Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто сум толку срамежлив?

Зошто сум толку срамежлив?

Поглавје 15

Зошто сум толку срамежлив?

„СИТЕ ми велат дека сум многу убава“, напишала една млада жена во рубриката за читатели на еден весник. Но, таа продолжила да наведува: „Имам проблем да зборувам со луѓето. Ако гледам некого в очи додека зборувам, лицето ми се вцрвенува и ме стегнува грлото . . . На работа имам слушнато неколку коментари за тоа колку сум ‚надуена‘ бидејќи не зборувам со никого . . . Јас не сум надуена, само сум срамежлива“.

Една анкета покажала дека 80 проценти од испитаниците некогаш во животот биле срамежливи, а 40 проценти моментално се сметаат себеси за срамежливи. Навистина, срамежливоста е вообичаена кај човештвото уште од најрани времиња. Библијата ни кажува дека Мојсеј срамежливо одбил да дејствува како Божји говорник пред нацијата Израел (2. Мојсеева 3:11, 13; 4:1, 10, 13). Изгледа дека и христијанскиот ученик Тимотеј бил срамежлив и несигурен во врска со отвореното зборување и исправната примена на својот авторитет (1. Тимотеј 4:12; 2. Тимотеј 1:6—8).

Што е срамежливост

Срамежливост е чувство на вознемиреност во близина на луѓето — оние кои се непознати, на власт, лица од спротивен пол или дури и твои врсници. Тоа е претерана трема што влијае на жртвата на различни начини. Некои се засрамуваат; со спуштен поглед на очите и биење на срцето не се способни да зборуваат. Други го губат своето спокојство и почнуваат непрекинато да брборат. На трети, пак, им е тешко отворено да зборуваат и да ги искажат своите мислења или склоности.

Но, всушност, постојат и позитивни страни кога се има извесна мерка срамежливост. Таа е сродна со скромноста и понизноста, а една од работите кои Бог ги бара и ги заповеда е „смирено [скромно, НС] да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8). Постои и друга предност кога некој настапува дискретно и ненаметливо, а не дрско и претерано агресивно. Срамежливото лице често е ценето како добар слушател. Но, кога срамежливоста нѐ ограничува и нѐ кочи во остварувањето на нашиот целосен потенцијал и делува штетно на нашите односи, на работата и чувствата, тогаш е време да се преземе нешто!

Да се разбере проблемот е добар почеток (Изреки 1:5). Срамежливоста не те опишува каков си ти; таа го опишува твоето однесување, твојата реакција во одредени ситуации, стилот на однесување кој си го научил и си го зајакнал преку искуството со другите. Ти мислиш дека другите имаат негативно мислење за тебе, дека не те сакаат. Ти мислиш дека другите се подобри или понормални од тебе. Ти мислиш дека работите ќе тргнат наопаку ако се обидеш да воспоставиш врски со други луѓе. Очекуваш работите да испаднат лошо, а често тоа и се случува — затоа што стануваш нервозен и постапуваш во склад со твоите верувања.

Како срамежливоста влијае на твојот живот

Ако се повлечеш, не зборуваш отворено или си преокупиран со себеси така што не им обрнуваш внимание на другите, можеби ќе оставиш впечаток дека си надуен, непријателски расположен, дека ти е досадно или дури дека не се грижиш за другите и дека си прост. Кога мислите ти се свртени кон себеси, ќе ти биде тешко да се сконцентрираш на дискусијата која се води. Така, обрнуваш помалку внимание на информациите кои ги примаш. Тогаш често се случува она од кое се плашиш — изгледаш глупав.

Во суштина, ти си се затворил зад ѕидовите на затворот на срамежливоста и си го фрлил клучот. Дозволуваш да ти одминат приликите. Прифаќаш предмети или ситуации кои всушност не ги сакаш — сѐ поради тоа што се плашиш да зборуваш отворено и да го изразиш своето мислење. Ја пропушташ радоста која произлегува од запознавањето со луѓето и од стекнувањето нови пријатели или од правењето работи кои ќе ти го разубават животот. Но, со тоа губат и другите. Тие никогаш нема да те запознаат каков си всушност ти.

Да се совлада срамежливоста

Со време и труд, однесувањето може да се промени. Пред сѐ, престани да се секираш за тоа како другиот те проценува. Тој веројатно е презафатен со размислувањето за себе и за тоа што тој ќе каже и ќе направи. А ако тој на детински начин бие шега со тебе, разбери дека тој има проблем. „Малоумниот искажува презир кон ближниот свој“ (Изреки 11:12). Оние кои заслужуваат да се имаат за пријатели ќе судат не според надворешниот изглед туку според тоа каква личност си ти.

Исто така, обиди се да размислуваш позитивно. Никој не е совршен; сите ние имаме свои јаки и слаби страни. Запомни, постојат различни начини на кои се гледаат работите, различни симпатии и антипатии. Разликата во мислењето не значи дека некој те отфрла тебе како личност.

Исто така, научи чесно да ги проценуваш другите. Еден млад човек кој порано бил срамежлив, вели: „Открив две работи за себеси . . . Прво, сум бил премногу саможив. Премногу сум размислувал за себеси, грижејќи се за тоа што мислат луѓето за она што сум го рекол. Второ, сум им припишувал лоши мотиви на другите луѓе — без да им верувам и сум мислел дека ќе ме презираат“.

Тој млад човек посетил еден состанок на Јеховините сведоци. „Таму слушнав еден говор кој навистина ми помогна“, се сеќава тој. ‚Говорникот истакна дека љубовта е отворена; ако имаш љубов, имаш најдобро мислење за луѓето, а не најлошо. Така научив да престанам да им припишувам лоши мотиви на луѓето. Си викав во себе: „Тие ќе покажат разбирање, ќе бидат љубезни, ќе покажат обѕир“. Почнав да им верувам на луѓето. Сфатив дека некои можеби погрешно ќе ме проценуваат, но сега гледав на тоа како на нивни проблем.‘

„Исто така, ја сфатив потребата да почнам да покажувам љубов на активен начин — повеќе да се давам за другите“, објаснил тој. „Најпрвин се обидов со помладите. Подоцна почнав да ги посетувам другите во нивните домови. Научив да бидам осетлив за нивните потреби, да размислувам за тоа како да им помагам.“ Така, тој ја научил вистинитоста на Исусовиот совет во Лука 6:37, 38: „Не судете и нема да бидете судени: и не осудувајте, за да не бидете осудени . . . давајте и ќе ви се даде . . . оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“.

Да се започне

Затоа, научи да бидеш друштвен — да кажеш ‚здраво‘ и да започнеш разговор. Тоа може да биде толку едноставно како еден коментар за времето. Запомни: Ти имаш само 50 проценти од одговорноста. Другата половина отпаѓа на другото лице. Ако погрешиш во говорот, не мисли дека сѐ е изгубено. Ако другите се смеат, научи да се смееш со нив. Кажи: „Не испадна баш како што треба“. Тоа ќе ти помогне да се опуштиш и да продолжиш со разговорот.

Облекувај се така за да се чувствуваш пријатно и увери се дека твојата облека е чиста и испеглана. Чувството дека изгледаш колку што е можно најдобро ќе ти го намали стравот во тој поглед и ќе ти овозможи да се сконцентрираш на разговорот кој се води. Стој исправено — но опуштено. Гледај да изгледаш пријатно и со насмевка. Задржи пријателски визуелен контакт и кимнувај со главата или, пак, со зборови одобрувај го она што го вели другото лице.

Кога се соочуваш со тешка ситуација, како на пример да зборуваш пред други или на разговор за работа, биди колку што е можно поподготвен. Извежбај го однапред она што ќе го кажеш. Говорните проблеми можат, исто така, да се совладаат или да се намалат со вежбање. Тоа ќе бара време, токму како што е потребно време за да се стекнат некои други нови вештини. Но, додека ги гледаш позитивните резултати, ќе бидеш и понатаму охрабрен да постигнуваш успех.

Не треба да се превиди помошта што може да ја даде Бог. Саул, првиот цар на древната нација Израел, на почетокот бил болно срамежлив (1. Царства, поглавја 9 и 10). Но, кога дошло време за акција, ‚слегол Духот Божји врз Саула‘ и тој го одвел народот во победа! (1. Царства, поглавје 11).

Денес, христијанските младинци имаат одговорност да им помагаат на другите да научат за Бог и за неговиот ветен нов свет на праведност (Матеј 24:14). Самото тоа што ќе ја носиш оваа добра вест и ќе го претставуваш највисокиот Авторитет во универзумот, сигурно ќе ти влее самодоверба и ќе ти помогне да не бидеш сконцентриран на себеси. Тогаш, можеш да бидеш сигурен дека, ако верно му служиш на Бог, тој ќе те благослови и ќе ти помогне да ја совладаш твојата срамежливост.

Прашања за дискусија

□ Што точно е срамежливост и како едно срамежливо лице се однесува во присуство на другите? Дали тоа донекаде е случај и со тебе?

□ Зошто срамежливото лице ја губи довербата кога е во близина на другите?

□ Како срамежливоста може да предизвика некое лице да трпи загуба?

□ Кои се некои од начините да се совлада срамежливоста? Дали некои од овие предлози биле делотворни за тебе?

[Истакната мисла на страница 121]

Срамежливото лице пропушта пријателства и прилики

[Рамка на страница 124]

Можеш да ја совладаш срамежливоста ако:

Сакаш да се промениш и веруваш дека промената е навистина можна

Ги замениш негативните мисли со позитивни постапки

Си поставуваш реалистични и смисловни цели

Знаеш како да се опуштиш и да излезеш накрај со вознемиреноста

Ја извежбаш ситуацијата однапред

Стекнеш доверба со сѐ поуспешни искуства

Запомниш дека постојат разлики во мислењата и дека другите исто така грешат

Вежбаш за да ги подобриш вештините и да учиш нови

Се напрегаш да покажуваш љубов и да им помагаш на другите

Се облекуваш вкусно и постапуваш со доверба

Се потпираш на помошта што ја дава Бог

Бидеш вклучен на христијанските состаноци и во споделувањето на твојата вера со другите

[Слики на страница 123]

Срамежливото лице си замислува дека другите имаат ниско мислење за него

[Слика на страница 125]

Научи да бидеш друштвен — да се насмевнуваш, да ги поздравуваш другите и да водиш разговор