Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто не се бендисувам самиот себе?

Зошто не се бендисувам самиот себе?

Поглавје 12

Зошто не се бендисувам самиот себе?

„ВООПШТО не се чувствувам добро во сопствената кожа“, се жалела Луис. Дали и ти повремено си незадоволен од себе?

Навистина, секој има потреба од извесен степен на самопочит. Се вели дека таа е „составен елемент што му дава достоинство на човечкото постоење“. Понатаму, Библијата вели: „Сакај ги ближните свои како себеси“ (Матеј 19:19). А ако си незадоволен од себе, веројатно ќе бидеш незадоволен и од другите.

,Не можам да направам ништо исправно!‘

Зошто би можел да имаш вакви негативни чувства за себе? Како прво, можеби те фрустрираат твоите ограничувања. Ти растеш, а честопати постои период на несмасност во кој, да испушташ работи или да се удираш во нив, е секојдневна непријатност. Освен тоа, ти едноставно немаш ни искуство на возрасен за да се повратиш од разочарувањата. И поради тоа што твојата „моќ на согледување“ не е доволно извежбана „преку употреба“, можеби секогаш не донесуваш најмудри одлуки (Евреите 5:14НС). Понекогаш, можеби чувствуваш дека не можеш да направиш ништо исправно!

Пропустот да се исполнат очекувањата на родителите може да биде друга причина за намалената самопочит. „Ако во училиште добијам ‚5—‘ “, вели еден млад човек, „моите родители сакаат да знаат зошто не било чиста ‚5-ка‘ и ми велат дека во ништо не успевам.“ Се разбира, родителите инстинктивно ги тераат своите деца да го сторат најдоброто. И кога не ги исполнуваш разумните очекувања, можеш да бидеш сигурен дека ќе ти го кажат тоа. Библискиот совет е: „Слушај ја синко [или ќерко] поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:8, 9). Наместо да се чувствуваш обесхрабрен, прифати ја критиката без лутење и научи нешто од неа.

Но, што ако нечии родители прават неправедни споредби? („Зошто не можеш да бидеш како твојот постар брат Пол? Тој секогаш беше одличен ученик.“) Таквите споредби, иако тогаш можеби звучат навредливо, често укажуваат на една силна поента. Твоите родители едноставно ти го посакуваат најдоброто. А ако чувствуваш дека тие се ептен строги, зошто смирено не разговараш со нив за тоа?

Да се изгради самопочитување

Како можеш да ја зголемиш намалената самопочит? Прво, направи чесен преглед на твоите добри и лоши страни. Ќе откриеш дека многу од твоите таканаречени лоши страни се прилично безначајни. А што е со сериозните недостатоци, како што се брзиот нарав или себичноста? Работи совесно на овие проблеми и твоето самопочитување сигурно ќе порасне.

Понатаму, не ги затворај очите пред фактот дека ти веќе имаш свои вредности! Можеби мислиш дека способноста да се готви или да се замени издишена гума, не е важна. Но, некој човек кој е гладен или возач чие возило е во дефект ќе те цени поради таквите вештини! Помисли и на твоите доблести. Дали си студиозен? стрплив? сочувствителен? великодушен? љубезен? Овие особини далеку ги надминуваат ситните недостатоци.

Можеби ќе ти биде од помош ако ги разгледаш и овие кратки предлози:

Постави си реалистични цели: Ако секогаш посегнуваш по ѕвездите, можеш да доживееш горко разочарување. Постави си достижни цели. Како би било да научиш вештина како што е пишувањето на машина? Научи да свириш на некој музички инструмент или да зборуваш друг јазик. Подобри го своето читање или читај повеќе. Самопочитувањето е корисен нус-производ од постигнувањето на целта.

Добро обави ја работата: Ако работата ја обавуваш немарно, нема да бидеш задоволен од себе. Бог нашол задоволство во своите дела на создавање и кога ги довршил периодите на создавање, изјавил дека е „добро“ (1. Мојсеева 1:3—31). И ти можеш да најдеш задоволство во која било работа што ја обавуваш дома или на училиште доколку ја работиш вешто и совесно. (Види Изреки 22:29.)

Прави нешто за другите: Самопочитувањето не се стекнува со тоа што само ќе седиш и ќе допуштиш некој да ти слугува. Исус рекол: ‚Кој сака да биде поголем . . . нека ви биде слуга‘, односно служител на другите (Марко 10:43—45).

На пример, 17-годишната Ким, за време на летниот одмор, одвојувала по 60 часа месечно за да им помага на другите да ги научат библиските вистини. Таа вели: „Тоа ме направи поблиска со Јехова. Ми помогна да развијам и вистинска љубов кон луѓето“. На оваа среќна девојка веројатно нема да ѝ недостасува самопочитување!

Внимателно избирај ги своите пријатели: „Мојот однос со самата себе е многу несреќен“, рекла 17-годишната Барбара. „Кога сум со луѓе кои имаат доверба во мене, добро ја обавувам работата. Со оние, пак, кои со мене се однесуваат како да сум некаков вишок, затапувам.“

Луѓе кои се горделиви или склони да вреѓаат, можат навистина да те наведат да мислиш лошо за себе. Затоа, избирај пријатели кои се вистински заинтересирани за твојата добробит, пријатели кои те изградуваат (Изреки 13:21).

Направи го Бог твој најблизок пријател: „Господ е моја тврдина и прибежиште мое“, изјавил псалмистот Давид (Псалм 17:2). Неговата доверба не била во неговите способности, туку во неговото блиско пријателство со Јехова. Така, кога подоцна го снашла неволја, можел да издржи жестока критика без да го изгуби своето спокојство (2. Царства 16:7, 10). Така и ти можеш да ‚му се приближиш на Бог‘ и потоа ‚да се фалиш‘ не во себеси, туку во Јехова! (Јаков 2:21—23; 4:8; 1. Коринтјаните 1:31).

Ќорсокаци

Еден писател напишал: „Понекогаш, адолесцентот кој има слаб идентитет и мала самопочит, се обидува да создаде лажна надворешност или фасада, со која се соочува со светот“. Улогите што некои ги преземаат се слични: „опасен тип“, „плејбој“, шокантно облечен панк рокер. Сепак, под површината на фасадите, таквите млади се борат со чувства на помала вредност (Изреки 14:13).

На пример, размисли за оние кои се оддале на промискуитет „за да ги протераат чувствата на депресија, за да ја зголемат самопочитта [со тоа што се чувствуваат сакани], за да постигнат интимност и со бременоста да ја стекнат љубовта и безусловната наклоност од едно друго човечко суштество — бебето“ (Coping With Teenage Depression [Соочување со тинејџерска депресија]). Една разочарана млада жена напишала: „Барав утеха во сексуалната интимност наместо во обидот да изградам цврст однос со мојот Творец. Сѐ што изградив беше празнина, осаменост и уште поголема депресија“. Затоа, внимавај на ваквите ќорсокаци.

Збор на претпазливост

Интересно е тоа што Писмото честопати предупредува да не мислиме превисоко за себе! Зошто е тоа така? Изгледа поради тоа што повеќето од нас, во нашите обиди да стекнеме самодоверба, сме склони да ја преминеме границата. Многумина стануваат егоистични и премногу ги преувеличуваат своите вештини и способности. Некои се издигаат себеси со тоа што ги понижуваат другите.

Во првиот век, едно христијанско собрание во Рим било погодено од жестоко соперништво помеѓу Евреите и народите (не⁠-​Евреите). Затоа, апостол Павле ги потсетил народите дека само преку Божјата „благост“ тие биле ‚накалемени‘ во положба да добијат Божја наклоност (Римјаните 11:17—36). И самоправедните Евреи морале да се соочат со своите несовршености. „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“, рекол Павле (Римјаните 3:23).

Павле не ги лишувал нив од самопочитување, туку им рекол: „Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого . . . му кажувам да не мисли повеќе [за себе, НС], отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3). Така, иако „треба“ да се има извесна мера самопочитување, човек не би требало да оди во крајности во тој поглед.

Д⁠-​р Ален Фром забележува: „Човек кој има адекватна претстава за себе не е тажен, но не мора да биде споулавен од среќа . . . Тој не е песимист, но неговиот оптимизам не е претеран. Тој не е ниту лудо смел ниту ослободен од посебни стравови . . . Тој сфаќа дека не е најуспешниот човек на сите времиња ниту, пак, оној кој постојано [непрекинато] е без успех“.

Затоа, биди скромен. „Бог се противи на горделивите, а на смирените [понизните, НС] им дава благодат“ (Јаков 4:6). Признај ги своите добри страни, но не ги игнорирај ни твоите недостатоци. Наместо тоа, работи на нив. Одвреме навреме, сѐ уште ќе се сомневаш во себе. Но, никогаш не треба да се сомневаш во твојата вредност или во тоа дека Бог се грижи за тебе. Бидејќи „ако, пак, некој Го сака Бога, Бог него го знае“ (1. Коринтјаните 8:3).

Прашања за дискусија

□ Зошто некои млади луѓе имаат негативен став за себе? Можеш ли да се поистоветиш со начинот на кој се чувствуваат таквите млади?

□ Како можеш да се справиш со барањата на твоите родители?

□ Кои се некои од начините да се изгради самопочитување?

□ Кои се некои ќорсокаци на патот до самопочитување?

□ Зошто мораш да бидеш внимателен да не мислиш превисоко за себе?

[Истакната мисла на страница 98]

Се вели дека самопочитта е „составен елемент што му дава достоинство на човечкото постоење“

[Слика на страница 99]

Дали се чувствуваш онерасположен, со чувство на ниска вредност? Има решение

[Слика на страница 101]

Да се стане фалбаџија или прчко . . . не е решение за ниското самопочитување

[Слика на страница 102]

Дали понекогаш чувствуваш дека не можеш да направиш ништо исправно?