Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто сум толку депресивен?

Зошто сум толку депресивен?

Поглавје 13

Зошто сум толку депресивен?

Мелани секогаш го задоволувала идеалот на мајка ѝ за совршено дете — сѐ додека не наполнила 17 години. Тогаш се повлекла од училишните активности, престанала да ги прифаќа поканите за забави, па дури изгледало како да не ѝ е гајле кога оценките ѝ паднале од петки на тројки. Кога нејзините родители љубезно ја прашале што не е во ред, таа бурно истрчала и рекла: „Оставете ме на мир! Сѐ е во ред“.

Марк, на 14-годишна возраст, бил импулсивен и непријателски расположен, со експлозивна нарав. На училиште бил немирен и го нарушувал редот. Кога ќе бил исфрустриран или налутен, тој со голема брзина возел со мотор наоколу или се спуштал низ стрмните ридови со неговиот скејтборд.

МЕЛАНИ и Марк страдале од различни форми на иста болест — депресија. Д⁠-​р Доналд Мекњу од Националниот институт за ментално здравје, вели дека 10 до 15 проценти од децата на школска возраст може да страдаат од нарушувања во расположението. Помал број страдаат од тешка депресија.

Понекогаш, постои биолошка основа за проблемот. Некои инфекции или, пак, заболувања на ендокриниот систем, хормонални промени во менструалниот циклус, хипогликемија, извесни лекови, изложеност на токсични метали или хемикалии, алергични реакции, неурамнотежена исхрана, анемија — сето тоа може да предизвика депресија.

Притисоци како причина за депресија

Меѓутоа, и самите тинејџерски години се честопати извор на емоционален стрес. Затоа што го нема искуството на возрасен за да се справи со подеми и падови во животот, еден млад човек може да почувствува дека никој не се грижи за него и може да стане тешко депримиран поради релативно вообичаени работи.

Пропустот да се исполнат очекувањата на родителите, наставниците или пријателите е друга причина за меланхолија. Доналд, на пример, мислел дека мора да биде извонреден во училиштето за да ги задоволи своите високо образовани родители. Не успевајќи да го постигне тоа, станал депресивен и склон кон самоубиство. „Никогаш не сум направил ништо добро. Секогаш секого разочарувам“, се жалел Доналд.

Фактот дека чувството на неуспех навистина може да разгори депресија, е очигледен од случајот на еден човек по име Епафродит. Во првиот век, овој верен христијанин бил испратен во една посебна мисија — да му помогне на апостол Павле кој бил в затвор. Но, набрзо откако стигнал кај Павле, тој се разболел и, наместо тој да се грижи за Павле, Павле морал да се грижи за него! Тогаш, можеш да си претставиш зошто Епафродит можел да се чувствува толку неуспешен и ‚нажален [депримиран, НС]‘. Изгледа дека тој ги превидел сите добра што ги направил пред да се разболи (Филипјаните 2:25—30).

Чувство на загуба

Френсин Клагсбрун, во својата книга Too Young to Die​—Youth and Suicide (Премлад за да се умре — младост и самоубиство) напишала: „Причината за многу депресии предизвикани од емоции, лежи во длабокото чувство на загуба на некого или на нешто што било многу сакано“. Така, загубата на родител поради смрт или развод, загубата на работа или кариера, или дури и загубата на нечие физичко здравје, може исто така да биде причина за депресија.

Но, многу страшна загуба за едно младо лице е загубата на љубовта, чувството дека не е сакано и дека не му се покажува грижа. „Кога мајка ми нѐ остави, се чувствував изневерена и осамена“, открива една млада жена по име Мари. „Одеднаш мојот свет изгледаше наопаку.“

Тогаш, замисли ја збунетоста и болката што ја чувствуваат некои млади кога се соочуваат со семејни проблеми како што се развод, алкохолизам, инцест, тепање на сопругата, злоупотреба на деца или, едноставно, отфрлањето од страна на едниот родител, кој е обземен со свои проблеми. Колку само е точна библиската изрека: „Ако во злочест ден си се покажал слаб [обесхрабрен, НС], скудна ти е силата [вклучувајќи ја и способноста да се спротивставиш на депресијата]“! (Изреки 24:10). Еден млад човек може дури и погрешно да се обвинува себеси заради проблемите во неговото семејство.

Препознавање на симптомите

Постојат различни степени на депресија. Едно младо лице би можело повремено да биде обесхрабрено поради некој вознемирувачки настан. Но, обично таквото лошо расположение бледнее за релативно кратко време.

Меѓутоа, ако депресивното расположение потрае и младиот човек воглавно има негативно чувство, како и чувства на безвредност, вознемиреност и лутина, тоа може да се развие во она што лекарите го нарекуваат лесна хронична депресија. Како што покажуваат искуствата на Марк и Мелани (спомнати на почетокот), симптомите може прилично да варираат. Едно младо лице може да има напади на вознемиреност. Некој, пак, може цело време да биде уморен, да нема апетит, да доживува проблем со спиењето, да ослабе или да страда од серија несреќни случаи.

Некои млади лица се обидуваат да ја скријат депресијата со тоа што се препуштаат на задоволствата: бескрајна рунда забави, сексуален промискуитет, вандализам, тешко пијанство и слично. „Навистина не знам зошто морам да излегувам цело време“, признало едно 14-годишно момче. „Само знам дека, ако сум сам, забележувам колку лошо се чувствувам.“ Тоа е токму онака како што опишала Библијата: „И при смеа понекогаш срцето боли“ (Изреки 14:13).

Кога е повеќе отколку само лошо расположение

Ако не се преземе нешто во врска со лесната хронична депресија, таа може да се развие во едно многу посериозно нарушување — тешка депресија. (Види страница 107.) „Постојано чувствував како однатре да сум ‚мртва‘ “, објаснила Мари, жртва на тешка депресија. „Едноставно постоев без никакви емоции. Имав чувство на постојан страв.“ Кај тешката депресија мрачното расположение не попушта и може да продолжи со месеци. Како последица на тоа, овој вид депресија е највообичаениот фактор за тинејџерските самоубиства — кои сега се сметаат како „скриена епидемија“ во многу земји.

Најтрајната емоција која е поврзана со тешката депресија — и најсмртоносната — е длабокото чувство на безнадежност. Професор Џон Е. Мек, пишува за 14-годишната Вивиен, која била жртва на тешка депресија. Според надворешниот изглед, таа била совршена млада дама со грижливи родители. Сепак, во состојба на длабок очај, таа се обесила! Професор Мек напишал: „Немоќта на Вивиен да предвиди дека нејзината депресија некогаш би се повлекла, дека има надеж конечно да биде ослободена од нејзината болка, одиграла важна улога во нејзината одлука да се самоубие“.

Така, оние кои се погодени со тешка депресија мислат дека никогаш нема да им биде подобро, дека нема утрешнина за нив. Таквата безнадежност, според експертите, често води до самоубиствено однесување.

Меѓутоа, самоубиството не е решение. Мари, чиј живот станал жива ноќна мора, признала: „Јасно ми дојдоа на ум помисли за самоубиство. Но, увидов дека сѐ додека не се самоубијам, секогаш ќе има надеж“. Навистина, не се решава ништо со тоа што ќе се стави крај на сѐ. За жал, кога ќе се соочат со очај, многу млади лица не можат дури ни да си претстават алтернативи или, пак, некоја можност за поволен исход. Затоа, Мари се обидувала да го прикрие својот проблем со тоа што си вшприцувала хероин. Таа рекла: „Имав голема самодоверба — сѐ додека не поминеше дејството“.

Да се излезе накрај со помало страдање

Постојат разумни начини за да се излезе накрај со чувствата на депресија. „Некои луѓе се депримирани бидејќи се гладни“, забележал д-р Натан С. Клајн, специјалист за депресија од Њујорк. „Некое лице можеби не појадува и од некојаси причина го испушта ручекот. Потоа, околу петнаесет часот почнува да се чуди зошто не се чувствува добро.“

Исто така, важно е што јадеш. Деби, една млада жена, која била измачувана од чувства на очај, признала: „Не сфаќав дека шунд храната е многу штетна за моето расположение. Јадев многу таква храна. Сега забележувам дека, кога јадам помалку слатки, се чувствувам подобро“. Други корисни чекори се некои видови вежби кои можат да го подигнат твоето расположение. Во некои случаи, во ред би бил медицински преглед, со оглед на тоа што депресијата може да биде симптом на физичка болест.

Да се добие битката на умот

Честопати депресијата е предизвикана или влошена од негативните мисли за себе. „Кога ќе доживееш сите да те сечат со зборови“, се жалела 18-годишната Евелин, „тоа те тера да се чувствуваш дека не вредиш ништо.“

Размисли: Дали другите се меродавни да ја одредуваат твојата вредност како личност? Со слично потсмевање бил опсипан и христијанскиот апостол Павле. Некои рекле дека тој е плашливко и слаб говорник. Дали тоа го навело Павле да се чувствува безвредно? Далеку од тоа! Павле знаел дека важната работа е да се задоволи Божјето мерило. Тој можел да се фали со она што го постигнал со Божја помош — без оглед на тоа што велеле другите за него. Ако и ти се сетиш на фактот дека имаш углед пред Бог, мрачното расположение честопати ќе исчезне (2. Коринтјаните 10:7, 10, 17, 18).

Што ако си депримиран поради некоја слабост или грев кој си го направил? „Гревовите ваши . . . да се и како бакам“, му рекол Бог на Израел, „како снег ќе ги побелам“ (Исаија 1:18). Никогаш не ги превидувај сочувството и трпеливоста на нашиот небесен Татко (Псалм 102:8—14). Но, дали и ти напорно се стремиш да го надминеш твојот проблем? Ако сакаш да си го олесниш умот од чувствата на вина, мораш да го направиш својот дел. Тоа е во склад со изреката: „Кој се освестува [исповедува, НС] и ги остава [своите престапи] ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13).

Друг начин да се бориш со лошото расположение е да си поставиш реалистични цели. Не мора да бидеш најдобар во твојот клас за да бидеш успешен (Проповедник 7:16—18). Прифати го фактот дека разочарувањата се дел од животот. Кога ќе се појават, наместо да мислиш: ‚На никој не му е гајле што се случува со мене и на никој никогаш нема ни да му биде‘, ти речи си: ‚Ќе го пребродам тоа‘. А нема ништо погрешно и ако добро се исплачеш.

Вредноста на постигнувањето

„Очајот не исчезнува сам од себе“, советува Дафне, која успешно преживеала напади на обесхрабрување. „Мораш да мислиш поинаку или да се вклучиш физички. Мораш да почнеш нешто да правиш.“ Земи ја за пример Линда која, кога напорно работела за да се бори против мрзоволното расположение, рекла: „Ме фати луда желба за шиење. Можам да работам на мојата гардероба и со време заборавам на тоа што ме измачува. Тоа навистина помага“. Ако обавуваш работи во кои си добар, можеш да го изградиш своето самопочитување — кое обично е на најниска точка за време на депресија.

Исто така, од корист е и ако се бавиш со активности што ти причинуваат задоволство. Обиди се да купиш нешто што ќе те израдува, да играш игри, да го готвиш омилениот рецепт, да разгледуваш низ книжарницата, да јадеш надвор од дома, да читаш, па дури и да решаваш енигма, како што се оние кои се појавуваат во списанието Разбудете се!

Деби увидела дека со планирање кратки патувања или поставување мали цели, можела да излезе накрај со нејзиното депресивно расположение. Меѓутоа, се покажало дека една од работите кои најмногу ѝ помогнале е кога правела нешто за да им помогне на другите. „Сретнав една млада жена која беше многу депримирана и почнав да ѝ помагам да ја проучува Библијата“, открила Деби. „Тие седмични дискусии ми дадоа прилика да ѝ кажам како може да ја совлада нејзината депресија. Библијата ѝ даде вистинска надеж. Во исто време, тоа ми помогна и мене.“ Токму така рекол Исус: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35).

Разговарај со некого за тоа

„Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува“ (Изреки 12:25). ‚Добар збор’ од лице кое има разбирање може многу да значи. Ниеден човек не може да го чита твоето срце, па затоа излеј го на некој во кого имаш доверба дека е способен да ти помогне. „Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“, според Изреки 17:17. „Кога чуваш нешто во себеси, тоа е исто како да носиш еден тежок товар сосема сам“, рекол 22-годишниот Еван. „Но, кога ќе го поделиш со некого кој е способен да ти помогне, станува многу полесно.“

‚Но, јас веќе сум се обидел со тоа‘, можеби велиш, ‚и сѐ што добивам е лекција да ја гледам светлата страна на животот.‘ Тогаш, каде можеш да најдеш некој кој нема да биде само слушач кој има разбирање туку и објективен советник? (Изреки 27:5, 6).

Да се најде помош

Почни со тоа што ќе им го ‚дадеш срцето‘ на твоите родители (Изреки 23:26). Тие те знаат подобро отколку кој и да било друг и честопати можат да ти помогнат доколку им дозволиш. Ако тие увидат дека проблемот е сериозен, може дури и ќе средат да добиеш професионална помош. *

Друг извор на помош се членовите на христијанското собрание. „Низ годините ставав една таква маска, што навистина никој не знаеше колку бев депримирана“, открила Мари. „Но тогаш ѝ се доверив на една од постарите жени во собранието. Таа имаше големо разбирање! Доживеала некои од истите искуства што ги имав јас. Така, бев охрабрена да сфатам дека и другите луѓе доживуваат вакви работи и дека сосема добро испливале од нив.“

Не, депресијата на Мари не исчезнала веднаш. Но, како што се продлабочувал нејзиниот однос со Бог, постепено почнала да излегува накрај со своите емоции. Помеѓу Јеховините вистински обожаватели можеш и ти да најдеш пријатели и „семејство“ кои се вистински заинтересирани за твојата благосостојба (Марко 10:29, 30; Јован 13:34, 35).

Сила над она што е нормално

Сепак, најмоќното помошно средство за отстранување на безнадежноста е она што апостол Павле го нарекол ‚сила која е над она што е нормално‘, која доаѓа од Бог (2. Коринтјаните 4:7НС). Тој може да ти помогне да ја совладаш депресијата ако се потпреш на него (Псалм 54:22). Со својот свет дух, тој ти дава сила која е над твоите нормални способности.

Ова пријателство со Бог е навистина успокојувачко. „Кога сум потиштена“, рекла една млада жена по име Џорџија, „многу се молам. Знам дека Јехова ќе обезбеди излез, без разлика на тоа колку и да е длабок проблемот што го имам.“ Дафни се согласува, додавајќи: „Можеш да му кажеш на Јехова сѐ. Едноставно, му го излеваш срцето и знаеш дека, дури и ниеден човек да не може, тој навистина те разбира и се грижи за тебе“.

Затоа, ако си депримиран, моли го Бог и барај некој кој е мудар и има разбирање, на кој можеш да му ги откриеш своите чувства. Во христијанското собрание ќе најдеш „свештеници црковни [постари мажи, НС]“ кои се вешти советници (Јаков 5:14, 15). Тие се спремни да ти помогнат да го одржиш своето пријателство со Бог затоа што Бог те разбира и те повикува да ги фрлиш своите грижи на него „зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7). Навистина, Библијата ветува: „Мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:7).

[Фуснота]

^ пас. 40 Повеќето медицински експерти советуваат дека жртвите на тешка депресија треба да добијат професионална помош поради опасност од самоубиство. На пример, можеби ќе постои потреба од лек што може да се издаде само од медицинско стручно лице.

Прашања за дискусија

□ Кои се некои работи што можат да предизвикаат некој млад човек да стане депресивен? Дали некогаш си се чувствувал така?

□ Можеш ли да ги идентификуваш симптомите на лесната хронична депресија?

□ Знаеш ли како да ја препознаеш тешката депресија? Зошто е таа толку сериозна болест?

□ Наведи некои начини за борба против лошото расположение. Дали некои од овие предлози биле делотворни за тебе?

□ Зошто е толку важно отворено да разговараш кога си сериозно депримиран?

[Истакната мисла на страница 106]

Тешката депресија е највообичаен фактор за тинејџерските самоубиства

[Истакната мисла на страница 112]

Личното пријателство со Бог може да ти помогне да излезеш накрај со тешката депресија

[Рамка на страница 107]

Би можело ли да е тешка депресија?

Секој би можел привремено да страда од еден или повеќе од следниве симптоми, без да има некој сериозен проблем. Меѓутоа, ако неколку симптоми не попуштаат или ако некој е толку тежок што ги попречува твоите нормални активности, можеби имаш: 1) физичка болест и потребен ти е целосен лекарски преглед или 2) сериозно душевно нарушување — тешка депресија.

Ништо не ти причинува задоволство. Не можеш да најдеш задоволство во активности кои некогаш те радувале. Се чувствуваш нестварно, како во магла и како да живееш механички.

Целосна безвредност. Имаш чувство дека со твојот живот не можеш да придонесеш за ништо важно и дека е целосно бескорисен. Можеби се чувствуваш потполно обземен со вина.

Драстична промена во расположението. Ако некогаш си бил отворен, можеби стануваш повлечен, или обратно. Можеби често плачеш.

Целосна безнадежност. Имаш чувство дека работите стојат лошо, дека не можеш да сториш ништо за нив и дека околностите никогаш нема да бидат подобри.

Желба да умреш. Маката е толку голема што често помислуваш дека е подобро да умреш.

Не можеш да се сконцентрираш. Поминуваш некои мисли секогаш одново или читаш без да сфаќаш.

Промена во навиките за јадење и дефекација. Губење на апетитот или претерано јадење. Повремен запек или дијареа.

Промена во навиките за спиење. Слабо или претерано спиење. Можеби често имаш ноќни мори.

Болки и мачнини. Главоболки, грчеви и болки во стомакот и градите. Можеби постојано се чувствуваш уморен без никаква здрава причина.

[Слика на страница 108]

Пропустот да се исполнат очекувањата на родителите можат да предизвикаат некој млад човек да се чувствува депримиран

[Слика на страница 109]

Разговорот со другите и излевањето на твоето срце е еден од најдобрите начини да излезеш накрај со проблемот

[Слика на страница 110]

Да се прави нешто за другите е уште еден начин да се победи лошото расположение