома драматично се подобри“.

Дружењето со оние кои стекнале мудрост во текот на годините, ќе те спречи да присвоиш тесен, ограничен поглед на животот, а тоа може да се случи ако се дружиш само со твоите млади врсници (Изреки 13:21).

Пренесувај ги твоите чувства

„Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина“, рекол младиот Елијуј (Јов 33:3). Дали така разговараш со родителите кога не се согласувате за некои работи, како што се облеката, ограничувањата на движењето или музиката?

Младиот Грегори имал чувство дека мајка му е сосема неразумна. Тој се фаќал во костец со жешкиот конфликт помеѓу нив така што останувал подалеку од дома колку што можел подолго. Но, после тоа постапил според советот на некои христијански старешини. Тој вели: „Почнав да ѝ кажувам на мајка ми како се чувствувам. Ѝ кажав зошто сакав да правам некои работи, а не само да претпоставам дека таа знае. Често ѝ го излевав срцето и ѝ објаснував дека не се обидувам да правам нешто погрешно, и колку лошо се чувствував поради тоа што таа се однесуваше со мене како со мало дете. Потоа, таа почна да ме разбира и полека работите тргнаа многу подобро“.

На ист начин, и ти можеш да увидиш дека ако зборуваш ‚искрено од срцето‘, тоа може да ти помогне да решиш многу недоразбирања.

Да се справиш со неслогите

Меѓутоа, ова не значи дека твоите родители веднаш ќе почнат да гледаат на работите како тебе. Затоа, мораш да ги држиш под контрола своите емоции. „Безумниот го излива сиот свој гнев [импулси], а мудриот се воздржува“ (Изреки 29:11). Смирено разговарај за вредноста на твоето гледиште. Задржи се на темата наместо да докажуваш дека „сите го прават тоа“!

Понекогаш твоите родители ќе кажат „не“. Тоа не значи дека тие не те разбираат. Тие можеби едноставно сакаат да спречат несреќа. „Мајка ми е строга со мене“, признава една 16-годишна девојка. „Ме нервира кога ми вели дека не смеам да правам нешто или [дека морам] да се вратам дома во одредено време. Но знам дека длабоко однатре, таа навистина се грижи . . . внимава на мене.“

Сигурноста и срдечноста што меѓусебното разбирање му ја донесува на семејството не може да се искаже со зборови. Тоа го прави домот засолниште во времиња на неволја. Но, од страна на сите кои се вклучени потребен е вистински напор.

Прашања за дискусија

□ Зошто честопати доаѓа до конфликт меѓу младите и родителите?

□ Како може твоето подобро разбирање на родителите да влијае на твоето гледиште кон нив?

□ Како можеш подобро да ги разбереш своите родители?

□ Зошто водењето двоен живот може да го продлабочи раздорот помеѓу тебе и твоите родители?

□ Зошто е најдобро да им кажеш на родителите кога имаш сериозни проблеми? Како можеш да им кажеш?

□ Како можеш да им помогнеш на родителите подобро да те разберат?

[Истакната мисла на страница 22]

„Ако [твојата мајка] чувствува дека ти си заинтересиран и свесен за причините за некои нејзини чувства . . . и таа ќе се обиде да биде посвесна за твоите“ (списанието Teen).

[Рамка/слика на страници 20 и 21]

Како можам да им кажам на родителите?

Задачата да им се признае некоја грешка на родителите, не е пријатна. Младиот Винс вели: „Секогаш имав чувство дека родителите имаат голема доверба во мене и, тоа ми отежнуваше да им пристапам, бидејќи не сакав да ги повредам“.

Младите кои прибегнуваат кон изговори, честопати страдаат од грижа на повредена совест (Римјаните 2:15). Нивните грешки можат да станат „тешко бреме“, претешки за носење (Псалм 37:4). Речиси неминовно, тие се присилени да ги измамуваат своите родители со лага, а со тоа прават понатамошни грешки. Така нанесуваат штета на нивниот однос со Бог.

Библијата вели: „Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13). Како што тврди 19-годишната Бети, „и онака Јехова гледа сѐ“.

Ако во случајот се работи за сериозно престапување, барај Јеховино простување, признавајќи ја грешката во молитва (Псалм 61:8). Како следно, кажи им на родителите (Изреки 23:26). Тие имаат животно искуство и честопати можат да ти помогнат да ги оставиш грешките зад себе и да избегнуваш да ги повторуваш. „Ова може навистина да ти помогне да зборуваш за тоа“, известува 18-годишниот Крис. „Конечно, тоа е едно ослободување кога ќе го исфрлиш од умот.“ Проблемот е, како да им кажеш на родителите?

Библијата зборува за „умесно [во право време, НС] кажаниот збор“ (Изреки 25:11; спореди Проповедник 3:1, 7). Кога би можело да биде тоа? Крис продолжува: „Чекам до вечера и потоа му кажувам на татко ми дека треба да разговарам со него“. Синот, пак, на еден самохран родител се обидел во друго време: „Обично ќе разговарав со мајка ми баш пред легнување; тогаш ќе беше поопуштена. Кога ќе си дојдеше од работа, таа беше целата напната“.

Можеби би можел да речеш нешто како: „Мамо и тато, нешто ме вознемирува“. А што ако изгледа дека твоите родители се презафатени за да бидат загрижени? Би можел да речеш: „Знам дека сте зафатени, но нешто навистина ме вознемирува. Можеме ли да разговараме?“ Тогаш би можел да прашаш: „Дали некогаш сте направиле нешто за кое премногу сте се срамеле да зборувате?“

Сега доаѓа најтешкото: да им кажеш на родителите за самата грешка. Биди понизен и ‚кажувај ја вистината‘, без да ја ублажуваш сериозноста на твојата грешка или, пак, да се обидуваш да криеш некои понепријатни детали (Ефесјаните 4:25; спореди Лука 15:21). Користи зборови кои ќе ги разберат твоите родители, а не изрази што имаат посебно значење само за младите луѓе.

Се разбира, на почетокот твоите родители може да се чувствуваат повредени и разочарани. Затоа, не се изненадувај или огорчувај ако те погодат со излив на зборови кои се полни со емоции! Ако си внимавал на нивните претходни предупредувања, веројатно немало да се најдеш во оваа ситуација. Затоа, остани смирен (Изреки 17:27). Слушај ги твоите родители и одговарај на нивните прашања, без разлика на тоа како ги поставуваат.

Без сомнение, твојата сериозност во врска со исправање на работите ќе остави длабок впечаток на нив. (Спореди 2. Коринтјаните 7:11.) И покрај тоа, биди спремен да прифатиш некоја заслужена стега. „Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евреите 12:11). Исто така, запомни дека ова нема да биде последен пат кога ќе ти треба помошта и зрелиот совет од родителите. Стекнувај навика да им се доверуваш во врска со малите проблеми така што, кога ќе се појават големи проблеми, нема да се плашиш да им кажеш што те вознемирува.

[Слика]

Избери време кога родителите би можеле да бидат во поприемливо расположение