Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можам да постигнам родителите да ми дадат поголема слобода?

Како можам да постигнам родителите да ми дадат поголема слобода?

Поглавје 3

Како можам да постигнам родителите да ми дадат поголема слобода?

ТИ ВЕЛИШ дека си доволно возрасен за да излегуваш до доцна за време на викендите. Тие велат дека мораш да бидеш дома рано. Ти велиш дека сакаш да го гледаш новиот филм за кој зборуваат сите. Тие велат дека не смееш да го гледаш. Ти велиш дека си запознал некои фини деца со кои сакаш да излезеш. Тие велат дека сакаат првин тие да ги запознаат твоите пријатели.

Кога си тинејџер, понекогаш може да се чувствуваш како родителите да ти ставиле еден стегнат обрач околу твојот живот. Изгледа дека на секое твое „Сакам да“, неизбежно следи „Не, не можеш“. Ниту еден дел од твојот живот не е заштитен од „љубопитните очи“ на твоите родители. Деби, која има 15 години, вели: „Татко ми секогаш сака да знае каде сум и кое време ќе се вратам дома. Повеќето родители го прават тоа. Мора ли тие сѐ да знаат? Би требало да ми дадат поголема слобода“.

Понатаму, младите се жалат дека нивните родители не ги почитуваат. Кога нешто ќе тргне наопаку, наместо да им веруваат, тие ги осудуваат за виновни без да испитаат. Наместо да им дозволат сами да си избираат, тие се опкружени со правила.

„Душевна болка“

Дали понекогаш твоите родители се однесуваат со тебе како со мало дете? Ако да, сети се дека не многу одамна ти навистина си бил дете. Претставата на твоите родители за тебе како за беспомошно доенче е сосема свежа во нивните умови и не може така лесно да се отстрани. Тие сѐ уште се сеќаваат на детинските грешки кои си имал обичај да ги правиш и затоа сакаат да те заштитат — без разлика дали сакаш таква заштита или не.

Тој нагон да те заштитат е многу силен. Кога мајка ти и татко ти не се зафатени со тоа да ти обезбедат покрив над главата, да те облекуваат или да те прехранат, тие често се зафаќаат со проблемите за тоа како да те поучат, воспитаат и, да, како да те заштитат. Нивниот интерес за тебе е далеку од површен. Тие се одговорни пред Бог за начинот на кој те подигаат (Ефесјаните 6:4). И, кога изгледа дека нешто ѝ се заканува на твојата благосостојба, тие се загрижуваат.

Размисли за родителите на Исус Христос. После посетата на Ерусалим, без да знаат, си тргнале накај дома без него. Кога станале свесни дека го нема, тие тргнале во темелна — па дури и избезумена — потрага по него! И кога конечно ‚го нашле во храмот‘, Исусовата мајка извикала: „Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме [во душевна болкаНС], барајќи Те“ (Лука 2:41—48). Сега, ако Исус — совршено дете — предизвикал вознемиреност кај своите родители, размисли колку само ти им предизвикуваш загриженост на твоите родители!

Земи го, на пример, оној бескраен конфликт во врска со времето кога би требало да се вратиш дома. Можеби не гледаш причина да бидеш ограничуван на тој начин. Но, дали некогаш си гледал на работите од гледна точка на родителите? Авторите за деца на школска возраст, во книгата The Kids’ Book About Parents (Книга на децата во врска со родителите), се обиделе да го направат тоа. Самите составиле список на она што тие го нарекле „фантазии што мора да поминат низ главите на родителите во врска со тоа што прават нивните деца ако не се дома во одреденото време“. Во овој список беа вклучени такви работи како што се: ‚земање дрога, автомобилска несреќа, висење по парковите, апсење, гледање порно филмови, продавање дрога, силувани или нападнати, завршување в затвор и срамотење на името на семејството‘.

Нема сите родители пребрзо да донесат вакви наизглед претерани заклучоци. Но, зарем не е точно тоа дека многу млади луѓе се вмешани во такви работи? Тогаш дали би требало да се лутиш на сугерирањето дека останувањето до доцните часови, како и погрешниот вид друштво, можат да бидат штетни? Па дури и Исусовите родители сакале да знаат каде бил!

Зошто тие ме задушуваат

Некои млади велат дека стравот на нивните родители да не бидат овие повредени се граничи со параноја! Но запомни, во тебе се вложени многу време и емоции. Помислата дека ќе пораснеш и дека на крајот ќе ги напуштиш, можеби ги вознемирува родителите. Еден родител напишал: „Моето единствено дете, синот, сега има деветнаесет години и тешко можам да ја поднесам помислата дека ќе се исели“.

Затоа, некои родители имаат склоност да ги задушуваат или претерано да ги штитат своите деца. Сепак, би било вистинска грешка од твоја страна да реагираш претерано. Една млада жена се сеќава: „Сѐ додека не наполнив околу 18 години, мајка ми и јас бевме многу блиски . . . [Но] како станував повозрасна, меѓу нас настануваа проблеми. Сакав да имам некаква независност, на која таа изгледа гледаше како на закана на нашиот однос. Таа, од своја страна, почна да се обидува да се држи поцврсто за мене, а јас пак, како реакција на тоа, сѐ повеќе се оддалечував“.

Извесна мерка на независност е добра, но немој да се изборуваш за неа по цена на твоите семејни врски. Како можеш да го поставиш својот однос со родителите на едно позрело ниво, кое се темели на взаемно разбирање, толеранција и почитување? Како прво, почитувањето раѓа почитување. Еднаш, апостол Павле се присетил: ‚Имавме татковци кои беа од нашата плот за да нѐ укоруваат и ние им дававме почит‘ (Евреите 12:9НС). Родителите на овие рани христијани не биле непогрешливи. Павле продолжил (стих 10): „Нашите човечки татковци . . . можеа да го прават само она за кое мислеа дека е најдобро“ (The Jerusalem Bible).

Понекогаш, овие луѓе грешеле во својот суд. Сепак, го заслужиле почитувањето од нивните деца. Така е и со твоите родители. Фактот што тие можеби се од оние што задушуваат не е причина да бидеш бунтовен. Дај им го истото почитување кое го сакаш и ти.

Недоразбирања

Дали некогаш си задоцнил дома поради околности кои биле вон твоја контрола? Дали твоите родители реагирале претерано? Таквите недоразбирања ти даваат уште една можност да стекнеш почитување. Сети се како се справил младиот Исус кога неговите вознемирени родители конечно го пронашле во храмот како простодушно разговара со некои учители за Божјата Реч. Дали Исус се впуштил во емоционална тирада, плачење или жалење во врска со тоа колку било нефер од нивна страна што ги оспоруваат неговите мотиви? Забележи го неговиот смирен одговор: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?“ (Лука 2:49). Без сомнение, Исусовите родители биле импресионирани од зрелоста која тој притоа ја покажал. „Кроткиот одговор“ не само што „гневот го ублажува“ туку може и да ти помогне да стекнеш почитување од твоите родители (Изреки 15:1).

Правила и прописи

Твоите реакции на барањата на твоите родители, исто така, има врска со тоа како тие ќе се однесуваат со тебе. Некои млади се муртат, лажат или отворено се непослушни. Обиди се да имаш позрел пристап. Ако сакаш дозвола да бидеш надвор до подоцна, не поставувај детински барања или, пак, да се жалиш дека „сите други деца можат да останат до доцна“. Писателката Андреја Иган советува: „[Кажи] им колку што можеш повеќе за тоа што сакаш да правиш за да ја разберат вистински ситуацијата . . . Ако им кажеш сѐ во врска со тоа каде ќе бидеш, со кого и зошто ти е важно да останеш надвор до подоцна . . . можно е да речат ‚да‘ “.

Или, пак, ако твоите родители сакаат да проверат кои ти се пријатели — како што и би требало — не цимоли како дете. Списанието Seventeen препорачува: „Одвреме навреме донесувај ги пријателите дома, па кога ќе речеш дека ќе одиш на кино со Бил, твојот татко ќе нема причина да се развика од другата соба: ‚Бил? Кој Бил?‘ “

„Ќе му се даде повеќе“

Џим се насмевнува кога зборува за својот помлад брат Рон. „Помеѓу нас има разлика само 11 месеци“, вели тој, „но нашите родители се однесуваа со нас на сосема поинаков начин. Мене ми дадоа многу слобода. Можев да го користам семејниот автомобил. Една година дури ми дозволија и да земам еден помлад брат на пат до Њујорк Сити.

„Но, со Рон беше поинаку“, продолжува Џим. „Нему не му беше дадена баш голема слобода. Кога стана полнолетен, татко ми дури не се ни трудеше да го научи да вози. И кога мислеше дека е доволно возрасен да почне да излегува со девојка, родителите не му дозволуваа.“

Пристрасност? Не. Џим објаснува: „Рон беше склон да биде неодговорен. Му недостасуваше иницијатива. Честопати пропушташе да го прави она што му беше доделено. И додека јас никогаш не им одвраќав на родителите, Рон ќе им дадеше до знаење дека не се сложува со нив. Тоа постојано му се враќаше“. Во Матеј 25:29, Исус рекол: „Зашто секому, што има, ќе му се даде [повеќе, НС] и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има“.

Дали сакаш повеќе слобода и одговорност? Тогаш, самиот докажи дека си одговорен. Сериозно преземи какви и да било задачи што ќе ти ги доделат родителите. Немој да бидеш како младичот во една од Исусовите параболи. Откако татко му му рекол: „Сине, оди денес да работиш во моето лозје“, тој рекол: „Ќе отидам, господаре“, но „не отиде“ (Матеј 21:28, 30). Увери ги родителите дека ако те замолат да направиш нешто, без разлика колку е мало, тоа како веќе да е направено.

„Им покажав на моите родители дека би можел да носам одговорност“, се сеќава Џим. „Тие ќе ме пратеа в банка да ги платам нашите режиски трошоци, да одам во супермаркет и да купувам. А кога мајка ми мораше да се вработи, дури и ги готвев семејните оброци.“

Преземи иницијатива

Што ако родителите едноставно не ти доделиле да работиш такви задачи? Преземи различни иницијативи. Списанието Seventeen предложило: „Понуди се да зготвиш оброк за семејството и кажи им на родителите дека сакаш да работиш сѐ: да го смислиш оброкот, да направиш список за намирници што треба да се купат, во врска со буџетот, да купуваш, да готвиш, да исчистиш“. А ако готвењето не е твоја јака страна, погледај наоколу и види уште за што друго можеш да се погрижиш. Не треба да имаш посебна наредба од родителите кога треба да се измијат садовите, да се исчистат подовите или да се средат собите.

Многу млади прифаќаат работа со скратено работно време во текот на летото или викендите. Ако тоа е случај и со тебе, дали си докажал дека си способен да штедиш и да ракуваш со парите? Дали си се понудил да приложиш за собата и храната? (Можат да ти се отворат очите ако во твојата близина провериш колкава е цената за да се изнајми соба.) Ако правиш така, тоа би можело да значи помалку џепарлак, но кога твоите родители ќе го видат твоето зрело ракување со парите, нема сомнение дека ќе бидат склони да ти дадат поголема слобода.

Ослободување од родителскиот скут

Родителите би требало да бидат наши доверливи пријатели, богат извор на предлози и совети. (Спореди Јеремија 3:4НС.) Меѓутоа, тоа не значи дека мораш да се потпираш на нив за да ја донесеш секоја ситна одлука. Само преку употреба на твојата „прониклива моќ“ можеш да стекнеш доверба во својата способност да донесуваш одлуки (Евреите 5:14НС).

Затоа, при првиот знак на мала неволја, наместо да трчаш кај родителите, најпрвин обиди се да го решиш проблемот во својата глава. Наместо да бидеш „брзоплет“ или импулсивен во врска со работите, следи го библискиот совет, најпрвин да „размислуваш за спознанието“ (Исаија 32:4НС). Направи некакво истражување, особено ако се работи за некои библиски начела. Откако смирено ќе ги одмериш работите, тогаш пристапи им на родителите. Наместо секогаш да велиш: ‚Тато, што да правам?‘ или ‚Мамо, што би направила ти?‘ објасни им ја ситуацијата. Дозволи им да слушнат како си резонирал за ситуацијата. Потоа прашај ги за нивни забележувања.

Сега твоите родители гледаат дека ти не разговараш како дете туку како возрасен. Ти си направил голем чекор кон тоа да докажеш дека стануваш возрасен кој заслужува извесна мерка слобода. Твоите родители веројатно ќе почнат да се однесуваат со тебе како со возрасен.

Прашања за дискусија

□ Зошто родителите честопати се толку загрижени да ги заштитат своите деца и да знаат каде се наоѓаат?

□ Зошто е важно да се однесуваш кон твоите родители со почитување?

□ Како можат најдобро да се решат недоразбирањата со твоите родители?

□ Како можеш да соработуваш со правилата и прописите на твоите родители и сепак да имаш некаква слобода?

□ Кои се некои од начините да им докажеш на родителите дека си одговорен?

[Истакната мисла на страница 29]

„Татко ми секогаш сака да знае каде сум и кога ќе се вратам дома . . . Мора ли тие да знаат сѐ?“

[Слика на страница 27]

Дали чувствуваш дека родителите те оградуваат?

[Слика на страница 30]

Еден начин да се стекне почитување кога ќе се појават недоразбирања е да се остане смирен