Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку е важен изгледот?

Колку е важен изгледот?

Поглавје 10

Колку е важен изгледот?

ВЕЛИШ дека не ти се допаѓа твојот изглед? Па, малку од нас — ако и воопшто има некои — сме сосема задоволни од својата појава. За разлика од Нарцис, кој се вљубил во својот лик во еден базен со вода, некои од нас речиси паѓаат во депресија кога ќе си го видат својот лик.

‚Имам одбивност кон моето тело‘, се жали 16-годишната Марија. ‚Мислам дека не изгледам баш добро.‘ Тринаесетгодишниот Боб има слична поплака: ‚Не ми се допаѓа мојата коса, начинот на кој таа ми стрчи тука одзади‘. А она што ги влошува работите е појавата на еден тинејџер која толку брзо се менува што, според еден психолог, младите често „се чувствуваат како странци во своето тело“. Така, многумина се јадосуваат поради своето лице, коса, фигура и телесна градба.

Се разбира, самиот Бог има ценење за убавината. Проповедник 3:11 вели: „Сето она што Он го направил да биде прекрасно во свое време“. А твојот изглед може навистина да има длабок ефект врз начинот на кој другите те гледаат и се однесуваат кон тебе. Д⁠-​р Џејмс П. Комер додава: „Сликата на телото е дел од сликата за себе. Таа може да влијае на самодовербата на личноста и на тоа што ќе прави или нема да прави во животот“. Според тоа, здравата грижа за твојата појава е разумна. Меѓутоа, кога ќе станеш толку свесен за себеси поради што се повлекуваш од другите или имаш лоши чувства за себе, тогаш таквата грижа повеќе не е здрава.

Кој вели дека не си привлечен?

Интересно е тоа што жалоста поради сопствената појава не се должи секогаш на вистински физички недостатоци. Една витка девојка седи во класот посакувајќи да биде потешка, додека во другиот ред една полничка девојка се жали колку е „дебела“. Откаде доаѓа таквото незадоволство? Што ги тера доброформираните млади да мислат дека не се привлечни?

Професорот по психијатрија, Ричард М. Сарлс, вели: „Адолесценцијата е преоден период во кој се случува една голема реорганизација во телото . . . За да се соочат со несмасноста на новото тело кое се менува, повеќето адолесценти се потпираат на врсниците заради некаква сигурност“. Но, оценката на твоите врсници за тоа колку си висок, кус, дебел или слаб — а да не го спомнуваме и обликот на твојот нос или уши — може да стане извор на голема вознемиреност. А кога на другите им се обрнува повеќе внимание отколку на тебе или кога ти префрлуваат во врска со твојот изглед, можеш лесно да почнеш да развиваш лоши чувства за себе.

Потоа, тука е продорното влијание на ТВ-то, книгите и филмовите. Од телевизиските екрани и страниците на списанијата во нас зјапаат привлечни мажи и жени продавајќи сешто — од парфеми па сѐ до моторна пила. На тој начин, медиумите за комуникација сакаат да веруваш дека, ако не си убавица со беспрекорно чиста кожа или ако не си мускулесто „типче“, би можел да се пикнеш во некоја дупка — или барем да заборавиш дека некогаш ќе бидеш популарен или среќен.

Не дозволувај да бидеш ,набиен во нивниот калап‘!

Но, пред да заклучиш дека ти си грдото пајче, запрашај се до кој степен се реални твоите физички маани — или, пак, се само замислени. Дали цртите на лицето поради кои се јадосуваш (или си исмејуван) се навистина толку непривлечни? Или, пак, другите те принудиле да размислуваш дека е така? Библијата советува: „Не дозволувајте светот околу вас да ве набие во својот калап“ (Римјаните 12:2, Phillips).

Размисли: Кој е тој што ја унапредува идејата дека ти е потребен некаков изглед за да бидеш популарен, успешен или среќен? Зарем тоа не се производителите и рекламерите кои ќе профитираат од тоа што ќе ги следиш помодните диети или од тоа што ќе ги купуваш скапите помагала за разубавување? Зошто би им дозволил тие да го обликуваат твоето мислење? И ако врсниците го критикуваат твојот изглед, дали го прават тоа за да ти помогнат — или едноставно за да те понижат? Ако второво е точно, тогаш кому сепак му требаат такви „пријатели“?

Понатаму, Библијата те советува да ‚го приклониш своето срце кон размислување [проникливост, НС]‘ (Изреки 2:2). Проникливоста ќе ти помогне објективно да гледаш на своите физички вредности и да немаш доверба во пропагандата на медиумите. Малку луѓе некогаш ќе изгледаат како супермодели. А „убавината е балон“ (Изреки 31:30, Byington). Луѓето кои се платени за својот изглед се на својот врв само за кратко време пред да бидат исфрлени за некое свежо, ново лице. Исто така, чудата со нивниот изглед често се направени со шминка, светло и фотографска замисла. (Некои се шокирани кога ќе видат како изгледаат познатите личности без системите за разубавување!)

Затоа, нема причина да се чувствуваш депримиран поради тоа што не изгледаш како некој модел од ТВ или од некое списание. Ниту, пак, твоите врсници се конечни судии за тоа колку висок, низок или слаб мораш да бидеш за да изгледаш атрактивно. Ако си задоволен со својот изглед, не им обрнувај многу внимание на своите врсници. Иронично е тоа што токму таа работа која не ти се допаѓа во твојот изглед, може да биде извор на завист кај некој друг.

Изгледај колку што можеш најдобро!

Понекогаш, младите имаат оправдани проблеми со појавата: лош тен, прекумерна телесна тежина, деформиран нос, клемпави уши, претерано низок раст. Се разбира, како млад човек, твојата појава сѐ уште се менува. Акни, промени во тежината и ненадејно брз (или очајнички бавен) раст се отров во тинејџерските години. Времето решава многу такви проблеми.

Кај други, пак, тоа не е случај. А многу млади мораат да живеат со фактот дека нивниот изглед не е баш привлечен. Писателот Џон Килингер рекол: „За повеќето луѓе, недостигот на добар изглед е еден од најболните факти во животот, што рано го дознаваат и ретко го избегнуваат во остатокот од нивниот живот“. Меѓутоа, ти можеш да го направиш најдоброто од својот изглед!

Хирургијата е скап и можеби ризичен начин за да се поправат физичките недостатоци. * Меѓутоа, едноставната хигиена не е скапа и може да направи многу за да ја зголеми твојата привлечност. Твојата коса може да го нема сјајот на глумците и глумиците, но може да биде чиста; а тоа може да биде случај и со твоето лице, раце и нокти. Белите заби, како и чистите и розеви непца, може да ја направат уште попријатна секоја насмевка. Имаш ли проблем со прекумерната тежина? Извесен режим на диета и вежба (можеби под лекарски надзор) може да направи многу за да ја ставиш под контрола својата тежина.

Со одобрување од родителите можеш, исто така, да се обидеш да експериментираш со облеки и фризури што ги нагласуваат твоите физички вредности и ги прикриваат твоите маани. На пример, според писателката Шарон Фелтен, големиот нос можеби нема да доаѓа до израз ако девојката има „фризура која е бујна или собрана на темето“. Острите, испакнати црти, на сличен начин можат да се омекнат ако се носи „брановидна или виткана фризура“, а разумната употреба на шминка може да ги прикрие недостатоците на лицето на девојката. Без разлика дали си машко или женско, можеш да постигнеш многу и со изборот на облеката. Избирај бои што го подобруваат твојот тен и стилови што те прават да изгледаш убаво. Обрни внимание на линиите на облеката: вертикални линии имаат ослабувачки ефект; додека хоризонталните — спротивното!

Да, со малку напор и идеи, можеш да имаш пријатен изглед — дури и ако ни си природно надарен со убавина.

Потреба од рамнотежа

Иако е важно да обрнеш внимание на твојот изглед, биди внимателен за да не ја направиш својата појава најважна работа во животот. Дали некогаш си забележал колку малку зборува Библијата за начинот на кој изгледале луѓето? Зошто не ни е кажано како изгледале Авраам, Марија или дури и Исус? Очигледно, Бог не го сметал тоа за важно.

Интересно е тоа што еднаш Бог не одобрил да стане цар еден млад човек по име Елијав, чиј раст бил многу импресивен! Јехова Бог му објаснил на пророкот Самуил: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст . . . Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:6, 7). Колку само е утешително да се знае дека за Бог, за Оној чие мислење навистина е важно, нашиот изглед не му е најважното нешто! „Господ гледа на срцето.“

Размисли за една друга работа: Зарем повеќето од твоите пријатели не се со просечен изглед? Дали и обата твои родитела би биле материјал за насловна страница на некое модно списание? Веројатно не. Навистина, знаејќи ги нивните добри особини, ретко дури и помислуваш на нивниот изглед! И ти како личност имаш вредности кои далеку ги надминуваат кои било физички недостатоци — вистински или замислени.

И покрај тоа, изгледот им е важен на твоите врсници, а ти можеби ќе се најдеш под притисок да се повиниш на нивните стилови на облекување и дотерување. Како би требало да одговориш на тој притисок?

[Фуснота]

^ пас. 18 Некои медицински процедури, како што се протези за да се коригираат искривените заби, можат да имаат и здравствени и козметички користи.

Прашања за дискусија

□ Зошто младите се толку загрижени за својот изглед? Како се чувствуваш во однос на твојот изглед?

□ Какво гледиште за важноста на изгледот унапредуваат медиумите и твоите врсници? Како би требало да одговориш на таквото влијание?

□ Кои се некои начини како да постапиш во врска со проблемот со акните?

□ Како можеш да го направиш најдоброто од својот изглед? Зошто има потреба од рамнотежа во овој поглед?

[Истакната мисла на страница 82]

‚Имам одбивност кон моето тело‘ . . . Мислам дека не изгледам баш добро‘

[Истакната мисла на страница 88]

Ти имаш вредности кои далеку ги надминуваат физичките недостатоци

[Рамка/слика на страници 84 и 85]

Зар не можам да сторам нешто со моите акни?‘

Акните се пореметување на кожата што предизвикува таа да биде исфлекана или дури изобличена со чирчиња, црнки, црвени отоци или цисти. Кај многумина млади, тоа е посериозно пореметување на кожата отколку само минлива непријатност која трае само неколку месеци. Со него можат да бидат погодени луѓе на сите возрасти, но најмногу страдаат тинејџерите. Според некои експерти, кај околу 80 проценти од нив се развиваат акни во различни степени.

Не е за изненадување тоа што кога 2.000 тинејџери биле запрашани да кажат што најмногу не им се допаѓа кај себе, проблемите со кожата бројно ја надминувале секоја друга поплака. Една млада личност по име Сандра, кај која имало тежок случај на акни додека сѐ уште одела во гимназија, се сеќава: „Имав толку грозни акни што секогаш си го криев лицето од другите луѓе. Се срамев бидејќи ми беше непријатно поради тоа како изгледав . . . Изгледав толку лошо“ (списанието Co⁠-Ed).

Зошто оваа напаст се јавува во текот на тинејџерските години — токму во времето кога сакаш да изгледаш најдобро? Затоа што растеш. Со започнувањето на пубертетот, кожните жлезди ја зголемуваат својата активност.

Што се случува? The World Book Encyclopedia објаснува со едноставни зборови: Секоја жлезда се празни во влакнена ќесичка — тоа е една мала торбичка околу секое влакно. Обично, лојот се исцедува низ порите на кожата, но понекогаш некоја пора се запушува и лојот не може да излезе доволно брзо. Запушената пора сега формира една дамка наречена црнка, бидејќи попречениот лој оксидира, се суши и поцрнува. Кога се формира гној, се развива чирче. Цисти се формираат кога се размножуваат бактерии во задржаниот лој. Цистите оставаат трајни лузни. Чирчињата не оставаат лузна ако не се инфицирани, а често се инфицираат како последица на притискање или чепкање — затоа немој да ги притискаш или да ги чепкаш!

Интересно е тоа што притисокот и емоционалните немири можат да ги активираат кожните жлезди. На некои им се појавува некое големо чирче токму пред некој важен настан или пред и за време на испитите. Затоа се практични Исусовите зборови: „Немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето“ (Матеј 6:34).

За жал, не постои чудесен лек. Меѓутоа, има на располагање лекови кои се издаваат без рецепт, како што се гелови, кремови, лосиони, течности за чистење, сапуни и маски за лице, кои содржат бензол пероксид (антибактериски фактор) што може да ти помогне да ги ставиш акните под контрола. (Ако се потребни појаки мерки, може да се консултираш со твојот семеен лекар.) Многумина утврдуваат дека помага темелното чистење на кожата со сапун или течност која содржи бензол пероксид. Меѓутоа, избегнувај масни сапуни или козметички средства кои се базираат на масло.

Некои млади утврдиле дека и со преземање грижа за нивното целокупно здравје — доволно вежбање, колку што е можно повеќе да бидат надвор на свеж воздух и доволно спиење — се подобрува состојбата со нивните акни. И додека некои се расправаат дали е корисно да се држи диета без маснотии, избегнувањето шунд храна, како и придржувањето кон урамнотежена исхрана, очигледно, има смисла.

Во секој случај, потребно е трпение. Запомни: проблемот настанува за еден подолг временски период, па затоа нема да се исчисти преку ноќ. Сандра, која претходно ја спомнавме, вели: „Мислев дека ми требаше една година додека сосема не ми се исчисти кожата, но можев да видам промени на кожата веќе за шест седмици“. Ако се придржуваш кон твојот третман еден извесен временски период, веројатно ќе доживееш извесно олеснување.

Во меѓувреме, не дозволувај неколку дамки да го столчат твоето самопочитување или да те спречат да разговараш со другите. Додека ти можеби се чувствуваш непријатно заради твојата кожа, другите можеби ќе го забележат тоа многу помалку отколку што ти мислиш. Затоа, обиди се да задржиш позитивен, среќен дух. И направи го она што можеш за твоите акни, и тоа токму сега!

[Слика на страница 83]

Она што не ти се допаѓа кај тебе може да биде причина за завист кај другите

[Слики на страница 86]

Младите често пропуштаат да сфатат дека моделите од списанијата имаат услуги од тим за разубавување