Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е нормално да жалам на ваков начин?

Дали е нормално да жалам на ваков начин?

Поглавје 16

Дали е нормално да жалам на ваков начин?

МИЧЕЛ се сеќава на денот кога умрел татко му: „Бев во шок . . . ‚Не може да биде вистина‘, си велев себеси“.

Можеби некој кого го љубиш — родител, брат, сестра или пријател — умрел. И наместо да чувствуваш само тага, чувствуваш и лутина, и збрканост и страв. Колку и да се обидуваш, не можеш да ги задржиш солзите. Или, пак, болката што ја чувствуваш ја насобираш во себе.

Навистина, сосема е природно да реагираме емотивно кога ќе умре некој кого го љубиме. Дури и Исус Христос кога дознал за смртта на еден близок пријател, ‚просолзил‘ и ‚се натажил‘ однатре (Јован 11:33—36; спореди 2. Царства 13:28—39). Ако сфатиш дека и другите се чувствувале како тебе, можеби ќе ти помогне подобро да излезеш накрај со твојата загуба.

Негирање

Како прво, можеби се чувствуваш вкочането. Можеби длабоко однатре се надеваш дека сето тоа е само еден лош сон, дека некој ќе дојде и ќе те разбуди, и работите ќе бидат токму онака како што биле отсекогаш. На пример, мајката на Синди умрела од рак. Синди објаснува: „Не прифатив вистински дека таа си замина. Кога ќе се случи нешто, за кое можеби во минатото сум дискутирала со неа, несвесно си велев: ‚Морам да ѝ го кажам тоа на мама‘ “.

Ужалените лица се склони да негираат дека настанала смрт. Тие би можеле дури и да помислат дека одеднаш го здогледуваат покојниот на улица, во некој автобус што поминува, во метро. Секоја краткотрајна сличност може да фрли искра на надежта дека можеби сето тоа било грешка. Запомни, Бог го создал човекот да живее, а не да умре (1. Мојсеева 1:28; 2:9). Затоа е сосема нормално што ни паѓа тешко да ја прифатиме смртта.

„Како можеше да ми го направи тоа?“

Немој да бидеш изненаден ако дури има и моменти кога чувствуваш малку лутина кон лицето кое умрело. Синди се сеќава: „Кога умре мама, имаше периоди кога ќе си помислев: ‚Ти навистина не ни даде до знаење дека ќе умреш. Едноставно, исчезна‘. Се чувствував оставена на цедило“.

Смртта на братот или сестрата, исто така, може да предизвика такви чувства. „Речиси е бесмислено да чувствуваш лутина кон некој кој умрел“, објаснува Карен, „но кога умре сестра ми, не можев а да не го сторам тоа. Низ главата ми поминуваа секакви мисли: ‚Како можеше да умре и да ме остави сосема сама? Како можеше да ми го направи тоа?‘ “ Некои се лутат на својот брат или сестра за сета болка што ја предизвикала неговата или нејзината смрт. Некои се чувствуваат запоставени, можеби и огорчени поради целото време и внимание што го добил болниот брат или сестра пред да умре. Родителите погодени од жал, кои одеднаш стануваат претерано заштитнички поради страв да не изгубат и друго дете, може исто така да предизвикаат непријателство кон покојниот.

„Барем да . . .“

Честа реакција е и вината. Во главата надоаѓаат прашања и сомненија. ‚Дали можевме да направиме уште нешто? Требаше ли да се консултираме со друг лекар?‘ А потоа следува барем да. ‚Барем да не се расправавме толку многу.‘ ‚Барем да бев пољубезен.‘ ‚Барем да отидев јас во продавницата наместо него или неа.‘

Мичел вели: „Би сакал да бев потрпелив и да имав повеќе разбирање за татко ми. Или да сработев повеќе работи околу куќата за да му олеснев кога тој ќе се вратеше дома“. А Елиса забележува: „Кога мајка ми се разболе и толку ненадејно умре, останаа нерешени сите тие чувства што ги имавме една кон друга. Сега се чувствувам многу виновна. Мислам на сите работи што требаше да ѝ ги кажам, на сите работи што не требаше да ѝ ги кажам, на сите грешки што ги направив“.

Можеби дури се обвинуваш себеси за тоа што се случило. Синди се сеќава: „Се чувствував виновна за сите расправии што некогаш сме ги имале, за сите стресови што ѝ ги предизвикав на мајка ми. Мислев дека сите стресови што сум ѝ ги предизвикала, придонеле за нејзината болест“.

„Што да им кажам на пријателите?“

Во врска со својот син, една вдовица забележала: „Џони мразеше да им каже на другите деца дека неговиот татко е починат. Се срамеше од тоа, а исто така го лутеше и самото тоа што му беше срам“.

Книгата Death and Grief in the Family (Смрт и жал во семејството) објаснува: „ ,Што да им кажам на пријателите?‘ е прашање од огромна важност за многу браќа и сестри [на кои им починал брат или сестра]. Често, браќата или сестрите мислат дека нивните пријатели не разбираат што тие доживуваат. Обидите да се сподели важноста на загубата би можеле да бидат пресретнати со безизразни и зачудени погледи . . . Како резултат на тоа, ужалениот брат или сестра може да се чувствува отфрлен, изолиран, а понекогаш дури и ‚чуден‘ “.

Меѓутоа, сфати дека другите понекогаш едноставно не знаат што да му речат на ужалениот пријател — и затоа не велат ништо. Твојата загуба би можела, исто така, да ги потсети дека и тие можат да загубат некој сакан. Не сакајќи да се потсетуваат на тоа, тие можеби те избегнуваат.

Соочување со твојата жалост

Сознанието дека твојата жалост е нормална е од голема помош за да се фатиш во костец со неа. Но, ако продолжуваш да ја негираш реалноста, ти само ја продолжуваш жалоста. Понекогаш, некое семејство остава празно место за покојниот, на масата за јадење, како да ќе дојде тој за оброк. Но, едно семејство решило поинаку да се справи со работите. Мајката вели: „Никогаш повеќе не седнавме на кујнската маса по истиот ред. Мојот сопруг се премести на столот на Давид и тоа помогна да се пополни таа празнина“.

Исто така, од помош е да се сфати дека, иако веројатно постојат работи кои требало или не требало да ги кажеш или да ги направиш, обично тие не се причините зошто умрело твоето сакано лице. Освен тоа, „сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2).

Сподели ги твоите чувства

Д⁠-​р Ерл Гролмен предлага: „Не е доволно само да ги препознаеш твоите спорни емоции; мораш отворено да се справиш со нив . . . Тоа е време да ги споделиш твоите чувства“. Тоа не е време да се изолираш (Изреки 18:1НС).

Д⁠-​р Гролмен вели дека со негирање на жалоста „ти само ја продолжуваш агонијата и го одложуваш процесот на жалење“. Тој предлага: „Најди добар слушач, пријател кој ќе разбере дека многуте твои чувства се нормални реакции на твојата горка жалост“. Еден родител, брат, сестра, пријател или старешина во христијанското собрание, често може да докаже дека е вистинска поддршка.

А што ако ти се плаче? Д⁠-​р Гролмен додава: „За некои, солзите се најдобрата терапија за емоционалниот притисок, како за мажите така и за жените и децата. Плачењето е природен начин да се олесни маката и да се ослободи болката“.

Соработувајте сложно како семејство

И твоите родители можат да ти бидат од голема помош во време на загуба — а и ти можеш ним да им бидеш од помош. На пример, Џејн и Сара од Англија, го изгубиле нивниот 23-​годишен брат Дарал. Како ја преживеале нивната жалост? Џејн одговара: „Затоа што бевме четворица, одев и работев сѐ со татко ми, додека, пак, Сара работеше сѐ со мајка ми. Така не бевме сами“. Џејн понатаму се сеќава: „Никогаш порано не сум го видела татко ми да плаче. Плачеше неколку пати и од една страна тоа беше добро. Сега кога ќе погледнам назад, се чувствувам добро што можев да бидам таму едноставно за да го утешам“.

Надеж што поддржува

Младиот Давид од Англија, ја изгубил својата 13-годишна сестра Џенет поради Ходкинсонова болест. Тој вели: „Една од работите што многу ми помогнаа, беше еден стих цитиран на погребниот говор. Таму е наведено: ‚Зашто Бог определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери [им дал гаранција на, НС] сите со Исусовото воскресение од мртвите‘. Говорникот го нагласи изразот ‚им дал гаранција‘ за воскресението. После погребот, тоа ми беше голем извор на сила“ (Дела 17:31; види и Марко 5:35—42; 12:26, 27; Јован 5:28, 29; 1. Коринтјаните 15:3—8).

Библиската надеж за воскресение не ја отстранува жалоста. Ти никогаш нема да го заборавиш твоето сакано лице. Меѓутоа, многумина нашле вистинска утеха во библиските ветувања и, како резултат на тоа, почнале постепено да се опоравуваат од болката поради загубата на некој кој го сакале.

Прашања за дискусија

□ Мислиш ли дека е природно да жалиш за некој кој умрел, а кого го љубиш?

□ Какви емоции би можело да доживува ужаленото лице, и зошто?

□ Кои се некои од начините на кои ужалениот млад човек може да се фати во костец со своите чувства?

□ Како би можел да утешиш некој пријател кој изгубил некој сакан?

[Истакната мисла на страница 128]

„Не прифатив вистински дека таа си замина . . . несвесно си велев: ‚Морам да ѝ го кажам тоа на мама‘ “

[Истакната мисла на страница 131]

„Кога умре мама . . . ќе си помислев: ‚Ти навистина не ни даде до знаење дека ќе умреш. Едноставно, исчезна‘. Се чувствував оставена на цедило“

[Слика на страница 129]

„Ова навистина не ми се случува мене!“

[Слика на страница 130]

Кога поради смрт губиме некого кого љубиме, потребна ни е поддршка од некој кој е сочувствителен