Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали мојата облека го открива моето вистинско јас?

Дали мојата облека го открива моето вистинско јас?

Поглавје 11

Дали мојата облека го открива моето вистинско јас?

НЕ Е прекратка“, им викала Пеги на своите родители. „Само сте вие старомодни!“ Оттаму истрчала во својата соба — величествен крај на една кавга околу сукњата што таа сакала да ја носи. А можеби и ти си бил центар на некоја слична расправа кога родителот, наставникот или работодавачот критикувал некоја облека што ја сакаш ти. Ти велиш дека таа е лежерна, а тие — немарна. Ти велиш дека тоа е елегантно, а тие го нарекуваат пренакитено или двосмислено.

Како што е познато, вкусовите варираат, а ти навистина имаш право на свое мислење. Но, дали ова би требало да значи дека ‚сѐ е можно‘ кога станува збор за тоа како се облекуваш?

Исправна порака?

„Она што го носиш“, вели една девојка по име Пем, „е навистина одраз на тоа кој си ти и како се чувствуваш во себе.“ Да, облекувањето испраќа порака, им зборува на другите за тебе. Облекувањето може да шепоти за совесност, стабилност, високи морални начела. Или, пак, може да повикува на бунтовност и незадоволство. Дури може да служи и како еден вид идентификација. Некои млади користат искината облека, панк стилови или скапи креаторски облеки, како еден вид заштитен знак. Други го користат облекувањето за да го привлечат спротивниот пол или за да се направат себеси да изгледаат постари отколку што навистина се.

Според тоа, лесно е да се увиди зошто облеката е толку важна за многу млади. Меѓутоа, Џон Т. Малоу, автор на делото Dress for Success (Облекувај се за успех) предупредува: „Начинот на кој се облекуваме има забележително влијание врз луѓето кои ги среќаваме и во голема мерка се одразува на тоа како тие ќе се однесуваат кон нас“.

Не е ни чудо зошто твоите родители се толку загрижени за тоа како се облекуваш! За нив тоа значи повеќе отколку прашање на личен вкус. Тие сакаат да испраќаш исправна порака, порака што пренесува дека си урамнотежена, одговорна личност. Меѓутоа, дали твојот начин на облекување го постигнува тоа? Од што се води твојот избор на облека?

„Правам сѐ што сакаат да прават моите пријатели“

За многумина млади, облекувањето е изјава на нивната независност и индивидуалност. Но, како млад човек, твојата личност сѐ уште е во непостојана состојба — сѐ уште се развива, сѐ уште се менува. Па така, иако сакаш да дадеш изјава дека си загрижен за себе, можеби не си баш премногу сигурен што или како би требало да се каже тоа. Затоа, некои млади облекуваат бизарна и шокантна облека. Меѓутоа, наместо да си изградат своја ‚индивидуалност‘, тие едноставно привлекуваат внимание на нивната незрелост — а да не го спомнуваме и тоа што ги срамат своите родители.

Други млади едноставно избираат да се облекуваат како своите врсници; изгледа дека тоа им дава чувство на сигурност и припадност во групата. Се разбира, не е секогаш погрешно да сакаш да се поистоветуваш со луѓето. (Спореди 1. Коринтјаните 9:22.) Но, дали еден христијанин навистина би сакал да се идентификува со младите кои не се верници? И дали е мудро по секоја цена да се бара признание од врсниците? Една млада девојка признала: „Правам сѐ што сакаат да прават моите пријатели само за да не ми речат нешто“. Но, како го нарекуваш оној кој е потполно послушен на некого и кој попушта на нечиј каприц и фантазија? Библијата одговара: „Не знаете ли дека, кому му се предавате . . . за послушност, робови сте му на оној, кому му се покорувате?“ (Римјаните 6:16).

Помеѓу младите луѓе „нагласокот на повинувањето може да стане толку јак што членовите на групата изгледаат речиси како да се затвореници на нормите на групата, зависејќи од нив [од своите врсници] за совет во врска со тоа како да се облекуваат, како да зборуваат, што да прават и дури што да мислат и да веруваат“ (Adolescence: Transition From Childhood to Maturity [Адолесценција: Премин од детство во зрелост]).

Но, колку се способни твоите пријатели да ти дадат таков совет? (Спореди Матеј 15:14.) Зарем тие не страдаат од истите емоционални болки на растењето како и ти? Тогаш, дали е мудро без отпор да им дозволиш да ти поставуваат мерила — дури и тогаш кога тие мерила се спротивни на твојот здрав разум или на вредностите и желбите на твоите родители?

Денес „модерно“ — утре „не“

Други млади се водат од ветриштата на модата. Но, колку само се променливи тие ветришта! Ние сме потсетени на библиските зборови: „Се менува обликот на овој свет“ (1. Коринтјаните 7:31). Она што е денес „модерно“, утре може да стане застарено со збунувачка (а да не се спомнува и скапа) ненадејност. Сукњите стануваат пократки и подолги, ногавиците на панталоните се шират и се стеснуваат, сѐ на корист на производителите и креаторите на облека кои жнеат богат профит од народот со кој може лесно да се манипулира.

На пример, разгледај ја модата на дизајнерот на џинс од пред неколку години. Џинс одеднаш стана хит. Луѓето плаќаа екстравагантни цени за да бидат како огласни табли со нозе кои носат имиња како што се Келвин Клајн и Глорија Вандербилт. „Луѓето сакаат име“, објаснил Елај Каплан, претседател на компанијата која го произведува џинсот „Серџио Валенте“. Меѓутоа, кој е г-н Валенте, чие угледно име е толку видливо зашиено на џебовите на џинсот? „Тој не постои“, известил Newsweek. А во објаснувањето, самиот Каплан прашал: „Кој би купил Елај Каплан џинс?“

‚Но дали е погрешно да се биде модерен?‘ би можел да прашаш. Не мора да значи. Во библиски времиња, слугите на Бог се облекувале според локалните вкусови. На пример, Библијата вели дека Тамара носела пругаста облека „бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки-девици“ во тие денови (2. Царства 13:18).

Но, дали некој би требало да биде роб на модата? Една млада девојка се жалела: „Гледаш во продавницата супер панталони какви што сите други ги имаат, и велиш: ‚Мамо, купи ми ги овие панталони‘, а таа вели: ‚Не, јас можам да ти сошијам исти такви дома‘. Јас ѝ велам: ‚Ама не разбираш. Јас ги сакам овие панталони‘ “. Но, всушност, зарем тоа што си пион на модните креатори не те лишува од твојата индивидуалност и не го замрачува ли твоето вистинско јас? Зошто да бидеш воден од провокативни огласи, слогани и креаторски имиња?

Во Римјаните 12:2, Библијата ни кажува: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата угодна и совршена волја Божја“. Која е ‚угодна волја Божја‘ кога се работи за твојот избор на облека?

,Скромна и добро уредена‘

Прво Тимотеј 2:9 (НС) ги охрабрува христијаните да се „украсуваат со добро уредена облека, со скромност и здрав разум“. „Добро уредена облека“, се разбира, би била уредна и чиста. „Скромноста“ ги зема предвид околностите. По мерка сошиен костум може да биде прикладен за на работа, но не прилега и за на плажа! И обратно, костим за капење се смета смешен за во канцеларија.

Затоа, младите сведоци на Јехова би требало да внимаваат; облеката што ја носат на христијанските состаноци или во делото на проповедање на другите, треба да ги идентификува како млади слуги на Бог, па затоа не треба да биде претерано лежерна. Сети се на Павловите зборови во 2. Коринтјаните 6:3, 4: „Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји“.

Скромноста ги зема предвид и чувствата на другите. Како што навел апостол Павле, еден христијанин во своите постапки не треба да ја зема во обѕир само својата совест ‚туку и совеста на другите‘ (1. Коринтјаните 10:29). Не треба ли да бидеш загрижен особено за совеста на твоите родители?

Користи од соодветното облекување

Библијата известува за времето кога царицата Естира требало да се појави пред нејзиниот сопруг, царот. Меѓутоа, едно такво доаѓање без покана можело да биде капитален престап! Без сомнение, Естира сесрдно се молела за Божја помош. Но, таа обрнала внимание и на својата појава, со тоа што ‚се облекла по царски‘ — на начин кој бил погоден за таа прилика! И „кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови“ (Естир 5:1).

Ако си облечен на привлечен но скромен начин, тоа може да ти помогне да оставиш добар впечаток при разговорот за вработување. Вики Л. Баум, директор на Центарот за развој на кариерата, забележува: „Некои жени се збунети кога одат на разговор. Мислат дека тоа е како одење на рандеву и изгледаат заводнички“. Резултатите? „Тоа ја намалува вашата професионалност.“ Нејзиниот совет е против облекување „работи кои се тесни или двосмислени“.

И младите мажи треба да настојуваат да бидат добро, уредено облечени кога бараат работа. Џон Т. Молој забележува дека бизнисмените „имаат исчешлана коса и светнати чевли. Истото го очекуваат и од другите мажи“.

Меѓутоа, нескромната облека може да му наштети на твојот однос со другите. Psychology Today укажува на една анкета која била направена помеѓу адолесцентите, што покажала дека ако се носат „длабоки деколтеа, шорцеви, тесни фармерки или ако не се носи градник“, веројатно мажите би го протолкувале тоа како повик за секс. Еден млад човек признал: „Лично сум увидел дека прилично тешко ми е да задржам на ум само чисти мисли за помладите жени кога ги гледам како се облечени“. Скромната облека им овозможува на луѓето да ги ценат твоите внатрешни особини. Ако не си сигурен дали некоја облека е скромна, побарај совет од твоите родители.

Облекување на ,внатрешниот човек‘

Апостол Петар ги охрабрил христијаните да дозволат нивното китење да биде ‚внатрешно, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога‘ — да, а и во очите на другите! (1. Петрово 3:4). Помодната облека може да маѓепса некои твои врсници. Но, облеката не ги освојува срцата или не создава вистински пријатели. Ова се постигнува со облекување на ‚внатрешниот човек‘ — работејќи на тоа каква личност си однатре (2. Коринтјаните 4:16). Лице кое е однатре убаво, секогаш ќе им биде привлечно на другите, дури и кога неговата или нејзината облека не е по последна мода или не е „истетовирана“ со бесмислени креаторски етикети.

Којзнае каква наредна мода ќе ги натера младите да навалат по продавниците. Меѓутоа, ти можеш самиот да размислуваш. Држи се за високи мерила за облекување. Избегнувај помодна облека и алишта кои ја нагласуваат сексуалноста. Биди на воздржана страна — ниту да бидеш прв ниту, пак, безусловно последен — да се приклучиш на модата. Барај квалитетна облека што ќе трае — не некоја која брзо се отпишува од модата. Увери се дека твојата облека испраќа исправна порака, дека не покажува некоја слика која е измислена од медиумите или врсниците, туку твоето вистинско јас!

Прашања за дискусија

□ Како облеката испраќа порака?

□ Зошто некои млади се приклонуваат кон бизарност во својот избор на облека?

□ Колку влијаеле на тебе врсниците кога станува збор за изборот на облека?

□ Кои се некои лоши страни ако секогаш се обидуваш да бидеш во тек со модата?

□ Што одредува дали модата е ‚скромна и добро уредена‘?

[Истакната мисла на страница 94]

„Она што го носиш“, всушност, е одраз на тоа кој си ти и како се чувствуваш во себе“

[Слика на страница 91]

Родителите често се судруваат со своите деца околу тоа што децата носат. Дали родителите едноставно се старомодни?

[Слика на страница 92]

Многу млади се обидуваат да ја изразат својата индивидуалност преку чудна облека

[Слики на страница 93]

Облекувај се на начин кој е соодветен на околностите. Облеката испраќа порака за тебе!